Краткорочен кредит

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Краткорочен кредит (англиски: short-term credit, short-term loan) е вид на кредит, чиј рок на достасување (враќање) изнесува најмногу до една година. Притоа, рочноста на овие кредити може да биде многу мала (неколку часа, еден ден или една седмица), како што е случајот со кредитите кои ги одобруваат учесниците на пазарот на пари, но исто така, рочноста може да изнесува и шест, девет или повеќе месеци, како што е случајот со потрошувачките кредити или кредитите за обртни средства. Поделбата на кредитите според рочноста во одредена мера е произволна, во смисла дека понекогаш, како краткорочни кредити се определуваат и оние со рок на отплата до три години. Сепак, најчесто како краткорочни кредити се сметаат оние чиј рок на враќање не надминува една година. Краткорочните кредити се одобруваат за финансирање на тековната потрошувачка на населението, односно за финансирање на обртните средства на претпријатијата. Традиционално, краткорочните кредити заземаат голем дел од вкупните кредити на комерцијалните банки.

Краткорочни кредити за претпријатијата[уреди | уреди извор]

За финансирање на краткорочните, т.е. привремените потреби на претпријатијата се користат краткорочните кредити, кои се јавуваат во повеќе видови.

Кредити за сезонски залихи[уреди | уреди извор]

Едни од најчестите кредити што банките им ги одобруваат на претпријатијата се кредитите за финансирање на сезонскиот пораст на залихите (seasonal working capital loans, inventory loans). Овие кредити се одобруваат за набавка на материјали или трговски стоки, а подоцна, кога производите или стоките ќе бидат продадени и наплатени, претпријатијата ги враќаат земените кредити. Овие кредити спаѓаат во кусорочните кредити и најчесто се одобруваат и се отплаќаат наеднаш, еднократно. Исто така, тие претежно се необезбедени, зашто ризикот кај нив е многу мал, што пак, произлегува од нивната самоликвидирачка природа. Имено, овие кредити се одобруваат за набавка на производи, со чија продажба автоматски се обезбедуваат парични приливи за нивна отплата. Инаку, при кредитната анализа, кај овие кредити е многу важно кредитниот службеник правилно да ги процени висината на сезонските залихи и должината на циклусот на обртните средства, од што зависи и износот на финансиските потреби на клиентот.[1]

Кредитни линии (рамковни кредити)[уреди | уреди извор]

Кредитите за обртни средства најчесто се јавуваат во вид на кредитни линии (credit lines), коишто се познати и како рамковни кредити. Кредитната линија претставува договор за кредитирање со кој банката му става на располагање на клиентот одреден износ, којшто може да се искористи во определен временски период. Кредитната линија најчесто се договара за период од шест месеци до една година, а потоа банката и клиентот се договараат за нејзино обновување, во зависност од финансиската состојба на претпријатието и од пазарните услови. Кредитната линија е многу популарна форма на кредитирање на кусорочните финансиски потреби на претпријатијата, коишто на овој начин ги финансираат сезонските промени на обртните средства. Овие кредити се одликуваат со голема флексибилност, зашто со нив се утврдува само максималниот износ на кредитот, меѓутоа клиентот нема обврска да го искористи целиот одобрен износ. Напротив, предноста на овие кредити е тоа што должникот сам одлучува во кое време и колкав износ ќе позајми. Оттука, кредитните линии се погодни за претпријатијата коишто имаат потреба од финансирање, но не знаат точно колку пари ќе им бидат потребни во текот на определен период.

Кредитните линии можат да бидат неформални или, пак, да бидат преточени во формални договори. Во првиот случај, банката нема никаква законска обврска, т.е. кредитната линија претставува само ветување дека банката ќе му излезе во пресрет на клиентот, кога тој ќе има потреба. Наспроти тоа, во вториот случај, банката мора да ги почитува договорените услови и може да ја повлече кредитната линија само ако се влоши финансиската положба на должникот или ако тој ги прекрши одредбите од договорот. Кај овие кредити, кредитната анализа се врши врз основа на проектираните месечни или тримесечни финансиски извештаи на клиентот, коишто треба да ги покажат максималните финансиски потреби во текот на еден циклус на обртниот капитал. Дополнителна погодност кај кредитните линии е тоа што должникот плаќа камата само на искористениот дел на кредитот, меѓутоа банките наплаќаат и одредена провизија (commitment fee), изразена како процент од неискористениот дел или од целиот износ на кредитот. Исто така, вообичаено должникот има обврска, за време на траењето на кредитната линија, да одржува одредено салдо на својата сметка кај банката (compensating deposit balance).[2]

Обновливи кредити[уреди | уреди извор]

Во продолжение, како многу популарна форма на кредитирање на претпријатијата се јавуваат обновливите кредити (revolving loans). По своите карактеристики, тие се многу слични на кредитните линии, само што претставуваат еден вид преодна форма меѓу кусорочните и долгорочните кредити, затоа што покриваат период од две до пет години. Исто како кај кредитните линии и овде, банката и клиентот се договараат за максималниот износ на кредитот којшто може да се искористи во определен временски период. Притоа, претпријатието позајмува тогаш кога има потреба, и тоа толку пари колку што му се потребни, т.е. воопшто не мора да го искористи целиот одобрен кредит. Подоцна, кога должникот ќе оствари парични приливи од продажбата, тој враќа само дел од кредитот (според моментните финансиски можности), којшто автоматски се продолжува и во следниот период. На пример, ако максималниот износ на кредитот изнесува 10 милиони денари, а должникот отплатил 3 милиони, кредитот веднаш се обновува до максималниот износ, т.е. должникот повторно има можност да позајми 10 милиони денари. Оттука, обновливите кредити се многу флексибилна форма на кредитирање, зашто претпријатијата имаат слобода не само при нивното користење, туку и при отплатата. Инаку, и овие кредити можат да бидат формални или неформални, при што банките вообичаено наплаќаат променлива каматна стапка, како и провизија на неискористениот дел, или на целиот износ на кредитот.[3]

Кредити со залог на обртни средства[уреди | уреди извор]

Во принцип, во оваа група влегува секој кредит што е обезбеден со средствата на должникот. Меѓутоа, под кредити со залог на обртни средства (asset-based loans) најчесто се подразбираат кусорочните кредити коишто банките ги одобруваат врз основа на заложување на залихата на материјали, или готови производи, или побарувањата од купувачите. Овој вид кредитирање е многу раширен во развиените земји и со него најчесто се занимаваат друштвата за финансирање, но го применуваат и банките. Кредитите со залог на обртни средства се одобруваат во одреден процент од книговодствената вредност на обезбедувањето (40% - 60% од вредноста на залихите или 70% - 80% од вредноста на побарувањата од купувачите). Притоа, онака како што претпријатието ги продава залихите и ги наплаќа побарувањата, дел од паричните приливи автоматски оди за отплата на кредитот. Инаку, карактеристично за овие кредити е тоа што во постапката на одобрување на кредитот, банката му придава многу поголемо значење на обезбедувањето отколку кај другите видови кредити. Исто така, во случај на неуредна отплата на кредитот, банките многу лесно се одлучуваат да го активираат обезбедувањето. Оттука, при одобрувањето на овие кредити, најголемо значење имаат следниве фактори: карактеристиките на обезбедувањето (квалитетот на стоките, трајноста итн.), неговата ликвидност, процената на пазарната вредност, како и правниот ризик, поврзан со правните процедури и документите што се поврзани со активирањето на залогот.[4]

Кредити за премостување[уреди | уреди извор]

Кредитите за премостување (bridge loans) се кусорочни кредити наменети за подмирување на привремените финансиски потреби на клиентот коишто траат до случувањето на некој настан. На пример, ако некое претпријатие започнало постапка за издавање акции, тоа може временскиот период додека заврши издавањето и уплатата на акциите да го премости со банкарски кредит. Подоцна, кога акционерите ќе ги уплатат парите, претпријатието ќе го врати кредитот. Банките често им одобруваат вакви кредити на градежните претпријатија за завршување на изградбата на некој објект (на пример, деловен простор), којшто потоа ќе биде продаден или финансиран со долгорочен кредит од некоја друга банка. Исто така, овие кредити ги користат инвестициските банки кога ги откупуваат акциите што ги издаваат претпријатијата. Подоцна, кога акциите ќе им ги продадат на инвеститорите, инвестициските банки ги враќаат земените кредити од остварените парични приливи. Кај кредитите за премостување, клучното прашање во кредитната анализа е да се процени веројатноста за случување на настанот во предвидениот рок (завршување на градежниот објект, продажба на акциите итн.), како и оцена на финансиската состојба на клиентот (во случај да не се оствари предвидениот настан). Притоа, за заштита од ризикот, овие кредити се обезбедуваат со хипотека на објектот што се финансира или со залог на хартиите од вредност кои должникот ги откупува или ги издава.[5]

Кредитирање на дилерите на хартии од вредност[уреди | уреди извор]

Во земјите со развиени финансиски пазари, вообичаено е дилерите да го финансираат купувањето хартии од вредност преку банкарски кредити (margin lending). Како што може да се забележи, овие кредити се одликуваат со низок ризик, зашто најчесто се обезбедени со првокласни хартии од вредност, коишто се многу ликвидни. Сепак, поради присутниот ризик од промена на пазарната цена на хартиите од вредност, кредитите се одобруваат само до одреден процент од вредноста на залогот (најмногу до 50%). Инаку, тие се одликуваат со многу куси рокови на достасување, при што голем дел од нив се одобруваат од денес до утре, или со рок од неколку денови.[6]

Други краткорочни кредити[уреди | уреди извор]

Во продолжение, банките ги одобруваат и следните видови краткорочни кредити за претпријатијата:[7]

  • есконтен кредит
  • контокорентен кредит (кредити на тековна сметки)
  • ломбарден кредит
  • акцептен кредит
  • рамбурсен кредит.

Есконтен кредит[уреди | уреди извор]

Есконтниот кредит се состои во купување на меници од страна на банката кои не се доспеани, со одбивање на одредена камата до денот на достасување на меницата. Со есконтирањето на мениците пред нивното достасување, субјектите ги монетизираат своите побарувања врз основа на продадените но ненаплатени, стоки. Банките ги пласираат своите слободни парични средства, постои голема сигурност во наплатата, наплатата се врши брзо, меницата станува платежно средство, а меничното побарување лесно се претвора во готови пари.

Кредити на тековна сметка[уреди | уреди извор]

Контокорентните кредити или кредитите на тековни сметки им се даваат на тие што имаат тековни сметки во банката.Сите финансиски трансакции се вршат преку тековна сметка, која според салдото може да биде активна и пасивна. Активна сметка е ако има повеќе уплати, а пасивна ако има повеќе исплати од уплати. Кога сметката е пасивна, корисникот е кредитиран од банката. При склучувањето на договорот за отворање на тековна сметка се определува максималниот износ на кредитот. На искористениот кредит се плаќа камата.

Ломбарден кредит[уреди | уреди извор]

Ломбард или заем на залог претставува стар вид на кредити која се практикувал уште од средниот век во италијанската провинција Ломбардија, а се состои во давање кредити врз основа на подвижни работи: злато, девизи, меници, хартии од вредност, па и самите стоки во физичка состојба.[8] Ломбард е кредитен облик во кој кредитната состојба на должникот не игра некоја голема улога, туку се заснова врз вредноста и квалитетот на заложените работи. Банката одобрува кредит во висина од 60% до 80% од вредноста на залогот, прима залог со должност да не го употребува, но да го чува како сопственост и со право јавно да го продаде и да го наплати своето побарување, во случај должникот во рокот да не го врати кредитот. Банката има право да бара надополнување на залогот во случај на опаѓање на вредноста на заложената работа под кредитираната сума.

Акцептен кредит[уреди | уреди извор]

Акцептниот кредит е специфичен краткорочен кредит и се состои во тоа што банката не му одобрува на коминтентот парични средства, туку му ја акцептира меницата и со тоа таа станува главен меничен должник, со што го подигнува угледот и кредитната способност на издавачот на меницата. Овој кредит се склучува со договор меѓу банката и коминтентот. Во договорот се именува висината на сумата, покритието на кредитот, рокот на траење, провизијата. Претпријатието кое користи акцептен кредит го прави тоа од следните причини:[9]

  • Ако продавачот му продава стока на кредит, но бара на неговата меница да фигурира како акцептант некоја одредена банка;
  • Кога постои можност на основа на банковен аццепт да се добие кредитот по пониска каматна стапка; и
  • Кога деловните банки во меѓународниот кредитен промет една на друга си акцептираат рати, кои со тоа се оспособуваат за меѓународниот пазар на пари.

Авален или кауционен кредит[уреди | уреди извор]

Станува збор за кредитна работа која се состои во давање на гаранција и примање на обврски (како и кај акцептниот кредит), но не се врши во менична форма, туку во облик на гарантно писмо. Притоа како гаранција, во смисла на авален кредит, се смета гаранција на банката дека должникот во договорениот рок и договорен начин ќе ја исполни својата обврска и дека банката, доколку тоа не го стори должникот, на прва покана и без спор таа обврска ќе ја намири. Банкарската гаранција е карактеристична по тоа што е безуслoвна, неотповиклива, самодолжничка и посебно тоа што е парична (изразена во пари) и за работи кои што се врзани исклучиво за услуги и чинења. За гаранцијата што ја дава, банката се осигурува со адекватно покритие и воедно наплатува провизија, чија висина зависи од износот на кој гласи гаранцијата. Доколку должникот што барал гаранција не го плати својот долг или не ја изврши обврската кон својот партнер, банката ја извршува обврската и за исплатениот износ му одобрува на корисникот на гаранцијата, авален кредит за која се наплатува камата.

Рамбурсен кредит[уреди | уреди извор]

Рамбурсниот кредит се применува исклучиво во меѓународниот стоков промет и во него се вклучени: увозникот, банка на увозникот, рамбурсна банка, извозникот, банка на извозникот. Врз основа на договорот на извозникот и увозникот, преку рамбурсната банка, по претходно испратен налог, од банката на увозникот и се испраќа акцептирана меница на банката на извозникот. Со меницата извозникот може да плаќа пред да биде стигната стоката. Сите овие постапки се пропратени со строго утврдена процедура на доставување на документи (кредитни барања, известувања, меници, налози).

Жиро-кредит[уреди | уреди извор]

Жиро кредитот претставува посебен гарантен кредит кој што банката го дава на тој начин што на меницата, која што ќе биде поднесена на есконт на некоја друга банка, го става својот потпис како жирант и за тоа наплатува посебна провизија. Доколку должникот по меницата не си ја изврши својата обврска, банката-жирант тоа го прави, ја извршува обврската и за износот на таа обврска му одобрува жиро кредит. Кога банката става самопотпис на меницата, тоа за неа е неутрална банкарска работа. Кога одобрува жиро-кредит, тоа претставува краткорочна активна банкарска работа и за одобрениот кредит наплатува камата.


Краткорочни кредити за населението[уреди | уреди извор]

Овие кредити се користат за финансирање на тековната потрошувачка на населението, т.е. со нив луѓето го премостуваат привремениот недостиг на парични средства. Во оваа група спаѓаат различни видови кредити со кои луѓето ги финансираат тековните расходи, купуваат трајни потрошни добра, патуваат итн.

Обновливи потрошувачки кредити[уреди | уреди извор]

Во групата на обновливи потрошувачки кредити (revolving consumer loans) спаѓаат кредитите врз основа на кредитни картички (credit cards), дозволените пречекорувања на тековните сметки (overdrafts) и други видови кредити. Кај овие кредити, потрошувачот има отворена кредитна линија на определен износ, која постојано се продолжува. Со други зборови, клиентот има на располагање одреден износ за позајмување и штом го отплати долгот (делумно или целосно), кредитот повторно му се обновува. Во зависност од начинот на отплата на кредитот, тие може да се јават како кредити кои се исплаќаат наеднаш или кредити со отплата на рати. Имено, потрошувачите имаат голема флексибилност во отплатата на долгот, т.е. можат наеднаш да го отплатат целиот искористен износ на кредитот или пак да платат само определен процент од кредитот. Од друга страна, потрошувачите самостојно одлучуваат кога и колку ќе позајмуваат, при што плаќаат камата само на искористениот кредит. Токму поради овие карактеристики, обновливите кредити се многу популарни и сите банки, независно од големината или од стратегијата, си конкурираат на овој пазар.[10]

Наменски потрошувачки кредити[уреди | уреди извор]

Наменските потрошувачки кредити се одобруваат преку трговските претпријатија со кои банките имаат склучено договор и тие се наменети за купување одредени производи во продавниците (бела техника, видео и аудио техника, мебел, накит, облека итн.). Притоа, износот на кредитот може да биде мал (на пример, околу 10 000 денари), но исто така, овие кредити се одобруваат и на поголеми износи, кои се движат до околу 300 000 денари. Инаку, корисникот на кредитот воопшто не ги добива парите, туку кредитот се одобрува така што банката ги префрла парите на сметката на продавачот. Во однос на рочноста, потрошувачките кредити кои гласат на помали износи обично имаат и помал рок на достасување (на пример, од шест месеци до една година). Истовремено, кредитите со помала рочност се со постојана каматна стапка. Покрај каматната стапка, банките наплатуваат и различни надоместоци, како што се: манипулативен трошок за одобрување на кредитот, провизија за предвремена отплата итн., коишто се движат од 1,5% па сè до 5% од износот на кредитот. Од гледна точка на отплатата, овие кредити најчесто се јавуваат како кредити со отплата на рати (installment loans). Најпосле, најголем дел од наменските кредити се обезбедени со административна забрана на платата или со еден или двајца жиранти.[11]

Други потрошувачки кредити[уреди | уреди извор]

Банките нудат и други видови кредити, наменети за финансирање на различни потреби на потрошувачите. На пример, голем број поединци и семејства можат да си дозволат годишен одмор или патување во странство со помош на туристичките кредити. Тие се кусорочни кредити, со отплата во еднакви месечни рати, со постојани или променливи каматни стапки и обезбедени со административна забрана на платата и меница, додека другите услови на кредитирањето се стандардни.[12]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 112-113.
  2. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 113.
  3. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 113-114.
  4. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 114.
  5. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 160.
  6. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 160-161.
  7. Љиљана Конеска, Банкарски сметководствен систем, Скопје: Европски универзитет, 2006.
  8. Љиљана Конеска, Банкарски сметководствен систем, Скопје: Европски универзитет, 2006.
  9. Алекса Стаменковски, Банкарски маркетинг, Скопје: Европски универзитет, 2007
  10. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 148-150.
  11. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 150.
  12. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 151.