Кинеска Нова година

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Кинеска Нова Година)
Огномет при прослава

Кинеска Нова Година (т:農曆新年) е прослава на почетокот на новата година според традиционалниот кинески календар. Прославата се нарекува и Празник на пролетта или Пролетен фестивал. Секоја година е на различен датум, а паѓа на првата млада месечина од првиот месечев месец, или околу четири до осум недели пред пролетта. Датумот е секогаш меѓу 21 јануари и 21 февруари според грегоријанскиот календар. Традиционално оваа прослава е одбележана со прослава на едно од дванаесетте животни кои се основа на кинеската астрологија.

Оваа прослава е една од најважните во Кина, и една од најпрославуваните[1]. Се прославува насекаде низ светот каде живее поголема група на Кинези, на пример во Сингапур,[2] Индонезија, Малезија, Тајланд, Камбоџа, Филипини[3] и Маврициус,[4] како и во многу делови од Северна Америка и Европа.[5][6][7]

Кинеската нова година е поврзана со неколку митови и обичаи. Прославата е време на оддавање почест на боговите и предците.[8] Во кина, обичаите поврзани со прославата се разликуваат од регион до регион,[9] а вечерта пред новата година најчесто семејствата се собираат на заедничка вечера. Традиција е секое семејство да ја исчисти куќата, со што се исфрла лошото и се прави место да влезе добрата среќа. Обичај е да се украсат прозорците и вратите со фигури од црвена хартија. Меѓу другите традиционални активности е употребата на петарди како и давање пари во црвен плик.

Понуда за боговите.

Кинески календар[уреди | уреди извор]

Кинеска нова година во Сингапур.
Кинеска нова година во Кобе, Јапонија
Кинеска нова година во Манчестер

Месечево-сончевиот кинески календар ја одредува месечевата нова година. Овој календар покрај Кина, го користат Кореја, Јапонија и Виетнам, иако понекогаш одредувањето на денот кој се слави како нова година меѓу овие земји може да се разликува, поради различните часовни појаси на главните градови од овие земји.[10]

Митологија[уреди | уреди извор]

Според легендите, со кинеската нова година е поврзан митскиот ѕвер наречен Нијан, кој јадел селани, а посебно мали деца. Еден ден селаните решиле да се скријат од ѕверот, само еден стар човек решил ноќта да остане во селото и да се освети на Нијан. Човекот ставил украси од црвена хартија и пукал со петарди. Кога селаните се вратиле наредниот ден, виделе дека ништо не било уништено, па помислиле дека старецот е всушност божество кое дошло да ги спаси, а потоа сфатиле дека Ниан се плаши од црвената боја и од гласните звуци. Кога дошол денот за прослава на новата година, селаните облекле црвени алишта, закачиле црвени фенери и црвени свитоци по прозорците и вратите, и фрлале петарди за да го исплашат Нијан. Од тогаш, Нијан не се појавил во селото повторно.[11]

Прославување и обичаи[уреди | уреди извор]

Во деновите пред новата година, задолжително е чистење на домот, со што се брка лошото, а се прави место за доброто. Некои ги преуредуваат домовите или ги кречат во црвено.[12] Украсите се секогаш од хартија. Купувањето на нова облека и обувки се смета за симбол на нов почеток. Сечење на косата мора да се заврши претходно, затоа што сечење на косата за нова година се смета за лоша среќа. Се очекува од фирмите да ги исплатат сите долгови пред новата година, и обичај е да се испрати подарок и ориз на блиските соработници и членови на семејството.

Во домовите на будистички или таоистички семејства, домашниот олтар и статуите се чистат, и се поставуваат украси, а старите украси се палат. Пред заедничката вечера се кажува молитва за благодарност. Конфуционистите се сеќаваат на предците на кои им оддаваат почит.

За време на прославата, Кинезите подготвуваат различни гурмански специјалитети за семејството и гостите. Најголем настан е заедничката вечера, а јадењата кои се сервираат истовремено се сметаат за понуда за новата година. Вечерата е слична на христијанската вечера за Божик, или на пример американската вечера за Денот на благодарноста. По вечерата, некои семејства го посетуваат локалниот храм, го палат првиот инсенс за новата година, но многу семејства по вечерата имаат забава и одбројување на последните секудни до новата година. Петарди и други пиротехники се користат често, а надворешната врата не се отвора до наредното утро, при што се изведува ритуал наречен „отворање на вратата на среќата“.[13] Сепак, во некои земји петардите се забранети.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „The largest annual human migration“. BBC News (англиски). Посетено на 2018-11-13.
  2. „Chinese New Year 2011“. VisitSingapore.com. Посетено на 2 November 2011.
  3. „Philippines adds Chinese New Year to holidays“. Yahoo News Philippines. 2 December 2011. Посетено на 29 June 2013.
  4. „Festivals, Cultural Events and Public Holidays in Mauritius“. Mauritius Tourism Authority. Архивирано од изворникот на 11 февруари 2016. Посетено на 28 јануари 2012.
  5. Crabtree, Justina (16 February 2018). „As the Lunar New Year celebrations begin, CNBC looks at Chinatowns across the world“. CNBC.
  6. „Happy Chinese New Year! The year of the Dog has begun“. USA TODAY (англиски).
  7. „Chinese New Year and its effect on the world economy - The Boston Globe“. BostonGlobe.com.
  8. „Chinese New Year“. History. Посетено на 9 February 2013.
  9. „The Year of the Dog - Celebrating Chinese New Year 2018“. EC Brighton (англиски). 2018-02-16. Посетено на 2018-11-13.
  10. Chiu, Lisa. „The History of Chinese New Year“. About.com. Посетено на 8 February 2013.
  11. „The Origin of Lunar New Year and the legend of Nian“. Ancient Origins. 31 January 2014. Посетено на 6 September 2015.
  12. Welch, Patricia Bjaaland, p. 9.
  13. Welch, Patricia Bjaaland, p. 30.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]