Прејди на содржината

Кола Нича

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кола Нича
1886 ?

Кола Нича (најлево) заедно со неговата чета во 1907 во Бер, сликани од браќата Манаки
Роден во:Долно Шел, Отоманско Царство
Роден на:1886
Починал во:н/п
Починал на:н/п
Период на служба:1907 - 1913
Чин:Војвода
Битки/војни:Борба за Македонија

Кола Нича (влашки: Cola Nicea, грчки: Νικόλαος Νίτσια; Долно Шел, 1886 ?) — македонски револуционер и војвода со влашко потекло, деец на Македонската револуционерна организација. Активен за време на Борбата за Македонија. Војвода на првата влашка чета во МРО. После Првата светска војна Кола Нича се преселил во Романија.

Во последните години на неговиот живот тој ги напишал неговите мемоари, издадени под насловот „Спомени“ (Memorii), една од единствените прворачни дела за влашкото учество во конфликтите за Македонија и за нивната улога во македонското револуционерно движење. Неговите спомени даваат уникатна перспектива за тогашниот идентитет на Власите и нивното учество во МРО.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Кола Нича е роден во 1886 година[1] во влашкото село Долно Шел, денес познато како Като Вермио (влашки: Selia de Jos или Selia),[2][3] селото тогаш било дел од Отоманското Царство. Нича произлегува од влашко семејство кое се доселило во селото покрај 1830-тите. Имал активна улога за време на Борбата за Македонија.[1] За основно образование се школувал во неговото родно село, за неговото средно образование тој се преселил во Солун и се школувал во романското училиште за Власи.[3] Поради тоа, Нича бил еден од единствените влашки дејци во МРО со високо образование.[4]

Во 1907 година Кола Нича се приклучил во првата влашка чета на Македонската револуционерна организација, формирана една година порано. Влашката чета дејстувала во Егејска Македонија, против Грците и нивната пропаганда, четата особено била активна во Берско, Воденско и Пазарско. Првата војвода на четата бил влашкиот револуционер Ѓорѓи Мучитанов.[5] После Мучитанов, во август 1907 година го наследил Михаил Хандури, друг влашки револуционер.[6] Во мај 1908 година Кола Нича бил назначен за војвода на четата, во овој период влијанието на четата многу се ослабело. Четата порано била составена околу 30 борци, но кога Нича бил назначен за војвода останале само 5. Поради тоа нивните дејства против грчката пропаганда биле многу минимални. За време на Младотурската револуција чета била укината.[7]

За време на Балканските војни Нича прекинал со неговите револуционерни активности, после Првата светска војна се преселил во Добрич, тогаш дел од Јужна Добруџа, Романија. Нича бил против бугарската фашистичка власт, поради тоа кога се припоил градот кон Царството Бугарија во 1940 година тој се преселил во Констанца, Северна Добруџа, Романија.[1]

Литературни дела

[уреди | уреди извор]

Неколку години пред неговата смрт,[8] тој ги напишал неговите мемоари под насловот „Спомени“ (Memorii), делото било напишано според неговото сеќавање за неговото учество во македонското револуционерно движење.[1] Нича добил помош од влашкиот поет Николае Каратана за производството на спомени.[9] Во 1970-тите имало неуспешен обид да се издадат неговите спомени, после неуспешното издавување неговото дело било целосно заборавено се до распадот на комунистичкиот режим на Романија.[1] Никола Чуша, влашки автор од Романија, во 1990 година ги прикажал дел од неговите спомени како дневник во книгата „Власи во долината на историјата“ (Macedoromânii pe văile istoriei).[8] Истовремено во 1990-тите исечоци од неговиот мемоар биле прикажани во влашкото списание „Преродба“ (Deșteptarea), уредувано од страна на Христу К'ндројану. Во 2001 година за прв пат неговите спомени конечно биле целосно објавени во петтиот број на романското религиозно списание „Scara“. Во 2013 година влашката организација „Авдела Проект“ целосно ги објавиле спомените онлајн за бесплатен пристап во влашки јазик.[1]

Романскиот научник Владимир Крецулесчу истакнал во еден од неговите дела големото значење на спомените на Нича за влашките студии и општо за историјата на Власите во Македонија. Спомените се една од единствените прворачни дела за влашкото учество во конфликтите за Македонија и за нивната улога во македонското револуционерно движење. Во неговите спомени Нича го користил поимот Романци да ги обележи влашките револуционери, поради тоа Кола Нича најверојатно бил проромански Влав.[10][11] Кола Нича исто така го користил поимот Vulgari, влашки поим што значи Словенец или Словени, да ги обележи македонските револуционери и дејците од Македонската револуционерна организација.[12] Историчарот Никола Минов, Македонски Влав по потекло, истакнал како неговите спомени не се целосно веродостојни поради тоа што не се знае конкретно кој бил авторот на спомените во 2001 година.[9]

  1. 1 2 3 4 5 6 Крецулесчу 2016, стр. 126.
  2. Чуша 1996, стр. 18.
  3. 1 2 Трифон 2005, стр. 220.
  4. Крецулесчу 2016, стр. 125.
  5. Минов 2011, стр. 192-193.
  6. Минов 2018, стр. 50.
  7. Минов 2018, стр. 53.
  8. 1 2 Трифон 2005, стр. 258.
  9. 1 2 Минов 2018, стр. 47.
  10. Крецулесчу 2016, стр. 147.
  11. Крецулесчу 2016, стр. 130-131.
  12. Крецулесчу 2016, стр. 128-130.

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Чуша, Никола (1996). Aromânii (macedonenii) în România. Editura Muntenia. ISBN 9739763049.
  • Крецулесчу, Владимир (2016). The memoirs of Cola Nicea: a case-study on the discursive identity construction of the Aromanian armatoles in early 20th century Macedonia. Res Historica 41. Не се допушта закосување или задебелување во: |publisher= (help)
  • Минов, Никола (2011). The Aromanians and IMRO (PDF). Macedonian Historical Review. Архивирано од изворникот (PDF) на 2024-08-07. Посетено на 2025-04-02.
  • Минов, Никола (2018). "Романските" чети на Македонската револуционерна организација 1906-1908 (PDF). УКИМ. Архивирано од изворникот (PDF) на 2024-08-08. Посетено на 2025-04-02.
  • Трифон, Николај (2005). Les aroumains, un peuple qui s'en va. Acratie. ISBN 2909899268.