Константин Михаиловиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија

Константин Михаиловиќ бил српски писател и јаничар.[1] Познат е како писател на делото „Јаничарови спомени" (15 век) во кое ги запознава европските владетели со османските тактики на освојување.[2]

Биографија[уреди | уреди извор]

Практично единствен извор за животот на „Константин, син на Михаило Константиновиќ“ е неговото дело, кое во добар дел е и автобиографско.

Роден е во 1435 година во Островица, мал град во близина на напредниот рударски град Ново Брдо. Имал двајца браќа, веројатно помлади од него. Родителите не ги спомнува па се претпоставува дека рано останал без нив, можно поради покол кој уследил после падот на градот под турска власт во 1444 година. Можне е да потекнува од фамилија на рудар[1] и самиот да добил некои познавања во оваа работа а скоро е сигурно дека не потекнувал од благороден род и дека немал никакво образование.

Прв податок кој го дава за себе е дека во 1453 бил во одредот на Јакша Брежичиќ, родоначалник на фамилијата Јакшиќи, одред кој деспотот Ѓураѓ бил обврзан да го испраќа на својот сизерен, турскиот султан на помош. Иако султанот Мехмед најавил поход на Караманија во Мала Азија наскоро се дознало дека тој оди на Цариград. Српскиот одред учествувал, иако против своја воља, во опсадата и заземањето на Цариград. После ова Михаиловиќ се вратил во Србија, во Ново Брдо.

Веќе следната година дошло ред на Србија да ги искуси намерите на Мехмед Освојувачот. Србија била нападната а во 1455 после долга опсада Ново Брдо било предадено, вториот по значење град во државата. Султанот наредил најугледните луѓе да се погубат, жените ги разделил на своите војници а младите, меѓу кои и Константин, ги повел на долг пат во внатрешноста на Царството да ги претвори во јаничари. Во тек на патувањето Константин се обидел да избега но бил поштеден со гаранција од браќата дека веќе нема да се обиде на нешто слично. Бил доведен во престолнината Едрене и бил на некоја за нас непозната должност од каде имал увид за случувањата на дворот. Го прател султанот веќе од наредната година во походите, но веројатно е дека уште не бил јаничар, туку бил во комората или во некои други помошни трупи.

Во 1456 година учествувал во султановата војска во опсадата на Белград, каде што го гледал големиот турски пораз. Можно е благодарение на своите познавања од рударството, Михаиловиќ да бил на задачи за рушење и минирање на градските ѕидини. Од 1458 до 1460 учествува во турската воска во покорувањето на Пелопонез. Во 1459 учествивал во походот на Трапезунт, кој во својата книга го прикажува како исклучително тежок. Учествувал и во походот против Узун-Хасан, во кој стигнал до Еуфрат.

Сега веќе јаничар со искуство, Михаиловиќ учествувал во походот против влашкиот војвода Влад Цепеш во кој се истакнал при преминувањето на Дунав и одбрана на мостовите за што добил лична слобода (можел својот имот после смртта да го остави на кого сака, кој инаку припаѓал на султанот). Следувале походите на Митилена и на Албанија каде што биле покорени сите кнезови освен Скендербег. Изгледа дека Михаиловиќ не присуствувал на овие настани на бојното поле.

Во една посета на својот брат кој станал чувар на зградата на царската ризница случајно начул дека во тајност се спрема поход на Босна, кој требало да го затекне кралот Стефан Томашевиќ неспремен. Михаиловиќ отишол кај босанските пратеници кои тогаш престојувале на дворот и пробал да ги предупреди.

Во 1463, султанот тргнал кон Босна, и брзо ги освоил Бобовац, Јајце и Кључ, во кој се засолнил и самиот крал босански, каде што и бил погубен. После освојувањето, на Михаиловиќ му била доверена единица од 40 јаничари со кои требало да го чува градот Звечај на реката Врбас. Но, веднаш по повлекувањето на турската војска во Босна продрел унгарскиот крал Матија Корвин кој успеал да го поврати целиот северозападен дел на Босна заедно со Јајце. Михаиловиќ и неговата посада се држеле добро додека не пристигнало засилување по падот на Јајце, а потоа морале да се предадат. Иако бил спроведен во заробеништво и воден низ градови како заробеник, Михаиловиќ сепак тврди дека му било мило што се „вратил од темница меѓу христијаните“. Сепак, поради понижувањата на кои бил подложен ќе остане вечно лут на Унгарците.

Се претпоставува дека од заробеништво се спасил со помош на Дмитра Јакшиќ и дека потоа некако ја напуштил Унгарија и заминал за Полска. Со одредена сигурност може да се тврди дека во Полска бил од 1468/1469 година. Полска ќе му стане негова нова татковина и таму ќе го помине остатокот од животот. Еден дополнителен податок за неговиот живот, а кој не е сигурен, е дека можеби бил во мисија која го наговарала францускиот крал Шарл VIII да започне поход на Турција. Не е познато кога починал.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Милисавац, Живан, уред. (1984). Југословенски књижевни лексикон (2.. изд.). Нови Сад: Матица српска. стр. 369.
  2. Јаничарове Успомене или Турска хроника, Константина Михаиловића;pp. 11

Надворешни врски[уреди | уреди извор]