Прејди на содржината

Конгресен плоштад

Од Википедија — слободната енциклопедија
Конгресен плоштад
светско наследство на УНЕСКО
Поглед од Конгресниот плоштад кон Љубланскиот замок
МестоСловенија
Дел одДелата на Јоже Плечник во Љубљана
Критериумкултурно: (iv)
Навод1643
Запис2021 (XLV заседание)

Конгресен плоштад (словенечки: Kongresni trg) е еден од централните плоштади во Љубљана, главниот град на Словенија . Во доцните 1930-ти, плоштадот бил реновиран од страна на истакнатиот словенечки архитект Јоже Плечник . Од август 2021 година, плоштадот дел од наследството на Плечник на списокот на светско наследство на УНЕСКО . [1]

Историја

[уреди | уреди извор]

Плоштадот бил изграден во 1821 година на местото на урнатините на средновековниот манастир Капуцин, кој бил урнат за време на владеењето на хабсбуршкиот император Јосиф II . Плоштадот се користел за церемонијални цели за време на пост-Наполеонскиот конгрес во Љубљана од каде и го добил името. По конгресот, во центарот на плоштадот бил изграден парк, кој набрзо го добил името Парк Ѕвезда (словенечки: Park Zvezda ,германски: Sternallee) поради обликот на ѕвезда кој го формираат зелените површини. За време на комунистичкиот период бил преименуван во Плоштад на револуцијата (словенечки: Trg revolucije), а само неколку години подоцна Плоштадот на ослободувањето (словенечки: Trg osvoboditve), но локалното население продолжило да го користи старото име. Во 1990 година, повторно го добил своето првобитно име.

Плоштадот има многу симболична улога во современата словенечка историја. На 29 октомври 1918 година, за време на масовните демонстрации на плоштадот, била прогласена независност од австриско-унгарската власт и формирање на Држава на Словенците, Хрватите и Србите. Во мај 1945 година, југословенскиот комунистички водач Јосип Броз Тито првпат ја посетил Словенија по Втората светска војна и одржал говор на балконот на Универзитетот во Љубљана, кој има поглед кон плоштадот.[2][3]

На 22 јуни 1988 година, на плоштадот се одржале првите слободни масовни демонстрации со барање за ослободување на четворицата словенечки новинари затворени од југословенската армија . Демонстрациите го означиле почетокот на словенечката пролет која кулминирала со прогласувањето на независноста на Словенија на 25 јуни 1991 година. Независноста првпат била побарана со Мајската декларација, напишана од словенечката демократска опозиција и потпишана од бројни движења на граѓанското општество; Декларацијата првпат јавно ја прочитал поетот Тоне Павчек на демонстрациите на Конгресниот плоштад на 8 мај 1989 година. Во 1999 година Бил Клинтон станал првиот американски претседател што ја посетил Словенија. На 21 јуни тој јавно се обратил на толпата собрана на Конгресниот плоштад, цитирајќи ги воведните стихови од словенечката национална химна.[4][5]

Галерија

[уреди | уреди извор]

Градби и споменици

[уреди | уреди извор]

На плоштадот има неколку важни градби. Меѓу нив се ранобарокната Уршулинска црква на Света Троица, Казино зградата, една од ретките неокласични згради што останале во Љубљана по земјотресот во 1895 година, зградата на Словенечката филхармонија и ректоратот на Универзитетот во Љубљана. Седиште на плоштадот има и издавачката куќа „Словенечка матица“.

Во 1852 година, на плоштадот била поставена целосна статуа на австрискиот фелдмаршал Џозеф Радецки . На споменикот се прикажува Радецки во битката против италијанската војска како ги охрабрува своите војници. За само шест години подоцна таа била отстранета, по смртта на Радецки, бидејќи градските советници откриле дека гипсот не е соодветен за споменик. Во 1860 година, тие на церемонија подигнале статуа на биста создадена од австрискиот скулптор Антон Доминик Фернкорн . Била висока речиси два метри, изработена од бронза и таа била првата репрезентативна јавна статуа. Филдмаршалот бил многу реалистично прикажан во неговиот костум со украси и ловоров венец како симбол на победа и слава. Статуата требало да ја одрази лојалноста кон хабсбуршката круна и била место на сите свечени настани во Љубљана, но и место за средба на пијаните граѓани во ноќните часови. Статуата била отстранета од „патриоти“ во ноќта на 30 декември 1918 година, по распадот на Австро-Унгарија и крајот на Втората светска војна, а подоцна била поставена во Народниот музеј.[6]

Во рамките на реновирањето на Плечник пред Втората светска војна, во паркот биле засадени нови дрвја, од кои повеќето се таму и денес. Во 1940 година, на средината на плоштадот е поставена коњичка статуа на кралот Александар I од Југославија, создадена од архитектот Лојзе Долинар. Во 1941 година, статуата била отстранета од страна на фашистичките италијански окупаторски сили. Во 1954 година, по формалното припојување на зоната Б на слободната територија Трст кон Југославија, во паркот било поставено сидро за да ја симболизира победата над италијанскиот експанзионизам и обединувањето на словенечкото приморје со остатокот од Словенија.

На плоштадот стојат и неколку други споменици: споменикот на Јоже Плечник за жените кои протестираа против политичкото затворање на словенечките патриоти за време на италијанската окупација на провинцијата Љубљана, фонтана со вода за пиење дизајнирана од архитектот Борис Кобе и реплика на златниот римски споменик пронајден меѓу урнатините на Емона . Во паркот стои и Бидермaјер музички павилјон од 1830-тите години.

Во декември 2004 година, уметникот Матеј Андраж Вогринчич поставил „Волшебна шума“ на плоштадот составен од 1.000 елки во саксии. Дрвјата подоцна биле донирани на Словенечкиот шумарски институт, кој ги употребил за пошумување области во северозападниот дел на земјата.[7]

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. „Plečnik's works added to the UNESCO World Heritage List“. Government of Slovenia. August 2, 2021.
  2. Jezernik, Božidar (2004). „Moč spomina: premoč pozabe: 'zgodovina ljubljanskih nacionalnih spomenikov' [The Power of Memory, the Supremacy of Oblivion: 'The History of National Monuments in Ljubljana']. Zgodovina za vse [History for All] (словенечки и германски). XI (1): 6–8. ISSN 1318-2498. 'Cel svetje lahko sram...' ['All the World can be Ashamed']
  3. Jezernik, Božidar (July 2006). "Vedno zvesta Slovenija." Javni spomeniki ljubljanski in družbeni spomin“ (PDF). Во Novak-Popov, Irena (уред.). Mesto in meščani v slovenskem jeziku, literaturi in kulturi [City and its Citizens in Slovene, Literature and Culture (словенечки и англиски). Center for Slovene as the Second/Foreign Language, Department of Slovene Studies, Faculty of Arts, University of Ljubljana. ISBN 961-237-159-8. Архивирано од изворникот (PDF) на 2011-05-18.
  4. „Foto: Zgodbe, ki so se dogajale na Kongresnem trgu“.
  5. „Kongresni TRG, kjer se je pisala zgodovina Slovenije“.
  6. Jezernik, Božidar (2004). „Moč spomina: premoč pozabe: 'zgodovina ljubljanskih nacionalnih spomenikov' [The Power of Memory, the Supremacy of Oblivion: 'The History of National Monuments in Ljubljana']. Zgodovina za vse [History for All] (словенечки и германски). XI (1): 6–8. ISSN 1318-2498. 'Cel svetje lahko sram...' ['All the World can be Ashamed']
  7. „Vogrincic Turns Ljubljana Park into Enchanted Forrest“. UKom.gov. 2004-12-21. Архивирано од изворникот на 2008-02-29. Посетено на 2008-03-19.