Кралско книжевно друштво

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кралско книжевно друштво
Royal Society of Literature
КратенкаRSL
Основана1820
Виднаучно друштво
СедиштеСомерсетски дом, Лондон
ПретседателКолин Таброн
Мреж. местоrslit.org
Сомерсетскиот дом, во кој е сместено Кралското книжевно друштво

Кралско книжевно друштво англиски: The Royal Society of Literature, RSL) — најважната книжевна организација во Велика Британија. Основано е во 1820 г. од страна на кралот Џорџ IV, со цел да „се наградат книжевните заслуги и да се поттикне книжевното творештво". Негов прв претседател е Томас Берџес, Епископ на Сент Дејвидс (подоцна Епископ на Солсбери). Денес друштвото има 450 членови (секоја година се бираат нови 14) кои, како звање, добиваат право на наставката „FRSL“ по нивното име. Установата е сместена во Сомерсетскиот дом во Лондон.

Меѓу некогашните членови на друштвото се вбројуваат Семјуел Тејлор Колриџ, Вилијам Батлер Јејтс, Радјард Киплинг, Томас Харди, Џорџ Бернард Шо и Артур Кестлер. Позначајни членови денес се Чинуа Ачебе, Антонија Фрејзер, Атол Фугард, Дорис Лесинг, В.С. Најпол, Питер Дикинсон, Том Стопард, Хелен Данмор и Џ.К. Роулинг. Новопрогласените членови си го внесуваат името во свечен именик користејќи го наливперото на Бајрон или со гускиното перото на Дикенс.

Друштвото издава годишник со наслов The Royal Society of Literature Review („Ревија на Кралското книжевно друштво“)[1] и доделува повеќе книжевни награди како Ондачиевата и Џервудовата награда како и меморијалната награда „В.С. Причет“. Особено истакнатите писатели ја добиваат почесната титула Придружник на Кралското книжевно друштво (Companion of the Royal Society of Literature) и Бенсоновиот медал за животно дело во областа на книжевноста.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „RSL Review“. Архивирано од изворникот на 2012-05-02. Посетено на 2012-08-29.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]