Киндер квачка

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Киндер квачка“роман за деца на македонскиот писател Киро Донев. Книгата е објавена во 1999 година од Редакцијата „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“, а во рамките на библиотеката „Перуники“. Автор на дизајнот, ликовно-графичкото уредување и на илустрациите е Димче Исаиловски, а покрај основниот текст, книгата содржи и поговор со наслов „Раскажувањето како џиџанка од шарен филџан“, напишан од Оливера Ќорвезироска. Книгата е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 9989-30-479-3.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од 13 глави:[2]

  • Најнапред нешто за родителите, а потоа...
  • ... За бабите и дедовците
  • Среќа во несреќа
  • „Градското петле“ — на село
  • Несреќа во среќата
  • Бабината априлска офанзива
  • Киндер квачка
  • Чудото, сепак се случи!
  • Училница под ведро небо
  • Крај рибникот, во наколната куќичка
  • Дама без шапка и витез без копје
  • Кога сонуваат бабите, или дедовците
  • Крај — без крај
  • Потточка во списокот

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

И во ова дело на Киро Донев се присутни неговите основни одлики — хуморот и шармот, и тоа во рамките на дадените прецизни дефиниции. Меѓутоа, во романот се среќава една нова одредница која може да се нарече „актуелност со намера или врзување за определено време со прецизна цел“. Уште со насловот, авторот ја почитува сегашноста на новите читатели и им нуди готова асоцијација од нивното секојдневие и така успева да ги заинтригира. Оваа постапка на посегање по актуелноста во обид директно да влијае врз рецепцијата авторот ја повторува и во содржината на романот. Слично на делото „Збркана сказна“ и овде авторот го применува верижното раскажување во кое претходното едноставно влетува во следното, но „Киндер квачка“ не е ниту имитација ни понеуспешно дело од „Збркана сказна“, туку во оовј роман авторот почнува да отстапува од својот модел на раскажување, т.е. го збогатува и го шири. Ослободувајќи се од рамката дадена во првите две глави на романот, кои се случуваат во градскиот амбиент, авторот ја пренасочува приказната кон природата и тоа го прави брилијантно. Исто така, ретко кој во македонската детска книжевност умее да портретира ликови од нашето време како што тоа го прави Киро Донев: бабата Добринка и дедото — необичниот учител од Моноблат се одлично претставени ликови-модели на стварноста на нашето време. Притоа, дозата на едукација во романот е хиперсензибилно определена и само ја збогатува, но не ја обременува, основната приказна. Близината на Илчо со дедо си, авторот ја прикажува без да посегне по вообичаените средства кои најпрвин ни паѓаат на ум, туку тоа го прави со повторување на случките од детството на овие два лика. Инаку, и во ова дело на Донев е застапена лиричноста во раскажувањето при што тој ја применува и постапката на поместување на стварноста, т.е. неосетно нарацијата ја поместува во пределот на иреалното (во сонот) и тоа без да го сигнализира сето тоа, па така всушноста ја поместува и ја проширува стварноста. Во тој поглед, Донев има длабок коцепт дури и кога манифестира нешто сосема спонтано. Во продолжение, во романот е присутна потребата на авторот однатре да го коментира своето дело: во последната глава, авторот, не како лик, туку како писател директно им се обраќа на читателите, сакајќи да оствари непосредност со нив. Така, тој го металитераризира текстот, со што остварува шармантност и ефектност, освојувајќи ги читателите. Најпосле, во романот се појавува една песна која е позната од неговото претходно творештво, а нејзиното одлично контекстуално вклопување во романот е доказ дека Донев не може да се ослободи од својата поезија.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Киро Донев, Киндер квачка. Детска радост, Скопје, 1999.
  2. Киро Донев, Киндер квачка. Детска радост, Скопје, 1999.
  3. Оливера Ќорвезироска, „Раскажувањето како џиџанка од шарен филџан“, во: Киро Донев, Киндер квачка. Детска радост, Скопје, 1999, стр. 132-136.