Корисник:Equestian

Од Википедија — слободната енциклопедија

Пајонија и Пајонското Кралство[уреди | уреди извор]

Опис:

Како најстара етничка афирмирана групација на јужниот Балкан се јавуваат Пајонските племиња. Се претпоставува дека тие ја владееле цела крајбрежна егејска рамнина и голем дел од Горна Македонија во текот на поголемиот дел од Бронзеното време. Според традицијата зачувана кај Полибиј, Ематија во старо време се нарекувала Пајонија. Од Стабон дознаваме дека Пајонија некогаш се простирала до Пелагонија и Пиерија.

Кон овие литерарни вести треба да се приклучат и податоците што ги наоѓаме кај Хомер. Според „Илијада“, Пираихмес ги предводел криволаките Пајони, кои дошле под Троја од Амидон од Аксиос со широк тек, што зборува дека Пајоните го населувале долниот тек на реката Вардар. Од Херодот дознаваме дека во времето на грчко-персиските војни долната на Стримон северно од Пангајон и Серското Поле до езерото Прасијада биле населени со Пајони. Тука се споменуваат Сириопајони и Пеопли, кои по освојувањето на нивните градови од страна на Магабаз, биле преселени во Мала Азија. Градот Сирис, спомнат кај Херодот, каде што Ксеркс на враќање од Тесалија оставил свои разболени војници, се наоѓа во Пајонија.

Долините на реката Астибос, Лакавица и Понтос биле Пајонски. Според традицијата, познато е дека во реката Астибос (Брегалница) е вршен чинот на крунисување на Пајонските Владетели. Така Аристон, синот на Аудолеон, кого Лизимах го повел со себе од Тракија за да го врати на пајонскиот престол се искапил во реката Астибос. Хамонд претпоставува дека во пределот околу Астибос се наоѓала престолнината на пајонската кралска куќа. Племето Дерони, посведочено на монетите Хамонд го лоцира во околината на Кратово. Своронос-повикувајќи се на сличноста на имињата, Дероните ги поставува во близина на Дојран.

Пајонските градови Доберос, Астраион и Иорон повеќе истражувачи ги лоцираат во долината на реката Струмица. Според Тикидид, Доберос е Пајонски град од каде што Ситалковата војска се спуштила во Долна Македонија. Херодот споменува Дебери кои што живееле северно од Пангајон, каде што се наоѓало местото Домерус, на патот меѓу Анфиполис и Филипи.

На север, околу изворите на Струма и нејзините притоки, се споменуваат Пајонските племиња Агријани и Лаијаи, на чија територија се наоѓале градовите Пауталија и Перинт. Кога Ситалк го превзел походот кон Македонија во 429 г.п.н.е., овие племиња се наоѓале под негова власт. Нешто пред овој поход, движејќи се по истиот пат, Ситалк ги покорил Пајоните, кои веројатно до тогаш биле независни. Кога во 335 г.п.н.е. Александар III, на враќање од Дунав поминал преку земјата на Агријаните и Пајоните, тој најверојатно одел по патот на Сердика, преку Пауталија, која во тоа време била во Пајонски раце.

Што се однесува до северната граница на Пајонија, односно до територија населена со Пајони северно од Билазора, ситуацијата не е сосема јасна. Билазора, која според традиционалното мислење, се наоѓала кај Велес (во 2006 год. е пронајдена Билазора на локалитето Градиште кај Свети Николе) се зема како најсеверен град во Пајонија. Долината на Аксиос, определена на север со клисурата кај Велес, а на југ со клисурата кај Демир Капија, влегувала целосно во составот на Пајонија. Градот Билазора, Полибиј го опишува како погодно ситуиран во поглед на патиштата што воделе од дарданската територија кон Македонија. Во врска со овој проблем, Хамонд дава коментар, кој се совпаѓа со нашето мислење, па поради тоа ќе го изнесеме во поскратена верзија.

North Macedonia

Откако во 217 г. п.н.е. ја зазел Билазора, Филип V имал контрола и на главниот влез од Дарданија во Македонија. Обично се смета дека Билазора била на границата кон Дарданија. Меѓутоа, ако се има предвид дека Билазора била најголем Пајонски град во 217 г. п.н.е. скоро е сигурно дека таа се наоѓала повеќе кон центарот одколку кон периферијата на Пајонија. Најјасни индикации за простирањето на пајонската територија кон север дава Страбон. Неведувајќи го Полибиј, тој вели дека Балканскиот Полуостров е еден правоаголник поставен од врвот на Јадранското Море и реката Дунав и поделен на два дела преку линијата на „илирските, пајонските и тракиските планини“ . Планините се опишани како паралели со Дунав. Тие се всушност: високата верига на северна Албанија до Шар Планина (илирски планини), Црна Гора и Козјак (пајонски планини), Родопи и Хемус (тракиски планини). Овој опис не би можел да одговара ако северната граница на Пајонија ја поставиме кај Билазора, бидејќи Пајонија морала да ја има географската ширина на Шар Планина.

  • Така, Хамонд скопско-кумановскиот базен го сместува во рамките на Пајонија. И Томашек верувал дека земјите јужно од Шар Планина, Скопска Црна Гора, Руен и Козјак чинеле дел од старото Пајонско Кралство. Слични мислења имаат изнесено и многу истражувачи. На пример Меј скопско-кумановската област, како и регионот на Косово и Метохија ги смета како илирско-пајонски. Повикувајќи се на истиот аргумент, Мак смета дека регионот на Скопје и Куманово со безенот на Кратово представувал централен дел на Пајонија и дека тој не би можел да им припага на Дарданите пред средината на III век п.н.е.

Со голема доза на веројатност можеме да претпоставиме дека Граделичката Клисура претставувала пограничен појас, а Кршевичкото Кале - како еден од северните Пајонски Пунктови. Оваа точка Пајоните ја држеле низ целиот IV век п.н.е.

Што се однесуава до територијата западно од Аксиос (Вардар) во науката изнесено е мислење дека уште во втората половина на VI век п.н.е. кога достигнале најголема моќ, Пајонити го прошириле своето владеење над Пелагонија и Линк.

Од изложеново произлегува дека Пајоните, било да се означени под името Пајони или како поединечни пајонски племиња (Сириопајони, Пеопли, Агријани, Лаилаи, Дерони, Добери, Астраи, Иори). Во периодот на Тројанската Војна и долго време по неа, ја населувале територијата што во општи рамки може да се дефинира на север од Грделичката Клисура до Пела и до утоката на Вардар на југ , од реката Струма на исток и до Пелагонија на запад, вклучуваќи го целиот тек на Аксиос (Вардар). Во текот на овој период до почетокот на класичната епоха, под притисок на Македонците од југ, а подоцна на Дарданите од север, пајонската територија е значително стеснета. Така, долниот тек на Вардар, подоцнежната Амфакситида, влегувал во составот на кнежевството на Филип II, брат на македонскиот цар Пердика II На север скопско-кумановскиот регион - од околу средината на III век п.н.е. е Дардански, а нешто потоа на исток, на сметка на Пајоните, се шират Тракиските племиња Дантелети и Меди.

  • За периодот на историјата на Пајонија до времето на Филип II, податоците што ни стојат на располагање во античките извори може да ни послужат главно за определување на просторот што во општи рамки го заземале Пајоните, како и нивните поместувања предизвикани претежно од притисокот и ширењето на соседните народи.
  • Прв помен на Пајоните наоѓаме кај Хомер. Според „Илијада“ , Пајоните учевствувале во Тројанската Војна и се бореле на страната на кралот Пријам. Од пеанот за Абдерите кај Пиндар, дознаваме за судир кој се одиграл меѓу жителите на Абдера и Пајоните. Абдерите успеале, се вели во пеанот, да им се спротистават на Пајонските стрелци и да ги потиснат од другата страна на Атос. Имајќи предвид дека градот Абдера се наоѓа поисточно - на тракиска територија- можеме да претпоставиме дека се работи за напад на градот што имал грабежнички карактер. Настанот не е временски определен, но со голема веројатност може да се постави пред персиските освојувања.
  • Кај Херодот е зачуван податокот дека Пајоните, уште пред походот на Дариј и Магабаз, го нападнале градот Перинт и му нанеле голем пораз. Врз основа на овој податок, некои научници сметаат дека Пајоните во тоа време го дежеле тракиското крајбрежје и дека тогаш можеле да водат борби со Перинт. Хамонд оди уште подалеку и заклучува дека по 550 г. п.н.е. Пајоните се јавуваат како најмоќен народ во овој регион. Колку и да биле потиснати кон внатрешноста, тие извршиле поход кон брегот и ги окупирале Амфакситида и крајбрежниот појас кај Пела и Ихне.Во овој период кога Пајонија се наоѓала на врвот на својата моќ, таа го има проширено своето владеење западно од Аксиос, во Пелагонија и Линк. Овој заклучок се подкрепува со веќе прифатеното мислење за монетоковањето кај Дероните, Лаијаите, Сиријопајоните и Ихњарите, во периодот 540 - 511 г. п. н. е.

Пред да го преземе походот против Македонија во 429 година п.н.е. одрискиот цар Ситалк успеал да покори некои Пајонски племиња (веројатно околу изворите на Струма) и тогаш неговото царство се простирало до Граите и Лаијаите и до реката Стримон, од каде почнувала земјата на независните Пајони. Овој податок укажува дека Пајоните пред тоа живееле и источно од Струма. Подоцна Пајоните кои биле под власт на Ситалк, учествувале во походот на Тракијците против Македонија. По смртта на Ситалк Пајоните повторно ја стекнале својата независност.


Пајонија во времето на Филип II и подоцна:

Хаотичната состојба што настанала во Македонија по смртта на Пердика III (359) Пајоните ја искористиле и упаднале во Македонија. Макар што скудноста на податоците во изворите не дозволува да се определи карактерот на овој настан, ние можеме да претпоставиме во случајов дека не се работи само за грабежнички поход, туку дека тој имал подлабоки корени. Како што истакнавме погоре, Пајонија била значително стеснета кон север, макар што овој настан е временски значително оддалечен од времето кога Пајонија се простирала далеку на југ, изгледа дека Пајоните никогаш не се откажале од претензиите за територијата што порано ја поседувале, па состојбата настаната по Пердика III веројатно сакале да ја искористат и да вратат дел од својата земја. Во времето на овој настан како цар на Пајоните се споменува Агис, при чиешто владеење е извршено обединувањето на пајонските племиња.

Откако ја зацврстил својата власт, Филип II сакал да ја осигура северната граница на Македонија. По смртта на Агис (358) Филип навлегол во Пајонија и ја приморал на послушност. Не многу време по овој настан, на пајонскиот престол го среќаване кралот Ликпеј (359-340), кој издавал монети со свое име, што зборува дека Пајонија во негово време била независна.

Јакнењето на Филиповата моќ и опасноста што им се заканувала од Македонија ги натерале соседните народи да склучат сојуз за борба против Филип II Во овој сојуз била вклучена и Атина, се споменува договор склучен во 356 година п.н.е. меѓу Атина, од една страна, и тракискиот Катрипор, пајонскиот Ликпеј и илирскиот Граб, од друга. Според договорот, Атињаните се обврзале да водат борба против Филип II во согласност со Кетрипор и да не превземаат никакви чекори без негово знаење. Но Филип успеал да ги победи сојузниците одделно, уште пред тие да ги соединат силите за заедничка борба. Според Демостен, по вториот поход против тракискиот цар Карсоблепт, во 352 године п.н.е. Филип повторно војувал против Пајоните.

По Ликпеј на Пајонскиот престол го среќаваме Патрај (340-315). Како што се забележува тој е современик на Филип II и на Александар III. За односите на Пајонија со Македонија немаме многу податоци. Знаеме само дека Александар, на враќање од Дунав по походот против Трибалите во 335 година п.н.е. поминал преку земјата на Агријаните и Пајоните. Тука царот на Агријаните Лангар, кој бил во добри односи со Александар, уште додека Филип бил жив, му ја понудил својата помош во борба против Аутариатите, за што Александар богато го наградил и му ја ветил сестра си Кина за жена. Но набрго потоа Лангар починал.

Патрај ковал сребрени драхми и тетрадрахми. Представата на коњаник врз соборен непријател на реверсот, секако ја симболизира пајонската моќ за соседните држави. Меркер смета дека оваа сцена ја прикажува епизодата од борбата меѓу Аристон и Сатрапатес кај Гаугамела, кога персиски водач паѓа под ударите на пајонски предводач.

Подоцна кога Александар го презел походот кон Азија, во неговата војска учествувала пајонска лесна коњаница, предводена од Аристон за кого се претпоставува дека ѝ припаѓал на пајонската кралска куќа. Хамонд истакнува дека пајонската лесна коњаница, макар што била мошне малубројна (300), играла значајна улога во Александровата армија, особено во борбите кај Гаугамела, таа била единствена воена единица предводена од свој сопствен предводач - Аристон. Овие податоци укажуваат дека Пајонија во времето на Александар III се наоѓала во мошне добри односи со Македонија. Набрго по смртта на Александар, според мислењето на Меркер, Пајонија се ослободила од македонскиот суверенитет и стекнала полна независност.

По смртта на Патрај, во времето кога се водат борбите меѓу Диадосите, на пајонскиот престол се наоѓа Аудолеон (315 - 286). Во првите години на своето владеење, Аудолеон се наоѓал во добри односи со Македонија. Кога во 310 година п.н.е. Пајонија требало да се бори против Аутаријатите, Касандар му притекнал на помош на Аудолеон, со тоа што дозволил 20.000 Аутерати да се населат кај планината Орбелос.

Подоцна кога на македонскиот престол се наоѓа Деметриј Полиоркет, чијашто политика за враќање на македонската моќ од времето на Александар III ги застрашувала соседните држави, Аудолеон го среќаваме во сојуз со Лизимах, Птолемеј, Селеук и Пир. Аудолеон одржувал добри односи со Атина. За помошта што тој им ја укажал на Атињаните дознаваме од едно решение на Атинското Народно Собрание од 289/8 година, со кое се искажува благодарност на Атињаните за тоа што Аудолеон сторил за Атина, која од своја страна го пофалува и му доделува Златен Венец. На Аудолеон и неговите наследници му било доделено и атинско граѓанско право и му била подигната на плоштад бронзена коњаничка статуа, со која тој се удостоил во 306 година, по углед на Диадосите.

По смртта на Аудолеон, неговиот син Аристон бил прогонет од земјата. Сакајќи да ја искористи оваа прилика да ја освои Пајонија Лизимах му помогнал на Аристон да се врати на пајонскиот престол. Но подоцна и тој го прогонил од земјата, па Аристон бил принуден да се засолни кај Дарданите, а Лизимах ја завладеал Пајонија.

Макар што во изворите нема сигурни потврди, се чини дека во времето на келтската наезда од 279 година п.н.е. и извесно време по неа, на пајонскиот престол се наоѓал кралот Леон. За овој владетел не знаеме многу. Посведочен е во изворите и натписите, како и на монетите кои сведочат за неговото име. Леон владеел во Пајонија, кога таа опустошена од четите на Брен и Акихориј се наоѓала во тешка положба. Во негово време во Пајонија не се ковани сребрени монети.

За кралот Дропион , син на Леон, известени сме нешто повеќе. Од Паузаниј дознаваме дека Дропион му посветил на Делфи бронзена глава од бизон. На еден натпис од Олимпија врежан на постамент од коњаничка статуа, Дропион е посведочен како син на Леон, крал на Пајоните и основач. Натписот од Делфи соопштува дека Дропион, крал на Пајоните му посвети статуа на Аудолеон спрема советот на Питинскиот Аполон. Врз база на овој натпис, се заклучува дека Дропион бил современик на Деметриј II и на Антигон Дозон. Натамошните настани не дозволуваат да се претпостави дека продолжила пајонската кралска династија.


Резиме:

Ако се обидеме да ги резимираме податоците за долгата, но за жал оскудна историја на Пајоните, повремено засегната од античките писатели, би можеле да го извлечеме следниов заклучок:

  • Во најраниот период на својата историја Пајоните имале племенско уредување на чело со племенски водачи. Уште пред почетокот на класичната епоха, може да се предпостави дека извесни племиња биле организирани во поединечни кнежевства. Како Пајонски Племиња се споменуваат: Сириопајони, Пеопли, Агријани, Лаијаи, како и независните Пајони, а од монетите знаеме и за племето Дерони. Од видокругот на натамошните настани најнапред исчезнувааат Лаијаите, кои влегуваат во составот на автономните Пајони. Нешто подоцна за време на Ликпеј, за последен пат го среќаване племето Дерони. Затоа пак, Агријаните ја задржале својата самостојност, напоредно со Пајонија до подоцнежното хеленистичко време.
  • Прв Пајонски владетел што се споменува е Агис, за кого знаеме дека починал во 359 година п.н.е. и за кого, според некои истражувачи, се врзува обединувањето на Пајоните во една политичка организација на чело со Крал. Но, според нашето мислење, тоа не значи дека некои племиња и пред Агис не биле обединети. Кога на Пајонскиот престол се наоѓал Ликпеј во 356 година п.н.е. Пајонија ја среќаваме во сојуз со Атина, а тоа би требало да значи дека Пајонија веќе имала традиција на организирана држава, на чело со владетел, кој уживал доверба и со кого Атина можела да влегува во сојуз.
  • Покрај тоа, можеме да претпоставиме дека обединувањето на Пајоните не се одиграло во еден момент, туку представувало постапен процес. Од друга страна во време на Александар III ги среќаваме Агријаните како самостојно Пајонско племе, со свој Крал Лангар. Исто така Бастареос и Никархос, посведочени на монетите, би можеле да бидат владетели на некои од Пајонските племиња присоединето кон Пајонија во времето на Патраос или значително пред него.
  • Најсјајнот период на Пајонската Историја е времето од Ликпеис до Дропион, последниот познат пајонски крал. Во ова време Пајонија, како организирана држава на чело со крал, играла значајна улога на јужниот дел од Балканот и уживала голем меѓународен углед. Филип II бил принуден во повеќе наврати да војува против неа. Кон крајот на неговото владеење, како и за времето на Александар III притисната од големата македонска моќ, Пајонија се јавува како сојузник на Македонија. Но затоа пак по смртта на Александар, таа се ослободила од македонската зависност.
  • Имајќи ја Македонија како најопасен непријател, која ја загрозувала нејзината независност, Пајонија одржувала добри односи со Атина.
  • По смртта на Аудолеон, Пајонија станува поприште на борби што произлегуваат од аспирациите на соседните земји и народи за освојување на нејзината територија. Меѓу првите, Лизимах се обидел да ја завладее Пајонија. Но по големата Келтска наезда, која представува преломен период за земјите во средниот Балкан, па и за Пајонија, извесен период што се совпаѓа со владеењето на Леон и на Дропион, Пајонија се наоѓа како слободна сојузна држава.
  • Наоѓајќи се меѓу две непријателски сили, Македонците на југ и Дарданите на север, и немајќи сили да се спротивстави на нивните претензии за анексија и владеење на нејзината територија, Пајонија се наоѓа де во границите на Македонија, де во Дарданија, за да ја сподели конечно судбината со своите аспиранти и заедно со нив, да подпадне под доминацијата на далеку посилниот непријател - Римјаните.