Карневализација

Од Википедија — слободната енциклопедија
Борбата на карневалот и постот, од Питер Бројгел Постариот (1559)

Карневализација — поим кој е воведен од рускиот теоретичар Михаил Бахтин. Осврнувајќи се на различните облици и области на “сериозно-смешно”, Бахтин гради сериозни претпоставки за проучување на жанровските традиции на овие облици. Иако тој почетоците ги наоѓа уште во античката култура, Бахтин бил повеќе склон да ги врзе за културата која ја дефинира како “карневалска култура на смеата”. Основното обележје на таа култура е, според Бахтин, “веселата релативност”, односно склоноста да се укинат јасните граници помеѓу “горе” и “долу”, меѓу материјалното и духовното, и во прв план да се постави “материјално-телесното начело на животот”.

Потекло на терминот[уреди | уреди извор]

Не е ни најмалку случајно што најдобриот пример за ренесансната култура Бахтин го пронаоѓа во делото на Рабле (Гаргантуа и Пантагруел) и настојувал целата култура од која расте тоа дело да ја дефинира како култура во чие средиште се наоѓа “карневалското чувствување на светот” кое ги опфаќа сите жанрови во областа на сериозно-смешното, “влијае врз формирање на нивните основни одлики и ги става сликата и зборот во посебен однос кон стварноста”. Специфичноста на тој однос треба да се бара во тоа што таа слика најнапред ќе ја доживееме како инверзија, како слика која е хумуристично-иронична и гротескна. Во своето настојување да ја проучи жанровската традиција која од сократовите дијалози се движи кон другите видови на “сериозно-смешното”, Бахтин посебнбо внимание посветува на книжевноста. Добро е познато дека Бахтин целата култура на средниот век и ренесансата ја врзува за карневалот и смешниот принцип кој доминира со таа култура. Другите истражувачи на народната култура на средниот век, посебно Ж. ле Гоф и А. Гуревич, настојувале таа култура да ја гледаат како биполарна, како култура создадена од два пола, од кои едниот е само инверзија на другиот. Благодарејќи на својата биполарност, културата на средниот век може и да се сфати како култура чие основно обележје е дијалогичноста т.е гротескниот спој на фантастичното и реалното. Според тоа, за културата на средниот век карактеристична е амбивалентноста, напоредното постоење и функционирање на слоевите кои се прошируваат до таа мера што секогаш едниот е инверзија, превртен поредок на другиот. И Бахтин и Гуревич го толкуваат карневалот како облик на “народно-празничен живот” во кој се јавува гротескното начело на фантастичната аналогизација на материјалното и духовното. Бахтин посебно истакнува дека карневалот “не е книжевна појава” туку дека тоа е “синкретичка претставувачка форма од обреден карактер” За карневалот како претставувачка форма важно е дека “ја ослободува свеста од владеењето на официјалното гледање на светот, дозволува светот да се гледа на еден друг начин, без страв, без стравопочит, потполно критички, но истовремено без нихилизам, туку позитивно, бидејќи така се открива големото материјално начело на светот, постоењето и промените, неодоливоста и вечниот триумф на новото, бесмртноста на народот.” Како обредно-претставувачка форма карневалот е јазик на симболични конкретно-сетилни форми. Од друга страна пак, “тој јазик не може да се преведе дури ни релативно потполно и адекватно на устен јазик, а уште помалку на јазик со апстрактни поими, но тој се подава на извесно транспонирање на јазик на уметнички слики кој му е близок по конкретно-сетилен карактер, т.е на јазикот на литературата. Тоа транспонирање на карневалот во јазик на литературата ние го нарекуваме нејзина карневализација. Карневализацијата, најкратко речено, е израз на потреба, во книжевното дело да се користи “јазик на симболични конкретно-сетилни форми”, односно тоа е систем на слики чијшто извое е карневалот. Во исто време карневализацијата е оној елемент кој ја врзува книжевноста за моќните и богати текови на народната култура, што не би можело а да не се одрази на нејзиното место во системот на културата и на нејзината улога во изградбата на сликите во една епоха. Како јазик на симболични конкретно-сетилни форми, карневалот кој е премин кон “јазикот на уметнички слики” и овозможил на книжевноста да ги искористи сите можности на еден многу суптилен вид на градење на сликите за светот. Оттука не е случајно што Бахтин елементите на карневализацијата ги изучувал во склоп со сопственото настојување да го протолкува творештвото на двајца големи автори: Рабле и Достоевски.