Кинеска книжевност

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Кинеска литература)

Историја на книжевноста
Античка книжевност
Арапска книжевност
Грчка книжевност
Египетска книжевност
Индиска книжевност
Јапонска книжевност
Кинеска книжевност
Македонска книжевност
Персиска книжевност
Римска книжевност

Кинеската литература е многу стара - уште од пред 2000 г. п.н.е. таа имала разни верски песни и записи, но правата литература започнува од VI век п.н.е., кога Лао-це ја реформирал старата вера и проповедал таоизам (вид на мистичниот пантеизам),а Конфуциј ја систематизирал целата верска и литературна оставнина во 5 канонски книги (зборници): „Ше-џинг“, „Шу-џинг“, „И-ѓинг“, „Ли-џи“ и „Чун-циу“. Ше-џинг е „книгата на песните“ (305 песни од 1050 до 700 п.н.е.), една од најубавите збирки на поезија, воопшто. Како што самиот Конфуциј е целосна спротивност на мистичниот и занесен Лао-це, така и нивните сфаќања често се разликувале: Конфуциевиот внук Цесе и другите писатели залудно се обидувале да ги усогласат. Тоа го навело Менг-це (372-289 п.н.е.) да го изгради првиот поголем филозофски систем, но брзо по неговата смрт филозофијата опаѓа, а се развива песништвото. Притоа се истакнуваат Киих-Јиан (332-295 п.н.е.) и Сунг-Ји (290?-222? п.н.е.) и со нив се завршува класичниот период.

Калиграфско писмо на Ли Бај од XVIII век.

Литературата за време на династиите Ќин и Хан[уреди | уреди извор]

Во тоа време, владетелот Ќин Ше Хуанг, основач на династијата Ќин, поробува и обединува повеќе кинески кнежевства, ја зема титулата „цар“ (хуангди) и сакајќи да прекине со претходните традиции наредува во 213 п.н.е. да се спалат сите дела на класичната (конфуцијанска) литература.

Сепак, владетелите од династијата Хан во 206 п.н.е. до 220 по н.е. спасиле поголем дел од неа и го вратиле угледот на Конфуциј. Старите записи биле одново бележени, критикувани и коментирани. За време на династијата Хан владеела научната литература, а како одличен историчар се пројавил Сема Ќен (145-86 п.н.е.). Песништвото немало истакнати претставници, иако се појавил нов стих од 5 слогови, кој понатаму е најчест. За време на династијата Хан се јавиле и првите поетеси, но е многу важно и продирањето на будизмот (во I век), што имало големо влијание на литературата. Оваа вера ја примил маса на народ, а писателите патувале во Индија и се запознавале со нејзината литература, пишувале патописи, преведувале индиски дела итн.

За повеќе информации, погледајте Четири книги и пет класици.

Литературата за време на династијата Танг[уреди | уреди извор]

По падот на династијата Хан, пропаднала и државата, песништвото станало скудно, но се појавил есејот, нов литературен род за Кина. За време на династијата Танг (618-907) песништвото поново достига кулминација. Песните се по содржина поприродни почувствени, а по форма и јазик скоро совршени. Најважни поети се Ли Тај-по (701?-762?), Ту Фу (712-770), По Ки-ји (772-846). Имало многу повеќе поети, така што една антологија од епохата Танг содржи околу 50,000 песни. Кај некои од нив се согледува дека формата е поважна од содржината, што исто така важи и за поетите од епохата Сунг (960-1129).

Литературата за време на династиите Сунг, Јиан и Минг[уреди | уреди извор]

Поетите од ова време како да ја имитираат раната поезија, но имало и повеќе првокласни писатели: есеистите Ванг Ан-Ше (1021-1086) и Су Тунг По (1036-1102), потоа историчарот и полихисторот Сума Куанг (1019-1086) и филозофот Чоу-це, кој поставува нов систем на природната филозофија. Неговиот ученик Чу Си (1130-1200) ги обработил критички класичните и конфуцијанските записи, ги исчистил од противречности и создал неоконфуцијански систем на учење кој бил официјално признат. Овој догматизам го укочил целиот понатамошен духовен развој, и во следните 7 векови настануваат само компилаторски дела: речници, огромни енциклопедии и сл. Во нив се употребувал само научниот јазик, додека народниот постепено продира во драмата и приповедните дела, но Кинезите ги вбројувале во литература само песните и донекаде есеите.

Романи[уреди | уреди извор]

Романот како литературен вид води потекло или од централна Азија, или од Индија. Цртањето на карактерите и приказот на заплетите се шаблонски, а главните ликови се обично конвенционални (студенти без пари и испити, стари скржавци, свештеници итн.). Развојот на романот во овој период не може да се следи. Еден од најстарите романи воопшто е „Проширена историја на три држави“ (на почетокот на XII век), кој не опишува и прикажува поедини личности, туку бурните времиња настанати по пропаста на династијата Хан. Овој роман е толку популарен, што го нарекле народен епос (меѓутоа Кинезите денес не го поседуваат овој роман). Инаку, автор на оваа книга е Ло Куан Чунг (1330-1400).

Приповедна литература[уреди | уреди извор]

Доста се омилени и малите приповетки, а најпознати се две збирки од ваков вид - „Чудни истории од старото и новото време“ (40 новели од времето на династијата Минг) и „Необични забелешки од засолништето“ од Пу Сунг-Линга (1640-1715). Доцната приповедна литература е со мала или никаква вредност.

Драми[уреди | уреди извор]

Развојот на драмата може да се следи сè до VIII век, но вистинската драма се развила за време на монголското владеење и исто така за време на династијата Јиан (1280-1368), а подоцна за време на династијата Минг (1368-1644). Многу детали укажуваат на индиско потекло на кинеската драма. Работата е ограничена обично на 4-5 членови и има доста единства. Најзанимливи се комедиите, кои реалистично прикажуваат разни личности, иако претежно шаблонски. Додека за време на монголското владеење делувале 85 драматичари со 564 дела (во Европа најпозната кинеска драма е „Круг од креда“), за времето на Минг драмата почнала да опаѓа и се фокусирала на драматизирање на епизоди од романите, па дури и на акробатски и слични дијалози во еден единствен чин.

Династијата Ќинг[уреди | уреди извор]

За време на манџурската династија Ќинг (1644-1911), литературата се развивала во рамките на традицијата, а покажувала оригиналност само во проучувањето на старите текстови (во што настанува ренесанса на крајот од XVII век), но многу покритична и понаучна. Ку Јан-ву (1613-1682) основа нов метод во проучувањето на класиката, барајќи да што повеќе се примени критичкиот дух. Неговата широка култура и ерудиција се најдобро изразени во дневникот „Је Че Лу“, кој систематски го пишувал. Со помош на тие строго критички методи е утврдено дека некои делови од Ше-џинг се апокрифни, а и дека еден таоист од X век ја напишал познатата книга „Слики на реките“, за која се сметало дека потекнуваат од прастарите времиња. Критичките работи на научниците се собрани и објавени 1829 под името „Објаснувања за класичните писатели“.

Кинеската литература во XIX век[уреди | уреди извор]

Кон крајот на XIX век, кај филозофите се јавува тежнеење од конфуцијанството да направат религија. За ова најмногу се залагал Канг Ју-Веј (1858-1927) од Кантон, кој ја познавал европската култура и предлагал воведување на политички реформи. Неговиот ученик Ланг Ци-чао (1873-1929) видно се истакнал во движењето за реформи и ја напуштил земјата поради отпорот на конзервативните кругови. Напишал бројни статии за политичките и економските прашања, како и бројни дела за литературните, историските и филозофските проблеми, така што во првите децении на XX век бил најсилна литературна фигура.

Песни[уреди | уреди извор]

Песништвото не се одликувало со оригиналност во текот на XIX век; тоа било повеќе игра на научниците кои со стихови го покажувале своето знаење и техничка виртуозност. За манџурската династија најзначајни поети се Чен Ченји (1582-1664) и Ву Веи-Је (1609-1671), додека Ванг Ше Чен (1634-1711) пишувал теориски дела за поетската уметност. Најважен поет е На-Лан Синг-Те (1655-1685), манџурски аристократ, кој за смртта на својата жена пишувал песни полни со болка. Хуанг Тсун-сјан (1848-1905) спаѓа меѓу првите поети кои се запознаваат со настаните и тековните проблеми на Западот. Тој се обидел во својата поезија да даде нови изрази; наоѓал мотиви во блиската општествена стварност, но ги чувал традиционалните облици

Театар[уреди | уреди извор]

Театарот се развивал во традиционален правец, но Лин Ју на почетокот на династијата Ќинг пишувал дела кои можеле да се изведуваат на најпопуларните сцени. Тој посебно внимание им обратил на дијалозите. Од позначајните театарски писатели станал славен Хонг Ченг (1650?-1704) со делото „Палатата на долгиот живот“.

Пресвртот во кинеската литература[уреди | уреди извор]

Сцена од романот „Сон во црвената одаја“ од Цао Сјуеќин, насликана од Сјуe Бао, 1810.

Романот и приповетките најсилно се развиле за време на последните манџурски владетели. Пу Сунг-линг (1640-1715) пишувал на многу фин стил збирки со раскази за демони, духови, самовили; негов е и прочуениот роман „Синг-че-јин јуан чуан“, а и неколку песни за пеење со гитара. Во друг облик пишува Ву Ќинг Це, кој во романите дал портрети и карактери на личности од литературните кругови. Еден од најдобрите љубовни романи - „Сон во црвената одаја“ го напишал Цао Сјуеќин (1722-1763). Тоа е роман за аристократското семејство Киа. Кон крајот на XIX и почетокот на XX век се преведени многу класични романи и филозофски записи од западните литератури. Тие дела (ги преведувале Јен Фу и Лин Чу) влијаеле и на големиот пресврт во кинеската литература на почетокот на XX век. Младиот професор Ху Че по враќањето од Америка го објавува во 1917 првиот манифест на литературната револуција, сакајќи писателите да се ослободат од имитирањето на класичните и традиционалните облици и во нивните дела да го негуваат својот личен стил. Во вториот манифест, Ченг Ту Сјуe се залагал да се отфрлат аристократските поими и да се создаде реалистична, свежа и искрена народна книжевност; се залагал и за општествена литература на народниот јазик пајхуа, јасна и разбирлива за секого. Од 1920 година, јазикот пајхуа е дефинитивно прифатен, па на него се пишувани литературни и научни дела.

Литературните школи[уреди | уреди извор]

Голема улога во создавањето на литературни школи имале литературните друштва организирани во почетокот на 20-тите години: "Друштво за литературни студии" (1919) се залагало за реалистичка литература која е одраз на општествената стварност. Во ова движење припаѓале и Лу Син (1881-1936), Џу Цо-јен и Мао Це Тунг, а тоа придонело за популаризирање на делата на Толстој, Тургењев, Горки, Ибзен и Мопасан. Друго друштво било "Создавање" (1922), кое го основале книжевници школувани во Јапонија. Тие се залагале за уметничка и естетска литература, а биле против сите револуционерни сфаќања. Развојот на внатрешните ситуации во Кина и интервенцијата на јапонските империјалисти влијаеле на оваа група, со што таа идејно еволуирала, па двете спомнати групи го создале "Сојузот на левичарските писатели", во кој влегле и Лу Син и Мао Тун, како и многу народни книжевници кои се бореле за социјалната и комунистичка литература. Главната цел на "Сојузот" била да се создаде антифеудална, антикапиталистичка и вистинска пролетерска литература. Најугледниот модерен писател е Лу Син, автор на романот „Вистинска приказна за А-Кеј“. Покрај него, меѓу најнапредните спаѓа Куо Мо-жо. Од друштвото "Создавање" произлегол Ју Та-фу (1896-1945), кој студирал во Јапонија и сосема солидно ги познавал делата на Тургењев, Достоевски, Горки и Чехов. Еден од најславните романописци е Мао Тун, кој во 1930 се придружил на "Сојузот". Со напредни позиции пишува и па Кин. Тој го опишува судирот на старото општество со новите генерации и нивните сфаќања. Се истакнуваат и Лао Ше - романописец и драмски писател, Џао Шу-Ли - приповедник и Ај Цин - поет. Од жените доста се познати Лу-јин, Пинг-Син и Тинг-Линг.

Состојба по Втората светска војна[уреди | уреди извор]

Најновата литература по Втората светска војна е олицетворена во т.н. соцреализам и сè уште не се афирмирала. Таа изгубила многу од литературните вредности кои ги создале големите реформатори и литературни револуционери од првата половина на XX век.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]