Кафеава шумска почва

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Кафеавите шумски почви се песокливо-глинести почви кои се најмногу распространети во планинските региони над 600 m надморска височина.

Својства[уреди | уреди извор]

Кафеавите шумски почви се богати со хумус - до 12 %, но хумусната материја не е многу квалитетна (не е завршен процесот на хумификација). Реакцијата е слабо кисела - pH се движи од 5,5 - 6. Снабденоста со усвоив азот и усвоив фосфор за растенијата е средна. Имаат потреба од комбинирано ѓубрење. На нив обично има планинска вегетација и ретко се користат за земјоделство (најчесто за одгледување на компири). Во повисоките делови на планините, кафеавите шумски почви преминуваат во темнообоени шумски и планинско-ливадски почви. На површината обично има до 5 cm шумска простирка од мртви органски остатоци, по што следува 10 до 60 cm хумусно-акумулативен хоризонт. Овие почви се фрагментирани - содржат островрвни камења во целиот почвен профил. Распространети се во долниот дел од средниот шумски растителен појас.

Кафеавите шумски почви имаат лесен механички состав. Се одликуваат со значителна скелетност. Има интензивно глинообразување. Од гледна точка на шумското стопанство, КШП се многу плодородни. Тука растат најпродуктивните букови и иглолисни шуми. Поради релјефот се одвиваат интензивни ерозивни процеси, при што шумскорастителните својства се лоши. Истото е и кај плитките почви на јужни експозиции.

Почвообразувањето се карактеризира со големо количество врнежи, висока воздушна влажност, дебела снежна покривка, средна температура од 6 - 10 °С. Климата е преодно-планинска шумска.

Вегетацијата се формира целосно под влијанието на дрвенестата растителност. Најчести се насадите од дабот горун, потоа бука, црн и бел бор, ела и смрча.

Карпите врз кои се образуваат се најчесто бескарбонатни - гранит, гнајс, шист, песочник и др. На карбонатни карпи се образувале карбонатни кафеави шумски почви. Релјефот е ридесто-предпланински до планински.

Класификација[уреди | уреди извор]

Темните кафеави почви се карактеристични за северните и блиски до нив експозиции. Се одликуваат со голема дебелина на профилот, добро изразен хумусно-акумулативен хоризонт и мала скелетност. Имаат големи резерви на хранливи материи и висок капацитет на активна влага. Тоа ги прави во повеќето случаи почви со високи шумскорастителни својства, на кои успешно растат насади од бука, ела, смрча, бел бор и др. Светлите кафеави почви се карактеристични за јужните и блиски до нив експозиции. Тие се со тенок профил, со намален хумусен хоризонт и многу скелетни елементи. Главно се заземени од различно продуктивни насади од бел бор. Буката, смрчата и елата имаат лош раст и мала продуктивност.

Морфологија[уреди | уреди извор]

Тие се најтипичниот претставник на шумските почви кај нас. Дури и денес се одвива шумскиот почвообразувачки процес. Во профилот на кафеавите шумски почви најчесто се формирани сите хоризонти: АО, А, В, С и D.