Кољска ултрадлабока бушотина
69°23′46″N 30°36′31″E / 69.39611°N 30.60861°E

Кољска ултрадлабока бушотина (руски: Кольская сверхглубокая скважина, СГ-3) е најдлабока целосно вештачка бушотина во светот. Се наоѓа на околу десет километри западно од градот Запољарна на крајот од северозападниот дел на европскиот дел на Руската Федерација, односно северозападно од Мурманската област (Печенски регион).
Длабочината на бушотината е 12.262 метри, дијаметарот на површинскиот дел е 92 сантиметри, односно 21,5 сантиметри на дното.[1] Бушотината е направена со цел подетално научно истражување на земјината кора, а направена е на местото каде што растојанието помеѓу дисконтинуитетот на Мохоровичиќ и литосферата е најмало. Проектот официјално започнал на 24 мај 1970 година на денот на одбележувањето на стогодишнината од роденденот на Ленин. Едно време, на бунарот работеле дури 16 научно-истражувачки лаборатории, а самиот проект бил лично надгледуван од тогашниот советски министер за рударство и геологија.
Дупчењето на првите 7.000 метри низ цврсти гранитни карпи поминало според планот и без поголеми отстапувања, а првите проблеми се појавиле при навлегувањето во полабавите слоеви на литосферата, што довело до чести уривања. На 6-ти јуни 1979 година Кољската бушотина ја надминала длабочината од 9.583 метри, што било подлабоко од најдлабоката бушотина дотогаш, Берта Роџерс во Оклахома.[2] Иако примарната цел на проектот била да се достигне длабочина од 15.000 метри, дупчењето завршило на длабочина од 12.262 метри, што било постигнато на крајот на 1989 година. Поради недостаток на финансиски средства, проектот бил официјално напуштен во 2006 година, а две години подоцна самиот локалитет бил напуштен и моментално е во фаза на распаѓање.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Magazine, Smithsonian; Ault, Alicia. „Ask Smithsonian: What's the Deepest Hole Ever Dug?“. Smithsonian Magazine (англиски). Посетено на 2025-01-15.
- ↑ Lobanov, K.V.; Chicherov, M.V.; Sharov, N.V. (2021). „The 50th Anniversary of the Start of Drilling the Kola Superdeep Well“. Arktika i Sever [Arctic and North]. 44: 267–284.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)