Кирил Манчев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кирил Манчев
Роден 1917 година
Скопје, Македонија
Починал ~ септември, 1944 година
Скопје, Македонија
Претепан од бугарските фашисти, па фрлен низ прозорец

Кирил Јованов Манчев ( 1917 во Скопје1944 во Скопје) — македонски партизан, револуционер, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Роден бил во сиромашно градско семејство. Завршил основно образование, а потоа изучил лимарски занает, кон крајот на 1933 година. Но, откако се квалификувал, бил отпуштен од работа. Дури по неколку месеци бил примен во некоја приватна работилница. Таму, за првпат се сретнал со напредно ориентирани работници. Одушевен од идеите на Комунистичката партија започнал да чита марксистичка литература и да учествува во марксистички кружоци. Наскоро во работилницата организацијата била откриена и работодавателот го истерал од работа. Немајќи каде, заминал во Сремска Митровица. Почнал да работи во една фабрика како општ работник за минимална награда.

Во 1939 година бил примен за член на КПЈ. Како оформен комунист активно учествувал во штрајкот, што бил организиран од Партијата во почетокот на 1940 година. Истата година заминал на отслужување на редовниот воен рок, каде честопати поради револуционерна дејност бил затворан. По отслужување на воениот рок се вратил во Скопје и стапил на работа во железницата. Со членовите на партијата активно учествувал во секоја акција, а особено по окупацијата на земјата, кога непоколебливо се определил за оружена борба против фашистичките освојувачи. Како таков учествувал во пропагирањето на народноослободителната борба и во саботажните акции при поправањето на локомотивите. Окупаторот почнал да се сомнева во него и неговите дејствија. Затоа по директива на Партијата ја напуштил ложилницата и се префрлил на работа во авијатиката. Промената на работното место ја намалила будноста врз него, па така успеал да организира партиска организација и во авијатиката.

На 30 август 1944 година бил фатен од агентите на бугарската фашистичка полиција и затворен. Го подложиле на тешки измачувања за да ги предаде соборците, но физичките тортури не го скршиле. Починал од тепањето без да открие ниту една тајна или акција, иако неговата смрт полицијата ја прикажала како последица на самоубиство. Откако подлегнал на последиците од тепањето, телото му го фрлиле во дворот од прозорец на третит кат. Животот му завршил на сличен начин како и на Мирче Ацев и Страшо Пинџур, кои исто така биле убиени, па потоа фрлени низ прозор за да се прикажат како самоубиства.

Една улица во општина Бутел, Скопје го носи токму неговото име.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Беа, загинаа, останаа. Скопје: Историски Архив. 1969. стр. 87–88. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. „Улица Кирил Манчев - Скопје“. wikimapia.org.