Прејди на содржината

Костадин Танчев

Од Википедија — слободната енциклопедија

Костадин Танчев – Динка ( 1940 , Валандово) — македонски графичар и ликовен уметник.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Костадин Танчев – Динката е роден во 1940 година во Валандово. Во 1961 година завршил училиште за применета уметност и започнал да студира на Академијата за применета уметност во Белград. По дипломирањето, во периодот 1963–1964 година бил на специјализиција во Лондон. Од 1973 до 1975 година престојувал во Париз, каде што изложувал во повеќе галерии, учествувајќи и во изложбата „50-те млади надежни сликари“ на Мајскиот салон „Дефанс“. Во периодот од 1978 до 1981 година активно учествувал во научните истражувања и реализацијата на новите форми на културна комуникација и творештво, што се изведувале во рамките на Естетичката лабораторија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1985 година бил избран за наставник на Факултетот за ликовни уметности, во графичкиот оддел, по предметите цртање и графика со графички техники. Истовремено, во овој период бил ангажиран во изведувањето на наставата во насочениот дел од студиите, во насоката графички дизајн, и под негово менторство со успех се одвивал наставно-образовниот процес по опрема на книга и илустрација, фотографија, визуелни комуникации, плакат и графички стандарди. Добитник е на преку четириесет награди и признанија за своето творештво во ликовната уметност и графичкиот дизајн, вклучувајќи и високи општествени награди и признанија. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија од 1971 година и во два мандати бил негов претседател.[1]

Во 2019 година е издадена монографијата „Костадин Танчев-Динка – Од слика и графика до нови медиуми“ посветена на неговото творештво.[2] Во книгата, меѓу другото, се наоѓа тврдењето дека Танчев е автор на државното знаме на Македонија, усвоено на 5 октомври 1995 година. Според неговиот расказ, на 19 септември бил повикан во кабинетот на претседателот на државата Киро Глигоров, каде што биле присутни и претседателот на Собранието Стојан Андов, министерот за надворешни работи Стево Црвенковски и Зоран Крстевски. На Танчев му било сугерирано знамето да содржи симбол на осумкрако сонце со употреба на црвена и жолта боја. Тој го изработил графичкото решение и на 22 септември го предал на Собранието. Подоцна во весник го видел новото знаме, идентично на неговото решение, за кое не му бил исплатен авторски хонорар.[3][4][5]

  1. ↑ Нестороска, Билјана (2023-10-17). „Костадин Танчев-Динка ја отвора изложбата „Мигновение" во КИЦ во скопје“. Сакам да кажам. Посетено на 2026-10-04.
  2. ↑ Јолевски, Љупчо (2019-04-22). „Вонвремената уметност на Костадин Танчев – Динка ретроспективно во Национална галерија“. Радио Слободна Европа. Посетено на 2026-10-04.
  3. ↑ Јоновски, Јован (2019-10-05). „Нов претендент на дизајнот на знамето на Република Македонија од 1995“. Македонско грбословно друштво. Посетено на 2026-10-05.
  4. ↑ „Историја — Знаме на Република Северна Македонија“. Посетено на 2026-10-05.
  5. ↑ „Преглед на Бр. 18 (2022): Мaкедонски хералд“. www.journals.mk. Посетено на 2026-10-05.