Кобилино Поле
Кобилино Поле — поле, висорамнина на планината Кораб во Македонија. Се наоѓа во средишниот дел на планината Кораб, веднаш непосредно на источното подножје под врвот Голем Кораб. Се протега во напореднички правец од исток кон запад. На север е оградено од гребените на врвовите Голем Кораб (северозапад и запад) и Кепи Бард, како и Нистровски Кораб на североисток, на исток е отворено кон пределот Летна Караула - Единење со врвот Шило Ворт, додека кон југ преку врвот Црн Камен со стрмен отсек се надвиснува над долината на Длабока Река. Просечната надморска височина изнесува и се движи помеѓу 2170 и 2320 метри[1], односно до 2300 метри во западниот и 2110 метри во источниот дел на висорамнината. Во средишниот дел на Кобилино Поле се наоѓа и природното ледничко Кобилино Езеро, недалеку од кое се наоѓа возвишение со кота 2344 метри надморска височина, која во некои извори се наведува како планински врв под името Кобилино Поле на координати 41°46'56" северна географска широчина и 20°33'32" источна географска должина[1]. Како последица на процесите на настанокот на планината, на Кобилино Поле се јавува тектонски отсек, долж кое е извршено навлекување на постарите палеозојски карпи врз помладите јурски флишни седименти, а исто така се забележуваат повеќе флувијални земјишни облици како 2 циркови, валови, валовски долини и валовски отсеци, висечки ледници[1]. Вдолж Кобилино Поле поминува и води добро обележаната планинарска патека за искачување на врвот Голем Кораб, по која се одржува и традиционалното искачување на Голем Кораб по повод денот на независноста на Македонија, кога на Кобилино Поле вообичаено е поставен и пункт за прва помош на Црвениот Крст. Пространите тревнати пасишта со изобилна бујна трева како и повеќето (контактни) извори и мали водотеци на Кобилино Поле го прават поволно пасиште на кое во летниот период се напасуваат голем број стада на овци и различен вид на стока и крупен добиток, меѓу кои крави, коњи и кобили, кои тука се среќаваат и како стада на диви коњи и кобили поради кои пости веројатност да настанало името Кобилино Поле.
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Глетка на средишниот дел на Кобилино Поле со Кобилино Езеро
-
Глетка на западниот дел на Кобилино Поле со врвот Мал Кораб (десно)
-
Глетка на источниот дел на Кобилино Поле со врвовите Рибничка Скала (лево) и Кабаш (десно) во позадината
-
Рамнината на крајниот западен дел на Кобилино Поле со врвовите Рибничка Скала и Кабаш во позадината
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 Светозар Петковски, Драган Василевски, Владо Матевски, Claudio Orlandini и 28 други автори (2011). „Студија за ревалоризација на заштитено подрачје Маврово“ (PDF). Министерство за животна средина и просторно планирање. Посетено на 11.14.2019. Проверете ги датумските вредности во:
|accessdate=
(help)CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)