Кошарка во Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кошарка во Македонија
ЗемјаМакедонија
Раководното телоКошаркарска федерација на Македонија
Репрезентација/иКошаркарска репрезентација на Македонија
Прв натпревар27 август 1933; пред 90 години (1933-08-27)
Национални натпреварувања
Клупски натпреварувања
Прва лига мажи
Втора лига мажи
Трета лига мажи (неактивна)
Прва лига жени

Кошарката е познат спорт во Македонија, и е играна во професионални, младински и аматерски нивоа. Кошарката има долга историја на територијата на Република Македонија, на која популарноста се развивала бавно. Денес кошарката една од трите спортови (заедно со фудбалот и ракометот) кои се најпознати во Македонија.

Историја по децениии[уреди | уреди извор]

1930-ти[уреди | уреди извор]

Во 30-те години од минатиот век кошарката не само во Македонија, туку општо и на Балканот, била многу малку присутна. Фудбалот како и денес бил најпопуларниот спорт, а постоеле и голем број на спортски друштва, каде младите таленти најчесто тренирале атлетски или гимнастички дисциплини. Подоцна, во Штип се појавил Трајко Кошевалиски, кој од Словенија го носел знаењето за оваа игра, но и првата кошаркарска топка.

Кошевалиски бил испратен на стручно усовршување во Марибор, каде во 1932 година присуствувал на првата презентација на кошаркарскиот спорт, презентиран од австриски кошаркари. За време на неговото прво отсуство од Словенија тој започнал да ги тренира локалните Соколи, како што се нарекувале спортските друштва во тоа време насекаде низ Македонија, за конечно на 27 август 1933 година да биде организиран првиот натпревар.

Во дворот на Основното училиште „Ванчо Прке“ било направено импровизирано игралиште, поставени биле кошевите, а мрежичките за обрачите биле исплетени од Петре Топликлиев. Таму биле создадени две екипи, црвена и црна, а Кошевалиски бил судија на овој меч. Меѓу натпреварувачите биле неговите другари Славе Кикиритков, Лазо Каламатиев, Петре Кавраков, Киро Савев, Методи Балванлиев, Киро Шапков, Илија Гочев, Никола Гакев, Петар Самарџиски и Горги Спасиков.[1]

1940-ти[уреди | уреди извор]

Постои и податок дека по Втората светска војна, првата селекција на македонски кошаркари односно играчи на Македонија (републичка репрезентација), која настапила на меѓурепубличкиот натпревар во 1945 година во Суботица, како прва сезона на Југословенската лига, бил составен од играчи родени во Штип.[1]

Првото првенство на Македонија во кошарка било одржано на 2 и 3 август 1946 година во рамките на Вториот фискултурен слет. На првенството учествувале три екипи: Македонија (за нецела година, по соединувањето на неколкуте спортски друштва, клубот бил преобликуван во Вардар) и Работнички од Скопје и Ванчо Прке од Штип. Во последен момент, не се наведени причините, учеството го откажало екипата на Куманово. Потоа, во текот на првенството, од нејасни причини, по поразот во првиот меч од Работнички со 30:8, првенството го напуштиле кошаркарите на Ванчо Прке.

На средината на Градскиот стадион Скопје бил одбележан имровизиран кошаркарски терен, линиите биле исцртани со вар, кошовите биле направени од обично железо и немале мрежички. Натпреварите се играле со одбојкарска топка, која била многу полесна од кошаркарската и тешко се уфрлала во кошот.

На овој прв официјален кошаркарски натпревар во Скопје по ослободувањето на Југославија, не се суделе лични грешки, ниту технички, времето се мерело рачно, со стоперица. Немало тајм аут, се играло точно 40 минути, 2 x 20 минути. Најважно било да се води правилно топката, и јасно, да се уфрли во кошот. Колку тоа било тешко со оваа одбојкарска лесна топка, најдобро го покажува и резултатот од последниот натпревар за првото место на кој Македонија го победила Работнички со 28:18.

Судел само еден судија, Панче Пандилов, кој бил и претседател на Одборот на спортските игри на Македонија. Пред почетокот на првенството биле учени правилата на кошарката, многу работи не биле познати, но сепак ова првенството во Скопје привлекло големо внимание бидејќи овој спорт во градот не беше многу познат во тоа време.

За Македонија играле: Асен Николовски, Миха Илиевски, Перо Димовски, Константин Тодоровски, Константин Лешков, Јордан Димитровски, Никола Цветковски и Етем Омерагиќ. За Работнички настапиле: Славко Матовски, Драган Лукоски, Трајан Ивановски, Борис Анастасов, Атанас Радевски, Војче Димитровски, Илија Ќовкаров.

Како првак, Македонија учествувала на Сојузното елитно натпреварување во неговата втора сезона (прва сезона со клубови), на отвореното игралиште на Калемегдан во Белград. На тоа сојузно натпреварување, покрај Македонија настапиле и Партизан, Металац и Црвена звезда од Србија, Слобода од Љубљана, Задар, Славија и Риека од Хрватска и Еѓшег од Нови Сад (САП Војводина). Екипата на Риека играла надвор од конкуренција бидејќи тогаш уште било актуелно прашањето околу територијата на Истра и Трст. На првиот натпревар Македонија загубила од Партизан со 71:1.[2]

На турнирот во Белград играчите на Македонија за првпат играле со вистинска кошаркарска топка. На мечот со Партизан, за кој настапија повеќе познати кошаркари, кои подоцна играле и за репрезентацијата на Југославија, почнал да врне дожд, се играло на отворено, немало сали тогаш, топката била лизгава, теренот од црвеница исто така. Македонија играла во состав: Асен Николовски, Миха Илиевски, Петар Димовски, Константин Тодоровски, Тошо Тодоровски, Константин Лешков, Јордан Димитровски, Никола Цветковски и Етем Омерагиќ. На крајот на натпреварот во записникот бил запишано, немало тогаш семафор за да се види крајниот резултат: Партизан-Македонија 71:1. Не е познато каков резултат бил на полувремето. Единствениот кош за Македонија го постигнал Асен Николовски и тоа од слободното фрлање. Првото не го искористил.

Инаку тренер на Македонија бил познатиот Славко Матовски, кој не играл на тој натпревар, но практично сите играчи биле тренери. По мечевите сите играчи морле да одат на лекарски преглед. Не биле тоа допинг контроли, туку се мерел крвниот притисок на кошаркарите и капацитетот на градите по сите тие напори. Прегледите ги вршел подоцна еден од најпознатите спортски лекари во Југославија, д-р Смодлака.

На првенството победиле кошаркарите на Црвена звезда, екипата на Македонија го освоила последното, седмо место со седум порази и кош разлика од 74:287.[3]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Првиот баскет во Македонија се тапкал во Штип“. off.net.mk преку web.archive.org. 2 септември 2016. Посетено на 26 март 2020.
  2. Миодраг Мицковиќ (25 март 2020). „Спортски времеплов: Кошарка на фудбалски терен“. ekipa.mk преку web.archive.org. Архивирано од изворникот на 2020-03-25. Посетено на 25 март 2020.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  3. Миодраг Мицковиќ (1 април 2020). „СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: На кошаркарски меч постигнале само еден кош“. ekipa.mk преку web.archive.org. Архивирано од изворникот на 2020-04-03. Посетено на 3 април 2020.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)