Коста Конкордија
| Коста Конкордија | |
|---|---|
Коста Конкордија во 2008 г. | |
| Државна припадност: Италија |
|
| Класа и тип | класа „Конкордија“ |
| Бродови имењаци | Конкордија (единство/слога) |
| Нарачател | Carnival Corporation & plc |
| Бродоградилиште | Fincantieri Sestri Ponente |
| Положена кобилица | 19 јануари 2002 |
| Пуштен | 2 септември 2005 |
| Кум/а на брод | Ева Херцигова |
| Набавен | 30 јуни 2006 |
| Ставен во служба | 7 јули 2006 |
| Надвор од служба | 13 јануари 2012 (бродолом) |
| Статус | целосно расклопен |
| Матично пристаниште | Џенова, Италија |
| Пристаниште на регистарот | Џенова |
| Главни одлики | |
| Истиснување | 114.137 бруто-тони |
| Должина | 290,2 м |
| Ширина | 35,5 м |
| Газ | 8,2 м |
| Погон | дизел-електричен систем |
| Брзина | 36 км/ч |
| Капацитет | 3.780 патници |
| Екипаж | 1.100 члена на екипаж |
| Забелешки | прв брод од својата класа |
Коста Конкордија (италијански: Costa Concordia) — крузер управуван од италијанската компанија Costa Crociere. Тој бил првиот брод од својата класа, по кој следеле неговите сестрински бродови Costa Serena, Costa Pacifica, Costa Favolosa и Costa Fascinosa, како и Carnival Splendor изграден за Carnival Cruise Line. Кога Коста Конкордија (од 114.137 тони) и нејзините сестрински бродови влегле во служба, биле меѓу најголемите бродови изградени во Италија, сѐ до изградбата на бродовите од класата „Дрим“ од 130.000 бруто-тони.
На 13 јануари 2012 г. во 21:45 часот, Коста Конкордија удрила во карпа во Тиренското Море, веднаш до источниот брег на островот Џиљо. Ова предизвикало процеп од 53 метри на левата страна од трупот, што набрзо поплавило делови од машинската сала, прекинувајќи го напојувањето на моторите и бродските услуги. Како што навлегувала водата, бродот почнал да се наведнува додека пловел назад кон островот, каде што на крајот се насукал во близина на брегот, а потоа се превртил на десната страна, лежејќи во нестабилна положба на карпест подводен гребен.
Евакуацијата на Коста Конкордија траела повеќе од шест часа, а од познатите 3.229 патници и 1.023 члена на екипажот што биле во него, 32 лица загинале. Франческо Скетино, тогашниот капетан на бродот, бил изведен пред суд и прогласен за виновен за убиство од небрежност, предизвикување поморска несреќа и напуштање на својот брод. Во 2015 г. бил осуден на шеснаесет години затвор. Остатоците од бродот биле извлечени три години по случката и довлечени до пристаништето во Џенова, каде што бродот бил расклопен за старо железо.
Историја
[уреди | уреди извор]Договорот за изградба на брод со должина од 290 метри, со капацитет за 3.700 патници и екипаж од 1.100 лица, бил потпишан меѓу компанијата Costa Crociere и италијанското бродоградилиште Fincantieri на 19 јануари 2002 г. На 2 септември 2005 г., бродот под фабрички број 6122, чија вредност изнесувала 450 милиони евра, бил спуштен во вода. Бродот бил доопремен на терминалот за довршување и му бил предаден на сопственикот на 30 јуни 2006 г.
Церемонијата на крштевање на бродот се одржала на 7 јули 2006 г. Кума на Коста Конкордија била чешката суперманекенка Ева Херцигова, која при „крштевањето“ на бродот не успеала да го скрши шишето шампањ, што во поморството се смета за лош предзнак.[1][2]
На овој брод биле снимени многу сцени од филмот „Социјализам“ на режисерот Жан-Лик Годар.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Kreuzfahrt endet beim ersten Dinner (Круиз заканчивается после первого же ужина) Архивирано на 26 август 2021 г. автор Paul Kreiner
- ↑ „СМИ: «Коста Конкордию» преследовали неудачи“. Архивирано од изворникот 2012-01-16. Посетено на 2012-01-14.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|
