Прејди на содржината

Кога цветаа тиквите

Од Википедија — слободната енциклопедија

Кога цветаа тиквите (српски: Kad su cvetale tikve) — краток роман на српскиот писател Драгослав Михаиловиќ од 1968 година.

Содржина

[уреди | уреди извор]
Корицата на „Кога цветаа тиквите“, БИГЗ и СКЗ, Белград, 1983.

Романот се состои од 24 глави во кои се раскажува за животниот пат на Љуба Сретеновиќ, наречен Шампион, поранешен боксер кој живее во Естерсунд, Шведска. Глава 1: Тој е оженет со Швеѓанката Инге со која го има синот Арне (всушност, роден од претходна вонбрачна врска на Инге). Љуба е вреден работник во една фабрика, а одвреме-навреме, кога ќе го фати носталгија, тој вози до Југославија, ја поминува границата, но наместо да го посети родното место, се враќа назад во Шведска.[1]

Глава 2-5: Љуба живеел во Душановац, населба во Белград, каде се дружел со маалските мангупи, а по Втората светска војна почнал да тренира бокс во полицискиот клуб „Раднички“ и подоцна станал првак на Србија. Во боксот остварил забележителни успеси, а единствено не можел да се носи со боксерот Јовица Чаушевиќ кого успеал да го победи само еднаш во кариерата. Благодарение на боксот, Љуба имал голем успех кај девојките, а еднаш, поради една девојка дошол во судар со познатиот мангуп од Душановац, Столе Апаш.[2]

Глава 6-8: За време на Информбирото, татко му Андро и брат му Владимир биле уапсени. По интервенција на претседателот на клубот „Работнички“, татко му бил набргу ослободен, меѓутоа бил отпуштен од работа, поради што товарот за издржување на семејството паднал врз Љуба. Револтиран, Љуба го напуштил клубот и се префрлил во „Црвена Ѕвезда“, а во меѓувреме бил регрутиран во војската, и тоа во десантните единици за кои воениот рок траел дури три години. Пред да замине во војската, еден негов пријател му обезбедил работа на татко му на Љуба.[3]

Глава 9-16: Додека Љуба бил во армијата, Столе Апаш продолжил да господари во Душановац, но еднаш се степал со силниот милиционер Суљо и во тепачката се здобил со големи повреди, а потоа исчезнал некаде. Во армијата, Љуба повторно почнал да тренира и учествувал на армиски бокс-меч во Загреб, каде бил тепко нокаутиран. Еден ден, тој добил писмо дека неговата сестра се обесила, откако претходно била силувана, а подоцна дознал дека ја силувал Столе Апаш. Еден месец подоцна, умрела мајка му на Љуба. За време на следното отустсво, тој станал армиски првак на турнирот во Белград, а притоа дознал дека Столе Апаш се наоѓа во санаториум во Сурдулица. По враќањето во Загреб, неговиот тренер му ја откажал соработката и го испратил во прекоманда во Ниш. На патот кон Ниш, Љуба за последен пат се видел со татко му, кој набргу умрел.[4]

Глава 17-24: Љуба се договорил со дежурниот водник да му дозволи да ја напушти касарната еден ден порано, а во документите да пишува дека бил демобилизиран утредента. Оттука, тој заминал во Сурдулица, каде вечерта го пречекал Столе Апаш на патот кон санаториумот. Искористувајќи ја слабоста на Столе, Љуба го удрил неколкупати во градите, а потоа Столе умрел. Два дена подоцна, Столе бил погребан во Белград, а Љуба го посетиле полициски инспектори, испрашувајќи го во врска со настанот. Бидејќи во Душановац се раширил гласот дека Љуба го убил Столе Апаш, попладнето во домот на Љуба дошла мајка му на Столе, но Љуба упорно негирал дека има некаква врска со смртта на нејзиниот син. Меѓутоа, нејзината посета силно го вознемирила и утредента тајно ја поминал границата во близината на Марибор. Во Австрија потпишал документ дека е политички емигрант, по некое време побегнал во Франција и најпосле се преселил во Шведска. Кога се оженил, Љуба добил шведско државјанство, а потоа и југословенско државјанство. Подоцна, тој се обидел да стапи во контакт со југословенскиот амбасадор во Рим, кој бил поранешен претседател на боксерскиот клуб „Раднички“, но неговите обиди биле неуспешни. Еден ден, Љуба добил писмо од брат му во кое бил известен за смртта на амбасадорот и тогаш тој се испијанил. Оттогаш, тој немал повеќе надеж дека неговата родна земја ќе го повика да се врати назад.[5]

Осврт кон делото

[уреди | уреди извор]

Романот дава едноставна, домашна приказна раскажана од еден емигрант кој се наоѓа на периферијата на животот. Без никаква патетика, без разубавување, но и без горчина, тој го раскажува својот личен живот, но низ него се прекршува една цела епоха. Обработувајќи обична тема која се случува во специфичен амбиент, романот се одликува со фасцинантен јазик, со брилјантни дијалози, со атмосфера што остава горчлив вкус и со галерија на силни ликови. Со ова дело Михаиловиќ зазел високо место во новата српска и југословенска книжевност.[6] Од првата до последната реченица, книгата се чита во еден здив, како балада која го привлекува вниманието како со целата своја фабула, така и со одделни епизоди опишани во неа. Во романот, како низ чисто стакло се гледаат бројни вкрстени и сложени трагедии: на еден човек, на едно семејство, на едно време и на едно поднебје.[7]

Изданија

[уреди | уреди извор]

Романот „Кога цветаа тиквите“ доживеал бројни изданија во Србија, а бил преведен и на неколку други јазици:[8]

  • Ko so cvele buče, Ljubljana: Mladinska knjiga, 1973.
  • Ked' kvitli tekvice, Bratislava: Revue svetovej literatúry, 1969.
  • When Pumpkins Blossomed, New York: Harcourt Brace Jovanovich, 1971.
  • Quand les Courges ètaient en Fleurs, Paris: Gallimard, 1972.
  • Als die Kürbisse blühten, Franfurt am Main: S. Fischer Verlag, 1972.
  • Quando florecen las calabazas, Buenos Aires: Centro Editor de America Latina, 1972.
  • Kiedy kwitna tykwy, Warszawa: Państwowy Instytut Wydawniczy, 1977.
  • Mikor virágzott a tök, Budapest: Európa Könyvkiadó, 1978.
  • Prohra, Praha: Odeon, 1979.
  • Когато цъфтяаха тиквите, Пловдив: Издателство „Христо Г. Данев“, 1982.
  1. Dragoslav Mihailović, Kad su cvetale tikve. Beograd: BIGZ i SKZ, 1983, стр. 7-13.
  2. Dragoslav Mihailović, Kad su cvetale tikve. Beograd: BIGZ i SKZ, 1983, стр. 14-36.
  3. Dragoslav Mihailović, Kad su cvetale tikve. Beograd: BIGZ i SKZ, 1983, стр. 37-48.
  4. Dragoslav Mihailović, Kad su cvetale tikve. Beograd: BIGZ i SKZ, 1983, стр. 49-83.
  5. Dragoslav Mihailović, Kad su cvetale tikve. Beograd: BIGZ i SKZ, 1983, стр. 49-119.
  6. „Beleška o piscu“, во: Dragoslav Mihailović, Kad su cvetale tikve. Beograd: BIGZ i SKZ, 1983.
  7. Dragoslav Mihailović, Kad su cvetale tikve. Beograd: BIGZ i SKZ, 1983.
  8. Dragoslav Mihailović, Kad su cvetale tikve. Beograd: BIGZ i SKZ, 1983.