Прејди на содржината

Кондратиеви бранови

Од Википедија — слободната енциклопедија

Теоријата за долгите циклуси во економијата претставува позната, но контроверзна теорија според која постојат многу долги бизнис циклуси во економијата, со просечно времетраење од 48 до 55 години. Автор на оваа теорија е рускиот економист Николај Димитриевич Кондратиев (1829-1938).

Општ пристап за бизнис циклусите во економијата

[уреди | уреди извор]

Бизнис циклус е важна алатка за сите претприемачи кога се прават прогнози и стратешки планови. Иако бизнис циклусот се состои од две главни фази на ширење и на паѓање, овој циклус може да биде поделен во шест помали фази. Од економски аспект, еден бизнис циклус одговара на бизнисот на сите индустрии така што економистите може да прават анализи и да донесуваат заклучоци за сегашната и за идната општа состојба во економијата. Но, бизнис циклусите исто така може да бидат поделени и на конкретни индустрии, така што сопствениците на бизниси може да извлечат информација која е директно на поврзана со нивната компанија.

Според времето на траење, Јозеф Шумпетер истакнал дека постојат три типа на бизнис циклуси, наречени според имињата на нивните творци, односно авторите кои ги откриле:[1]

  • Кичинов циклус (Kitchin cycle), со траење од 3 години, главно детерминиран од инвентивни промени,
  • Југларов циклус (Juglar cycle), со траење од 8 до 11 години, детерминиран од примена на помали иновации,
  • Кондратиев циклус (Kondratieff cycle), со траење од 40 до 60 години, условен од воведување на радикални иновации, како што е пронаоѓање на електричната енергија, авионите и слично.

Кондратиевите долги циклуси во економијата

[уреди | уреди извор]

Во периодот во кој творел на оваа тема (1922-1928), рускиот економист Кондратиев, професор на Институтот за економски истражувања во Москва, во повеќе свои дела и статии ја формулирал неговата теорија за постоењето на долги економски циклуси (бранови) во економијата. Тој тврди дека промените во економската активност во економски развиените и капиталистички земји, односно експанзиите и рецесиите, се одвиваат во многу долги циклуси. Еден комплетен циклус се протега од 48 до 55 години.

“Современата економска теорија познаваше само циклуси со траење од 7 до 11 години. Но, во реалноста, покрај тие циклуси, изгледа дека исто така постојат и други циклуси на економската динамика, со траење од 48 до 55 години. Ние ги викаме големи економски циклуси” (Kondratieff)

Во рамките на еден комплетен долг циклус во траење од 48 до 55 години, 25 до 27 години се периоди на експанзија, добри времиња за економијата, 25 до 27 години се периоди на рецесија, опаѓање на економската активност. Притоа експанзиите се резултат на интензивна инвестициона активност неопходна за аплицирање на револуционерните технички откритија во економијата кои нужно водат кон силен пораст на производството. Периодите на ескпанзија (Кондратиев) исто така коинцидираат и со интензивирање на меѓународна трговија, вклучување нови земји во трговската размена на добра и услуги, промени односно пораст на понудата на пари, како и значајни општествени промени и потреси.

“Пред почетокот и на почетокот на нагорниот бран на секој голем циклус се забележуваат длабоки промени во условите на економскиот живот на општеството. Тие се манифестираат со значајни промени во техниката, на што им претходат големи откритија или технички иновации, влегување на нови земји во светските економски односи, промени на производството на злато и во монетарната циркулација. Периодот на нагорниот бран на секој голем циклус кореспондира со голем број општествени потреси” (Кондратиев)[2]

Кондратиев со цел да ја засили аргументацијата на својата хипотеза, долгите економски бизнис-циклуси ги поврзува и со големите, комплетни замени на фиксниот капитал во економијата. Станува збор за идеја земена од Маркс. Периодичноста на големите кризи (во негово време од 8 до 10 години), Маркс ја објаснувал со замената на фиксниот капитал чиј просечен век на траење е 10 години. Истата идеја Кондратиев ја модифицирал, укажувајќи дека различни базични капитални добра имаат и различна трајност со што ангажираат и различна маса на инвестиции. Нивната дотраеност и замена ја сочинува материјалната основа на долгите циклуси. Станува збор во прв ред за капитални добра од типот на големи постројки, фабрики, насади, железнички пруги, канали, големи мелиорациони проекти, па дури и вложувања во човечки капитал. Периодите кога се заменуваат, се произведуваат и зголемуваат ваквите базични капитални добра, се периоди кои бараат големи инвестиции и одговараат на нагорниот бран на долгите економски циклуси. Замените и порастот на ваквите капитални добра, според Кондратиев не се континуиран процес. Напротив процесот го карактеризира дисконтинуитет. Затоа инвестициите во еден момент папсуваат, се намалуваат и експанзиите се заменуваат со долги периоди на рецесии, односно опаѓање на економската активност, т.е. на производството и инвестициите.

“Периодите на опаѓачки бран на секој голем циклус се придружени со јасно пролонгирани депресии во земјоделството” (Кондратиев)

Според тоа рецесиите опстојуваат долго, се' додека не се појават нови револуционерни научно-технолошки откритија, кои ќе станат основа за нова комплетна замена на фиксниот капитал и за нов бран инвестиции. Кондратиев мислел дека егзистенцијата на долгите циклуси не го исклучува постоењето на среднорочните бизнис циклуси (од 8 до 11 години). Тие едноставно се одвиваат, течат, во рамките на долгите циклуси само што:

“Во периодот на нагорниот бран на големиот циклус, средните капиталистички циклуси се одликуваат со краткотрајност на депресиите и со интензивност на периодите на раст. Во периодите на опаѓачкиот бран, се забележува обратното” (Кондратиев)[3]

Кондратиев го утврдил постоењето на долгите циклуси во економијата врз основа на истражување на статистичките факти во тогашните високоразвиени капиталистички земји – Германија, Франција, Англија и САД, во еден вонредно долг период, од околу 140 г. Статистичките истражувања се однесуваат на четири групи податоци:

  • Средното ниво на цените на стоките искажани во злато,
  • Каматите на капиталот,
  • Номиналните плати,
  • Меѓународната размена.

Врз основа на анализата, Кондратиев ги констатирал следниве долги циклуси:

Според ваквата логика на Кондратиев, излегува дека рецесијата завршува во 1945 година, по што почнува нова експанзија, која трае до почетокот на 1970-тите години. Потоа следи нов опаѓачки бран на економската активност до почетокот на 2000-тите години, па 25 години нов бран на експанзија итн.

A rough schematic drawing showing the "World Economy" over time according to the Kondratiev theory

На графиконот се прикажани идеалните Кондратиеви циклуси. Самиот Кондратиев, егзистенцијата на долги циклуси во економијата ја третирал како многу веројатна, а не како сосема извесна. Шумпетер, пак, на Кондратиевите долги циклуси им придавал големо значење и опширно ги третирал во неговиот труд „Бизнис циклуси“. Пол Семјуелсон, за оваа проблематика со голема претпазливост констатира:

“Кузнециевите циклуси не треба да се мешаат со наводните многу долги бранови, чиј полн циклус изнесува околу половина век. Така од крајот на Наполеоновите војни од 1815 година, па до средината на деветнаесеттиот век, цените имаа тенденција на опаѓање, а состојбите во просек беа необично тешки. Откако е пронајдено златото во Калифорнија и Австралија околу 1850 година, а делумно и на Граѓанската и Кримската војна, цените покажуваа тенденција на пораст. Нов долг циклус на опаѓачки цени следеше со депресијата од 1873 година и траеше де до дваесеттите години, кога силно порасна производството на злато, по неговото откривање во Африка и во Алјаска (овие периоди се идентични со Кондратиевите циклуси). Уште е многу рано за да може да се каже дали овие долги бранови се само историски случајности предизвикани од случајните откритија на златото и од политичките војни”[4]

Кондратиевите долги циклуси се однесуваат на водечките капиталистички земји во тој период (Англија, САД, Франција и Германија) и врз таа основа, законитоста е синтетизирана за светската економија во целина. Ако се суди според движењето на цените на големо, се чини дека Кондратиевиот закон се потврдува во САД за периодот од 1780 до 1990 година. Но, кога е САД во прашање коинциденцијата престанува во периодот од 1990 до 2000 година, којшто според логиката на Кондратиевите долги циклуси е период на опаѓање, а за САД, сепак е деценија на успешен раст, со просечна стапка на пораст на БДП од 3,3%.

Во општествените науки и во економијата, законитостите делуваат само како тенденција, при што исклучоците го потврдуваат правилото. Истата деценија (1990-2000) на економски план беше доста неповолна и за други високоразвиени земји: просечната стапка на пораст на БДП во тој период во Јапонија изнесуваше 1,3%, Германија 1,7%, Франција 1,8%, Англија 2,2%. Ова само потврдува дека стапките на економски раст, токму во периодот на за кој Кондратиев тврдеше дека е надолен бран, се повеќе од преполовени во однос на периодот до првиот нафтен шок, кој е нагорен бран во рамките на Кондратиевите циклуси. Доколку во анализата се земе нешто подолг временски период, ваквата констатација, навистина во нешто поблага форма, дури е точна и за САД, каде што во 1950-1973година, каде просечната стапка на пораст изнесувала 4%, наспроти 2,6% во 1974-1998 година. Иако објаснувањата за овој феномен, за преполовувањето на стапките на светскиот економски раст во периодот од 1973-2000 година, во однос на периодот 1945-1973 година се “различни, комплементарни и контроверзни”, феноменот сепак кореспондира и со опаѓачкиот период на Кондратиевиот циклус.

Годиниве што следат во рамките на новиот милениум ќе покажат дали силните технолошки пробиви во ерата на интернетот на светот ќе му донесат нов нагорен циклус во идните 25 години, кој доколку се случи, ќе може да се интегрира со логиката на Кондратиевите долги циклуси, и евентуално да ја засили аргументацијата за валидноста на оваа хипотеза на долг рок.[5]

Други претставници на теоријата за долгите циклуси во економијата

[уреди | уреди извор]

Хансен, во својот труд “Фискалната политика и бизнис циклусите” спомнува дека покрај Кондратиев, хипотезата за егзистенција на долги циклуси во економијата ја испитувале и други автори: Спитоф, Мичел, Торп, Шумпетер, Војтински, Кириаки Вантроп итн. Теоретичарите на долгите бранови, притоа посочуваат три позначајни детерминанти на долгите бранови:

  1. Технолошкиот развој, иновациите, новите ресурси (Спитоф, Виксел, Кондратиев и Шумпетер),
  2. Војни - најдобро ги објаснува Вантроп, а ги спомнуваат и Кондратиев и Виксел,
  3. Златото и промените на цените (Касел, Ворен и Пирсон, Војтински).

Посебно интересни елаборации за причините за појавата на долги бранови изнесува Кириаки Винтроп, кој тврди дека тие редовно се поврзани со војните, односно со големите владини трошоци кога земјата се подготвува за војна, како и со големите трошоци за време на самата војна, а лошите времиња со проблемите кои произлегуваат од скратувањето на трошоците по завршувањето на војната.[6]

Критика на Кондратиевата хипотеза за долгите циклуси

[уреди | уреди извор]

Кондратиевата хипотеза за долгите економски циклуси предизвика значаен интерес кај дел од емиинентните западни економисти - Шумпетер, Кузнец, Хансен и други. Наспроти ваквиот факт, таа беше пречекана “на нож” од страна на советските економисти. Жестокоста на критиката отиде дотаму што младиот Кондратиев во сопствената земја беше обвинет за апологетизам, потоа сменет од позицијата во Академијата и во Институтот, а на крајот во 1930 година беше депортиран во Сибир, каде што му се губи секаква трага. Практично, критиката на советските економисти најпрво доби идеолошка конотација. Грешката на младиот научник Кондратиев беше што неговата теорија упатуваше на еволутивен развој на капитализмот, низ замена на долгите периоди на експанзија со резеции, наспроти очекувањето на советските водачи дека по 1914-1920 ќе доведе до дефинитивна дезинтеграција и пропаѓање на капиталистичкиот начин на производство.

Надвор од идеолошка конотација, критиката на советските економисти во еден дел беше насочена кон упатување на економски факти со кои се настојуваше да се оспори нејзината валидност. Синтетички гледано, проблематизирањето на Кондратиевата хипотеза беше насочено на три пункта.

  1. Советските економисти тврдеа дека егзистенцијата на долгите економски циклуси може да се опсервира и да најде некаква потврда само врз основа на движењето на цените на добрата и услугите и долгорочните каматни стапки, но дека тие, едноставно исчезнуваат, не постојат, ако се анализираат промените на платите и промените на вредноста на надворешно трговската размена.
  2. Дел од критичарите на Кондратиев, посебно Герштен и Губерман потпирајќи се на ортодоксната Марксова теза за односите меѓу продуктивноста на трудот и цените на стоките, тврдат дека силното опаѓање на цените на големо елаборирано во рамките на првиот циклус на Кондратиев (1815-1840) е само период на индустриската револуција кој предизвика силен пораст на продуктивноста на трудот во Англија и во САД, а со тоа и силно опаѓање на цените на производите, а не доказ за егзистенција на надолен економски циклус. Слично е и со опаѓачкиот период во рамките на вториот циклус на Кондратиев (1870-1896), кој е период на силна индустријализација на САД и Германија.
  3. Големите, комплетните замени на фиксниот капитал не се и не можат да бидат дисконтинуитетен процес. Фактот што одделните елементи на фиксниот капитал имаат различен век на траење, од 5 години (алатите), до 100 години (зградите), повеќе упатува на егзистенција на континуиран, иако не до крај правилен, регуларен процес, отколку на дисконтинуиран процес. Згора на тоа, прашањето за замена и реинвестирање во капитални добра не е чисто техничко прашање и не зависи само од степенот на физичката истрошеност на фиксниот капитал. Тоа е и значајно економско прашање условено од дејството на бројни други фактори:трошоците за одржување на фиксниот капитал, каматната стапка,технолошкиот прогрес и слично.

Аргументитe на советските економисти (надвор од идеолошката конотација на критиката) ги прифатија и голем број западни економисти кои веруваат дека нема јасна потврда и евиденција за постоењето на Кондратиевите долги циклуси во економијата.[7]

  1. Таки Фити, Феноменологија на економските кризи, Скопје, 2009, стр.150.
  2. Таки Фити, Феноменологија на економските кризи, Скопје, 2009, стр.151.
  3. Таки Фити, Феноменологија на економските кризи, Скопје, 2009, стр. 151-152.
  4. Таки Фити, Феноменологија на економските кризи, Скопје, 2009, стр. 152-154.
  5. Таки Фити, Феноменологија на економските кризи, Скопје, 2009,стр.154.
  6. Таки Фити, Феноменологија на економските кризи, Скопје, 2009, стр.155.
  7. Таки Фити, Феноменологија на економските кризи, Скопје, 2009, стр.155-156.