Прејди на содржината

Космологија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Древни хиндуистички сфаќања за вселената

Космологија (од старогрчки: κόσμος (cosmos) — „вселена, свет“, и λογία (logia) — „наука, изучување“) — гранка на физиката и метафизиката што се занимава со природата на вселената, односно космосот.[1][2] Поимот „космологија“ за првпат бил употребен во англискиот јазик во 1656 г. во делото „Глосографија“ на Томас Блаунт, со значење „говорење за светот“.[3] Во 1731 г., германскиот филозоф Кристијан Волф го употребил латинскиот поим cosmologia за да означи гранка на метафизиката што се занимава со општата природа на физичкиот свет.[4] Религиозната или митолошката космологија претставува збир на верувања засновани на митолошката, религиозната и езотеричната книжевност, како и на традициите на митовите за создавањето и есхатологијата. Во астрономската наука, пак, космологијата е насочена кон проучување на хронологијата на вселената.

Предмет на космологијата е вселената во нејзината целина и историја. Од историски причини, тој бил променлив, бидејќи луѓето низ вековите имале различно разбирање за вселената. Знаењата на современата физичка космологија се натрупани од дваесеттите години на XX век наваму. Дотогаш се сметало дека вселената е статична и бесконечна, а не постоеле ниту технички средства со кои би се надминале границите на нашата галаксија, додека другите галаксии биле сметани само за маглини.

За разлика од другите природни науки, космологијата не може да ги проверува своите хипотези со експерименти, туку се потпира на знаењата собрани од набљудувачката астрономија и современата астрофизика.

Освен тоа, космологијата игра посебна улога при истражувањето на модели како што е теоријата на струни и други физички модели. На пример, во теоријата на струни, космологијата ја покажува еволуцијата на вселената и физичките закони преку нивното преминување и прилагодување кон различни многуобразија на Калаби-Јау низ различните етапи на фазните премини на вселената.

Древни идеи

[уреди | уреди извор]

Анализата на ставовите на древните филозофи на природата овозможува да се тврди дека одредени нивни сфаќања за природата доживеале понатамошен развој и ги поставиле темелите на современата теоретска и експериментална наука.

Месопотамија

[уреди | уреди извор]

Во Стариот Вавилон, пред повеќе од три илјади години, настанале низа претстави за космогонијата (потеклото и развојот на небесните тела и нивните системи во вселената) и космологијата (сфаќањата за структурата на вселената како единствена целина). Вавилонците ја сметале Месечината за најважно небесно тело, но познавале и уште пет други планети. Нивно е откритието на низа закони, вклучувајќи го редоследот на оддалеченоста на планетите од Земјата, како и периодичноста на Сончевите и Месечевите затемнувања. Тие ја развиле поделбата на еклиптиката според знаците на зодијакот, го вовеле во пракса шеесеттиот броен систем (на кој се засноваат аголниот/степенскиот и временскиот систем на мерки), како и месечевиот календар, кој е распространет кај многу народи до ден-денес.

Стар Египет

[уреди | уреди извор]

Подоцна во Стариот Египет се појавиле објаснувања за некои важни природни појави, пред сѐ за поплавите на Нил, кои се случувале во зависност од положбата на Сонцето на небото. Ова довело до создавање на сончевиот календар од страна на Египќаните. Познатиот грчки географ и историчар Херодот сметал дека токму Египќаните први правилно ја одредиле должината на годината во денови (365 и 1/4), издвоиле 12 месеци со еднакво траење (додавајќи 5 дополнителни дена секоја година) и научиле, користејќи го календарот, точно да ги предвидуваат временските промени. Вавилонците и Египќаните влегле во историјата како први мелиоратори, бидејќи создале системи за наводнување што биле во употреба илјадници години.

Феникијци

[уреди | уреди извор]

Феникијците и Картагинците биле морепловци и освојувачи. Нивната вселена била многу поширока географски и попрагматична. Историчарите на географијата сметаат дека Феникијците, долго пред Хомер, веќе вешто ги применувале астрономските набљудувања за навигација. Насочувајќи се според ѕвездите, тие пловеле по отворено море, за разлика од Грците, кои дури и по 1000 години сѐ уште пловеле по брегот користејќи древни прирачници за пловидба. За жал, Феникијците ги чувале своите знаења за Земјата и вселената во строга тајна (чии прекршување се казнувало дури и со смрт), па затоа за нив знаеме само преку записите на Грците.

На раната етапа од својот развој, физичката космологија била она што денес е познато како истражување на небесниот свод и небесна механика.

  1. „космологија“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. „космологија“Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
  3. Hetherington, Norriss S. (2014). Encyclopedia of Cosmology (Routledge Revivals): Historical, Philosophical, and Scientific Foundations of Modern Cosmology. Routledge. стр. 116. ISBN 978-1-317-67766-6.
  4. Luminet, Jean-Pierre (2008). The Wraparound Universe. CRC Press. стр. 170. ISBN 978-1-4398-6496-8. Extract of page 170.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]