Комерцијален запис

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Комерцијалниот запис (англиски: commercial paper; германски: Wechsel) спаѓа во групата на кусорочни хартии од вредност. Овие хартии ги издаваат банките, другите финансиски институции и претпријатија со цел да обезбедат средства за финансирање на тековното работење. Инаку, како главни инвеститори во комерцијални записи се јавуваат инвестициските фондови, осигурителните друштва, банките итн. Комерцијалните записи се издаваат со рокови на достасување до девет месеци, но најчесто од 5 до 45 дена.

Издавање и трговија со комерцијални записи[уреди | уреди извор]

Комерцијалните записи претставуваат дисконтни хартии од вредност, т.е. тие се продаваат по цена пониска од номиналната вредност, иако може да се издаваат и како каматоносни хартии од вредност. Вообичаено, комерцијалните записи гласат на доносител, т.е. не постои обврска за регистрирање на изданието, како што е случај со акциите. Тие претставуваат неосигурени хартии од вредност, затоа што не се опфатени со шемите за осигурување на депозитите, ниту пак нивното издавање е обезбедено со некој имот. Оттука, комерцијалните записи вообичаено ги издаваат фирми што се одликуваат со висок углед. Вообичаено, комерцијалните записи гласат на висока номинална вредност: на пример, во САД, минималната номинална вредност изнесува 100 000 долари, додека максималната вкупна вредност на комерцијалните записи, издадени од една фирма изнесува 12 милијарди долари. Во САД постои најголем пазар на комерцијални записи, а потоа следува пазарот во Јапонија, кој сепак е шест пати помал од американскиот, додека во Европа, комерцијалните записи се јавуваат во поново време. Помеѓу земјите во транзиција, комерцијалните записи за прв пат се појавија во Чешка, во ноември 1991 г.[1]

Комерцијалните записи се издаваат на два начина: преку директна продажба на инвеститорите или преку дилерите на хартии од вредност. На почетокот, комерцијалните записи претежно се издавале со посредство на дилерите, но денес доминира првиот начин. Големите фирми, кои уживаат голем углед кај инвеститорите, најчесто самостојно ги издаваат комерцијалните записи и така ги избегнуваат провизиите што би им ги платиле на посредниците. Притоа, со цел да ја зголемат привлечноста на комерцијалните записи, нивните издавачи применуваат различни мерки, како што се:[2]

  • обезбедување гаранција од некоја банка, којашто ја гарантира исплатата на долгот доколку издавачот не ги исполни своите обврски,
  • давање можност комерцијалните записи да се употребат за плаќање на производите што ги продава фирмата-издавач,
  • плаќање повисока камата во споредба со каматата на банкарските депозити итн.

Комерцијалните записи нудат повисоки стапки на принос во споредба со другите кусорочни хартии од вредност, меѓутоа за нив не постои развиен секундарен пазар, така што понекогаш може да се јават проблеми со нивната ликвидност. Освен тоа, кредитниот ризик кај нив е повисок во споредба со другите кусорочни хартии од вредност. Оттука, познатите специјализирани агенции редовно го објавуваат кредитниот ризик на комерцијалните записи. Така, агенцијата Мудис, кредитниот ризик на комерцијалните записи го оценува со симболите Р1, Р2 и Р3, додека агенцијата Стандард & Пуарс ги употребува симболите А1, А2 и А3.

Комерцијалните записи во Македонија[уреди | уреди извор]

Во Македонија, според Законот за хартии од вредност, само акционерските друштва и командитните друштва со акции може да издаваат комерцијални записи. Притоа, износот на секое поединечно издание на комерцијални записи не може да биде поголем од основната главница на издавачот, освен во случај кога изданието е гарантирано од некоја банка. Сепак, наспроти законските можности, до ден-денес не е забележан ниту еден случај на издавање комерцијални записи.[3]

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Економски факултет, Скопје, 2009, стр. 199-200.
  2. Сашо Арсов, Финансиски менаџмент, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Економски факултет, Скопје, 2008, стр. 324-326.
  3. Горан Петревски, Управување со банките, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Економски факултет, Скопје, 2008, стр. 271-272.