Книга на мртвите
![]() | Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
![]() | Оваа статија или заглавие има потреба од викифицирање за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме помогнете во подобрувањето на оваа статија со соодветни внатрешни врски. |
Во античката египетска религија смртта била само премин или појдовна точка која води до нов, вечен и посреќен живот - живот во царството на блажените. За да може душата на покојникот да го постигне тоа, таа морала да ги помине тешкотиите на судот на мртвите. Египќаните трошеле доста енергија, време и пари во подготовка за задгробниот живот, т.е. подготовка за успешно справување со судот што ги очекувал. Тука накратко ќе објасниме како се одвивал тој суд:
Судот на умрените[уреди | уреди извор]
Покојникот бил балзамиран, мумифициран и ставан во ковчег, а неговото срце и другите внатрешни органи биле, исто така, балзамирани и ставани во специјални грниња. Неговото тело морало да биде во целост за да можат неговото Ка, Ба и Ак да функционираат правилно. Потоа неговото тело било сместувано во гробница која на некој начин претставувала соба за подготовка на душата на покојникот за во подземниот свет. Таму душата можела да најде се' со што ќе си помогнела за во следниот живот, како разни магии и други инструкции (Книгата на мртвите), итн. Бил пален темјан и биле принесувани храна и вода за неговата душа и лични работи на покојникот. Церемонијата на отворање на устата на покојникот била изведувана за повторно враќање на функцијата на неговата уста за да може успешно да се одбрани, инаку би бил уништен засекогаш. Исто така, таа служела да може покојникот повторно да јаде и да го користи телото.
Гревовите што ги правел покојникот треба да не ги признава дека ги извршил и преку магијата на порекувањето тие стануваат како никогаш да не биле направени. Потоа морал да помине низа од страшни богови со страшни имиња. Покојникот таму се прогласувал дека е невин, дека не грешел спрема луѓето и боговите и дека е чист. Запишувањето на овие изјави и познавањето на имињата на боговите со кои се соочувал била моќна магија која ги натерувала боговите да ги прифатат неговите изјави на невиност. Потоа Анубис го носел покојникот, држејќи го за рака, во салата на Маат или Озиросовата сала на судот. Таму неговото срце ставено во грне ќе биде мерено на терезија наспроти пердувот на Маат. Судија при мерењето бил Озирис и уште 42 други судии. Покојникот свесен за неговата грешност, му се обраќа на срцето и го замолува да не го предаде и да не сведочи против него и му ветува блаженство и потполна среќа во следниот живот. Исто така, му вели дека судијата е посреќен кога неговата одлука е на страната на покојникот. Анубис го мерел срцето од една и пердувот на Маат од другата страна на терезијата, додека Тот го документирал сево ова. Доколку покојникот се води според записите на Книгата на мртвите тогаш и срцето нема да го изневери. Па ако срцето е во баланс со пердувот, Хор ќе го предводел покојникот на средба со Озирис, но доколку срцето е потешко од пердувот тогаш покојникот ќе биде предаден на ѕверовите. Покојникот воден од Хор е примен од богот на Дуат (Царството на мртвите). Тука се и неговите две сестри, Нефтида и Изида, а четирите синови на Хор стојат на цвет од лотус кој расте од водите врз кои стои престолот на Озирис. Неговото име станува Озирис + неговото поранешно име. На овој начин мртвиот прима статус на бог со човечки дух. Тука новиот Озирис почнува опасно патување низ подземниот свет. Благодарение на Церемонијата на отворање на устата тој може да ги искаже магиите потребни да се заврши патувањето и да влезе во царството на блажените каде што го чека вечна радост и среќа.
Книгата на мртвите[уреди | уреди извор]
Ќе го објасниме значењето на Книгата на мртвите која била доста важна за Египќаните:
Таа книга е главниот извор на сознанието за доктрината на воскреснувањето и задгробниот живот кај Египќаните. Составена е од магии, лозинки, броеви и магични формули кои му биле потребни на покојникот за да може успешно да го помине судот на мртвите и да може да ја постигне очекуваната бесмртност и среќа. Во текот на одвивањето на судот на мртвите покојникот постојано ги користи сите магии и инструкции запишани во оваа книга. Книгата на мртвите вообичаено била илустртирана со слики кои ги прикажуваат тестовите на кои морал да подлегне покојникот. Тие илустрации можеме да ги најдеме во гробниците на мртвите како помошно средство за да може полесно да се соочи покојникот со тешкотиите што го чекаат во следниот живот. Магиите што ги изговарала душата на покојникот во судот на мртвите, всушност ги научила од Книгата на мртвите насликана во гробницата на покојникот.
Наводи[уреди | уреди извор]
- Египетска религија - египетската идеја за задгробниот живот - Е.А. Волис Баџ