Прејди на содржината

Кајафа

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кајафа
יוֹסֵף בַּר קַיָּפָא
Кајафа
Вероисповедјудаизам од Вториот храм
Лични податоци
Роден(а)ок. 14 г. пр. н. е.
Починал(а)ок. 46 г. од н. е.

Кајафа (хебрејски: יוֹסֵף בַּר קַיָּפָא, грчки: Καϊάφας, веројатно од арамејски со значење понизност, според други податоци — истражувач) — првосвештеник на Јудеја од 18 до 36 г. од н. е.

Јосиф Флавиј го споменува, нарекувајќи го Јосиф, прозван Кајафа (Јудејски древности, книга XVIII, 2.2).

Животопис

[уреди | уреди извор]

Евангелско опишување

[уреди | уреди извор]

Кајафа е повеќепати споменат во трите Евангелија (Мт. 26:3, Мт. 26:57, Лк. 3:2, Јн. 11:4952, Јн. 18:1328), како и во Дела на апостолите (Дела 4:6). Прво се појавува во историјата на Јован Крстител:

Во петнаесеттата година од владеењето на кесарот Тивериј, кога Понтиј Пилат управуваше со Јудеја, а Ирод беше четворовласник во Галилеја, Филип, брат негов, четворовласник во Итуреја и Трахонитската Област, а Лисаниј четворовласник во Авилинеја, при првосвештениците Ана и Кајафа, дојде словото Божјо кон Јована, синот Захариев, во пустината.

Лк. 3:1–2

Потоа тој се појавува во историјата на Страдањата Господови; во домот на Кајафа конечно се решава судбината на Исус Христос:

А некои од нив отидоа при фарисеите и им кажаа што направи Исус. Тогаш првосвештениците и фарисеите собраа совет и говореа: 'Што да правиме? Овој Човек прави многу чуда. Ако Го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него, и ќе дојдат Римјаните и ќе завладеат и со нашето место и со народот'. Еден од нив, пак, некој си Кајафа, бидејќи беше првосвештеник таа година, им рече: 'Вие ништо не знаете, и не помислувате дека е подобро за нас еден човек да умре за луѓето, отколку целиот народ да загине'. Ова, пак, тој го рече не од себе, туку, бидејќи беше првосвештеник таа година, претскажа дека Исус ќе умре за народот, и не само за народот, туку и за да ги собере во едно и расфрлените чеда Божји. Од тој ден решија да Го убијат.

Јн. 11:46–53

Историски сведоштва

[уреди | уреди извор]

Кајафа бил првосвештеник на Храмот во текот на 18 години. На таа должност го поставил Валериј Грат, претходникот на Пилат, а од власт го отстранил идниот цар Авл Вителиј.

Кајафа бил садукеј, зет на првосвештеникот Ана (Хананан) и послушно орудие во рацете на неговиот тест. Дури и откако си заминал од должноста, Ана продолжил цврсто да ја држи власта и, всушност, еднолично раководел со храмските должности и касата. Според мислењето на некои историчари, токму Ана, преку својот зет, ја донел одлуката за погубувањето на Исус како еден од оние бунтовни проповедници со кои тогаш била преплавена Јудеја — хулители на авторитетот на римскиот цар, кои предвидувале скоро доаѓање на Месијата и обнова на светот.

Костурница на Јосиф, синот на Кајафа

[уреди | уреди извор]

Во ноември 1990 г., за време на изградба на воден парк во Ерусалим, во областа наречена „Шума на Мирот“, багеристите неочекувано го пробиле сводот на една вештачка пештера. Таа се покажала како погребна комора, запечатена приближно од времето на Првата јудејска војна (околу 70 г. од н. е.). Комората била поделена со прегради на четири дела, каде што биле пронајдени 6 цели и 6 распукани костурници (веројатно од ограбувачи).

На тесната страна на еден од нив бил прочитан натписот „’husf br kfa“, што на современ јазик значи „Yehosef bar Qafa“ — „Јосиф, син на Кајафа“. Можно е во оваа костурница да се наоѓале останките на синот на евангелскиот Кајафа, кој го носел истото име како татко му.

Во костурницата, археолозите пронашле коски на шест лица: две бебиња, едно дете на возраст од 2 до 5 години, еден тинејџер на околу 13 години, возрасна жена и еден маж на возраст од околу 60 години. Веројатно, последниот скелет му припаѓал на првосвештеникот. По завршувањето на истражувањата, останките биле предадени на Израелското министерство за верски работи и погребани на Маслиновата Гора. Во устата на починатиот била пронајдена паричка, што е карактеристично за грчкиот, а не за јудејскиот обичај.[1]

  1. Деревенский Б. Г. Околоевангельские артефакты. (руски)

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]