Клисура на Зрновска Река

Од Википедија — слободната енциклопедија
Клисурата на Зрновска Река над с. Зрновци.

Клисура на Зрновска Рекаклисура која се протега 12 км низ првата половина на течението на Зрновска Река во Кочанско, источна Македонија. Сместена е во северниот дел на планината Плачковица и ги одвојува ограноците Лисец (1.754 м) на исток и Туртел (1.689 м) на запад. Должината на клисурата, од с. Зрновци до долината на Ломија изнесува 7 км, а понатаму до месноста Ломија уште 5 км.[1]

Страните на клисурата се високи 600-800 м. Клисурата е тектонски предиспонирана, доста стрмна, на некои места во вид на кањонска долина (особено пред вливот на Ломија), длабоко всечена во рифеј-камбриумски шкрилци. По тесното долинско дно е карпестото корито на Зрновска Река, со бројни брзаци и мали водопади. Водопадите, иако се мали и високи до 6 м, образувале големи и доста длабоки џиновски лонци или т.н. „вирови“. Највпечатлив вир е Девичин Вир, кој е со пречник од 8 до 10 м, длабочина до 4 м и образуван под Девичиниот Водопад висок околу 5 м.[1] Од Девичин Вир до селото Зрновци, 5 км низводно, се поминува покрај неколку вакви „вирови“ (Колев Вир, Змијарнико, Суљов Вир), всечени во цврсти карпи. На некои места минувањето покрај нив е вистински предизвик. Горниот дел од долината на Зрновска Река со долината на Ломија поради пошуменоста и непристапноста остава впечаток на недопрена природа.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Група автори (2016). „Клисура на Зрновска Река“. Студија за геодиверзитетот и геонаследството на Република Македонија и другите компоненти на природата (PDF). Скопје: Министерство за животна средина и просторно планирање. стр. 152–153. ISBN 978-9989-110-90-0.