Прејди на содржината

Кодама (дух)

Од Википедија — слободната енциклопедија
„Кодама“ (木魅) од Газу Хјаки Јагио од Торијама Секиен.

Кодама (јапонски: 木霊,木魂или木魅) — духови во јапонскиот фолклор што живеат во дрвја. Терминот се користи и за означување на дрво во кое наводно престојува кодама. Феноменот познат како јамабико, кога звуците создаваат одложен ефект на ехо во планините и долините, понекогаш се припишува на овој вид дух, а истото може да се нарече и кодама.

Се сметало дека овие духови се движеле брзо по планините по своја волја. Надворешниот изглед на кодамата бил сличен на обично дрво, но ако некој се обидел да го исече, ќе бил проколнат, па затоа се смета дека има некаква мистериозна натприродна моќ. Знаењето за тие дрвја во кои живее кодама се пренесувале од постарите лица од таа област низ последователни генерации и биле заштитени, а се велело дека дрвјата во кои живее кодама се од одредени видови. Постоела теорија дека кога се сечат стари дрвја, од нив може да излезе крв. Духовите можеле да живеат во дрвјата, да донесат несреќа ако се малтретираат и можат да го напуштат дрвото за да земат човечка форма.[1]

Кодама се смета и за нешто што може да се сфати како планински богови, а богот на дрвото од Коџики од 712 година од нашата ера, Кукуночи но Ками, е протолкуван како кодама, а во речникот од периодот Хејан, Вамјо Руиџушо, има изјава за боговите на дрвото под јапонското име „Кодама“ (古多万 ). Во Приказната за Генџи, постојат изјави како „дали е тоа они, бог (ками), лисица (кицуне) или дух на дрво (кодама)“ и „они на кодама“, и затоа, може да се види дека кодамите се сметаат за блиски до јокаи. Се вели дека тие добиваат изглед на атмосферски светлини, на ѕверови и на луѓе, а постои и приказна каде кодама која, за да сретне човек во кој се заљубила, самата добила изглед на човек.

Во Аогашима на островите Изу, светилиштата се создаваат во подножјето на големите дрвја Криптомериа (суги) во планините и се нарекуваат под името „кидама-сама“ и „кодама-сама“. На тој начин можат да се видат остатоци од верувањето во духовите на дрвјата.[2] Во селото Мицуне на Хачиџо-џима, секогаш кога се сече дрво, постоела традиција дека мора да се принесе фестивал на духот на дрвото „кидама-сама“.[3]

На островот Окинава, духовите на дрвјата се нарекуваат „киинушии“, а секогаш кога ќе се сече некое дрво, прво се молат на киинушии, а потоа го сечат. Исто така, кога ќе се слушне ехо од нешто што звучи како паднато дрво во темна ноќ, иако нема паднати дрвја, се вели дека тоа е мачниот глас на киинушии и се вели дека во вакви времиња, дрвото потоа би венеело неколку дена подоцна. Киџимуна, која е позната како јокаи на Окинава, понекогаш се вели дека е еден вид киинушии или персонификација на киинушии.

Во збирката јокаи прикази, Газу Хјаки Јагјо од Торијама Секиен, под наслов 木魅 („кодама“), биле прикажани стар маж и жена кои стојат покрај дрвјата, а тука е наведено дека кога дрвото ќе наполни сто години, божествен дух ќе дојде во него и ќе го покаже својот изглед. Според прирачникот Реикики за шинтоизмот Рјобу од 13 век, кодамата можела да се најде во групи во внатрешните делови на планините. Тие повремено зборувале и можело да се слушне кога некој ќе умре.

Во модерно време, се смета дека сечењето на дрво кое е дом на кодама носи несреќа и таквите дрвја често се обележани со јаже шименава.[4]

  1. Atherton, Cassandra; Moore, Glenn (May 18, 2020). Eternal Forests: The Veneration of Old Trees in Japan. Arnold Arboretum, Harvard University.
  2. 今野円輔編著 (1981). 日本怪談集 妖怪篇. 現代教養文庫. 社会思想社. стр. 290–303. ISBN 978-4-390-11055-6.
  3. 萩原龍夫 (1977) [1955]. 民俗学研究所編 (уред.). 綜合日本民俗語彙. 第1巻. 柳田國男監修 (改訂版. изд.). 平凡社. стр. 457. ISBN 978-4-582-11400-3.
  4. 草野巧 (1997). 幻想動物事典. 新紀元社. стр. 138. ISBN 978-4-88317-283-2.