Каролина Возњацки

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Каролина Возњацки (родена на 11 јули 1990 година) е професионална тенисерка од Данска. На 11 октомври 2010 година станала тенисерка број еден во светот на турнејата ВТА. Откако во февруари 2011 година била една недела на второто место, освоила доволно поени за повторно да биде број еден иако не играла во некое поважно финале од август 2009 година. Таа е првата данска тенисерка која го освоила врвот на ранг-листата.

Од нејзиното деби на ВТА во 2005 година, секоја година го подобрувала рангирањето на крајот од годината, сѐ додека во 2010 година не завршила на врвот. Има освоено 14 ВТА титули во поединечна конкуренција до март 2011 година, три во 2008 година, три во 2009 година, шест во 2010 година (најголем број титули од 2007 година кога Жастин Анин освоила десет) и две во 2011 година. Таа била второпласирана на Отвореното тениско првенство на САД во 2009 година и на ВТА шампионатот во Доха во 2010 година каде што изгубила од Ким Клајстерс. Го освоила Вимблдон во поединечна конкуренција за девојки во 2006 година, но сѐ уште немала освоено Грен Слем титула во женска конкуренција. Таа исто така има освоено две ВТА титули во двојки.

Кариера[уреди | уреди извор]

2005 година[уреди | уреди извор]

Возњацки освоила неколку турнири во јуниорска конкуренција во 2005 година, вклучувајќи го и тенискиот шампионат Оринџ Боул. Дебитирала на ВТА турнејата на Отвореното првенство на Синсинати (Western & Southern Financial Group Women’s Open) во женска конкуренција, на 19 јули 2005 година и изгубила од највисоко рангираната и потенцијалната победничка, Пети Шнајдер, во првиот круг. На Отвореното првенство на Стокхолм (Nordea Nordic Light Open), нејзиниот втор ВТА турнир таа година, изгубила од Мартина Суша во првиот круг.

2006 година[уреди | уреди извор]

Во 2006 година таа била највисоко рангирана на Отвореното тениско првенство на Австралија (јуниорска женска поединечна конкуренција), но била поразена во финалето од осмата носителка на група, Анастасија Павличенкова од Русија. На натпреварот во двојки, таа била втора носителка на група заедно со партнерката Ана Татишвили, но двојката била поразена во полуфиналето од француско-италијанската двојка, од Ализе Корне и Корина Дентони кои биле осми носителки на група.


На турнирот во Мемфис во февруари, поразувајќи ги Кристина Бренди и Ешли Харклероуд, стигнала до нејзиното прво четвртфинале на ВТА турнејата каде изгубила од третата носителка на група, Софија Арвидсон од Шведска.

Пред Вимблдон, Возњацки го освоила меѓународниот егзибиционен натпревар во тенис во Ливерпул, победувајќи ја Ешли Харклероуд во финалето.

Подоцна, успеала да ги помине квалификациите на Вимблдон, но била поразена во првиот круг од Михо Саеки. Сепак, Возњацки го освоила турнирот во поединечна конкуренција за девојки, победувајќи ја во финалето Магдалена Рубарикова од Словачка.

Во август стигнала до уште едно четвртфинале на ВТА турнејата, овој пат на Отвореното првенство на Стокхолм. Ги победила Ивета Бенешова и Елена Данилиду кои се рангирани во најдобрите 100 тенисерки, пред да биде поразена од потенцијалната победничка и третата носителка на група, Џи Женг.

Возњацки била втора носителка на група на последниот турнир во поединечна конкуренција за девојки таа година. Во првиот круг го освоила првиот сет против Русинката Александра Панова, но во вториот сет била дисквалификувана затоа што го навредила судијата.Рекле дека Возњацки го опцула линискиот судија заради неговата спорна одлука, но Возњацки на нејзиниот блог тврдела дека рекла: „извади ги очилата за сонце‟ и била погрешно сфатена дека разговара со линискиот судија кога таа всушност се критикувала себеси по наредниот поен.

На нејзиниот последен јуниорски турнир, купот во Осака, победила и во поединечна конкуренција и во двојки.

Набргу ја освоила нејзината прва титула на сениорската турнеја, на 29 октомври, кога со победата над Татјана Малек во финалето, го освоила ИТФ турнирот во Истанбул и добила 25 000 долари.

На 27 ноември, Возњацки требало да се соочи со Венус Вилијамс на егзибиционен натпревар во Копенхаген, но пет дена пред настанот, Вилијамс го откажала мечот поради повреда. Сепак, тие се соочиле на ВТА турнирот во Мемфис (Tier III) на 20 февруари. Вилијамс ја победила Возњацки, прекинувајќи ѝ ја серијата од девет последувателни победи.

На 29 ноември, тогашниот Министер за култура на Данска, Брајан Микелсен, ја назначил Возњацки за амбасадор на данскиот јуниорски тенис.

2007 година[уреди | уреди извор]

Тениската асоцијација на Хонг Конг во јануари ја поканила да игра на егзибиционен натпревар во Хонг Конг (Watson Water Champions Challenge).

На 4 февруари го освоила ИТФ натпреварот во поединечна конкуренција во Ортизеј, Италија и освоила 75 000 долари победувајќи ја италијанската тенисерка Алберта Бријанти. На 4 март освоила 75 000 долари со победата на ИТФ турнирот во Лас Вегас, поразувајќи ја во финалето највисоко рангираната Акико Моригами.

На мастерсот во Индијан Велс, дебитирала на Tier I турнирот. Испаднала во вториот круг каде изгубила од Мартина Хингис.

Потоа стигнала до полуфиналето на Отвореното тениско првенство на Јапонија во октомври, нејзиното прво полуфинале на ВТА турнејата и била првата данска тенисерка која стигнала до ВТА полуфинале по Тине Шоер-Ларсен во Брегенц во 1986 година. Возњацки била поразена од Венус Вилијамс без добиен сет.

2008 година[уреди | уреди извор]

На Отвореното тениско првенство на Австралија, Возњацки ги поразила Гизела Дулко и Аљона Бондаренко која била 21-ва носителка на група, за да стигне до кругот на 16-те најдобри, каде изгубила од потенцијалната финалистка и четвртата носителка на група, Ана Ивановиќ.

Првиот Грен Слем турнир на кој Возњацки била носителка на група, било Отвореното тениско првенство на Франција каде била 30-та носителка на група. Во третиот круг повторно изгубила од потенцијалната победничка и тенисерката број два во светот, Ана Ивановиќ.

На Вимблдон стигнала до третиот круг, но изгубила од втората носителка на група, Јелена Јанковиќ.

Возњацки ја освоила нејзината прва титула од ВТА турнејата на Отвореното првенство на Стокхолм без да изгуби сет, поразувајќи ја петтата носителка на група, Анабел Медина Гаригес во четвртфиналето, највисоко рангираната и тенисерката број десет во светот, Агниеска Радванска во полуфиналето и Вера Душевина во финалето.

На Летните олимписки игри во Пекинг ја победила дванаесеттата тенисерка во светот, Даниела Хантукова, во вториот круг, пред да биде поразена од потенцијалната добитничка на златен медал, Елена Дементиева. Потоа Возњацки ја освоила нејзината втора титула од ВТА турнејата на турнирот во Њу Хевн (Pilot Pen Tennis), каде победувајќи ги четвртите носителки на група, Доминика Цибулкова, Марион Бартоли и Ализ Корне, си отворила пат до финалето каде ја поразила Ана Чакветаџе, тенисерката број 11 во светот.

Возњацки била 21-ва носителка на група на Отвореното тениско првенство на САД. Ја победила Викторија Азаренка, 14-тата светска тенисерка во третиот круг, но изгубила од втората носителка на група и потенцијалната вицешампионка, Јелена Јанковиќ, во четвртиот круг.

На првиот меч на Отвореното тениско првенство на Кина, Возњацки била поразена од Анабел Медина Гаригес. Заедно со неа ја освоиле титулата во двојки со победа над кинеската двојка (Han Xinyun и Xu Yi-Fan). Таа била првата ВТА титула на Возњацки во двојки. На Отвореното тениско првенство на Јапонија, на турнирот Tier III, Возњацки првпат била највисоко рангирана на ВТА турнејата и ја освоила третата титула во нејзината кариера, поразувајќи ја Каја Канепи од Естонија во финалето.

Потоа Возњацки учествувала на ИТФ турнирот во нејзиниот роден град Оденсе. Го освоила турнирот совладувајќи ја во финалето Софија Арвидсон, тенисерката рангирана на 64-тото место на светската ранг-листа.

Завршниот однос на победи и порази (сметајќи ги ИТФ мечевите, но не и егзибициските мечеви) бил 58-20 во поединечна конкуренција и 8-9 во двојки. Ја завршила година рангирана на 12-тото место во поединечна конкуренција, а во двојки на 79-тото место. На шампионатот Сони Ериксон била тринаесетта. Исто така ја освоила ВТА наградата „Почетник на годината‟ за 2008 година.

2009 година[уреди | уреди извор]

Возњацки ја започнала сезоната во Окланд каде што изгубила од Елена Веснина во четвртфиналето. Исто така стигнала до финалето во Сиднеј, овој пат губејќи од светската тенисерка број два, Серена Вилијамс, со 6-7(5), 6-3, 7-6(3), иако имала три меч топки. На Отвореното тениско првенство на Австралија била 11-та носителка на група и изгубила во третиот круг од Јелена Докиќ од Австралија.

Во Патаја, Возњацки изгубила од Магдалена Рубарикова во четвртфиналето. На купот во Мемфис, Тенеси (Cellular South Cup) била највисоко рангирана и стигнала до финалето, но изгубила од Викторија Азаренка. Подоцна, заедно играле во финалето во двојки и ги победиле Махаела Крајичек и Јулијана Федак.

Возњацки потоа учествувала на првите два Премиер задолжителни турнири на годината. На Индијан Велс изгубила во четвртфиналето од потенцијалната победничка, Вера Звонарева. Во Мајами ја постигнала првата победа над Елена Дементиева, пред да изгуби од друга Русинка, Светлана Кузњецова, во четвртфиналето.

Првата титула таа година Возњацки ја освоила на шампионатот МПС Груп кој се играл на зелени игралишта во Понте Ведра Бич и ја совладала Канаѓанката Александра Возњак (не се во роднинска врска). Во Чарлстон ја поразила прворангираната Елена Дементиева во полуфиналето, а во финалето била совладана од Сабин Лисицки.

На нејзините два наредни турнири рано била исфрлена, губејќи од Марион Бартоли во вториот круг во Штутгарт и од Викторија Азаренка во третиот круг во Рим. Стигнала до финалето на Отвореното тениско првенство на Мадрид, Мутуа Мадрилена, каде што изгубила од светската тенисерка број еден, Динара Сафина. Тоа било едниствениот меч на Возњацки против тенисерка број еден, пред таа да стане број еден во октомври 2010 година. На Отвореното тениско прванство на Франција била десетта носителка на група и во третиот круг изгубила од Сорана Кирстеа. Играле заедно во двојки, но изгубиле во првиот круг.

Возњацки ја освоила нејзината втора титула во 2009 година на турнирот во Истбурн кој се игра на трева. Во финалето ја совладала Вирџинија Разано. Возњацки била деветта носителка на група на Вимблдон каде изгубила од Сабин Лисицки во четвртиот круг.

На нејзиниот деветнаесетти роденден изгубила во финалето на Отвореното тениско првенство на Шведска од Марија Хозе Мартинез Санчез. На тврд терен на тенискиот шампионат за жени во Лос Анџелес, изгубила во вториот круг од Сорана Кирстеа. На мастерсот во Синсинати стигнала до четвртфиналето каде била совладана од Елена Дементиева. Во Торонто рано изгубила, во вториот круг, од Женг Џи, но потоа во Њу Хевн (Pilot Pen Tennis) ја одбранила нејзината титула без да изгуби сет. Во првиот круг ја освоила нејзината прва победа „двоен ѓеврек‟ како професионалец над Едина Галовиц, 6-0, 6-0 за 41 минута. Во финалето ја победила Елена Веснина освојувајќи ја нејзината трета титула таа сезона.

Возњацки била деветта носителка на група на Отвореното тениско првенство на САД. Го постигнала нејзиниот најдобар резултат дотогаш и била првата жена од Данска која стигнала до Грен Слем финале. Била поразена од Ким Клајстерс која скоро се вратила од повлекувањето во 2007 година.

Во вториот круг на Отвореното тениско првенство Тореј Пан Пацифик се повлекла од мечот против Александра Возњак кога резултатот бил 0-5, поради вирусно заболување. Потоа изгубила од Марија Хозе Мартинез Санчез во првиот круг на Отвореното тениско првенство на Кина и од Саманта Стосур во полуфиналето во Осака. Наредната недела во Луксембург се повлекла во првиот круг поради повреда на тетивата под коленото, а водела 7-5, 5-0 против Ана Кремер. Тоа предизвикало полемика за крајниот резултат.

Благодарение на резултатите во 2009 година, Возњацки првпат добила квалификации за учество на шампионатот они Ериксон во Доха. Победила на два од три групни мечеви и стигнала до полуфиналето. Во полуфиналето се борела против Серена Вилијамс, тенисерката број еден во светот, со болки во стомакот и повреда на левиот бут и се повлекла додека губела 6-4, 0-1.


2010 година[уреди | уреди извор]

Возњацки ја започнала сезоната на 2010 година на егзибиционен натпревар во Хонг Конг каде изгубила два меча за европскиот тим во поединечна конкуренција, но добила два меча во мешани двојки со Штефан Едберг. На нејзиниот прв ВТА турнир во Сиднеј таа година, Возњацки изгубила во првиот круг од Ли На од Кина. Била четврта носителка на група на Отвореното тениско првенство на Австралија и тоа било нејзиното прво рангирање помеѓу првите осум на Грен Слем. Повторно изгубила од Ли На во четвртиот круг без да освои сет. Иако испаднала во четвртиот круг, таа е рангирана на третото место со што постигнува голем успех во кариерата.

Како втора носителка на група на Индијан Велс, Возњацки успеала да стигне до финалето и изгубила од Јелена Јанковиќ, поранешната светска тенисерка број еден. Со овој резултат успеала да постигне нов успех во кариерата и да стане тенисерка број два во светот. На Отвореното тениско првенство Сони Ериксон во Мајами, Возњацки изгубила во четвртфиналето од тенисерката која неодамна се вратила, Жастин Анин.

Нејзиниот нареден турнир бил Понте Ведра Бич каде ја победила Олга Говорцова во финалето. Потоа Возњацки се натпреварувала на купот во Чарлстон (Family Circle Cup). Стигнала до полуфиналето каде се сретнала со Вера Звонарева. Возњацки морала да се повлече кога резултатот бил 2-5 затоа што го свиткала глуждот обидувајќи се да стигне кратка топка.

И покрај повредата на глуждот, продолжила да се натпреварува на турнирите во сезоната на земјени игралишта и доживеала пораз во почетоците на турнирите во Штутгарт, Рим и Мадрид. Потоа стигнала до четвртфиналето во Варшава, но се повлекла откако го изгубила првиот сет.

Возњацки била трета носителка на група на Отвореното тениско првенство на Франција. Го постигнала најдобриот резултат на Ролан Гарос стигнувајќи до четвртиот круг без да изгуби сет. По победата над Флавиа Пенета во три сета во кругот на последните шеснаесет, претрпела пораз во четвртфиналето од потенцијалната победничка Франческа Шиавоне. Возњацки играла заедно со Даниела Хантукова во двојки, но се повлекле пред нивниот меч во вториот круг против сестрите Вилијамс, поради повреда на десното рамо од Хантукова.

Возњацки како шампионка која ја брани титулата, рано изгубила од Араван Резаи на нејзиниот прв турнир на трева таа година, на Меѓународното првенство во Истборн (AEGON Inernational). Возњацки била трета носителка на група на шампионатот Вимблдон во 2010 година каде ги победила Татјана Гарбин, Чанг Каи-чен и Анастасија Павличенкова на патот до четвртиот круг каде што била поразена од Петра Квитова.

Возњацки била највисоко рангирана на Отвореното тениско првенство на Данска во 2010 година (2010 e-Boks Danish Open). Тоа бил првиот дански ВТА турнир организиран главно заради популарноста на Возњацки во Данска. Таа стигнала до финалето и совладувајќи ја Клара Закопалова ја освоила нејзината втора титула таа година.

Во Синсинати изгубила во третиот круг од Марион Бартоли. Како втора носителка на група во Монтреал, Возњацки била принудена да чека два дена за да го игра полуфиналниот меч со Светлана Кузњецова, поради обилниот дожд. Ги победила Кузњецова и Вера Звонарева во истиот ден и ја освоила нејзината трета титула таа година. Како највисоко рангирана во Њу Хевн, Возњацки ја победила Надја Петрова во финалето, освојувајќи ја третата последувателна титула во Њу Хевн. Благодарение на тоа, исто така ја освоила серијата на Отвореното тениско првенство на САД во 2010 година.

Возњацки била највисоко рангирана на Отвореното тениско првенство на САД поради повлекувањето на тенисерката број еден во светот, Серена Вилијамс. Стигнала до полуфиналето каде што била совладана од Вера Звонарева. Со нејзиното појавување во полуфиналето, Возњацки станала една од двете жени (другата е Венус Вилијамс) која стигнала најмалку до четвртиот круг на сите четири Грен Слем турнири во 2010 година.

Првиот турнир на Возњацки за време на сезоната на турнири на тврда подлога во Азија било Отвореното првенство Тореј Пан Пацифик во Токио. Ги победила Викторија Азаренка и Елена Дементиева, а победата над Дементиева во финалето ѝ ја донесла петтата титула таа година.

Потоа се натпреварувала на Отвореното тениско првенство на Кина во Пекинг. Во третиот круг Возњацки се соочила со Петра Квитова која катастрофално ја поразила на Вимблдон. Возњацки се одмаздила за тој пораз и успеала да ја замени Серена Вилијамс и по турнирот да стане новиот број еден во светот. Таа била петтата тенисерка која станала број еден без да освои Грен Слем турнир. Таа била првиот дански државјанин, маж или жена, кој е рангиран на првото место. На крајот Возњацки го освоила турнирот поразувајќи ја Вера Звонарева во финалето и освојувајќи ја нејзината шеста титула таа година, а вкупно дванаесетта.

На шампионатот Сони Ериксон во Доха, кој се игра на крајот од годината, Возњацки била во група со Франческа Шиавоне, Саманта Стосур и Елена Дементиева. Ја поразила Дементива во првиот круг, но изгубила од Стосур во вториот. Во последниот круг со освоила мечот во групата против Шиавоне со што си го обезбедила местото број еден во светот на крајот од годината и си обезбедила место во полуфиналето каде играла против победничката од другата група, Вера Звонарева. Возњацки ја победила, но во финалето изгубила од Ким Клајстерс во три сета. Возњацки ја завршила сезоната со шест ВТА титули во поединечна конкуренција и имала најдобар резултат на турнејата. Клајстерс освоила пет, а ниедна од останатите тенисерки не освоила повеќе од две.

2011 година[уреди | уреди извор]

За време на мртвата сезона, Возњацки го сменала рекетот од Баболат со рекет од Јонекс. Возњацки ја започнала 2011 година со егзибиционен меч против Ким Клајстерс. Изгубила 3-6, 6-4, 10-12 по извонредниот тајбрек. Потоа играла на уште еден егзибиционен натпревар, тимскиот натпревар во Хонг Конг (Hong Kong Tennis Classic) каде што го претставувала европскиот тим и била негов капитен. Освоила два меча против тимот Азија Пацифик пред да биде совладана со 6-1, 6-0 од тенисерката број два во светот, Вера Звонарева, во финалето против рускиот тим. Нејзин прв ВТА турнир бил меѓународниот турнир Медибанк во Сиднеј. Стигнала до вториот круг каде што изгубила 6-3, 6-3 од Доминика Цибулкова.

Возњацки била највисоко рангирана на Отвореното тениско првенство на Австралија и тоа било нејзино прво највисоко рангирање на важен турнир, како број еден во светот. Во првите два круга ги победила Гизела Дулко и Вања Кинг без да изгубо сет, со 6-3, 6-4 и 6-1, 6-0. Во третиот круг со 6-4, 6-3 ја победила Доминика Цибулкова од која била поразена минатата недела. Во четвртиот круг ја совладала Анастасија Севастова со 6-3, 6-4. Во четвртфиналето се соочила со непопустливата Франческа Шиавоне и конечно ја поразила со 3-6, 6-3, 6-3. Потоа, во полуфиналето, била поразена од Ли На со 6-5, 5-7, 3-6, тенисерката од која била поразена минатата година откако не успеала да ја добие меч топката кога сервирала за да го освои мечот на 5-4 во вториот сет.

Возњацки се спуштила на второто место зад Ким Клајстерс, неделата од 14 февруари, но успеала да се врати на врвот наредната недела. Во Дубаи го започнала турнирот од вториот круг и во четвртфиналето ја совладала Шахар Пер со 6-2, 6-4 со што си го обезбедила првото место на наредните најнови рангирања. Стигнала до финалето и ја победила Светлана Кузњецова со 6-1, 6-3, освојувајќи ја нејзината 13-та титула во поединечна конкуренција во кариерата и прва таа година.

Во Доха започнала од вториот круг и лесно стигнала до финалето откако ги поразила Надја Петрова, Флавиа Пенета и Марион Бартоли без да изгуби сет. Изгубила од Вера Звонарева во финалето со 4-6, 4-6.

Возњацки влегла на првиот Премиер задолжителен турнир таа година, Индијан Велс, како прворангирана и започнала да игра од вториот круг каде што ја поразила тинејџерката Слоан Стивенс од САД со 6-3, 6-2. Се соочила со Марија Хозе Мартинез Санчез, која била 28-ма носителка на група, во третиот круг и ја победила со 6-1, 6-3. Тоа била прва победа на Возњацки над Мартинез Санчез во четири обиди. Во четвртиот круг ја совладала 22-та носителка на група, Алиса Клејбанова, со 2-6, 6-3, 6-1. Во четвртфиналето Возњацки водела 3-0 кога Викторија Азаренка се повлекла. Лесно ја извојувала победата над поранешната тенисерка број еден, Марија Шарапова, во полуфиналето со 6-1, 6-2. Во финалето се соочила со Марион Бартоли и ја победила со 6-1, 2-6, 6-3, освојувајќи ја нејзината 14-та титула во поединечна конкуренција.

На Отвореното првенство Сони Ериксон во Мајами, Флорида, Возњацки започнала да игра од вториот круг каде што ја совладала Бетани Матек-Сандс со 6-2, 7-5. Во третиот круг се соочила со 29-та носителка на група, Даниела Хантукова, победувајќи ја со 6-1, 7-6(7). Нејзината низа на победи била прекината во четвртиот круг од 21-та носителка на група, Андреа Петковиќ, од која била совладана со 7-5, 3-6, 6-3.

На купот во Чарлстон (Family Circle Cup) Возњацки започнала од вториот круг и ја победила Ирина Фалкони со 6-1, 6-1. Потребни ѝ биле два тајбрека за да ја победи Барбора Захвалова Стрицова. Крајниот резултат од борбата против шестата носителка на група, Јанина Викмаер, бил 4-6, 6-4, 6-4. Во полуфиналето се соочила со третата носителка на група и поранешната тенисерка број еден, Јелена Јанковиќ, која ја поразила со 6-4, 6-4 за да стигне до нејзиното четврто финале таа година. Во финалето ја совладала Елена Веснина, која не била носителка на група, со 6-2, 6-3 и ја освоила третата титула таа година, а вкупно петнаесетта во кариерата.

Од вториот круг започнала да игра и во Штутгарт каде што ги победила Зузана Кучова со 6-1 6-2 и Андреа Петковиќ со 6-4, 6-1 во четвртфиналето. Во полуфиналето ја победила Агњеска Радванска со 7-5, 6-3 за да стигне до петтото финале таа година, каде што била поразена од Јулија Гергес без да освои сет.

Во Мадрид Возњацки повторно изгубила од Гергес, овој пат во третиот круг. Во Рим започнала од вториот круг и ги победила Анастасија Родионова со 6-2, 6-0 и Јанина Викмаер со 6-1, 7-6 (7-4). Стигнала до полуфиналето по возбудливиот натпревар против Јелена Јанковиќ кој траел два часа и триесет минути и завршил 6-3, 1-6, 6-3. Во полуфиналето претрпела пораз од 7-5, 6-3, од потенцијалната шампионка Марија Шарапова.

На Отвореното тениско првенство на Брисел, Возњацки стигнала до полуфиналето и ја поразила третата носителка на група и сегашната шампионка на Овореното тениско првенство на Франција, Франческа Шиавоне, со 6-4, 4-6, 6-3. Во финалето, кое ѝ било шесто на Возњацки таа година, ја поразила осмата носителка на група, Пен Шуај, со 2-6, 6-3, 6-3 и ја освоила нејзината прва титула на црвена земја откако освоила три на побрзата зелена земја.

Возњацки била највисоко рангирана на Отвореното тениско првенство на Франција во 2011 година, но во третиот круг била поразена од 28-та носителка на група, Даниела Хантукова.

Приватен живот[уреди | уреди извор]

Возњацки е ќерка на Пјотр и Ана Возњацки кои се полски имигранти. Мајка ѝ играла за женската одбојкарска репрезентација на Полска, а татко ѝ бил професионален фудбалер. Двојката се преселила во Данска кога Пјотр потпишал договор со данскиот фудбалски клуб Болдклубен 1909. Постариот брат на Возњацки, Патрик, е професионален фудбалер и игра за Броншој БК од Данска. Нејзината најдобра другарка, данската тенисерка Мелу Ејдесгард, ѝ е партнерка во двојки на некои ВТА турнири. Се обидуваат да влезат на Летните олимписки игри во 2012 година во двојки.

Во 2008 година, на прашањето од списанието Teen Vogue, кои други спортови сака да ги игра покрај тенис, Возњацки одговорила: „Сакам ракомет, фудбал, пливање, сакам да свирам на клавир и сѐ останато.‟

На 20 декември 2010 година потпишала тригодишен договор со турската авионска компанија (Turkish Airlines) за да ги рекламира нивните услуги за бизнис класата.

Возњацки навива за фудбалскиот клуб Ливерпул.