Комбатант

Комбатант (француски: combattant — „борец“) — лице што зема непосредно учество во борбените дејствија во составот на вооружените сили на една од страните во меѓународен вооружен судир и во тоа својство поседува посебен правен статус (определбата за комбатант е непосредно или посредно содржана во Третата женевска конвенција и Дополнителниот протокол I кон Женевските конвенции).
Определба
[уреди | уреди извор]Правната определба за комбатантите била формулирана во 1907 г. на Втората хашка конференција, во рамките на Конвенцијата за законите и обичаите на војната на копно (попозната како IV хашка конвенција). Дури тогаш, по долги расправи, биле утврдени критериумите со кои можело да се разликуваат комбатантите од останатите учесници во вооружените судири:
Воените закони, права и обврски не се применуваат само на армијата, туку и на територијалната одбрана и доброволечките одреди, доколку тие ги исполнуваат следниве услови:
- на чело имаат лице одговорно за своите потчинети;
- имаат одреден и јасно видлив од далечина распознатлив знак;
- отворено носат оружје;
- во своите дејствија се придржуваат до законите и обичаите на војната.
Територијалната одбрана или доброволечките одреди во оние земји каде што тие ја сочинуваат армијата или влегуваат во нејзиниот состав, се подразбираат под поимот армија.
—IV хашка конвенција, 1907
Бидејќи препознавањето на војниците на редовната армија не предизвикува сомнеж, овие критериуми главно биле создадени за да помогнат во разграничувањето на доброволечките одреди од граѓанското население.