Киселина

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Киселини)

Историски преглед[уреди | уреди извор]

За киселините се знаело уште од најстари времиња, како што е случајот со претворањето на виното во оцет, т.е. во оцетна киселина. Подоцна, со процутот на алхемијата биле пронајдени и неколку други киселини при што за алхемичарите била особено важна азотната киселина, како и нејзината смеса со хлороводородна киселина која се нарекувала „царска вода“. Во 17 век, хемичарот Роберт Бојл утврдил дека лакмусот ја менува бојата под дејство на киселините, а постојат мислења дека за лакмусот знаеле и алхемичарите пет века порано. Со развојот на хемијата се барале посигурни критериуми за определување на киселините. Така, славниот хемичар Антоан Лавоазје сметал дека сите киселини содржат кислород, но подоцна се покажало дека тоа не е точно, зашто постојат киселини кои не содржат кислород (како хлороводородната киселина). Голем чекор напред било сфаќањето на Сванте Арениус кој предложил за киселини да се сметаат супстанците кои при својата дисоцијација во воден раствор даваат водородни јони како единствен вид катјони. Наспроти нив, соединенијата кои при дисоцијацијата во воден раствор даваат хидроксидни јони како единствен вид анјони се сметаат за бази.[1]

Поважни теории за тоа што е киселина се следниве:

Определување на киселините со помош на лакмус[уреди | уреди извор]

Еден начин да се утврди дали некоја супстанција е киселина е да се провери дали таа предизвикува промена на бојата на некои други супстанции, наречени индикатори. Еден од најпознатите такви индикатори е лакмусот. Притоа, киселините предизвикуваат промена на бојата на синиот лакмус во црвена, додека базите предизвикуваат промена на бојата на лакмусот од црвена во сина. Покрај лакмусот, постојат и други индикатори, како што е фенолфталеинот, кој во кисела средина е безбоен, додека во базна средина добива малиново црвена боја.[2]

Киселини според теоријата на Бренштед и Лаури[уреди | уреди извор]

Долго време, владечака теорија за определување на киселините била онаа на Арениус, кој сметал дека киселините се супстанци кои при електролитна дисоцијација во воден раствор даваат водородни јони како единствен вид катјони. Меѓутоа, во 1923 година се појавила нова теорија која независно еден од друг ја поставиле Бренштед и Лаури. Според оваа теорија, киселините и базите се протолити, т.е. супстанци што се способни да разменуваат протони. Супстанцата која во протолитичката реакција е давател на протони (донор на протони) се смета за киселина, додека супстанцијата која во таа реакција прима протони (акцептор на протони) се смета за база. Притоа, остатокот на киселината е способен повторно да прима протони и тој остаток претставува потенцијална база за која велиме дека е конјугирана со киселината од која настанала. Откако базата, пак, примила протон, таа може истиот протон и да го даде. На тој начин, со примањето на протонот, дотогашната база станува киселина која е конјугирана со базата од која потекнува. Според оваа теорија, не е важно дали честичките од кои се образувани супстанциите се лектронеутрални или имаат електричен полнеж. На пример, оцетната киселина е образувана од молекули, додека нејзина конјугирана база можат да бидат ацетатните јони (множество од негативно наелектризирани честички). Меѓутоа, како киселина може да се сметаат и водородните јони, кои се позитивно наелектризирани. Оттука, според теоријата на Бернштед и Лаури, киселини и бази можат да бидат и електронеутрални супстанци, но исто така и множества од наелектризирани честички, но во секој случај, киселината има поголем позитивен полнеж (или помал негативен полнеж) од базата што е со неа конјугирана.[3]

Номенклатура на киселините[уреди | уреди извор]

Киселините се именуваат според нивниот анјон:

Наставка на анјонот Претставка на киселината Наставка на киселината
пер-анјон-ат пер+елемент+на
ат нема
ит нема
хипо-анјон-ит хипо
ид елемент+о

Од гледиште на неорганските или органските соединенија, киселините се поделени на неоргански и органски киселини. Неорганските киселини се неоргански соединенија изградени од водород и киселински остаток. Органските киселини се органски соединенија кои содржат карбоксилна група (-COOH) (најјаки органски киселини), како и хидроксилна група (-OH, -SH), енол група (-OSO3H) или пак фенол група.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Бојан Шоптрајанов, Хемија за втора година на реформираното гимназиско образование (петто изменето и дополнето издание). Скопје: Просветно дело, 2009, стр. 69-71.
  2. Бојан Шоптрајанов, Хемија за втора година на реформираното гимназиско образование (петто изменето и дополнето издание). Скопје: Просветно дело, 2009, стр. 70.
  3. Бојан Шоптрајанов, Хемија за втора година на реформираното гимназиско образование (петто изменето и дополнето издание). Скопје: Просветно дело, 2009, стр. 74-75.