Каракалпакстан

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Република Каракалпакстан

Qoraqalpogʻiston Respublikasi / Қорақалпоғистон Республикаси
Qaraqalpaqstan Respublikası
Қарақалпақстан Республикасы
Знаме Emblem
Химна"Qaraqalpaqstan Respublikasınıń Mámleketlik Gimni"
(македонски: "Државна химна на Република Каракалпакстан")

Каракалпакстан во Узбекистан
Каракалпакстан во Узбекистан
Главен градНукус
Службен јазик Каракалпачки, Узбечки
Народности  Каракалпаци, Узбеци, Казаци
Автономна република на  Узбекистан
Лидери
 •  Претседател Камалов Мурат
Законодавство Врховен совет на Каракалпакстан
Основана
 •  Распад на АССР Каракалпак 9 Јануари 1992 
 •  Усвоен нов устав 9 Април 1993 
Површина
 •  Вкупна 166.600 км2 
Население
 •  проценка за 2017 г. 1,817,500 
 •  Густина 11.26 жит/км2 
Часовен појас (UTC+5)

Каракалпакстан (Каракалпачки: Qaraqalpaqstan / Қарақалпақстан; Узбечки: Qoraqalpogʻiston), официјално Република Каракалпакстан (Каракалпачки: Qaraqalpaqstan Respublikası / Қарақалпақстан Республикасы; Узбечки: Qoraqalpousʻ) е автономна република во рамките на Узбекистан. Го зазема целиот северозападен крај на Узбекистан. Главен град е Нукус (Noʻkis / Нөкис). Република Каракалпакстан има површина од 160.000 квадратни километри (62.000 квадратни милји). Нејзината територија ја опфаќа оазата Хорезм, која во класичната персиска литература е позната како Кат (کات).

Знаме[уреди | уреди извор]

Опис[уреди | уреди извор]

Државното знаме на Република Каракалпакстан е тробојка составена од три хоризонтални ленти во сина, златна (или жолта) и зелена боја. Златната лента е одделена со бели и црвени рабови.

Знамињата на Каракалпакстан и Узбекистан во спортскиот комплекс во Нукус

Должината на знамето е 250 см, а ширината е 125 см. Ширината на сините и зелените ленти е еднаква и е 42 см. Ширината на златната лента сместена во средината на знамето е 34 см. Ширината на белите граници е 1 см, а на црвените 2,5 см.

На горниот десен раб на сината лента е прикажана бела полумесечина (конвексна страна до столбот на знамето), а десно од неа пет бели sвезди со пет краци. Полумесечината е формирана со пресек на два круга, чии дијаметри се 22 и 19 см. Центрите на овие кругови лежат на права линија што ја дели сината лента на два еднакви делови. Растојанието помеѓу центарот на помалиот и поголемиот круг е 4 см. Растојанието од работ на знамето до полумесечината е 20 см. Ѕвездите се вклопуваат во правоаголник со димензии 30 см на 15 см. Растојанието од работ на знамето до правоаголникот е 42 см . Ѕвездите се распоредени во два реда на следниов начин: горниот ред се состои од две, долниот - од три sвезди; секоја sвезди е впишана во круг со дијаметар од 10 см.

Симболизам[уреди | уреди извор]

Сината боја на знамето е симбол на водата и пролетта. Жолтата боја покажува дека поголемиот дел од Каракалпакстан се наоѓа во пустински предел. Зелената боја е знак за обновување на природата, духовноста и сонцето. Полумесечината е свето олицетворение на муслиманите, а петте sвезди се симбол на животот во петте најстари градови на Каракалпакстан. Државното знаме на Република Каракалпакстан ја претставува Република Каракалпакстан на меѓународна сцена: за време на посетите на официјални делегации на Република Каракалпакстан на странски земји, во меѓународни организации, на конференции, светски изложби, на спортски натпревари.

Граѓаните на Република Каракалпакстан, како и другите жители што живеат тука, мора да го почитуваат државното знаме на Република Каракалпакстан.

Историја[уреди | уреди извор]

Рана историја[уреди | уреди извор]

Според историските извори, луѓето на територијата на Каракалпакија живееле уште од неолитската ера. Територијата на модерната Република Каракалпакстан е еден вид „археолошки резерват“, кој има над 300 археолошки локалитети.

Хорезмски војник во служба на Ахеменидите 470 п.н.е

На територијата на Автономната Советска Социјалистичка Република Каракалпак, во областа на стариот канал на Акчадарија, во 1954 година, експедиција на Советски археолози, на чело со М. А. Итина и С. П. Толстов, пронаоѓаат голема античка гробница, за која се претпоставува дека датира од 13-11 век п.н.е. Откриени се над 100 гробници во коритото на реката Акшадарија, од кои, откопани се 74 гробници, каде се откриени 76 керамички бокали украсени со геометриски облици, како и голем број на бронзени нараквици и накит. Утврдено е дека нема камени огради карактеристични за бронзеното време, телата биле закопани во правоаголни јами. Во близина на гробиштата, пронајдени се и древни населби.

На територијата на модерен Каракалпакстан од античката ера (VI век п.н.е.) до 1924 година постоел античкиот регион и држава - Хорезм, позната како Кат.

Херодот за Хорезм известува дека бил 16-тата сатрапија на Персиската Империја, како и дека Хорезмијците учествувале во кампањата на Ксеркс во 480 година п.н.е. кон Грција. Хорезмијците учествувале во изградбата на главниот град на Ахеменидското Царство - Персеполис. Воините од Хорезм служеле во армијата на Ахеменид во различни делови на империјата. Еден од нив, по име Даргоман, се споменува во Горен Египет. Сликите на древните Хорезмијци се зачувани на карпата Бехистун. Уште пред кампањите на Александар Велики во Средна Азија, Хорезм на крајот на 5 век. п.н.е се стекнува со независност од Ахеменидите.

Во 5 век п.н.е. врз основа на арамејското писмо, е развиено писмото Хорезм. На местото на античката населба Топрак-кала, археолозите откриле остатоци од архива на документи на јазикот Хорезм. Писмото Хорезм се користело до 8 век. Главна религија на античките Хорезмијци бил зороастризмот.[1]

Се верува дека од средината на 1 век од нашата ера до крајот на 2 век, Хорезм бил под влијание на Кушанската Империја. Овој период се карактеризира со подигање на огромен број тврдини од страна на централната власт кои биле постојано окупирани со војска. На почетокот на IV век, градот Кјат станува главен град на Хорезм. Во следната ера, помеѓу IV и VIII век, градовите на Хорезм се опустошиле. Хорезм станува земја со бројни замоци на аристократијата и илјадници селски имоти. Од 305 до 995 година, со Хорезм владее династијата Афригиди, чии претставници ја носат титулата Хорезмшах, односно шах на Хорезм. Помеѓу 567-658 година, Хорезм бил во одредена зависност од Првиот Турски Ханат. Во кинески извори, се споменува под името Хусими (呼 似 密).

Среден век[уреди | уреди извор]

Антички комплекс Миздакан во Каракалпакстан

Во X век, започнува нов процут на градскиот живот во Хорезм. Арапски извори од 10 век даваат слика за исклучителна економска активност на Хорезм, со околните степи на Туркменистан, западен Казахстан, како и регионот Волга - Хазарија и Бугарија, и огромниот словенски свет на Источна Европа да станат место за натпревар на трговците од Хорезм.[2][3]

Во 1218 година, Џингис Хан испраќа дипломати во Хорезм со предлог за иден сојуз. Шахот на Хорезм Ала ад-Дин Мухамед II одбива да склучи договор со „неверниците“ и, по предлог на владетелот на Отрар, Каир Кан, ги погубува амбасадорите. Џингис Хан бара екстрадиција на Каир Кан, но Мухамед одбива да го испорача братучедот на неговата мајка и повторно погубува еден од дипломатите на монголија. Во пролетта 1219 година, уште пред да го заврши походот во Кина, Џингис Хан праќа војска од 200.000 луѓе во Хорезм. Шахот Мухамед не се осмелува да излезе на општа битка, оставајќи ја својата војска расфрлана во градовите и тврдините на целата држава. Еден по друг, сите големи градови на Хорезм паднаа под Монголска окупација. Сите беа уништени, а многу Хорезмијци беа поробени или погубени.

Историјата на Каракалпаците започнува со Ногајскиот Ханат, формиран на крајот на 14 век под водство на Едигу (Едигеј), водачот на Ногаите. По смртта на Едигу во 1419 година, настанува борба за неговиот престол, а ханатот започнува да ја губи својата моќ. Во втората половина на 16 век, Ногајскиот Ханат е поделен на три дела.

Нов век[уреди | уреди извор]

Хан од Хиванскиот Ханат Мухамед Рахим Хан II

На почетокот на 17 век, Ногајскиот Ханат е поразени од Калмиците, кои ги зазеле регионите на Волга и Урал. Ногајците беа принудени да се преселат на Крим, а Каракалпаците, кои биле дел од ордата, се населиле во регионот на Аралското Езеро на бреговите на Аму Дарја.

Каракалпакстан Кизил Кала (Црвена тврдина) Укрепена резиденција 1 - 2 век н.е. - 4 век н.е. и обновена 12 век н.е.

Во 16 век, е создадено Хиванскиот Ханат, кој, заедно со Бухарскиот Ханат и Кокандскиот Ханат, беше еден од трите узбечки ханати во Средна Азија. Во 16-17 век, Каракалпаците биле подредени или на Бухарскиот Ханат или на Хиванскиот Ханат. Владеењето на познатиот хан Абулгази (1643-1663) и неговиот син и наследник Ануш-хан беа периоди на релативна политичка стабилност и економски напредок. Беа изградени големи системи за наводнување, а новото плодно земјиште беше поделено помеѓу узбечките племиња. Хорезм, поради недостатокот на сопствените економски ресурси, беше принуден да води војни со Бухарскиот Ханат и Сафавидите. Последниот претставник на династијата Шибанид-Арабшахид кој владеел со Хорезм бил Илбарс Хан II, кој бил убиен од Надир Шах во 1740 година.

До почетокот на 18 век, Каракалпаците што живееја на брегот на Аму Дарја почнуваат да се стремат кон обединување. Како резултат на тоа, Каракалпаците предводена од Ешмухамад (Ечкимхан) се обединуваат во Каракалпакскиот Ханат. Границите на оваа држава минуваа по горниот тек на Аму Дарја. Во 1723 година, кога Калмиците го зазеле средниот дел на Аму Дарја, Каракалпаците повторно биле принудени да побегнат и се поделиле во две групи.

Првата група се населила кон горниот тек на Сир Дарја, кон Ташкент, а втората група се населила по долниот тек на Сир Дарја. Така, Каракалпаците беа поделени на „горни“ и „долни“. Долните Каракалпаци се населиле на слободните земјишта помеѓу Сир Дарја и Аму Дарја и тука се занимавале со земјоделство.

Во 17-18 век, главната политичка сила во Хиванскиот Ханат била составена од узбечки племиња: Кунгарти (Узбеци), Наимани, Кијати, Мангити, Нохос, Кангли и Кумани. Во борбата за моќ во втората половина на 18 век, победи узбечкото племе Кунгарти. Во 1763 година, претставник на узбечкото племе Кунгарти Мухамед Амин, кој ја имаше титулата Инак, дојде на власт во Хорезм.

Мухамед Амин водеше политика на економско зајакнување на земјата по тешката криза во средината на 18 век. За време на неговото владеење, беа изградени големи системи за наводнување и успеа да воспостави релативен мир и политичка стабилност во државата. Според историчарот Агахи, Мухамед Амин дозволил голема група Каракалпаците да се населат во рамките на државата. Тој успеа да се одбрани од две инвазии: првата од Бухарскиот Ханат во 1782 година, а вториот од номадските племиња Туркмени во 1770 година. Во 1790 година, Аваз, претставник на узбечкиот клан Кунгарти и син на Мухамед Амин, го наследи својот татко на тронот во Хорезм. Аваз беше приморан постојано да брани од нападите на Аралските племиња кои се бунтуваа на неговото владеење. Во 1793 година, избувнало востание предводено од браќата Хоја Мурад Суфи и Тиура Мурад Суфи (имигранти од узбечкиот клан Кунгарти, на кој припаѓаа и владетелите на Хиванскиот Ханат). Востанието беше задушено, но Аралските племиња беа покорени дури за време на владеењето на Мухамед Рахим Хан I (1806-1825).

Кампања на Хива во 1873 година

Мухамед Рахим Хан I спроведе голем број важни реформи во земјата. За да се подобри управувањето со земјата, формиран е врховен совет, кој управувал со ханот. Спроведена е нова даночна реформа, а Мухамед Рахим Хан I бил првиот од Кунгратските владетели кој издал сребрени и златни монети. Тој успеал да ја централизира државата и ја утврдил својата територија околу Хива. Во 1808-1809 година, спроведена е кампања против Чодудурите. Во 1811 година, Аралските племиња конечно биле освоени, а во 1812-1813 година бил освоен долниот тек на Сир Дарја, каде живееле голем број на казаци.

За време на владеењето на Алакули Хан, продолжила политиката на централизација на државата. Во 1828 година, востанието на племињата Сарик било задушено. Во 1830-1831 година за време на владеењето на Алакули Хан бил изграден каналот Куња-Ургенч. Алакули Хан бил многу заинтересиран за настаните во светот и студирал странски јазици. За разлика од сите современи владетели на Средна Азија, тој читал и пишувал на руски јазик. Алакули Кан, во сојуз со Кокандскиот Ханат, учествувал во пет кампањи против Бухарскиот Ханат. Во 1845 година, по смртта на Алакули Хан (1842-1845), неговиот брат Мухамед Амин Хан доаѓа на власт во Хиванскиот Ханат.

За време на владеењето на Мухамед Амин Хан (1845-1855), напорите на централната власт да ги смири номадските племиња наидоа на одреден успех. Мухамед Амин Хан презеде повеќе од 10 кампањи кон Мари и Хорасан. За време на неговото владеење, се одржуваа дипломатски односи со Русија, Отоманската Империја, Иран и Авганистан.

Во декември 1846 година, пратениците на Хива, Клич Нијазмахамедов и Шукрулабај Мискинов, пристигнаа во Оренбург. На 9 март 1847 година, тие пристигнаа во Санкт Петербург, каде го поставија прашањето за уривање на тврдината Раим, изградена од Русија во близина на устието на Сир Дарја, на што Николај I одби. Следните две години беа поминати во мали воени судири помеѓу Хиванскиот Ханат и царските воени единици. Не успевајќи да постигне успех, Мухамед Амин Хан повторно се префрли на преговори и мирно решение на прашањето. Во 1850 година, амбасадорот на Хива, Хоџа Мехрем Алабердиев го посети Санкт Петербург. Но, и овие преговори завршија без постигнат договор.

Во 1855 година, владетелот на Хива Мухамед Амин Хан загина трагично во битката кај Серахс. По неговата смрт, моќта во Хорезм му припадна на Абдулах Хан (1855), кој, шест месеци подоцна, почина во борба против номадските племиња. Кратко владеење имаше и Мурад Хан, кој набрзо беше убиен во атентат.

Во 1856 година, по неговата смрт, синот на Мухамед Рахим Хан I, Саид Мухамед Хан (1856-1864) дојде на власт во Хиванскиот Ханат. Тој воведе ред во државата и ги спречи нападите на номадските племиња. Во 1863 година, Саид Мухамед Хан го прими познатиот Туркологист и патник Арминиус Вамбери. Во 1864 година, по смртта на неговиот татко, Саид Мухамед Кан, Мухамед Рахим Хан II ја превзел власта на ханатот. Мухамед Рахим Хан II беше последниот независен Хан на Хорезм. Во 1873 година, и покрај отпорот кој го пружи, ханатот се најде под протекторат на Русија.

По воспоставувањето на советската власт во 1918 година, таа стана дел од Хорезмската Народна Советска Република и Туркестанската Автономна Советска Социјалистичка Република.

Советски период[уреди | уреди извор]

Поштенска марка „50 години Каракалпак АССР“. Пошта на СССР 1975 година.

Во 1924 година, беше формиран автономниот регион Кара-Калпак со центар во градот Турткул, кој ја окупираше територијата на регионот Аму Дарја на Туркестанската Автономна Советска Социјалистичка Република и регионите Хоџеиили и Кунград на Хорезманска Народна Советска Република.

На 12-19 февруари 1925 година, се одржа првиот конститутивен конгрес на работници, селани и офицери на Црвената армија, на кој на 16 февруари автономниот регион Кара-Калпак официјално беше формиран како дел од Киргиската АССР (1920-1925) ( подоцна преименувана во Казашка АССР).

На 20 јули 1930 година, автономниот регион Кара-Калпак беше повлечен од Казашката АССР и стана директно подреден на Руската Советска Федеративна Социјалистичка Република.

На 20 март 1932 година, автономниот регион беше трансформиран во Каракалпакска (Кара-Калпакска) Автономна Советска Социјалистичка Република како дел од РСФСР, а градот Нукус стана нејзин главен град.

На 5 декември 1936 година, Кара-Калпакска АССР стана дел од Узбечката Советска Социјалистичка Република. Во 1964 година беше преименувана во Каракалпакска АССР.

На 14 декември 1990 година (подоцна од Казахстан и Узбекистан, но пред Киргистан), на седницата на Врховниот совет на АССР Каракалпак, беше потпишана Декларација за државен суверенитет, која претпоставува целосна независност на државата, што може да се постигне преку референдум на национално ниво.

На 9 јануари 1992 година АССР Каракалпак се распадна, а беше формирана Република Каракалпакстан. Во 1993 година, беше потпишан меѓудржавен договор во период од 20 години помеѓу Република Каракалпакстан и Узбекистан во кој се признава автономијата на републиката и се предвидува правото на автономната република да се отцепи од Узбекистан преку референдум.

Во 1980-тите, на северо-запад од Каракалпак (во близина на селото Жаслик), се наоѓаше воен полигон за обука „Осмата станица за хемиска одбрана“ дизајниран за тестирање на хемиско оружје и средства за заштита против нив. Полигонот беше користен од војниците и воените единици стационирани во Нукус.

Од 1942 до 1992 година, на островот Возрождение во Аралското Езеро, беше во функција полигон за биохемиско тестирање со кодно име „Бархан“. Нејзиното официјално име е 52-та лабораторија за теренски истражувања.

По распадот на СССР[уреди | уреди извор]

Зграда на парламентот на Каракалпакстан во Нукус

По распадот на СССР и независноста на Узбекистан, Каракалпакстан стана дел од Република Узбекистан - наследник на Узбечката Советска Социјалистичка Република. Како и Узбекистан, по 31 август 1991 година, Каракалпакстан го смени своето име од Каракалпакска Автономна Советска Социјалистичка Република во Република Каракалпакстан, останувајќи дел од Узбекистан, но всушност до јануари 1993 година беше релативно независна република. Највисокото законодавно тело на републиката беше Врховниот совет на Република Каракалпакстан, а највисокото извршно тело беше Советот на министри на Република Каракалпакстан.

На 11 ноември 1991 година, Врховниот совет на Република Каракалпакстан го утврди местото претседател на Република Каракалпакстан. Првиот и последниот човек што ја имаше оваа позиција е Даулетбај Нуратдинович Шамшетов, кој беше претседател на Каракалпакстан до 20 јуни 1992 година. После тоа, функцијата претседател беше укината и претседателот на Врховниот совет на Република Каракалпакстан беше назначен за шеф на републиката.

На 14 декември 1992 година, Државното знаме на Република Каракалпакстан беше усвоено од Врховниот совет на Република Каракалпакстан. На 9 јануари 1993 година, раководството на Република Каракалпакстан и Република Узбекистан потпишаа меѓудржавен договор „За влез на Република Каракалпакстан во Република Узбекистан“. На 9 април 1993 година, Врховниот совет на Република Каракалпакстан го усвои Уставот на Република Каракалпакстан. Истиот ден беше усвоен државниот амблем на Република Каракалпакстан, а на 24 декември 1993 година беше усвоена државната химна на Република Каракалпакстан.

Географија[уреди | уреди извор]

Република Каракалпакстан се наоѓа на северо-запад од Узбекистан, зафаќа 166.600 км² (37% од територијата на Узбекистан) и е најголемиот регион на Узбекистан во однос на територијата. Во Каракалпакстан, пустините заземаат повеќе од 13,67 милиони хектари (повеќе од 80% од територијата).

Каракалпакстан се наоѓа во Туранската низина. Од југозапад, во непосредна близина е пустината Каракум, висорамнината Устиурт се наоѓа на северозапад и пустината Кизилкум на североисток. Територијата на Каракалпакија ја вклучува и јужната половина на поранешното Аралско Езеро, на чие суво дно сега се формира ново солено блато, пустината Аралкум.[4][5]

Хидрографија[уреди | уреди извор]

Најголемата река во Каракалпакстан е Аму Дарја. Басенот на Аму Дарја одамна е познат по својата способност за наводнување. Одделот за водни ресурси во Нукус ги надгледува сите дренажни капацитети на реката во областа Тахијаташ, од хидропоставата Кипчак до Аралското Езеро (283 км). Поради високите трошоци за наводнување во средниот и горниот тек, Аму Дарја не се влева директно во Аралското Езеро.

Аралското Езеро е најголемото езеро во Каракалпакстан. Во минатото, ова езеро било многу поголемо, но во последните 50 години се намалило поради намалениот доток на вода, предизвикан од хидролошките работи на двете негови притоки, реките Аму Дарја и Сир Дарја. Притоа, падот на нивото на водата предизвикал влошување на локалната клима, зголемување на соленоста и изумирање на растителниот и животинскиот свет. Сето тоа довело до потполно изумирање на рибарството и индустријата која е поврзана со рибарството. Каракалпакстан е зона на еколошка катастрофа поради сушењето на Аралското Езеро.

Клима[уреди | уреди извор]

Климата е остро континентална, со суви лета и релативно студени зими, со малку врнежи од снег. Просечната јануарска температура е -4,9 ° на југ, а 7,6 ° на север, додека пак просечната температура во јули е 28,2 ° на југ и 26 ° на север. Годишните врнежи се 110 мм, главно во зима и пролет. Периодот на вегетација е 194-214 дена.

Флора и Фауна[уреди | уреди извор]

Постојат 979 видови повисоки растенија во Каракалпакстан. 41 од нив припаѓаат на култивирани растенија. Од дивите растенија, 176 се ендемски, 11 се реликтни и 33 видови се диви предци на култивираните растенија. 7 видови растенија се вклучени во Црвената книга на Узбекистан. Поради својата локација во не-тропска пустинска зона, Каракалпакстан е поделен на вегетациски зони: Висорамнината Устиурт, делта на Аму Дарја, северозападен Кизилкум и природна географска зона на ниски планини. Пејзажот на Устиурт е песочна пустина, со вегетација составена од хипофити, халофити и неколку псамофити. Постојат повеќе од 400 видови повисоки растенија во областа. Во делтата Аму Дарја има 655 видови цветни растенија. Спротивно на тоа, во сливовите на делтата, растителните видови се ретки, кои главно се состојат од густа тугејска вегетација и трска. Во северо-западниот дел на Кизилкум, големи области се покриени со ретки тревни пустински растенија.

Фауната е исто така разновидна: познати се околу 500 видови 'рбетници, вклучувајќи 68 цицачи, повеќе од 300 птици, 33 влекачи и околу 50 видови риби. Идентификувани се повеќе од 3.500 видови безрбетници. Фауната на Каракалпакстан значително се промени во текот на последните 10 години. Многу видови го намалија својот број и се наведени како ретки или загрозени. 10 видови цицачи, 12 видови риби, 37 видови птици и 10 видови влекачи се вклучени во Црвената книга на Узбекистан. Меѓу влекачите најраспространети се гуштерите и змиите во пустините; Од големите цицачи застапени се газела, волк, лисица, диви свињи, мачки и зајаци; Помеѓу птиците најзастапен е орелот; Од големите инсекти најзастапени се пајаците и скорпиите, како и други помали видови инсекти. Од Аму Дарја и Аралското Езеро, се ловат крап, таран, лигни и други риби. Некои видови исчезнаа и го загубија своето индустриско значење. Во исто време, 14 нови видови риби се аклиматизирани во басените на Каракалпакстан.

Постојат 3 специјално заштитени природни области во земјата: државниот резерват Бадајтокај, резерватите Сајга и Судочие. Вкупната површина на заштитените подрачја е 1.056,5 илјади хектари.

Демографија[уреди | уреди извор]

Каракалпашко момче со дедо му

Населението на републиката, во април 2019 година, изнесуваше 1.875.400 луѓе - околу 5,6% од населението на Узбекистан. Се проценува дека околу 400.000 од населението се Каракалпаци, 400.000 се Узбеци, а 300.000 се Казаци.[2] За периодот јануари - декември 2016 година, наталитетот изнесуваше 39.427, стапката на смртност - 8396. Во исто време, населението на главниот град изнесувало 307.400 жители. Природната стапка на раст е 31.000, или 1,72%. Просечната возраст во 2017 година беше 27,7 години, што е помладо од остатокот на Узбекистан (просечна возраст од 28,5 години низ целата земја). Мажите имаат 27,1 години, додека жените 28,2 години.

Урбаното население во 2011 година изнесувало 49,8%, а регионот речиси и да не беше засегнат од масовната внатрешна миграција на Узбеците од селата кон градовите и урбаните населби (во 2008 година, градските жители учествуваа со 48,5% од жителите на Каракалпакстан). Освен главниот град Нукус, поголеми градови се Мангит,  Беруни, Кунград, Турткул и Хоџејли.

Информациите за етничкиот состав ги објавуваат официјалните статистички агенции на земја. Официјалната веб-страница на Комитетот за меѓуетнички односи и пријателски односи со странски земји под Кабинетот на министри на Република Узбекистан ги објави следните информации за бројот на националните малцинства во Каракалпакстан (од 1 јануари 2017 година):

Динамика на големината и етничкиот состав на населението во Каракалпакстан според податоците на пописите на СССР од 1926-1989 година:

Националност 1926 % 1939 % 1959 % 1970 % 1979 % 1989 %
Вкупно 304 539 100,00 % 469 702 100,00 % 510 101 100,00 % 702 264 100,00 % 905 500 100,00 % 1 212 207 100,00 %
Узбеци 84 099 27,62 % 116 054 24,71 % 146 783 28,78 % 212 597 30,27 % 285 400 31,52 % 397 826 32,82 %
Каракалпаци 116 125 38,13 % 158 615 33,77 % 155 999 30,58 % 217 505 30,97 % 281 809 31,12 % 389 146 32,10 %
Казаци 85 782 28,17 % 129 677 27,61 % 133 844 26,24 % 186 038 26,49 % 243 926 26,94 % 318 739 26,29 %
Туркменин 9686 3,18 % 23 259 4,95 % 29 225 5,73 % 37 547 5,35 % 48 655 5,37 % 60 244 4,97 %
Руси 4924 1,62 % 24 969 5,32 % 22 966 4,50 % 25 165 3,58 % 21 287 2,35 % 19 846 1,64 %
Корејци 7347 1,56 % 9956 1,95 % 8958 1,28 % 8081 0,89 % 9174 0,76 %
Татари 884 0,29 % 4162 0,89 % 6177 1,21 % 7619 1,08 % 7617 0,84 % 7767 0,64 %
Останати 2072 0,68 % 1697 0,36 % 1874 0,37 % 2691 0,38 % 2650 0,29 % 4038 0,33 %
Украинци 621 0,20 % 3130 0,67 % 2201 0,43 % 2316 0,33 % 2005 0,22 % 2271 0,19 %
Башкири 29 0,01 % 381 0,08 % 571 0,11 % 854 0,12 % 920 0,10 % 1090 0,09 %
Киргизи 277 0,09 % 181 0,04 % 177 0,03 % 400 0,06 % 1955 0,22 % 867 0,07 %
Белоруси 30 0,01 % 214 0,05 % 328 0,06 % 517 0,07 % 852 0,09 % 567 0,05 %
Молдавци 10 0,00 % 16 0,00 % 57 0,01 % 343 0,04 % 632 0,05 %

Политика[уреди | уреди извор]

Статус во Уставот на Узбекистан[уреди | уреди извор]

Административна зграда

Република Каракалпакстан е формално суверена и го поседува правото на вето кон одлуки поврзани со неа. Според членот 21 од Уставот на Узбекистан, „државјанин на Република Каракалпакстан истовремено е државјанин на Република Узбекистан“. Според членот 69 од Уставот на Узбекистан, промените во границите на регионите на земјата, вклучително и границите на Република Каракалпакстан и нејзините области, се прават само со согласност на парламентот на Узбекистан.

Поглавјето 17 (членови 70 до 75) на Република Узбекистан е целосно посветено на Република Каракалпакстан. Според 70-тиот член, „суверената Република Каракалпакстан е дел од Република Узбекистан, а суверенитетот на Република Каракалпакстан е заштитен од Република Узбекистан“, според 71-от член, „Република Каракалпакстан има сопствениот Устав, и Уставот на Република Каракалпакстан не може да се коси со Уставот на Република Узбекистан“, според 72-от член, „законите на Република Узбекистан се задолжителни на територијата на Република Каракалпакстан“. Според 73-тиот член, „територијата и границите на Република Каракалпакстан не можат да се променат без нејзина согласност, а Република Каракалпакстан самостојно ги решава прашањата за својата административно-територијална структура“, според 74-от член, „Република Каракалпакстан има целосно право да се отцепи од Република Узбекистан врз основа на општ референдум на народот во Каракалпакстан ", и според член 75, „меѓусебните односи помеѓу Република Узбекистан и Република Каракалпакстан во рамките на Уставот на Република Узбекистан се регулирани со договори склучени од Република Узбекистан и Република Каракалпакстан, а споровите меѓу Република Узбекистан и Република Каракалпакстан се решаваат по мирен пат и дијалог“.

Статус во Уставот на Каракалпакстан[уреди | уреди извор]

Според првиот член од Уставот на Република Каракалпакстан, Каракалпакстан е суверена република во рамките на Република Узбекистан и има право да се отцепи од неа врз основа на општ референдум на народот во Каракалпакстан.

Декларацијата за државен суверенитет на Република Каракалпакстан беше усвоена и потпишана од Врховниот совет на АССР Каракалпак на 14 декември 1990 година. На 9 јануари 1993 година, раководството на Република Каракалпакстан и Република Узбекистан потпишаа меѓудржавен договор „За влез на Република Каракалпакстан во Република Узбекистан“. На 9 април 1993 година, Врховниот совет на Република Каракалпакстан го усвои Уставот на Република Каракалпакстан.

Економија[уреди | уреди извор]

Берење памук во близина на Кизил-Кала, Каракалпакстан.

Економијата на регионот порано беше многу зависна од рибарството во Аралското Езеро. Сега главна индустриска гранка се земјоделството и сточарството, одлгедувањето на памук, ориз, дињи и свилени буби, како и производството на хидроелектрична енергија од големата советска хидроцентрала на реката Аму Дарја.

Делтата на Аму Дарја некогаш била многу населена и поддржувала екстензивно земјоделство. Под Хорезм, областа постигнува значителна моќ и просперитет. Меѓутоа, постепената климатска промена низ вековите, забрзана со испарување на Аралското Езеро кон крајот на 20 век, создаде пуста сцена во регионот. Античките оази, реки, езера, мочуришта, шуми и фарми и пасишта се сушат и се трујат со сол што ја носи ветерот и остатоци од ѓубрива и пестициди од исушеното корито на Аралското Езеро. Летните температури се зголемија за 10 °C, а зимските температури се намалија за 10 °C. Стапката на анемија, респираторни заболувања и други здравствени проблеми е драстично зголемена.[6]

Во 2016 година започна со работа комплексот Устирут, кој е еден од најголемите светски проекти во секторот на нафта и гас. Во 2012 година, меѓународната публикација Project Finance International го препозна проектот и финансискиот договор за овој проект како најдобри во петрохемиската индустрија. Проектот, исто така, ги доби меѓународните награди „Најдобар договор за 2012 година“ од списанието Trade Finance Magazine и Global Trade Review.

Според прелиминарните податоци за 2019 година, Бруто-домашниот производ (БДП) на Република Каракалпакстан се зголеми за 6,8% и изнесуваше 18,735,7 милијарди Узбекистански соми. Растот на БДП се должи на позитивните стапки на раст во главните сектори на економијата во регионот, како што се земјоделството, шумарството и рибарството (учество во структурата на БПП - 27,3%), индустријата (31,0%), градежништвото (8,4%) и услужниот сектор (33,3%). Во исто време, БДП по глава на жител изнесуваше 9 944,1 илјади Узбекистански соми и се зголеми за 5,2%.

Административна поделба[уреди | уреди извор]

Според 73-тиот член Република Каракалпакстан самостојно ги решава прашањата за својата административно-територијална структура. Административниот центар на Каракалпакстан е градот Нукус.

Историја[уреди | уреди извор]

Во 1931 година, автономниот регион Кара-Калпак беше поделен на 11 области:

  • Кара-Узјакски, со центар во селото Кара-Узјак;
  • Кегеилиски, со центар во селото Кегеили;
  • Кипчак, со центар во селото Кипчак;
  • Кунградски, со центар во селото Кунгград;
  • Мујнакски, со центар во селото Мујнак;
  • Тамдински, со центар во селото Тами-Булак;
  • Тахтакупирски, со центар во селото Тахтакупир;
  • Турткулски, со центар во градот Шурахан;
  • Хоџејлски, со центар во населбата Хојејли;
  • Чимбајски, со центар во градот Чимбај;
  • Шабаз, со центар во селото Шеик-Абаз.

Во 1936 година, формирана е Куибишевската област. Во 1950 година, беше формирана е Шуманајската област, а во 1952 година - областа Кенески.[7] Во 1957 година започнува процес на централизација на областите. Први што беа укинати беа областите Кенески и Кипчак. Во истата година, формирана е областа Амударија, а областа Шабаз е преименувана во Берунински. Во 1959 година, областите Кара-Узјакски и Куибишев беа укинати. Во 1963 година, областите Беруни, Кунградски, Мујнак, Тахтакупирски и Шуманајски беа укинати. Во исто време, беше формиран индустрискиот регион Мујнак.

Во 1964 година, започна постепено зголемување на бројот на области. Така, во 1964 година, беа формирани областите Беруни и Кунградски, во 1965 година - Тахтакупирската област, во 1967 година - Шуманајската, во 1968 година - Нукус, во 1970 година - Ленинабад (сега Канликулски), во 1975 година - Кара-Узјакски, во 1977 година - Елилкала, и во 1979 година - областа Бозатауски. На 9 август 2017 година, областа Тахијаташски беше формирана со одвојување на дел од областа Хоџејли.[8][9]

Актуелна административна поделба[уреди | уреди извор]

Области во Каракалпакстан

Република Каракалпакстан е поделена на 16 области и градот Нукус, чиј административен статус е еднаков на статусот на областите. Во Каракалпакстан има 12 градови и 25 урбани населби.

Современи административни поделби:

Област Административен

Центар

Површина

(во км2)

Население

(1 јануари 2014 година)

(илјада луѓе)

Население

(1 јануари 2019 година)

(илјада луѓе)

Густина на население

(1 јануари 2019 година)

(на 1 км2)

1 Нукус 0,22 295,2 315,1 1432,2
2 Амудариски Мангит 1,02 179,1 195,2 191,4
3 Берунински Беруни 3,95 170,3 187,6 47,5
4 Бозатауски Бозатау 2,04 21,6 21,0
5 Канликулски Канликул 0,74 46,9 50,3 68,0
6 Кара-Узјакски Караузјак 5,89 49,6 52,4 8,9
7 Кегеилиски Кегеили 0,92 77,2 83,5
8 Кунградски Кунград 76,0 120,1 128,3 1,7
9 Мујнакски Мујнак 37,88 29,4 31,3 0,8
10 Нукуски Акмангит 0,94 44,4 49,1 52,2
11 Тахијаташски Тахијаташ 0,18 72,8 404,4
12 Тахтакупирски Тахтакупир 21,12 38,7 39,9 1,9
13 Турткулски Турткул 7,48 192,6 210,3 28,1
14 Хоџејлски Хоџејли 0,55 121,2 220,4
15 Чимбајски Чимбај 1,44 108,3 111,3 36,3
16 Шуманајска Шуманај 0,78 53,1 55,6 71,3
17 Елилкала Бустан 5,42 140,5 156,0 28,8

Медиуми[уреди | уреди извор]

Радио[уреди | уреди извор]

Во 2009 година, беше отворена првата радио станица во Каракалпакстан. Станицата се вика Нукус ФМ, која емитува на радио фреквенција 100,4 MHz, само во Нукус.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Монеты Хорезма“. www.sogdcoins.narod.ru. Посетено на 2021-08-28.
  2. 2,0 2,1 Mayhew, Bradley; Bloom, Greg; Noble, John; Starnes, Dean (2007). Central Asia: Kazakhstan, Tajikistan, Uzbekistan, Kyrgyzstan, Turkmenistan (англиски). Lonely Planet. ISBN 978-1-74104-614-4.
  3. Bolton, Roy; Strachan, Edward; Art, Sphinx Fine (2009). Russian Orientalism: Central Asia and the Caucasus (англиски). Sphinx Fine Art. ISBN 978-1-907200-00-7.
  4. Batalden, Stephen K.; Batalden, Sandra L. (1997). The Newly Independent States of Eurasia: Handbook of Former Soviet Republics (англиски). Greenwood Publishing Group. ISBN 978-0-89774-940-4.
  5. Roeder, Philip G. (2007-08-05). Where Nation-States Come From: Institutional Change in the Age of Nationalism (англиски). Princeton University Press. ISBN 978-0-691-13467-3.
  6. Pearce, Fred (2006). When the Rivers Run Dry: Water, the Defining Crisis of the Twenty-first Century (англиски). Beacon Press. ISBN 978-0-8070-8573-8.
  7. „Некорректно настроенный веб-обозреватель“. www.consultant.ru. Посетено на 2021-08-29.
  8. „Ðåñïóáëèêà Êàðàêàëïàêñòàí“. wwhp.ru. 2021-03-11. Посетено на 2021-08-29.
  9. www.kruz.uz. „Kruz.uz“. kruz.uz (узбечки). Посетено на 2021-08-29.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]