Косово (Порече)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Косово
С.Косово.JPG

Поглед на селото Ковач

Косово is located in Македонија
Косово
Местоположба на Косово во Македонија
Координати 41°43′42″N 21°8′2″E / 41.72833° СГШ; 21.13389° ИГД / 41.72833; 21.13389Координати: 41°43′42″N 21°8′2″E / 41.72833° СГШ; 21.13389° ИГД / 41.72833; 21.13389
Регион Logo of Southwestern Region, North Macedonia.svg Југозападен
Општина Coat of arms of Makedonski Brod Municipality (2012).svg Македонски Брод
Област Порече
Население 67[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 6535
Повик. бр. 045
Надм. вис. 850 м
Слава Свети Никола
Commons-logo.svg Косово на Ризницата


Косово — село во Општина Македонски Брод, во областа Порече, во околината на градот Македонски Брод.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Улица во селото

Селото се наоѓа во областа Порече, во средишниот дел на територијата на Општина Македонски Брод, од левата страна на реката Треска.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 850 метри.[2]

Косово се наоѓа во областа Горно Порече на околу 6 километри северно од селото Самоков, на левата страна од реката Мала Река (лева притока на реката Треска). Селото се наоѓа од југозападната страна за 1,5 километри во подножјето на планината Фојник (к-1421). Од север се граничи со атарот на селото Требовле, од исток се граничи со атарот на селото Брест, од југ се граничи со атарот на селото Звечан, од запад со атарот на селото Долно Ботушје, и од севернозападната страна се граничи со атарот на селото Растеш.

Атарот е мал и зафаќа простор од 6 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 322 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 102 хектари, а на пасиштата само 28 хектари.[2]

До селото води асфалтиран пат, кој се двои од регионалниот пат кој води до поранешното општинско средиште, селото Самоков.

Селото е сместено под врвот Фојник. Во околината на селото постојат повеќе извори на питка вода. Изворот „Горник“ со истоимената селска чешма се наоѓаат под подрачното четиригодишно основно училиште „Христијан Тодоровски-Карпош“. Водата стигнува до селските чешми по пат на природен пад кои се наоѓаат под селото и се викаат Велеше и Чешмиче. Но, на изворот Горник е направена каптажата на која е приклучен селскиот водовод од кој се доведува вода до повеќето селски куќи. Протокот на овој извор не е доволна за задоволување на потребите на селаните. Од тие причини изграден е нов цевковод кој ги зафаќа водите од изворот на Фојник планина наречен Пиој и од него со вода се снабдува повисокиот дел од селото. Изворот на Пиој е со помал проток, во минатото доволна за напојување на стадата со добиток (говеда, овци и кози), кои се напасувале на планината, а сега се во мал број.

Селото е поделено на пет селски маала: Ваневци, Сиковци, Илиовци, Војневци и Јанкуловци.

Историја[уреди | уреди извор]

Дел од селото

Постојат повеќе преданија за настанокот на ова село. Една од приказните е дека еден младич (млад момок), кој избегал од зулумите на Византијците во околината на Охрид бил згрижен во селото Брест и им ја напасувал стоката (добитокот). Кога дошло време тој да се ожени засакал една селанка од селото. Селаните се сложиле да му ја дадат девојката да се ожени, но и да го напушти селото и да се насели во месноста Ќосово (реон богат со птиците ќос) кое тие месноста ја викале Орешово (областа е богата со ореови дрвја). Младите многу се сакале и пристанале на барањето на селаните и се населиле во месноста Ќосово и новото населено место во турските пописни дефтери (списоци) како населено место Ќосово. Ним им се родиле пет сина (Ване, Сико, Илија, Јанкула и Војне). По имињата на нивните пет синови во селото се формирани пет селски маала (Ваневци, Сиковци, Илиовци, Јанкуловци и Војневци). За време на Османлиското владеење селото е наречено Ќосово, но по Балканските војни потпаднало под српска власт, но Србите знакот за буквата (ќ) не ја пишуваат како во нашата азбика, селото е наречено Косово, и тоа име сега се употребува.

Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Кичевската нахија (Nahiye-I Kirçova) под името Кошева со 18 семејства и 3 неженет, сите христијани.[3]

Во XIX век, Косово било село во Поречката нахија на Кичевската каза на Отоманското Царство.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Сушење печурки

Според турските извори, пописни девтер од 1467/68 година, број 4 стр. 197-289 под р.б. 23; с.Косово, броело 21 домаќинство и платило данок од 1136 акчиња (турски пари).

Селото има полјоделска функција.[2]

Населението од селото се занимава со полјоделство, овоштарство и сточарство. Од селото низ вековите, кон поразвиените подрачја и соседни држави се упатувале тајфи мајстори на работа кај богатите земјопоседници, аги, бегови и така заработувале за живот.

Селаните од Косово, пред поголемите миграции предизвикани со процесот на индустријализација во минатиот век, користеле патишта и врвулици по планинските сртови за комуникација со полошката котлина (Гостивар и Тетово) преку планината Сува Гора и скопската котлина (Скопје) преку Кула. Преку овие патишта релативно брзо се стигнувало до поголемите економски центри во гореспоменатите котлини. Најчесто селаните тргувале: продавале земјоделски производи и добиток, а купувале: сол, шеќер, газија, облека и сл. По овие патишта се движеле и тајфи на мајстори кои изведувале градежни работи или пак работеле како наемни работници во полињата на полошката и скопската котлина.

На територијата на Косово, не постојат стопански субјекти во кои би се вработиле жителите на селото. Позначајни стопански субјекти во кои се вработени жителите на Косово е „Сувенир“ од селото Самоков. Истата фабрика повеќе години е во стечајна постапка и е затворена. Повозрасните жители се пензионери или примаат социјална помош како надоместок.

Население[уреди | уреди извор]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Косово имало 176 жители, сите Македонци.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Косово имало 240 жители.[5]

Косово во 1961 година броело 332 жители, а во 1994 година 100 жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Косово имало 67 жители, сите Македонци.[1]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[6] 1905[7] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 176 240 313 344 332 318 235 131 100 67
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[8]

Родови[уреди | уреди извор]

Косово е македонско село.

Родови во селото се: Ваневци (30 к.), родот го основал некој си Ване, кој дошол однекаде, тој најпрво се населил во селото Брест, таму се оженил со некоја крива девојка, и потоа од таму се населил во селото Косово, кое го основал. Од него потекнува цело село.[9]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Подрачното основно училиште пред неговата обнова

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Македонски Брод, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што кон нејзе била придодадена поранешната Општина Самоков. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Самоков.

Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Растеш, во која влегувале селата Битово, Волче, Горно Ботушје, Долно Ботушје, Заград, Косово, Растеш и Требовле.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Растеш, во која покрај селото Косово се наоѓале селата Битово, Близанско, Волче, Горно Ботушје, Долно Ботушје, Заград, Здуње, Растеш и Требовле.

Во периодот 1955-1957, селото било дел од тогашната општина Манастирец.

Во периодот 1957-1965, селото се наоѓало во некогашната општина Брод.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Брод.

Изборно место[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Ѓорѓи“

Во селото постои изборно место бр. 0270 според Државната изборна комисија, кое е сместено во основното училиште.[11]

На локалните избори во 2017 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 41 гласач.[12] На претседателските избори во 2019 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 42 гласачи.[13]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки локалитети[14]
Цркви[15]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Во Косово постои повеќедецениска традиција на одржување на следниве настани:

  • Божиќ (7 јануари);
  • Водици (19 јануари);
  • Ѓурѓовден (6 мај) — посветен на главната селска црква и воедно црковна слава;
  • Преображение Христово (19 август) — искачување на врвот Фојник на кој се наоѓаат остатоци од манастир, како и возобновена црква. Прославувањето е заедничко на трите села: Косово, Брест и Требовле со носење на крст украсен со свежо цвеќе и посна трпеза; и
  • Свети Никола (19 декември) — голема селска слава.

Личности[уреди | уреди извор]

  • поп Ковил од селото Косово - голем борец против исламизацијата на Порече.

Во масакрот кај Дервишката Нива на Бадник 1916 година биле заклани петмина жители на селото Косово: Милан Богоески, Никола Спасески, Стане Јованоски, Аритон Трпески и Димитрија Маркоски.[16]

За време на Втората светска војна, населението од Косово активно се вклучило во НОВ и ги дало следните жртви:[16]

Други познати личности се:

  • Велимир Митаноски (1922-1962), првоборец на 15. поречка бригада и учесник на Сремскиот Фронт;
  • Ване Премчески (1917-2003), првоборец на 15. поречка бригада и учесник на Сремскиот Фронт;
  • Добре Спасески (1920-1986), првоборец на 15. поречка бригада и учесник на Сремскиот Фронт,
  • Дано Бошковски (1922-1999), првоборец на 15. поречка бригада и учесник на Сремскиот Фронт;
  • Стојмир Богески (1922-1998), првоборец на 15. поречка бригада и учесник на Сремскиот Фронт;
  • Ѓорѓија Новески (1922-2013 ), првоборец на 15. поречка бригада и учесник на Сремскиот Фронт;
  • Велан Премчески (1904-1983), секретар на КПМ за М.Брод од 1948/56 год;
  • Злате Видески, учител и директор на училиштето во с.Самоков по Втората светска војна.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Низ атарот на селото тече реката Мала Река, која е лева притока на реката Треска. Во 1961 и 1962 години, атарот на селото долж течението на реката и притоките од поројните дождови го зафаќаат големи поплави и го однесува најквалитетното обработливо земјоделско земјиште и селото е соочено со процесот на миграцијата. Втора причина за поголемите миграции кои го зафаќаат селото се предизвикани од процесот на индустријализација во минатиот век. Така се интензивира и миграцијата од селото Косово. Поголемиот дел од населението се иселува во: Прилеп и прилепските села; Качарево и Јабука во Војводина; во Самоков и Македонски Брод; во Кичево; во Гостивар, Тетово и селата од полошкиот регион; во Скопје и скопскиот регион. Дел од населението мигрира во западноевропските земји, најчесто Германија.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. конс. 17 октомври 2017. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 159. https://commons.wikimedia.org/wiki/File:%D0%95%D0%BD%D1%86%D0%B8%D0%BA%D0%BB%D0%BE%D0%BF%D0%B5%D0%B4%D0%B8%D1%98%D0%B0_%D0%BD%D0%B0_%D1%81%D0%B5%D0%BB%D0%B0%D1%82%D0%B0_%D0%B2%D0%BE_%D0%A0%D0%B5%D0%BF%D1%83%D0%B1%D0%BB%D0%B8%D0%BA%D0%B0_%D0%9C%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0.pdf. посет. 17 октомври 2017 г. 
  3. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр.251
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 258.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 156-157.
  6. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  7. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  8. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. 
  9. Јовановиќ, Петар (1935). Порече. Белград: Српски етнографски зборник. 
  10. „ПУ Косово“. македонски: ОУ „Св. Климент Охридски“ - Македонски Брод. конс. 17 октомври 2017. 
  11. „Описи на ИМ“. конс. 16 октомври 2017. 
  12. „Локални избори 2017“. конс. 16 октомври 2017. 
  13. „Претседателски избори 2019“. конс. 5 мај 2019. 
  14. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  15. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  16. 16,0 16,1 Порече низ историјата, Милан Ристески, НИО „Студентски збор“, Скопје, 1982

Користена литература[уреди | уреди извор]

  • Историја на македонскиот народ, книга 1, Скопје 1969 г.
  • Извори за ослободителната војна и револуцијата во Македонија 1941/45 г. Том I, книга I, Скопје 1968 г.
  • Порече – насеље и потекло становништва од Др. Петар Јовановиќ, книга 28, Белград 1935 г.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]