Карл Хрон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Делото „Народноста на македонските словени“ од 1890 (кликнете за да го читате во целост, преведно на македонски јазик)

Карл Хрон (1852-1912) е австриски публицист и македонолог од чешко потекло.

Биографија[уреди | уреди извор]

Карл Хрон е етнички Чех, роден во 1852 година во Чешка (во тоа време во состав на Австро-Унгарија). По смртта на своите родители, со образование се стекнувал во чешка гимназија. Од 1869 до 1878 година служел во австриската војска во чешките гарнизони. Во 1878 година бил преместен на служба на Балканот, во Хрватска и Босна и Херцеговина, а во 1882 година учествувал во задушувањето на востанието во Далмација. Поради критизерскиот став кон претпостaвените, во 1883 година се демобилизирал од воена служба.

За напуштањето на воената служба самиот тој ќе напише: :„Казнет сум со губење на офицерскиот чин поради престап против војничката хиерархија, извршен со тоа што писмено го критикував бригадирот.“ [1]. Потоа, неколку години работел како новинар, а во 1886 година се преселил во Србија, каде како инспектор во тутунски монопол работел во Ниш, Врање, Лесковац и Прокупле. Многу брзо, пак поради некоја афера, морал да ја напушти Србија.

Во 1888 година бил уредник на будимпештанскиот весник Пестер Лојд (Pester Lloyd). Во тоа време бил на едно патување низ Босна, Црна Гора, Албанија и Македонија. Во Македонија, османлиските власти го затвориле како можен агитатор. По напуштањето на Македонија и краткиот престој во Унгарија, Хрон заминува во Австрија, каде работи како уредник на „Германски народен весник“ (Deutschen Volksblattes). Престојот во јужнословенските земји му овозможил да ги запознае јазиците и историјата на народите. Така можел полесно да ги проучува и политичките случувања, меѓу кои посебно место заземало македонското прашање. Во тоа време Карл Хрон е познат публицист, докажан со бројни написи за пансловенизмот, пангерманизмот и други теми актуелни за неговото време.

Народноста на македонските Словени[уреди | уреди извор]

Во 1889 година се случуваат два настани кои го побудуваат вниманието на Карл Хрон, терајќи го да ја напише неговата студија за македонското прашање. Тогаш во Санкт Петербург (Русија) е објавена книгата „Топографско-етнографски преглед на Македонија од Стефан Верковиќ, а во Виена (Австрија) е објавена книгата „Македонија и Стара Србија“ од Спиридон Гопчевиќ. Двете книги се посветени на Македонија, но со сосема спротивставени ставови, застапувајќи го пробугарскиот (Верковиќ) и просрпскиот (Гопчевиќ) став за етничкиот карактер на Македонците.

Хрон решава да ги изнесе своите сознанија за историјата на Македонија и етничкиот карактер на Македонците. Истата година ја пишува, а наредната 1890 година, како самостојно издание во Виена ја објавува својата студија „Народноста на македонските Словени“ (Das Volksthum der Slaven Makedoniens). По деталната анализа на изнесените ставови во книгите на Верковиќ и Гопчевиќ, Хрон во својата книга ги побива ненаучните и чисто политички шпекулации на Гопчевиќ. Уште во предговорот на книгата, Хрон истакнува: :

По моите сопствени студии на српско-бугарскиот спор дојдов до убедување дека Македонците, како по својата историја така и по својот јазик, се посебна народност. Значи, ниту се Срби, уште помалку Бугари, туку се потомци на оние словенски прадоселеници кои го населувале Балканскиот Полуостров веќе долго пред српската и бугарската инвазија и кои подоцна со ниту една од овие две нации не се измешале.“ [2]


Во Србија книгата на Хрон била жестоко критикувана уште со самото нејзино излегување, додека во Бугарија нејзиното премолчување трае и денес.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Karl Hron: Das Volksthum der Slaven Makedoniens, Wien, 1890

Извори[уреди | уреди извор]

  1. (Deutschen Volksblattes, 23.01. 1884)
  2. Das Volksthum der Slaven Makedoniens