Кралот Лав

Од Википедија — слободната енциклопедија
„Кралот Лав“
Режисер
ПродуцентДон Хан
Главни улоги
МузикаХанс Цимер
МонтажаИван Биланчо
СтудиоWalt Disney Pictures
Walt Disney Feature Animation
Премиерајуни 15 1994 (1994-06-15)
Времетраење88 минути
ЗемјаСАД
Јазиканглиски
Буџет$45 милиони
Бруто заработка$968.5 милиони

Кралот Лав (англиски: The Lion King) — американски долгометражен цртан-филм, снимен во 1994 година, од Волт Дизни Фичр Енимејшн. Филмот за првпат е прикажан во кино салите во САД, на 15 јуни 1994 година, од страна на Walt Disney Pictures. Тој се наоѓа на 32-то место на листата најдобрите цртани класици на Волт Дизни. Приказната на филмот се одвива во кралството на антропоморфираните лавови во Африка и е инспирирана од приказните за Јосиф и Мојсеј од „Библијата”, „Епот за Сундијата” и од „Хамлет” на Вилијам Шекспир.

Филмот беше со најголема заработувачка до прикажувањето на филмот „Барајќи го Немо” (компјутерски-цртан филм на Дизни/Пиксар од 2003 година). „Кралот Лав” е шестиот цртан филм со најдобра заработувачка и останува да биде најдобриот рачно нацртан филм во историјата. Филмот и припаѓа на Дизниевата ренесансна ера, која ги опфаќа филмовите снимени од периодот на доцните 1980-ти години, па сè до крајот на 1990-те години, кога се снимени најуспешните цртани филмови на Дизни.

„Кралот Лав” е 2D филм со најголема заработувачка во САД и има добиено голем број позитивни критики и пофалби за неговата музика и приказна. За време на неговото издавање, филмот доби заработувачка од 783 милион долари на светско ниво, што го прави филмот најуспешен таа година. Моментално е на 32-то место на цртани филмови со најголема заработувачка.

Како делумно музички филм, „Кралот Лав” доби две филмски награди на Академијата на САД, за неговите музички достигнувања. Тој исто така доби награда Златен Глобус за најдобар филм од жанрот, мјузикл или комедија. Песните на филмот се напишани од композиторот и пејач Елтон Џон и од текстописецот Тим Рајс. Дизни подоцна продуцираше два поврзани филмови: продолжение, „Кралот Лав II: Гордоста на Симба” (1998) и претходник на филмот, „Кралот Лав 1½” (2004).

Дејствие[уреди | уреди извор]

Филмот започнува со собирање на голем број на животни околу карпата Прајд Рок во Африка, каде мудриот мајмун, Рафики го претставува Симба, новородениот син на Кралот Лав и Кралицата Лавица, Муфаса и Сараби. Единствениот жител на земјата Прајд, кој не е среќен за раѓањето на наследникот на кралот, е помладиот брат на Муфаса, Скар, кој самиот сака да ја добие круната. Како што расте Симба, го учат за околината на Прајд, како и за соседните далечни земји, раководени од диви хиени. Меѓутоа, Симба е мал шегаџија, кој попрво би си играл со неговата најдобра другарка Нала, отколку да го слуша Зазу, птицата-советник на Муфаса, како му држи лекции. Откако Скар ќе му каже на љубопитниот Симба за гробницата на слонови во далечните земји, Симба и Нала ќе го надмудрат Зазу и ќе му избегаат за да ги истражуваат далечните и опасни земји. Таму ќе ги сретнат трите хиени Шензи, Банзи и Ед, кои почнуваат да ги бркаат со цел да ги убијат. Муфаса стигнува навреме за да ги спаси малите лавчиња откако ќе биде известен од Зазу за нивното бегство. Тој му кажува на својот син, дека не е мудро да се пушта во неволји со цел да си ја докаже храброста. Потоа тој го учи сина си за ѕвездите, кои го претставуваат сите претходни кралеви, кои ги гледаат од небото. Тој му кажува на Симба дека кога и да се чувствува осамен, да се сети дека тој и ѕвезите се секогаш тука за да го водат.

Во меѓувреме, Скар се здружува со хиените и кова план за да ги убијат Муфаса и Симба, за да го зазеде престолот. По наредба на Скар, хиените бркаат стадо од гнуа, кои не го забележуваат Симба во клисурата, и во паника бегаат во големо стампедо. Пакосниот Скар му кажува на Муфаса дека неговиот син е во опасност. Муфаса го спасува Симба и го фрла надвор од опасната клисура. Во меѓувреме, додека Муфаса се обидува да се извлече од лизгавите ѕидови на клисурата, бара помош од Скар, кој се наоѓа веднаш над него. Но, Скар одбива да му помогне, напротив, сурово го фрла назад во разбеснатото стампедо, каде тој умира. Откако Симба ќе го најде мртвото тело на татка си, Скар ќе го излаже Симба дека тој ја предизвикал неговата смрт со негото љубопитство и негрижа. Засрамен, Симба бега од родната земја, со намера никогаш да не се врати. Скар им наредува на хиените да го убијат Симба, но тие бркајќи го, ќе му изгубат траг. Во отсуство на Симба, Скар настапува како законски наследник на Муфаса, и станува новиот крал.

Симба се онесвестува во пустелијата по неговото бегство. Таму ќе го најдат меркатот Тимон и вепарот Пумба, кои ќе го спасат и ќе се грижат за него. Тие го учат за нивното мото кое гласи „Хакуна Матата” кое значи дека нема потреба од грижи. По неколку поминати години, Симба кој веќе е возрасен лав, ја среќава Нала, која го брка Пумба. Нара е пресреќна дека го гледа жив, и му кажува дека Скар е многу неодговорен крал и со неговата негрижа ги донел жителите до гладување. Сè уште засрамен, поради тоа што ја предизвикал смртта на својот татко, Симба одбива да се врати во Прајд Рок, за да го заземе кралското место. Меѓутоа мудриот мајмун Рафики дознава дека Симба е жив. Тој за него го повикува духот на Муфаса, на небото. Муфаса му кажува на Симба дека тој мора да се врати назад во Прајд Рок за да стане крал. Симба му кажува на татка си дека тој повеќе не е храбриот Симба, но Муфаса му одговара дека тој мора да запамети дека е негов син и единствениот вистински крал по него и исчезнува од небото.

Симба се враќа во Прајд Рок со Нала, Тимон и Пумба, кои претходно му ветуваат дека ќе му помогнат во борбата. Додека Тимон и Пумба им привлекуваат внимание на хиените-чувари, Симба се соочува со Скар на Прајд Рок. Скар му кажува на Симба дека тој е виновен за смртта на неговиот татко и го приближува кон работ на Прајд Рок. Пред Скар да го фрли Симба од карпата, тивко му признава дека тој го убил Муфаса. Бесен, Симба се исправа, го совладува Скар и го тера да признае пред сите лавови за злото што го сторил. Со вистината на виделина, се започнува жестока тепачка меќу лавовите и хиените. Симба се соочува со Скар на карпата Прајд Рок. Скар бара милост од Симба, обвинувајќи ги хиените за се. Симба, добродушен по природа, се смилува над Скар и кога е подготвен да го ослободи и да го протера, Скар повторно се обидува да го убие. Жестоката тепачка завршува со тоа што Симба го фрла Скар од карпата. Скар го преживува падот, но бесните хиени, кои го слушнале неговиот разговор, веднаш го напаѓаат и го убиваат.

Сега, кога конечно Скар е мртов, а хиените прогонети, Симба се појавува и е поздравен од Нала и неговата мајка. Кога тој го повикува Рафики, тој му се поклонува за да му оддаде чест. Симба се качува и прочекорува на карпата Прајд Рок, додека сите го гледаат со восхит. Кога ќе стигне на работ, Симба погледнува во небото и уште еднаш ги слуша зборовите на татко му, кои го потсетуваат кој е. Кога конечно ќе сфати дека го пронашол своето место во животот, Симба моќно за‘ржува, на што му се придружуваат останатите лавови. Со текот на времето, Прајд Рок се враќа во својата претходна состојба, на богата земја, а Симба изгледа среќен во своето кралство заедно со Нала и Тимон и Пумба како негови верни придружници. Филмот завршува со Рафики, кој го претставува новороденото лавче на Симба и Нала.[1]

Продукција[уреди | уреди извор]

Развој на приказната[уреди | уреди извор]

Продуцентот Дон Хан на Меѓународниот филмски фестивал Боулдер

Идејата за филмот The Lion King дошла во 1988 во тек на разговорот на неколку продуценти на Дизни, додека патувале за Европа на една промоција.[2] Оригиналната идеја за филмот била поинаква од крајниот резултат. Дејствието во оригиналната замисла била борба на лавови и бабуни чиј водач е Скар. Рафики бил леопард,[3] а Тимон и Пумба другари од детството на Симба.[4] Симба не требал да го напушта кралството но со тек на годините да стане мрзлив и ужасен карактер. До 1990, продуцентот Томас Шумахер одлучил самиот да се ангажира околу проектот, "бидејќи лавовите се кул".[5] На Шумахер му се допаднало сценариото за Кралот на џунглата (King of the Jungle).[6] Продукцијата на „Кралот Лав”, чиј оригинален наслов бил „Кралот на Џунглата”, се одвивала во студиото Волт Дизни Фичр Енимејшн, во Калифорнија, САД и во сателитското студио за долгометражни цртани филмови, Дизни–МГМ, во Флорида, САД.

The Lion King бил првиот цртан филм на Дизни според оригинално сценарио. Продуцентите тврделе дека приказната за Кралот Лав се инспирира од животите на Јосиф и Мојсеј, од Библијата, но и од онаа за Хамлет на Вилијам Шекспир Оригиналната приказна, која е инспирирана од „Хамлет” е напишана од Томас Диш. Меѓутоа Диш не доби никаво признание за тоа. Во летото 1992, на тимот се придружила сценаристката Ајрин Меки, со помошник сценаристот, Џонатан Робертс. Меки и Робертс, ја презеле одговорноста да ги поправат емоционалните проблеми во сценариото и да внесат комични моменти за Пумба, Тимон и хиените.[7]

Цртање и анимација[уреди | уреди извор]

Андреас Дежа, аниматорот на Скар

За да се основаат ликовите и тонот за главните ликови на филмот, одговорни биле тринаесет аниматори од Калифорнија и Флорида. Аниматорите кои ги нацртале главните ликови се: Марк Хен за младиот Симба, Рубен А. Акино за возрасниот Симба, Андреас Дежа за Скар, Ејрон Блес за младата Нала, Ентони Дероса за возрасната Нала и Тони Фјукил за Муфаса. Во просториите на студиото Дизни–МГМ, биле анимирани приближно 20 минути од филмот, вклучувајќи го и делот кога се пее песната "I Just Can't Wait to Be King".[8] Во целост, за време на творењето на филмот „Кралот Лав”, учествувале повеќе од 600 уметници и техничари[9].

Аниматорите на ликовите во филмот, ги проучувале однесувањата на вистинските животни во природа, исто како што било направено за време на снимањето на цртаниот филм на Дизни, „Бамби” од 1942 година. Џим Флауер, реномиран експерт за диви животни, ги посетувал студијата неколкупати за да зборува за нивното однесување во дивината, со цел да им помогне на аниматорите да го доловат вистинското чувство во нивните цртежи. Аниматорите исто така ги проучувале движењата на животните во Зоолошката градина на Мајами.[10] Пред да започнат со официјалната продукција, неколку членови на филмската екипа, како режисерите, продуцентот набљудувачот на приказната Бренда Чапман и продукцискиот дизајнер Крис Сандерс, отпатувале до националниот парк во Кенија, за во живо да ги проучуваат животните, со цел да можат успешно да го доловат тоа во филмот. Земјата Прајд е направена по инспирација добиена во паркот.[11] Употребата на компјутери им помогнало на уредниците да ја претстават својата визија на нови начини. Се користела посебна компјутерска програма, која им овозможила на аниматорите да добијат слика која потсеќа на рачно нацртана, и исто така симулира вистински движења. Пет посебно обучени аниматори и техничари, вложиле повеќе од две години за да ја создадат сцената со стампедото со времетраење од две и пол минути во филмот.[12]

Едно време, неколку луѓе од екипата сметале дека „Кралот Лав” не е толку важен колку „Покахонтас”, кој истовремено бил во продукција . Голем дел од екипата, претпочитале да работат на „Покахонтас”, мислејќи дека ќе биде поуспешен и поубав филм. Меѓутоа публиката полна со ентузијазам откако ја видела неофицијалната најавна шпица на „Кралот Лав”, со песната „Circle of life”, ги предомислила творците и им влеала надеж дека сепак тоа ќе биде успешен филм. Како што се очекувало, и двата филма постигнале голем комерцијален успех, но „Кралот Лав”, добил повеќе позитивни критики и далеку поголема заработувачка од „Покахонтас”.

Глумечка екипа[уреди | уреди извор]

Гласовите на ликовите од главните и споредни улоги во филмот ги синхронизирале глумците: Метју Бродерик како возрасниот Симба, Џонатан Тејлор Томас како младиот Симба, Никета Каламе како младата Нела, Џим Камингс како хиената Ед, Џејмс Ерл Џонс како Муфаса, Нејтан Лејн како Тимон, Ерни Сабела како Пумба,Џереми Ајронс како Скар, Роберт Гијом како мајмунот Рафики, Роуан Аткинсон како птицата Зазу, Мојра Кели како возрасната Нала, Вупи Голдберг како хиената Шензи, Зое Водач како Сарафина, мајката на Нала и Чич Мартин како хиената Банзи.

Музика[уреди | уреди извор]

Елтон Џон и Тим Рајс ги напишале оригиналните песни за филмот[13]. За време на одјавната шпица, Елтон Џон ја пее песната „Can you feel the love tonight”. Филмската музика ја компонирал Ханс Цимер и ја збогатил со африканска музика и хорско пеење[14].

Оригинални песни[уреди | уреди извор]

Ова се песните од филмот, по распоред како што се појавуваат во филмот:

  • „Circle of life” во изведба на Кармен Твили во придружба на африкански хор. Песната се пее за време на церемонијата кога се слави раѓањето на Симба. Песната се повторува и на самиот крај, кога се слави раѓањето на бебето на Симба.
  • „I just can't wait to be king”, ја изведуваат Џејсон Вивер, Лора Вилијамс и Роуан Аткинсон. Оваа песна се појавува во сцената кога Симба и Нала се обидуваат да го надитрат Зазу, со цел да му избегаат.
  • „Be prepared”, ја пее Скар, односно Џереми Ајронс, Џим Каминс, Вупи Голдберг, Чич Мартин, кога тој кова план со своите хиени да го убие Муфаса.
  • „Hakuna Matata” ја изведуваат Нејтан Лејн, Ерни Сабела, Џејсон Вивер и Џозеф Вилијамс. Оваа песна се појавува во моментот кога Тимон и Пумба му посакуваат добредојде на Симба и започнуваат пријателство со него. Американскиот филмски институт објави список на 100 најдобри песни во филмовите, и оваа песна се најде на 99-то место.
  • „Can you feel the love tonight” е балада која ја изведуваат Кристл Едвардс, Нејтан Лејн, Ерни Сабела, Џозеф Вилијамс и Сали Дворски. Песната може да се слушне за време на моментот кога Тимон и Пумба ќе почувствуваат дека Симба се вљубува, и кога Симба и Нала ќе ја започнат нивната романса. Оваа песна доби оскар, за најдобра песна во филм, на 67-мото доделување на Филмските награди на академијата на САД.

Прикажување[уреди | уреди извор]

Бокс-офис[уреди | уреди извор]

Во 1994, „Кралот Лав” стана филм со најголема заработувачка на светско ниво[15], а на второ место во Соединетите Американски Држави. (по Форест Гамп) Филмот направил заработувачка од 312.855.561 американски долари. На светско ниво, филмот заработил 783.841.776$. Со тоа го заземал местото на најуспешниот цртан филм на сите времиња, сè до компјутерски анимираниот „Барајќи го Немо”. Во 2011 година, тој се најде на шестото место на филмови со најголема заработувачка. Денес е на 29тото место меѓу сите филмови на сите времиња,[16], на 7мо место во светот како анимиран филм кој имал најголема заработувачка, на 3то место помеѓу сите филмови во продукција на Дизни, (зад Фрозен и Зоотопија).[17]

Критики[уреди | уреди извор]

„Кралот Лав” се здобил со многу позитивни критики и на мрежата Rotten Tomatoes, со вкупни 61 филмски рецензии, филмот има вкупно 92% позитивни критики[18]. Со оценка 8/10, во блиска битка со „Аладин”, кој е на второто место на највисоко рангирани долгометражни цртани филмови од Дизни. На првото место на листата се наоѓа „Убавицата и ѕверот” со вкупно 93% позитивни критики. Филмскиот критичар Роџер Еберт, го нарекол филмот „совршено нацртан анимиран догометражен филм” и во неговата рецензија напиша „Сагата на Симба, која во својата суштина содржи делови од грчката трагедија и потсетува на „Хамлет”, е многу поучна и забавна.”[19] Хал Хинсон, од весникот „Д Вашингтон пост”, го нарекол „импресивно, речиси застрашувачко постигнување” и кажа дека филмот е „спектакуларен на начин на кој стана вообичаено за сите долгометражни цртани филмови на Дизни”. Но со помалку ентузијазам на крајот на својата рецензија вели: „тоа е епска приказна со Шекспиријански шмек, и е посоодветен за возрасни, отколку за деца. Искрено, тој е чуден дури и за возрасните.”[20] Филмскиот критичар од списанието „Ролинг стоун”, Петер Траверс, го пофалил филмот во својата рецензија велејќи: „многу забавна мешавина на музика, забава и забележливи убавини, филм со големо срце.”[21][21] Во јуни, 2008 година, Американскиот филмски институт, го стави филмот во еден меѓу десетте најдобри филмови на сите времиња.

Награди и номинации[уреди | уреди извор]

Филмот доби многу номинации, вклучувајќи Филмска награда на академијата на САД за музиката на Ханс Цимер и Награда Златен глобус за Најдобар филм-мјузикл или комедија. Најбитно, песната „Can you feel the love tonight” на Елтон Џон и Тим Рајс, доби награда за најдобра песна во филм, на доделување на Филмските награди на академијата на САД. Останатите награди припаѓаат на: Најдобра синхронизација на гласот на Скар во изведба на Џереми Ајронс; Најдобро лично достигнување за придонес на приказната во полето на анимацијата; најдобра изведба на песна од машки глас, за песната „Can you feel the love tonight” на Елтон Џон.

Издание во 1995 година[уреди | уреди извор]

„Кралот Лав” за првпат беше издаден на видео касета, на 3 март во 1995 година.

Платинско издание во 2003 година[уреди | уреди извор]

На 7 октомври во 2003 година, филмот беше издаден на видео касета и двд-издание за првпат, како дел од платинските изданија на Дизни.

Дијамантско издание во 2011година[уреди | уреди извор]

Дијаматското издание на „Кралот Лав” беше пуштено во продажба на 4 октомври 2011 година.

Контроверзии[уреди | уреди извор]

Потеклото на приказната[уреди | уреди извор]

„Кралот Лав” е првиот долгометражен цртан филм на Дизни, кој се смета дека има оригинална приказна, и не е заснован на веќе постечка приказна. Творците на филмот веќе имаа кажано дека инспирацијата на филмот потекнува од Јосиф и Мојсеј од „Библијата” и „Хамлет” на Вилијам Шекспир. Сепак, многу делови од филмот имаат сличност со познатиот јапонски цртан филм од 1960 година, „Белиот лав Кимба” (Jungle Emperor). Една сличност е имињата на протагонистите Кимба и Симба. Многу ликови и сцени во филмот се слични со јапонскиот оригинал.[22] Дури и Метју Бродерик, кој го синхронизира гласот на возрасниот Симба, изјавил дека, на почетокот мислел дека ќе се снима римејк на јапонскиот филм, бидејќи има слична содржина. Се вели дека, со цел да се избегне сличноста, Дизни вовел идеи од „Хамлет”.

Скриени пораки[уреди | уреди извор]

Во една од сцените во оригиналното ВХС издание на филмот, може да се забележи како се појавува зборот „секс”. Тоа е сцената кога Симба клапнува на земјата, а прашината оди во небото и фактички ги прави буквите.[23] За да се спречат понатамошни дискусии, аниматорите на филмот признале дека тоа е всушност нивен потпис како невин потпис за нивната работа. Вистинскиот збор бил „сфс”, што означува скратеница за специјални ефекти.

Песната „The lion sleeps tonight”[уреди | уреди извор]

Песната во сцена со Тимон и Пумба, доведе до спорови меѓу Дизни и семејството на Јужноафриканскиот пејач Соломон Линда, кој всушност ја компонирал оригиналната музичка линија во 1939 година. Во јули 2004 година, семејството на Линда поднесе тужба, барајќи 1,6 милион долари. Во 2006 година, семејствот ги доби своите права над песната и во филмот стои под оригиналниот композитор.

Влијание врз модерната култура[уреди | уреди извор]

Поради својата популарност, „Кралот Лав” беше споменуван во многу медиуми. На пример, цртаната тв-серија „Симпсонови” го спомна филмот во една епизода. Кон крајот на епизодата, во една сцена се појавува духот на Муфаса со Дарт Вејдер и вели: „Ова е си-ен-ен. Мораш да се одмаздиш за мојата смрт Кимба...о мислам Симба” реплика за контроверзијата со јапонскиот филм. Дизни го вметнува „Кралот Лав” во многу свои шоуа и филмови. На пример во филмот од 1995 година, „Приказна за играчките”, се појавува песната „Хакуна матата” додека Енди се вози во својата кола. Во цртаниот филм „Херкулес” еден лик ја носи кожата на Скар додека го црта Херкулес на вазна.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. http://www.lionking.org/scripts/Script.html
  2. Блу-реј издание: The Lion King: A Memoir, 2011
  3. The Pride of the King (Blu-ray). The Lion King: Diamond Edition: Walt Disney Home Entertainment. 2011
  4. Allers, Roger; Hahn, Don, and Minkoff, Rob (1995). Laserdisc/DVD audio commentary for The Lion King. Walt Disney Home Entertainment
  5. Neuwirth, Allan (2003). Makin' toons: inside the most popular animated TV shows and movies. Skyhorse Publishing Inc. ISBN 978-1-58115-269-2.
  6. Allan., Neuwirth (2003). Makin' toons : inside the most popular animated TV shows and movies. New York: Allworth Press. ISBN 9781581152692. OCLC 51476889.
  7. Walt Disney Pictures (25 мај 1994). "Lion King Production Notes". Соопштение за печат.  посет. 5 август 2008 г
  8. Allers, Roger; Hahn, Don, and Minkoff, Rob (1995). Laserdisc/DVD аудио коментар за ''The Lion King''. Walt Disney Home Entertainment
  9. Shirey, Eric (Sep 28, 2011). „Producer Don Hahn Shares His Experiences Working on 'The Lion King'. Yahoo!. Архивирано од изворникот на May 14, 2012. Посетено на December 24, 2011.
  10. „FilMiami's Shining Star: Ron Magill“. FilmMiami. Miami-Dade County. Архивирано од изворникот на 2015-05-25. Посетено на May 24, 2015.
  11. P., Bacher, Hans (2008). Dream worlds : production design in animation. Burlington, MA: Focal Press. ISBN 0240520939. OCLC 166379642.
  12. ДВД издание: The Lion King: Platinum Edition (Disc 2), Computer Animation, Walt Disney Home Entertainment, 15 јуни 1994
  13. White, Timothy (4 октомври 1997). „Elton John: The Billboard Interview“. Billboard: 95–96.
  14. ДВД издание: The Lion King: Platinum Edition (Disc 1), Music: African Influence, Walt Disney Home Entertainment, 15 јуни 1994
  15. Box Office Mojo (October 4, 2011). [url=http://boxofficemojo.com/movies/?id=lionking.htm „The Lion King“] Проверете ја вредноста |url= (help). Недостасува права црта во: |url= (help)
  16. „All Time Worldwide Box Office Grosses“. Box Office Mojo. Посетено на August 7, 2011.
  17. Hooton, Christopher (January 14, 2014). „Frozen becomes highest-grossing Disney animated film of all time“. The Independent. Посетено на April 5, 2014.
  18. „Top 100 Animation Movies - Rotten Tomatoes“. www.rottentomatoes.com (англиски). Посетено на 2017-10-11.
  19. Ebert, Roger. „The Lion King Movie Review & Film Summary (1994) | Roger Ebert“. www.rogerebert.com (англиски). Посетено на 2017-10-11.
  20. „WashingtonPost.com: 'The Lion King'. www.washingtonpost.com. Посетено на 2017-10-11.
  21. 21,0 21,1 „Movie Review“. Rolling Stone. Архивирано од изворникот на 2008-04-29. Посетено на 2017-10-11.
  22. Schweizer, Peter and Rochelle (1998). Disney: The Mouse Betrayed: Greed, corruption, and children at risk, Chapter 11 The Lyin' King. Washington, D.C.: Regnery. стр. 167–168.
  23. „Sex in The Lion King“. Snopes.com (англиски). 2015-04-30. Посетено на 2017-10-11.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Викицитат има збирка цитати поврзани со: