Константин Презвитер

Константин Презвитер се сретнува ѝ како Епископ Константин, Константин Брегалнички и Константин Преславски (бугарски: Константин Преславски) — средновековен писател, Кирилометодиев ученик, словенски епископ, проповедник, писател во ранг на Презвитер, преведувач, хроничар и поет – химнограф.[1][2]
Животопис
[уреди | уреди извор]Отсуството на светителски култ одразен во книжевната традиција придонело да се познати малку податоци за овој талентиран книжевен творец. Основните сознанија се стекнуваат од повеќето идентификувани негови книжевни творби, но и посредно од малобројните записи во изворите за неговите современици – светите Учители и соучениците. Се смета дека по повлекувањето од Моравија во 855 година бил продаден како роб во Венеција и однесен во Константинопол, или пак, дека останал во византиската престолнина уште во 882 година придружувајќи го св. Методиј.[2]
Оттаму дошол во бугарската престолнина Плиска кај својот соученик св. Наум Охридски, а по Преславскиот собор во 893 година се повлекол во Охридскиот духовен и книжевен центар – кога и станал епископ на Светиклиментовата обновена Брегалничка епископија. Во зависност од мислењата каде што тој престојувал како епископ и каде што се занимавал со книжевна дејност, од истражувачите се именува како Преславски, или како Брегалнички.[2]
Од засега непознати побуди веројатно учествувал во устројството на втората словенска азбука – кирилицата, изведена врз основа на византискогрчкото унцијално (уставно или свечено) писмо. При подготовките за Преславскиот собор во 893 година бугарскиот кнез Симеон побарал од него да ги преведе на словенски јазик Четирите слова против аријаните на византискиот писател Атанасиј Александриски. Преводот го извршил на кодифицираниот старословенски јазик и со сѐ уште единственото словенско глаголичко писмо. По соборот во 893 година и тој го напуштил Преславскиот центар придружувајќи им се на своите соученици, станувајќи епископ на Брегалничката словенска епископија обновена од св. Климент Охридски.[2]
Творештво
[уреди | уреди извор]Значајното творештво го реализирал во Охридско-брегалничкиот книжевен центар. Уште во 894 година, по барање на св. Наум таму го составил зборникот со оригинални и компилативно-преводни творби Поучително евангелие, каде што се поместиле: Азбучна молитва, Пролог, 51 беседа за евангелијата (компилативни проповеди од Јоан Златоуст и од Кирил Александриски, а 42-та беседа е негов оригинален состав), Црковно сказание (преработка од дело на патријархот Герман) и Историкии или Хронолошка таблица од создавањето на светот до 894 година.[2]
Спор околу местото каде е пишуван Зборникот
[уреди | уреди извор]Постојат најмалку 4 аргументи дека тој не го пишувал делото во Преслав и дека веќе во 894 година не престојувал таму.[2]
- Доколку бил во Преслав, мала била веројатноста св. Наум да му се обрати од Охрид за да го состави Поучителното евангелие;
- Во Азбучната молитва редоследот на буквите од азбуката во акростихот е подреден според глаголицата, што сведочи дека авторот го вршел пишувањето со глаголичко писмо и во Охридскиот книжевен центар (а не со кирилица во Преславскиот);
- Само во Охридскиот книжевен центар можел директно со св. Климент да има заедничка творечка координација, создавајќи го словенскиот циклус од химнографски песнопеења за празниците посветени на Раѓањето Христово и на Богојавлението – како и циклусот со словенски канони од составот на триодот и на празничниот минеј;
- Во својство на епископ на обновената Брегалничка словенска епископија ја напишал Службата за св. Методиј, реафирмирајќи го култот на својот учител - каде што од 845 до 855 година бил управител на Стримонската словенска архонтија во брегалничко-струмичкиот крај од Македонија.[2]
Како Кирилометодиев ученик уште во младата возраст бил вклучен во препишувачката и во преведувачката книжевна дејност, а откако од Плиска се повлекол во Македонија создал оригинални и преводно-компилативни книжевни творби разновидни по жанр.[2]
Најголемиот творечки потфат го имал во химнографијата, каде што и авторството му се засведочува во фразови акростихови. Покрај Службата за св. Методиј, во минејниот состав се идентификува и неговото авторство на Канонот за св. Архангел Михаил. Непосредниот повод за пишувањето на делото би можел да е богослужбата во манастирот „Св. Архангел Михаил“ покрај Охридското Езеро за време на упокојувањето на св. Наум, неговиот близок соученик и духовен брат. Погрешна е претпоставката дека канонот настанал за да се богослужбува во истоимениот манастир во кој се повлекол бугарскиот кнез Борис – Михаил по напуштањето на престолот. Како негово химнографско творештво се открија над 70 седални тропари и стихири во структурата на посниот триод, 4 циклуси азбучни стихири за пред и по празнувањето на Раѓањето Христово и Богојавлението (во коавторство со св. Климент Охридски), 2 циклуси од стихири за упокојување и блажени тропари во составот на требникот, како и други анонимни химнографски творби – чиешто авторство му се припишува нему. Но погрешно му се припишува и авторството на декламаторската поетска творба Проглас кон евангелието, што ја напишал св. Константин-Кирил.[2]
Ниту едно од оригиналните дела на Константин Преславски не го преживеало палењето на Преслав од страна на византискиот император Јован I Цимискиј во 972 и периодот на османлиско владеење (1396 – 1878). Зачуваните дела се преписи, од кои најстарите потекнуваат од 12ти и 13ти век.
Оригинални творби:
[уреди | уреди извор]- Служба за св. Методиј;
- Канон за св. Архангел Михаил;
- 70 седални тропари и стихири (за пред и по празнувањето на Раѓањето Христово и Богојавлението);
- Азбучни стихири за пред и по празнувањето на Раѓањето Христово и Богојавлението (4 циклуси, во коавторство со св. Климент Охридски);
- Циклус Стихири за упокојување и блажени тропари (2 циклуси);
- Поучително евангелие: Азбучна молитва, Пролог, 51 беседа за евангелијата (компилативни проповеди од Јоан Златоуст и од Кирил Александриски; 42-та беседа е негов оригинален состав);
- Црковно сказание (преработка од дело на патријархот Герман),
- Историки или Хронолошка таблица.
Преводни творби:
[уреди | уреди извор]- Четири слова против аријаните на рановизантискиот писател Атанасиј Александриски.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]Литература
[уреди | уреди извор]- Антиќ, Вера. 1976. Од средновековната книжевност. Скопје: Македонска книга, стр. 5-71;
- Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност. т. 1.Средновековна книжевност (IX-XIV век). Скопје: Гирланда, стр. 185-200;
- Велев, Илија. 2009. Исконі бѣ Слово. Во почетокот беше Словото. Скопје: ИМЛ, стр. 77-84;
- Македонска книжевност IX-XVIII век. Избор, редакција, предговор, книжевно-историски коментари и белешки Илија Велев. Битола: Микена, стр. 148-169;
- Поп-Атанасов, Ѓорги. 1989. Речник на старата македонска литература. Скопје: Македонска книга, стр. 150-152;
- Поп-Атанасов, Ѓорги. 2001. Од македонското книжевно минато. Скопје: Менора, стр. 175-182;
- Поп-Атанасов, Ѓорги. 2007. Средновековна македонска химнографија (IX-XIII век). Скопје: Менора;
- Стојчевска-Антиќ, Вера. 1997. Историја на македонската книжевност. Средновековна книжевност. Скопје: Детска радост, стр. 179-198.