Капитал на банките

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Капиталот на банките (англиски: Bank Capital) ги покажува трајните извори на средства, односно оние средства кои ги вложиле сопствениците на банката. Овие средства, банката нема обврска да ги врати, туку тие ѝ остануваат на располагање сè додека таа постои. Банките во своето работење претежно се потпираат врз туѓи извори на средства што произлегува од основната функција на банките да посредуваат помеѓу оние економски агенти кои имаат вишок и оние кои имаат недостиг од финансиски средства. Ова е всушност причината поради која што учеството на капиталот во вкупните извори на средства кај банките е многу помало во споредба со она на нефинансиските трговски друштва. И покрај своето релативно скромно значење како извор на финансирање, капиталот има централно место во работењето на банките при што го привлекува вниманието како на акционерите (капиталот набљудуван низ призмата на принос што може да го остварат во однос на ризикот што го преземаат) и раководствата на банките (големо значење за деловната политика), така и на регулаторните органи и јавноста (оцена на сигурноста на банката). Со тоа што капиталот, освен дел од процесот на раководење на банката, претставува и прашање од поширок јавен интерес, клучното прашање за раководството на банката е како да се обезбеди оптимално ниво на капитал од гледна точка на целите на банката, но истовремено да се задоволат и ограничувањата што ги поставуваат регулаторите.

Содржина

Улогата на капиталот во работењето на банките[уреди | уреди извор]

Повеќе капитал (со самото тоа, помалку долг) значи дека банките се повеќе способни да ги претрпат загубите. Но истовремено, повеќе капитал значи помал профит. Ова е и причината поради која поседувањето на повеќе капитал за банките е „скапо“. И покрај тоа, банките не одрекуваат дека капиталот е есенцијален, бидејќи без него и најмала загуба ќе доведе до несолвентност. Капиталот може да се гледа како процент на средства кои што банката може да ги изгуби без притоа да стане несолвентна. Ако се намали вредноста на средствата на банката, тоа треба да се корегира со прилагодување на изворот на финансирање кој се користи. Обврските, како што се долгот и депозитите не можат да се намалат, но капиталот може. Акционерите се согласуваат да ги апсорбираат загубите доколку банката се најде во тешки времиња. Со тоа, капиталот наместо фонд за тешки времиња, претставува мерка за потенцијалот на банката да апсорбира загуби.[1] Банките држат капитал и од следниве причини:

  • тој обезбедува заштита од недостаток на готовина, бидејќи дивидендите можат да не се исплатат без притоа да има катастрофални последици, со што ќе се ослободат пари за да се исплатат штедачите;
  • доколку банката е принудена да се затвори, капиталот може да се искористи за да се платат неплатените долгови;
  • поседувањето на капитал ја охрабрува банката да презема помал ризик со оглед на тоа дека ризикува да го изгуби во случај на банкрот;
  • поради асиметричните информации, односно бидејќи банките знаат повеќе за исправноста на своето работење отколку што знаат инвеститорите, одлуката да држат повеќе капитал им сигнализира на штедачите и потенцијалните инвеститори дека банката нема да преземе преголем ризик;
  • бидејќи им е наложено од регулаторните органи.[2]


Всушност капиталот има три основни функции:

  1. Извор на финансирање – капиталот вложен од акционерите на банката служи за финансирање на инвестициите и тековните трошоци во почетниот период од работењето, бидејќи новата банка сè уште нема прибрано депозити од јавноста. Подоцна, капиталот го губи значењето како извор на финансирање поради тоа што банката претежно се финансира од туѓи извори на средства. Меѓутоа, и тогаш капиталот има посредно значење бидејќи поголемиот капитал ја зголемува сигурноста на штедачите и другите доверители, а тоа го олеснува пристапот на банката до туѓите извори на средства.
  2. Заштита од загуба во работењето – најважната функција на капиталот. Всушност, капиталот ги ублажува последиците од разните ризици на кои е изложена банката. Поради тоа што банките претежно се финансираат од туѓи извори на средства, доволно е банката да се соочи со мала загуба на средствата за таа да стане технички несолвентна, односно вредноста на нејзините обврски да биде поголема од вредноста на нејзините средства. Доколку, на пример, една банка 90% од средствата финансира од депозити, а 10% од сопствени средства, и вредноста на средствата на банката се намали за 15%, банката ќе биде несолвентна. Но, во случај банката да располага со поголем капитал, таа ќе остане солвентна, бидејќи загубата во работењето ќе падне на товар на капиталот. Од ова може да се заклучи дека, колку е поголем износот на капитал, толку банката е поподготвена да ги покрие загубите во работењето. Всушност, капиталот на банката покажува колкав износ на загуба може да покрие банката, а да не ги оштети штедачите и другите доверители.
  3. Можности за растеж на банката – големината на капиталот делува како регулатор на растежот на банката. Доколку банката сака да го прошири работењето потребно е да обезбеди дополнителен капитал. И зголемувањето на средствата преку позајмување на финансиските пазари мора да биде поддржано со дополнителен капитал по барање на доверителите кои сакаат да се заштитат од ризикот од пропаѓање на банката. Регулаторните органи пак, ги ограничуваат активностите на банката така што ги врзуваат за износот на капитал што го поседува банката. Всушност, регулативните одредби го ограничуваат растежот на банката, така што доколку банката сака да одобрува нови кредити, да вложува во недвижности или да стекнува сопственички учества во други друштва, таа мора да го зголеми капиталот.[3]

Видови капитал[уреди | уреди извор]

Капиталот како сметководствена категорија[уреди | уреди извор]

Во сметководтвото, капиталот на банката е разлика помеѓу вредноста на средствата (активата) на банката и вредноста на нејзините обврски. Од сметководствена гледна, точка капиталот го сочинуваат повеќе различни ставки:

Меѓутоа, сметководствениот капитал не ја одразува вистинската способност на банката за покривање на ризиците во работењето поради тоа што во сметководството на банката, голем дел од средствата и обврските се водат по историска, набавна вредност. Иако, во поново време, сè поголем дел од средствата на банките се прикажуваат по пазарна вредност, сепак овој проблем не е целосно отстранет.

Пазарна вредност на капиталот[уреди | уреди извор]

Теоретски, капиталот може да се набљудува и како разлика помеѓу пазарната вредност на средствата и пазарната вредност на обврските на банката. Исто така, пазарната вредност на капиталот може да се добие така што бројот на издадени акции ќе се помножи со нивната пазарна вредност. Пазарната вредност на капиталот претставува најдобар показател за финансиската состојба на банката, особено во однос на заштита од ризиците. По правило, оваа вредност е поголема во споредба со сметководствената вредност на капиталот бидејќи ги одразува и можностите за раст и очекуваните приливи во иднина. Меѓутоа, поради тоа што сите банки не котираат на берзите, како и тоа дека цените на акциите се менуваат секојдневно, и покрај теоретската надмоќ на пазарната вредност, регулаторите се држат до сметководствената вредност.

Регулаторен капитал[уреди | уреди извор]

Регулаторите, за своите потреби, даваат посебна дефиниција на капиталот којашто не мора да се совпаѓа со сметководствената дефиниција. Тие дозволуваат во капиталот да се вклучат и некои ставки коишто од сметководствена гледна точка не претставуваат капитал.[4] Така, според НБРМ, сопствените средства на банката претставуваат збир на основниот капитал и дополнителниот капитал намален за износот на одбитните ставки. При утврдувањето на износот на сопствените средства, банката е должна да ги почитува следните ограничувања:

  • дополнителниот капитал не смее да биде поголем од износот на основниот капитал на банката;
  • збирот на износот на кумулативните приоритетни акции и на субординираните инструменти коишто се дел од дополнителниот капитал не смее да надмине 50% од износот на основниот капитал.

Основен капитал[уреди | уреди извор]

Според регулативата на НБРМ, позициите коишто се дел од основниот капитал треба да ги исполнуваат следните услови:[5]

  • да се безусловно неповратни, односно да немаат рок на достасување и да не содржат клаузули или друг вид одредби коишто даваат можност за откупување, повлекување или исплата;
  • исплатата на дивиденда се врши само по исплата на сите правни и договорни обврски на банката и позициите не се оптоварени со задолжителна обврска за банката за редовна исплата на дивиденда;
  • да се во целост и веднаш на располагање за покривање на ризиците и загубите за време на работењето на банката;
  • да се во целост и неограничено расположливи за покривање на обврските на банката кон нејзините доверители во случај на стечај, односно ликвидација на банката.


Во основниот капитал на банката се вклучуваат:[6]

  1. Номиналната вредност на запишаните и уплатените обични и некумулативни приоритетни акции и премијата од продажбата на овие акции. Премијата од продадени акции претставува разлика меѓу продажната и номиналната вредност на акциите. Доколку продажната вредност на акциите е пониска од нивната номинална вредност, се добива негативна премија од продадени акции. Доколку продажната вредност на акциите е повисока од нивната номинална вредност, се добива позитивна премија од продадени акции;
  2. Резерви и задржана нераспоредена добивка или загуба на банката:
    1. Резерви издвоени од оданочената добивка, коишто служат за покривање на загубите што произлегуваат од ризиците со кои се соочува банката во своето работење,
    2. Задржана добивка којашто не е оптоварена со какви било идни обврски, којашто е искажана во билансот на состојба и потврдена со одлука на Собранието на акционери на банката. Одлуката треба да содржи одредба којашто предвидува задржаната добивка да не биде расположлива за исплата на дивиденда на акционерите во иднина (ограничена за распределба на акционерите). Во оваа позиција се вклучува и акумулираната загуба од претходни години, со негативен предзнак;
    3. Добивка остварена во текот на годината (тековна добивка) доколку се исполнети следните услови:
      1. износот на тековната добивка на одреден пресечен датум е потврден од овластен ревизор, при што тековната добивка може да е дел од основниот капитал на банката за наредниот период на известување, само доколку во наредниот период банката остварила повисок износ на тековна добивка од износот потврден од страна на овластениот ревизор,
      2. износот на тековната добивка е намален за какви било плаќања врз основа на авансна дивиденда исплатена во текот на годината, даночни или друг вид слични обврски коишто се плаќаат од тековната добивка,
      3. банката ги вреднува своите средства и обврски врз основа на пропишаните сметководствени стандарди,
      4. надзорниот одбор на банката донесол одлука со која се предвидува распоредување на тековната добивка во резервите или задржаната добивка на банката, со што нема да може да се користи за исплата на дивиденда на акционерите, и
      5. банката доставила соодветен доказ до Народната банка дека ги исполнила условите наведени во претходните алинеи од оваа потточка;
    4. Добивка по оданочувањето на крајот на годината утврдена врз основа на неревидирани финансиски извештаи. Банката може да ја вклучува добивката по оданочувањето на крајот на годината во основниот капитал сѐ до донесувањето одлука од Собранието на акционери на банката за распоредување на остварената добивка.


Основниот капитал се намалува за следните позиции:[7]

  • Износ на загубата на крајот на годината или износот на тековната загуба;
  • Износ на нематеријалните средства;
  • Износ на откупените сопствени акции;
  • Износ на исправката на вредноста и посебната резерва, коишто не се издвоени на датумот на пресметување на сопствените средства, како резултат на сметководствено доцнење;
  • Разлика помеѓу исправката на вредноста и посебната резерва утврдена од страна на банката и потребниот износ на исправката на вредноста и посебната резерва согласно со Одлуката за управување со кредитниот ризик;
  • Износот на нереализирана загуба од сопственички инструменти расположливи за продажба мерени по објективна вредност;
  • Други одбитни ставки коишто се однесуваат на:
    • нереализираната загуба од вреднување на финансиските средства расположливи за продажба,
    • загубата од заштита од ризикот на нето-вложувања во странска валута (вложувања во правни лица со седиште надвор од Македонија),
    • загубата од заштита од ризикот од парични текови,
    • добивките од обврски на банката коишто се мерат по објективна вредност, а коишто се резултат на промени во кредитната способност (рејтинг) на банката,
    • кумулативните расходи од нетековни средства или групи за отуѓување коишто се чуваат за продажба,
    • нето негативните ревалоризациски резерви и останатите разлики од вреднување коишто произлегуваат од вложувања во придружени друштва или заеднички вложувања коишто се вреднуваат со користење на методот на главнина,
    • други слични нето негативни ревалоризациски резерви и останатите разлики од вреднување.

Позитивните ревалоризациски резерви не се вклучуваат во износот на основниот капитал.

Дополнителен капитал[уреди | уреди извор]

Во дополнителниот капитал се вклучуваат:[8]

  1. Номиналната вредност на запишаните и уплатените кумулативни приоритетни акции и премијата од продадените кумулативни приоритетни акции, намалени за износот на откупените сопствени кумулативни приоритетни акции;
  2. Ревалоризациските резерви, и тоа:
    1. 80% од нереализираната добивка од ревалоризацијата на сопственичките инструменти коишто се расположливи за продажба и мерени по објективна вредност,
    2. 80% од нереализираната добивка од ревалоризацијата на должничките инструменти расположливи за продажба, мерени по објективна вредност;
  3. Хибридни инструменти издадени од страна на банката;
  4. Субординирани инструменти издадени од страна на банката.


Кумулативните приоритетни акции треба да ги исполнат следните услови:[9]

  • да се безусловно неповратни;
  • да се субординирани во однос на останатите доверители на банката, вклучувајќи ги и сопствениците на субординирани и хибридни инструменти;
  • да можат веднаш и без ограничувања да се користат за покривање на загубите од работењето на банката, како и во случај на стечај или ликвидација на банката:
  • банката да има можност да ја ограничи исплатата на дивиденда на овие акции.

Хибридните инструменти коишто се вклучуваат во дополнителниот капитал претставуваат финансиски инструменти коишто имаат карактеристики на обврски и капитал и коишто ги исполнуваат следните услови:

  • да се настанати со паричен прилив во банката, при што само уплатениот дел се вклучува во дополнителниот капитал;
  • рокот на нивното достасување не е однапред определен;
  • не се покриени со друг вид обезбедување од страна на банката или лице поврзано со банката (банката, или лице поврзано со банката, дополнително не ги покрила со гаранција, хипотека или друг вид обезбедување);
  • да бидат евидентирани на посебна сметка во сметководствената евиденција на банката;
  • да содржат клаузула за субординација, односно клаузула според која во случај на стечај или на ликвидација на банката овие обврски ќе бидат исплатени пред намирувањето на обврските кон акционерите на банката, но по намирувањето на обврските кон останатите доверители, вклучувајќи ги и обврските врз основа на субординирани инструменти;
  • да можат веднаш и без ограничувања да се користат за покривање на загубите од работењето на банката, како и во случај на стечај или ликвидација на банката;
  • да не можат да бидат исплатени или откупени од страна на банката, ако не се поминати најмалку пет години и еден ден од датумот на издавањето и ако банката не добие претходна согласност од Народната банка, освен во случај на нивно претворање во обични или некумулативни приоритетни акции на банката, согласно со прописите;
  • договорот предвидува опција за одложено плаќање на приносот од инструментот, во случај кога банката не работи со добивка или кога стапката на адекватност на капиталот се намалила под минималното ниво пропишано од страна на Народната банка, зголемено за 4 процентни поени;
  • да не се користат како обезбедување на побарувањата и потенцијалните обврски на банката;
  • договорот содржи клаузула за конверзија на хибридниот инструмент во обични или некумулативни приоритетни акции, доколку стапката на адекватност на капиталот на банката се намали под минималното ниво пропишано од Народната банка; и
  • договорот содржи одредба според која хибридниот инструмент нема третман на депозит (штеден влог) и не е предмет на осигурување од страна на Фондот за осигурување на депозити.


Доколку хибридниот инструмент е издаден во форма на хартии од вредност, при пресметката на дополнителниот капитал банката ја зема предвид номиналната вредност на тие хартии од вредност, намалена за износот на дисконтот.


Субординираните инструменти коишто се вклучуваат во дополнителниот капитал се финансиски инструменти на банката коишто, без оглед на формата, треба да ги исполнуваат следните услови:[10]

  • да се настанати со паричен прилив во банката, при што само уплатениот дел се вклучува во дополнителниот капитал;
  • да не се покриени со друг вид обезбедување од страна на банката или лице поврзано со банката (банката, или лице поврзано со банката, дополнително не ги покрила со гаранција, хипотека или друг вид обезбедување);
  • да содржат клаузула за субординација, односно клаузула според која во случај на стечај или на ликвидација на банката, овие обврски ќе бидат исплатени пред намирувањето на обврските кон акционерите на банката и носителите на хибридни инструменти, но по намирувањето на обврските кон останатите доверители;
  • да имаат рок на достасување подолг од пет години и еден ден од датумот на настанатиот прилив на парични средства во банката врз основа на овие инструменти;
  • да не можат да бидат исплатени или откупени од страна на банката, пред рокот на достасување, освен во случај на нивно претворање во обични или некумулативни приоритетни акции на банката или во хибридни инструменти кај банката, согласно со прописите;
  • да можат да се користат за покривање на загубите во случај на стечај или ликвидација на банката;
  • да не предвидуваат исплата на камата или друг вид принос којшто сериозно може да ја загрози профитабилната позиција на банката;
  • да не се користат како обезбедување на побарувањата и потенцијалните обврски на банката; и
  • договорот содржи одредба според која субординираниот инструмент нема третман на депозит (штеден влог) и не е предмет на осигурување од страна на Фондот за осигурување на депозити.


При пресметката на сопствените средства на банката во текот на последните пет години до рокот на достасување, износот на субординираниот инструмент се дисконтира за 20% секоја година. Во последната годината пред рокот на достасување или исплата, субординираниот инструмент не се вклучува во пресметката на сопствените средства. Доколку субординираниот инструмент е издаден во форма на хартии од вредност, при пресметката на дополнителниот капитал банката ја зема предвид номиналната вредност на тие хартии од вредност, намалена за износот на дисконтот.

Одбитни ставки од основниот капитал и дополнителниот капитал[уреди | уреди извор]

Според регулативата на НБРМ, збирот на основниот и дополнителниот капитал на банката се намалува за одбитните ставки, и тоа, 50% од основниот капитал и 50% од дополнителниот капитал. Доколку износот на одбитните ставки којшто треба да се одбие од дополнителниот капитал го надмине неговиот износ, остатокот на одбитни ставки се одбива од основниот капитал. Одбитни ставки од основниот и дополнителниот капитал се:

  • Вложувањата во капиталот на други банки или други финансиски институции, освен финансиските институции коишто претставуваат над 10% од капиталот на тие институции. При утврдувањето на износот на вложувања на банката во капиталот на други банки или други финансиски институции се земаат предвид сите директни и индиректни вложувања во капиталот на овие институции. Доколку вака добиениот износ надминува 10% од капиталот на тие институции, како одбитна ставка се земаат само директните вложувања на банката во капиталот на тие институции;
  • Вложувањата во субординирани и хибридни инструменти и други инструменти коишто, согласно со прописите, се вклучуваат во утврдувањето на стапката на адекватност на капиталот на други банки или други финансиски институции, освен финансиските институции во кои банката поседува над 10% од капиталот на тие институции;
  • Агрегатниот износ на вложувањата на банката во капиталот, субординираните и хибридните инструменти и други инструменти коишто, согласно со прописите, се вклучуваат во утврдувањето на стапката на адекватност на капиталот на други банки и други финансиски институции, освен вложувањата во институциите којшто надминува 10% од збирот на основниот капитал и дополнителниот капитал на банката пред да се намали за одбитните ставки од оваа точка.
  • Вложувањата на банката во капиталот на друштвата за осигурување и реосигурување коишто надминуваат 10% од капиталот на тие друштва;
  • Вложувањата во финансиски инструменти издадени од друштвата за осигурување во кои банката поседува над 10% од нивниот капитал, доколку тие инструменти, согласно со прописите, се вклучуваат во утврдувањето на капиталот на овие друштва;
  • Износот на надминувањето на лимитите од Законот за банките коишто се однесуваат на поединечниот капитален дел (15%) и на агрегатниот, односно вкупниот износ на капиталните делови во нефинансиски институции (30%). Доколку банката надмине еден од наведените лимити, како одбитна ставка се зема износот на надминувањето на лимитот. Доколку банката ги надмине и двата наведени лимити, како одбитна ставка се зема поголемиот износ од надминувањата на двата лимити.[11]

Базелска спогодба за адекватност на капиталот[уреди | уреди извор]

Базел 1[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Базелска спогодба.

Базелската спогодбa за единствени стандарди за капиталот на банките, позната уште и како Базел I, била донесена од Базелскиот комитет за банкарска супервизија во Базел), во јули 1988 година, а почнала да се применува од 1993 година. Оваа спогодба се темели на неколку принципи и тоа: капиталот има критично значење во заштита од ризиците, големината на капиталот што треба да го поседуваат банките е поврзан со кредитниот ризик на одделни видови средства, утврдена е минимална стапка на капитал од 8% во однос на средствата пондерирани според ризикот. Потребниот капитал за покривање на ризиците во работењето се пресметува со стапката на адекватност на капиталот која го покажува износот на капитал што го поседува банката во однос на нејзините средства што се изложени на ризикот. Со Базелската спогодба се пропишуваат ставките што го сочинуваат капиталот на банките, при што тој се состои од: ниво 1 (tier 1) – основен капитал (обични и приоритетни акции, задржана добивка итн.) и ниво 2 (tier 2) – дополнителен капитал (останатите ставки од сметката на капиталот). Потоа, се пропишува начинот на пресметка на средствата пондерирани според ризикот, односно составните елементи, при што се дадени различни пондери за одделни групи средства во зависност од нивото на кредитниот ризик на кое се изложени. Поради еден од најголемите недостатоци на Базелската спогодба, земањето предвид само на кредитниот ризик како најзначаен ризик во работењето на банките, таа била дополнета во 1996 година со што се зема предвид и пазарниот ризик, а дополнувањето почнало да се применува во 1998 година. Со ова дополнување било предвидено банките да издвојуваат дополнителен капитал за покривање на одделните форми на пазарен ризик.[12]

Базел 2 – Нова базелска спогодба[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Базел II.

Новата базелска капитална спогодба претставува еден од најголемите предизвици пред кои се наоѓа банкарската супервизија на меѓународно ниво. Станува збор за комплексна методологија за утврдување на адекватноста на капиталот, којашто во голема мера одговара и произлегува од тековните состојби на меѓународните финансиски пазари. Имено, појавата и развојот на новите банкарски производи и инструменти и новите методи за управување со банкарските ризици наметнале потреба за сериозни промени во Капиталната спогодба од 1988 година, со која се воспоставуваат основните принципи за утврдување на потребниот износ на капитал за покривање на ризиците на кои е изложена една банка во своето работење. Како резултат на ваквите движења и промени, Базелскиот комитет за банкарска супервизија во 1999 година го започнал процесот на ревизија на Капиталната спогодба, заради развивање на нова рамка за утврдување на капиталната база. Во 2004 година, Базелскиот комитет го усвоил конечниот текст на Новата капитална спогодба, позната и како Базел 2. По нејзиното донесување, во голем број земји од светот започнале активности за воведување и примена на одредбите на новата спогодба.[13]


Новата Капитална Спогодба има за цел целосно акцентирање на управувањето со ризиците во банките и давање основа за подобрување на можностите на банките за проценка на сите видови ризици на кои се изложени во текот на своето работење. Утврдувањето на капиталната база, согласно новата рамка, се врши на начин кој што најдобро ги рефлектира практиките и процедурите на банките за управување со ризикот, при што посебен акцент се става и на супервизорските процедури и практики за следење и анализа на овие практики, како и на воспоставувањето на пазарна дисциплина со воведување на обврска на банките за објавување на одредени податоци и информации за видовите ризиците на кои се изложени и износот на капиталната база. Имено, Новата капитална спогодба се состои од три основни елементи:

  1. Pillar 1 - Минимум капитални барања - се дефинираат основните компонети кои што се користат за утврдување на адекватноста на капиталот: гарантниот капитал и ризично пондерираната актива. Новата капитална рамка предвидува промени во начинот на утврдување на ризично пондерираната актива, додека начинот на утврдување на гарантниот капитал останува ист како и во постојната капитална рамка. Промените во утврдувањето на ризично пондерираната актива се однесуваат на промени во третманот на кредитниот ризик и на вклучувањето на оперативниот ризик. Во поглед на третманот на кредитниот ризик, дадени се три можности за пресметка на капиталната база за покривање на овој ризик, и тоа: ревидиран стандарден пристап, основен и напреден пристап на интерно рангирање. Вклучувањето на оперативниот ризик во основата за пресметка на капиталната база, претставува една од најзначајните новини на Новата Капитална Спогодба. Оперативниот ризик е многу значаен ризик на кој што се изложени банките, поради што тие треба да имаат соодветна заштита од евентуалните загуби кои што би можеле да настанат како резултат на овој ризик. Оттука, предвидена е примена на три различни методологии за вклучување на оперативниот ризик во утврдувањето на капиталната база: базичен индикатор, стандарден пристап и интерна проценка. Врз база на извршените анализи, се очекува со примената на новата спогодба, оперативниот ризик да зафаќа 20% од утврденото ниво на потребен капитал.
  2. Pillar 2 - Супервизорската анализа и оценка - се дефинира улогата на супервизијата во следењето и анализата на моделите на утврдување на адекватноста на капиталот применувани од страна на банките.
  3. Pillar 3 - Пазарна дисциплина - се дефинираат основните информации и податоци кои што имаат јавен карактер, односно кои што банките треба да ги објавуваат на редовна основа.

На овој начин, со новата спогодба на банките им се дава можност за избор помеѓу повеќе опции кои што им стојат на располагање за пресметка на адекватноста на капиталот. Ова е можеби најголемата новина која што се воведува преку новата капитална спогодба. Имено, имајќи ја предвид големата разлика помеѓу банкарските институции од аспект на нивната големина и комплексност, не е можно да се примени рамка која би била иста за сите, уште повеќе која би била подеднакво ефикасна и применлива за сите банки. Поради тоа, предложен е пристап во кој различни опции ќе им бидат достапни на различни банки, во зависност од нивните потреби и нивната спремност за инвестирање во пософистицирани системи за проценка на ризикот.[14]

Базел 3[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Базел III.

Како резултат на глобалната финансиска криза од 2007 година, во претходните неколку години националните финансиски регулатори и меѓународните финансиски организации преземале значајни активности за зајакнување на финансискиот систем и зголемување на неговата отпорност. Како дел од тие активности, од особено значење се активностите на Базелскиот комитет за банкарска супервизија. Од појавата на кризата до денес, Комитетот има изработено повеќе предлози за унапредување на постојната капитална рамка и зајакнување на прудентните стандарди и има направено измени во различни делови од спогодбата. Во таа насока се и последните измени на Базелската капитална спогодба, познати како Базел 3, коишто биле усвоени од страна на највисокиот орган на Базелскиот комитет во август и септември 2010 година.[15]


Најзначајните промени можат да се поделат во две групи активности: зајакнување на капиталната рамка (зголемување на потребното ниво капитал) и воведување меѓународен ликвидносен стандард. Oсновната цел на реформата на капиталната рамка е подобрување на квалитетот на структурата на сопствените средства на банките, преку зголемување на нивото и учеството на основните елементи на ниво 1 (основниот капитал). Поголем фокус се става на акционерскиот капитал (обични акции и задржана добивка), отколку на инструментите со должнички карактеристики и понизок квалитет. Минималниот однос помеѓу акционерскиот капитал и активата пондерирана според ризикот се зголемува од 2% на 4,5%. Зголемувањето на овој однос е проследено со зголемувањето на стапката на основниот капитал од 4% на 6%, додека вкупната стапка на адекватност на капиталот останува непроменета (8%).

Меѓутоа, со предложената реформа се предлагаат два дополнителни износа на потребен капитал: за зачувување на капиталот и противцикличен капитал, коишто предизвикуваат зголемување на потребното ниво на капитал на банките. Дополнителниот износ за зачувување на капиталот може да се состои само од акционерски капитал (емисии на акции, зголемување на задржаната добивка), при што мора да изнесува најмалку 2,5% од активата пондерирана според ризици. Со воведување на дополнителниот износ на капитал, треба да се создаде дополнителна сигурност дека капиталот ќе биде доволен за покривање и поддршка на тековното работење на банката. Противцикличниот капитал може да се движи од 0-2,5% во зависност од состојбите во кои се наоѓа националниот финансиски систем (висината ја утврдува секој национален супервизорски орган). Банките нема да бидат должни да издвојуваат ваков вид дополнителен капитал во текот на целиот Економски циклус. Овој капитал се пропишува како задолжителен во услови на значаен кредитен раст којшто може да предизвика раст и на системскиот ризик. Иако предложената реформа не ја менува минималната висина на стапката на адекватност на капиталот, преку воведувањето дополнителни износи на потребен капитал, висината на оваа стапка се зголемува најмалку за дополнителни 2,5 процентни поена.

Ниво на капитал потребен за покривање на ризиците (во проценти)

Исто така, со Базел 3 се воведува дополнителен инструмент за заштита на нивото на капитал кај банките изразен преку стапката на задолженост, која претставува однос на капиталот (основен капитал) и билансната и вонбилансната актива (вклучувајќи ги и дериватите) на банката. Целта на воведувањето на оваа стапка е да обезбеди противтежа на стапката за адекватноста на капиталот којашто има за цел покривање на ризичната актива, а не и на целокупната актива на банкарските институции. Оваа стапка треба да изнесува најмалку 3%. Со новата реформа се воведуваат две ликвидносни стапки коишто имаат за цел зајакнување на краткорочната отпорност на банките на потенцијалните ликвидносни проблеми и заштита од долгорочната структурна неусогласеност на активата и пасивата. Стапката на покриеност на ликвидноста претставува однос помеѓу износот на висококвалитетна ликвидна актива и нето паричните одливи во наредните 30 дена и не смее да е пониска од 100%. Другата стапка, односно стапката на нето стабилни извори на финансирање обезбедува покривање на рочната неусогласеност на активните и пасивните позиции на банката. Оваа стапка треба да изнесува најмалку 100% и треба да претставува поттик за банките да користат стабилни извори на финансирање. Се пресметува како однос помеѓу расположливите стабилни извори на финансирање и потребните стабилни извори на финансирање. Поради обемноста на промените, се предвидува нивно постепено воведување до крајот на 2018 година.[16]

Регулација на капиталот во Македонија[уреди | уреди извор]

Законот за банките го пропишува минималниот износ на капитал којшто банката мора да го обезбеди за да започне со работа, кој изнесува 310 милиони денари. Притоа банката е должна да обезбеди капитал од 560 милиони денари за да може да ги извршува сите финансиски активности наведени во Законот. Во однос на капиталот потребен за покривање на ризиците, преземен е меѓународниот стандард за минимална стапка на адекватност на капиталот]] од 8%, при што Законот му дава право на гувернерот на НБРМ да пропише и повисока стапка, доколку некоја банка е изложена на поголеми ризици.[17]

Потребен капитал за покривање на ризиците[уреди | уреди извор]

Капиталот потребен за покривање на ризиците претставува збир на:[18]

  • капиталот потребен за покривање на кредитниот ризик којшто се добива кога активата пондерирана според кредитниот ризик ќе се помножи со 8%;
  • капиталот потребен за покривање на валутниот ризик;
  • капиталот потребен за покривање на пазарните ризици;
  • капиталот потребен за покривање на ризикот од промена на цените на стоките; и
  • капиталот потребен за покривање на оперативниот ризик.

За банката да го пресмета потребниот капитал за покривање на ризиците треба да ги распредели сите билансни позиции во две групи, и тоа: портфолио за тргување (тука спаѓаат сите финансиски инструменти коишто банката ги чува за тргување, како што се акции, обврзници, финансиски деривати, репо-договори итн.) и портфолио на банкарски активности (останатите ставки од билансот на состојба). Доколку портфолиото за тргување не надминува 6% од вкупните средства на банката, тогаш таа треба да обезбеди капитал само за покривање на кредитниот ризик и на дел од пазарните ризици, односно валутниот и ценовниот ризик, додека во спротивно, банката мора да обезбеди капитал за покривање на сите пазарни ризици.

Капитал за покривање на кредитниот ризик[уреди | уреди извор]

Банката е должна да ги распореди билансните и вонбилансните побарувања во соодветни категории на изложеност и да им додели соодветен пондер на ризичност во зависност од степенот на кредитен квалитет на должникот или побарувањето. За потребите на оваа одлука, банката е должна да ја распореди секоја билансна и вонбилансна позиција којашто не е дел од портфолиото за тргување во една од следниве категории на изложености/позиции:

Производот меѓу износот на побарувањето распределено во соодветна категорија на изложеност и соодветниот пондер на ризичност ја дава пондерираната вредност на побарувањето којашто се вклучува во утврдувањето на активата пондерирана според кредитниот ризик. Активата пондерирана според кредитниот ризик претставува збир на пондерираната вредност на сите билансни и вонбилансни побарувања. Капиталот потребен за покривање на кредитниот ризик се добива кога активата пондерирана според кредитниот ризик ќе се помножи со 8%.[19] НБРМ средствата на банките ги распределува во пет групи на ризичност:

  1. пондер за ризик од 0% (парични средства, злато и депозити кај НБРМ; побарувања од НБРМ; од Владата на РМ; од меѓународни развојни банки; од ЕЦБ и од владите и централните банки на земјите со кредитен ризик од најмалку ВВВ според Стандард енд Пурс (Ваа3 според Мудис); побарувања обезбедени со паричен депозит; средствата кои претставуваат одбитни ставки при пресметка на сопствените средства на банката.)
  2. пондер за ризик од 20% (побарувања со обезбедување од Македонија, ЕЦБ, влади и централни банки, меѓународни развојни банки; побарувања обезбедени со злато; побарувања од првокласни банки; побарувања од домашни и странски банки со рочност до една година)
  3. пондер за ризик од 50% (побарувања од државни фондови и државни агенции во Македонија; побарувања обезбедени со хипотеки на станбени објекти; побарувања од регионални и локални власти на земји со кредитен ризик од најмалку ВВВ според Стандард енд Пурс)
  4. пондер за ризик од 100% (вложувања во земјиште, недвижности и опрема; вложувања во капиталот на други банки и финансиски институции; долгорочни побарувања од банките вклучени во втората група на ризик; побарувања од приватни клиенти врз основа на кредити, камати)
  5. пондер за ризик од 125% (побарувања од населението врз основа на искористените пречекорувања на тековните сметки и кредитите врз основа на кредитните картички)[20]

Третманот на вонбилансните средства – пред да изврши распоредување на вонбилансните побарувања, банката е должна да ги претвори одделните вонбилансни побарувања во билансни, со користење на факторите на конверзија. Висината на факторот на конверзија зависи од степенот на ризик присутен кај секое вонбилансно побарување, и тоа:

  • 0% за вонбилансните побарувања со низок ризик;
  • 20% за вонбилансните побарувања со среднонизок ризик;
  • 50% за вонбилансните побарувања со среден ризик;
  • 100% за вонбилансните побарувања со висок ризик.[21]

Овие средства се делат во две групи:

  • основни (рамковни кредити, акредитиви, гаранции, итн.) кои што се претвораат во еквиваленти на кредитниот ризик на тој начин што се множат со соодветните фактори на претворање, а потоа пресметаните еквиваленти се множат со соодветниот пондер за ризик.
  • специфични (финансиски деривати, но само оние со коишто не се тргува на берзата) за кои банката избира помеѓу две можности за пресметка на кредитните еквиваленти: метод на оригинална изложеност (овој метод ги опфаќа само дериватите на каматните стапки и на девизните курсеви) и метод на пазарна вредност (ги опфаќа сите видови деривати).[22]

Капитал за покривање на пазарните ризици[уреди | уреди извор]

Капиталот потребен за покривање на валутниот ризик се пресметува на тој начин, што збирот на апсолутниот износ на нето-позицијата во злато и агрегатната девизна позиција на банката се множи со 8%. Нето-позицијата на банката во злато претставува разлика помеѓу сите активни и пасивни позиции на банката во злато, вклучувајќи ги и сите вонбилансни позиции изразени во злато. Агрегатната девизна позиција на банката ги вклучува девизните активни и пасивни позиции на банката. Под девизни активни, односно девизни пасивни позиции се сметаат и денарските активни, односно денарските пасивни позиции со девизна клаузула. Збирот на сите нето девизни кратки позиции во одделни валути изразени во денари ја претставува вкупната кратка девизна позиција на банката, додека збирот на сите долги нето девизни позиции во одделни валути изразени во денари ја претставува вкупната долга девизна позиција на банката. Кратка девизна позиција постои кога збирот на активните позиции е помал од збирот на пасивните позиции. Долга девизна позиција постои кога збирот на активните позиции е поголем од збирот на пасивните позиции. Поголемиот износ од вкупната кратка девизна позиција и вкупната долга девизна позиција ја претставува агрегатната девизна позиција на банката.[23]


Банката треба да обезбеди соодветно ниво на капитал и за покривање на другите пазарни ризици на кои е изложено нејзиното портфолио за тргување. Тука спаѓа ценовниот ризик којшто претставува збир на специфичниот ризик (промена на цената на финансискиот инструмент како резултат на некои фактори поврзани со издавачот на инструментот) и на општиот пазарен ризик (промена на цената на финансискиот инструмент како резултат на промената на пазарните каматни стапки и на движењата на пазарот на капитал). Капиталот потребен за покривање на пазарните ризици ги вклучува и ризикот од порамнување, ризикот од договорната страна, ризиците поврзани со опциите, преголемата концентрација на кредитниот ризик.[24]

Капитал за покривање на оперативниот ризик[уреди | уреди извор]

Банката го утврдува капиталот потребен за покривање на оперативниот ризик со користење на базичниот индикатор, којшто претставува збир на следните позитивни и негативни позиции, остварени како резултат на редовното работење на банката:[25]

  • приходи од камата;
  • расходи од камата;
  • приходи од дивиденда, освен приходите од вложувања во придружени друштва, подружници и заеднички вложувања;
  • приходи од провизии и надомести;
  • расходи од провизии и надомести;
  • приходи и расходи од позиции коишто се дел од портфолиото за тргување;
  • приходи и расходи врз основа на курсни разлики;
  • реализирани приходи и расходи од позиции коишто не се мерат по објективната вредност преку билансот на успех, доколку произлегуваат од позиции коишто се дел од портфолиото за тргување;
  • приходи и расходи од позиции за заштита на вредноста на другите позиции и останати оперативни приходи.

При пресметката на базичниот индикатор не се вклучува каква било исправка на вредноста на позициите. Врз основа на базичниот индикатор, банката може да го утврди капиталот за покривање на оперативниот ризик со користење на еден од следните два пристапа: пристап на базичен индикатор (капиталот потребен за покривање на оперативниот ризик се утврдува кога аритметичката средина на тригодишните позитивни износи на базичниот индикатор ќе се помножи со 15%) и стандардизиран пристап (банката треба да го определи приходот што го остварува од осум деловни линии:[26]

Притоа, за секоја деловна линија е одреден процент, којшто може да прими три вредности: 12%, 15% и 18%.

Капиталот на банките во Македонија[уреди | уреди извор]

Во поглед на структурата на капиталот на банките во Македонија, најголемо учество има основачкиот капитал, односно издадените обични и некумулативни приоритетни акции. Притоа, релативното значење на основачкиот капитал е поизразено кај малите и средните банки, додека кај големите банки неговото учество во вкупниот капитал е прилично пониско. Потоа премијата од акциите и резервниот фонд имаат значително учество во структурата на капиталот само кај средните и големите банки, а задржаната добивка се јавува како важна ставка само кај големите банки. Тоа е нетипично за капиталот на банките имајќи го предвид фактот дека со текот на времето сè поголем капитал отпаѓа на задржаната добивка. Причина за малата улога на задржаната добивка како извор на капитал во Македонија може да се објасни со ниската профитабилност на банките, особено на малите и средни банки, како и практиката на банките најголем дел од добивката да ја распределуваат во вид на дивиденда. Субординираните инструменти, исто така, имаат поголемо значење само кај големите и средните банки.[27]


Доколку се набљудува целиот банкарски систем, може да се заклучи дека македонските банки во своето работење најмногу се потпираат врз туѓи извори на средства. Меѓутоа, набљудувано по групи на банки, се забележува дека за малите банки, капиталот претставува многу позначаен извор на средства во споредба со средните и големите банки. Тоа е сосема нормално со оглед на фактот дека големите банки се одликуваат со широка депозитна основа и со полесен пристап на финансиските пазари.


Табела 1: Капитал на банките во Македонија, 2004-2014

Сопствени средства (во милиони денари)


Од табелата 1, каде е прикажан капиталот на банкарскиот систем во Македонија во последните квартали во периодот од 2004 до 2014 година (со исклучок на 2014 година каде е прикажан третиот квартал), се воочува дека капиталот, односно сопствените средства на ниво на банкарски систем се зголемуваат двократно што е сосема нормално со оглед на тоа што банкарскиот систем бележи раст со текот на годините, како и построгата регулација на капиталот на банките од страна на регулаторните органи. Додека кај групите на големи и средни банки се забележува пораст на капиталот, кај малите банки се забележува тренд на намалување. Причина за тоа намалување е концентрацијата на банкарскиот систем (доминација на големите банки) , односно драстичното намалување на бројот на малите банки, од 10 во 2004 година, достигнувајќи 14 мали банки во првиот и вториот квартал во 2006 година, по што следи постојано опаѓање на оваа бројка пришто сега бројот на мали банки изнесува само 4.[28]


Табела 2: Адекватност на кашпитралот во банкарскито систем на Македонија, 2011-2014

Основен капитал/Актива пондерирана според ризиците (во%)[29]


Доколку се набљудува стапката на адекватност на капиталот, се воочува дека македонските банки далеку ја надминуваат минималната стапка од 8%, односно поседуваат доволно капитал за да ги покријат можните загуби во работењето. Притоа малите банки имаат далеку повисока стапка на адекватност на капиталот во споредба со големите. Причина за тоа е тоа што малите банки имаат мала депозитна основа и поради тоа што водат по конзервативна деловна политика.

Управување со капиталот на банките[уреди | уреди извор]

Банката мора да ги земе предвид регулаторните одредби за минимално ниво на капиталот, бидејќи тие претставуваат обврска. Регулаторните стандарди за адекватноста на капиталот имаат големо влијание врз деловната политика на банката со оглед на тоа што делуваат како надворешно ограничување на можностите за растеж на средствата, а особено на кредитите. Меѓутоа прашањето за потребното ниво на капитал на банката се набљудува и од гледна точка на акционерите на банката. Овде станува збор за прашањето на оптималната комбинација помеѓу туѓите и сопствените извори на средства, којашто обезбедува остварување на крајната цел на банката, а тоа е максимизирање на вредноста на акционерскиот капитал.

Оптимална структура на капиталот[уреди | уреди извор]

Банките, за разлика од нефинансиските претпријатија, остваруваат многу мал принос на средствата. Па затоа мораат да употребуваат висок степен на финансиски левераж (претежно да се финансираат од позајмени извори на средства), за на акционерите да им обезбедат задоволителен принос на вложениот капитал. Финансискиот левераж влијае врз профитабилноста и врз приносот на акционерскиот капитал, што може да се воочи од карактеристиките на трошоците на позајмените извори на средства. Банката плаќа договорена каматна стапка на депозитите и обврските, којашто не е условена од приносот што банката го остварува на средствата кои се финансирани од тие извори. Додека во случај кога банката се финансира од сопствени извори на средства целокупниот износ на средствата што банката го остварува ќе им припадне на акционерите. Од ова може да се заклучи дека доколку банката се финансира претежно од позајмени извори на средства има можност да оствари повисока профитабилност, а истовремено на акционерите да им обезбеди повисоки приноси.

Токму ова е причината зошто банките работат со релативно помал капитал во споредба со нефинансиските претпријатија. Меѓутоа, високото учество на долгот го зголемува финансискиот ризик на банката, односно води кон поголема променливост на заработката по акција. Доколку банката премногу се финансира од позајмени извори на средства, таа ќе има високи постојани трошоци на финансирањето. Со зголемување на променливоста на нето-добивката, високата задолженост го зголемува финансискиот ризик, а тоа негативно влијае врз цената на акциите на банката. Затоа наспроти стемежот за искористување на финансискиот левераж, што може да биде во спротивност со целта за максимирање на богатството на акционерите, тие нема да дозволат капиталот на банката да падне под одредено ниво.

Потоа, банката води сметка и за трошоците на финансирање. Долгот кој претставува далеку поевтин извор на средство има предност во однос на капиталот. Капиталот преставува најскап извор бидејќи сите ризици на кои е изложена банката паѓаат на товар на акционерите, при што како надомест за повисокиот ризик тие бараат повисок принос на средствата што ги вложуваат во банката. Додека штедачите и другите доверители се подготвени да прифатат пониски стапки на принос, бидејќи имаат некаква заштита. Долгот е поевтин извор на средства и поради тоа што каматните расходи се одбитна ставка во пресметката во основата за оданочување, додека приносот на акционерите целосно се оданочува. На остварениот финансиски резултат од работењето банката мора да плати данок на добивка, а дивидендата што им се дели на акционерите дополнително се оданочува со данок на личен доход. Врз изборот на изворот на финансирање зависат и трансакциските трошоци во врска со прибирањето на финансиските средства. И во овој случај долгот има предност во однос на капиталот бидејќи банките можат да прибираат депозити и да позајмуваат на пазарот на пари по ниски трансакциони трошоци, додека трошоците за издавање акции за повеќето банки се прилично големи. Врз капацитетот на банката за позајмување на финансиските пазари, влијае и односот помеѓу долгот и капиталот. Постои поврзаност помеѓу големината на капиталот на позајмувачот и износот на финансиски средства што инвеститорите се подготвени да го позајмат. Тоа произлегува оттаму што сигурноста на инвестираните средства, во крајна линија, зависи од капиталот на позајмувачот. Затоа за да има капацитет за позајмување на финансиските пазари, банката мора да одржува некое ниво на капитал кое делува како кочница во задолжувањето. Банката не се задолжува до крајната граница за да си остави простор за позајмување во случај на итна потреба од ликвидност или пак во случај на појава на поволна можност за инвестирање. Уште еден фактор од кој зависи оптималниот износ на капитал е големината на банката. Големите банки имаат широка дипозитна основа и лесен пристап на пазарот на пари, додека малите банки ги немааат овие предности, па се принудени позајмените извори да ги заменат со капитал, поради што работат со далеку поголеми стапки на капитализираност. Исто така, големите банки можат многу полесно да дојдат до акционерски капитал, додека малите банки не се толку познати во јавноста поради што нивните акции не се толку привлечни. Тоа е причината зошто малите банки вообичаено издаваат акции за однапред познати купувачи.

Врз одлуката за задолжување или прибирање дополнителен капитал, влијаат и тековните услови на финансиските пазари. При високи каматни стапки за банката е поисплатливо да се финансира преку издавање акции, додека при ниски поисплатливо е позајмување на пазарот на обврзници. Во изборот на начинот на финансирање на банката голема улога игра и сопственичката структура. Ако сопственоста е концентрирана во рацете на мал број акционери тие ќе претпочитаат финансирање преку задолжување за да не ја разводнат сопственоста преку влез на други акционери. Доколку банката има широка сопственичка структура со поголем број ситни акционери раководството на банката ќе може за да ја наметне идејата за издавање дополнителни акции.[30]

Извори на капиталот на банките[уреди | уреди извор]

Внатрешни извори на капитал[уреди | уреди извор]

Доколку банката се соочи со недостиг од капитал, таа може да го намали износот на поризичните средства (се намалува износот на поризичните средства за сметка на зголемување на средствата коишто се одликуваат со понизок степен на ризичност) или да обезбеди дополнителен капитал (да го зголеми капиталот преку задржување на делот од добивката или да прибере капитал од надворешни извори). Доколку добивката е доволна да се покријат потребите од дополнителен капитал препорачливо е банката да го избере овој извор, бидејќи задржаната добивка има предости во однос на прибирањето капитал од надворешни извори (банката ги избегнува трансакциските трошоци поврзани со издавањето акции, не ја нарушува сопственичката структура, не предизвикува разводнување на добивката по акција).

Политика на дивиденди[уреди | уреди извор]

Нето-добивката што ја остварила банката може да се распредели на акционерите или да се задржи како дел од капиталот. Оттука, банката мора да ја определи стапката на исплата на дивиденди (однос помеѓу износот на дивиденди и добивката по оданочување), односно стапката на задржана добивка (однос помеѓу задржаната добивка и добивката по оданочување). Основен проблем во политиката на дивидендите е дилемата: ако банката премногу испраќа дивиденди не ќе може да го зголеми капиталот, но доколку претежно ја задржува добивката (испраќа мали дивиденди) тоа ќе се одрази негативно врз цената на акциите. Всушност, ако банката не исплаќа дивиденди или неочекувано го намали нивниот износ, постојаните акционери би можеле да се посомневаат во својата подготвеност за чување на акциите. Затоа секоја банка треба да води стабилна и предвидлива политика на дивиденди, што значи: да исплаќа постојан износ на дивиденда (недостаток на овој пристап: банката да оствари мала или да не оствари добивка) или да одржува постојана стапка на исплата на дивиденди (недостаток на овој пристап: не обезбедува стабилно и предвидливо движење на дивидендата по акција). Важно е банката внимателно да ги процени ефектите врз цената на своите акции. Треба да одреди повисока стапка на исплата на дивиденди доколку нивната исплата има големо влијание врз цената на акциите и обратно, доколку не предизвикува големо влијание да определи повисока стапка на задржана добивка.

Надворешни извори на капитал[уреди | уреди извор]

Доколку со нето-добивката не може да се обезбеди потребниот износ на капитал банката ќе мора да прибира капитал од надворешни извори, како што се: обични и приоритетни акции, субординиран долг, хибридни финансиски инструменти итн. Кој извор на капитал ќе го избере зависи од повеќе фактори како што се трошоците на финансирање, ефектот врз цената на акциите на банката, условите на пазарот на капитал. Големо влијание врз можноста за прибирање на капитал од надворешни извори има големината на банката. Големите банки имаат непречен пристап на пазарот на капитал додека можностите на малите банки во голема мера се ограничени.

  • Обични акции – на сопствениците им носат право на глас во управувањето со банката, како и право на соодветно учество во нето-добивката. За регулаторните тела се најпосакуваниот облик на капитал, поради тоа што немаат рок на достасување. За банката предноста на обичните акции се состои во тоа што таа нема обврска за исплата на дивиденда. Меѓутоа обичните акции се најскапиот извор на финансирање поради високата стапка на принос што ја бараат акционерите. Исто така издавањето акции е поврзано со значителни трансакциски трошоци, а дивидендите не се одбитна ставка при исплата на данокот на добивка. Најпосле, тие стануваат уште поскап извор на финансирање ако дојде до опаѓање на цената на акциите. Голем проблем којшто се јавува при издавање на обични акции е тоа што се менува сопственичката структура на банката, а истовремено се разводнува добивката по една акција.
  • Приоритетни акции – на сопствениците им носат постојана дивиденда. Сопствениците на приоритетни акции имаат приоритетно право на диведенда во споредба со сопствениците со обични акции, но не носат право на глас на акционерското собрание. Тие како и обичните акции, претставуваат еден од поскапите извори на финансирање. Нивното издавање може да доведе до намалување на дивидендите на обичните акции. Издавањето на приоритетни акции има и позитивни страни како што се: банката нема обврска да исплати дивиденда што претставува предност во однос на обврзниците, овие акции претставуваат капитал, па со тоа се зголемува капацитетот на банката за позајмување на финансиските пазари, преднос во однос на обичните акции е тоа што најчесто носат постојана стапка на дивиденда, нивното издавање не ги загрозува интересите на мнозинските сопственици на банката.
  • Субординиран долг – обврските на банката (депозити, кредити, обврзници) што имаат помал приоритет во наплата на побарувањето во споредба со депозитите и другите недепозитни обврски на банката, односно тие се наоѓаат на претпоследното место на списокот за наплата на побарувањата од банката, пред акциите. Оваа карактеристика го доближува субординираниот долг до акционерскиот капитал поради што регулаторните тела дозволуваат да биде вклучен во дополнителниот капитал иако од сметководствена гледна точка тој претставува обврска. Предности на субординираниот долг: поевтин извор на финансирање од обичните акции, неговите каматни расходи се одбиваат од даночната основа за пресметка на данокот на добивка, доколку се одликува со постојана каматна стапка, банката има можност да го искористи финансискиот левераж, тој не ја нарушува постојната сопственичка структура и не ја разводнува добивката по една акција. Недостатоци на субординираниот долг: бидејќи предизвикува постојани финансиски расходи можно е при опаѓање на оперативните приходи на банката таа да не може да ги покрие овие расходи, поради зголемениот ризик банката може да се соочи со тешкотии во издавањето акции во иднина, без оглед на рочноста сепак има некој рок на достасување.
  • Хибридни финансиски инструменти – комбицација на долговни и сопственички хартии од вредност, како што се конвертибилните обврзници коишто на сопствениците им даваат право да ги претворат во обични акции. Овие обврзници се издаваат кога цената на обичните акции е ниска, што нив ги прави непривлечен извор за прибирање дополнителен капитал. Во оваа група спаѓаат и кумулативните приоритетни акции (носат право на кумулирање на неисплатената дивиденда од минатите години) и партиципативните приоритетни акции (покрај дивидендата, тие носат право и на дел од добивката што стои на располагање за исплата на сопствениците на обичните акции).[31]

Погледнете[уреди | уреди извор]


Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Капитал на банките
  2. За што е важен капиталот на банките
  3. Горан Петревски, „Управување со банките“ (второ издание), Економски факултет-Скопје, Скопје, 2011, стр. 268-270.
  4. Горан Петревски, „Управување со банките“ (второ издание), Економски факултет-Скопје, Скопје 2011, стр. 270-271.
  5. НБРМ, Одлука за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/2012)
  6. НБРМ, Одлука за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/2012)
  7. НБРМ, Одлука за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/2012)
  8. НБРМ, Одлука за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/2012)
  9. НБРМ, Одлука за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/2012)
  10. НБРМ, Одлука за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/2012)
  11. НБРМ, Одлука за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/2012)
  12. Горан Петревски, „Управување со банките“ (второ издание), Економски факултет-Скопје, Скопје, 2011, стр. 273-274.
  13. НБРМ, Нова Капитална Спогодба (Базел II)
  14. НБРМ, Елементи на Новата капитална спогодба
  15. НБРМ, Нова капитална спогодба (Базел III)
  16. НБРМ, Измени на Базелската капитална спогодба (воведување на Базел 3) и прелиминарни проценки за нивното влијание врз адекватноста на капиталот на банките во Република Македонија
  17. Горан Петревски, „Управување со банките“ (второ издание), Економски факултет-Скопје, Скопје 2011, стр. 277-278.
  18. Одлука за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/2012)
  19. НБРМ, Одлука за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/2012)
  20. Горан Петревски, „Управување со банките“ (второ издание), Економски факултет-Скопје, Скопје 2011, стр. 279-280.
  21. НБРМ, Одлука за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/2012)
  22. Горан Петревски, „Управување со банките“ (второ издание), Економски факултет-Скопје, Скопје 2011, стр.280.
  23. НБРМ, Одлука за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/2012)
  24. Горан Петревски, „Управување со банките“ (второ издание), Економски факултет-Скопје, Скопје 2011, стр. 281.
  25. Одлука за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/2012)
  26. Одлука за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/2012)
  27. Горан Петревски, „Управување со банките“ (второ издание), Економски факултет-Скопје, Скопје 2011, стр. 272-273.
  28. НБРМ, Преглед на банки по групи
  29. Показатели за адекватноста на капиталот на банките
  30. Горан Петревски, „Управување со банките“ (второ издание), Економски факултет-Скопје, Скопје, 2011, стр. 286-289.
  31. Горан Петревски, „Управување со банките“ (второ издание), Економски факултет-Скопје, Скопје, 2011, стр. 289-296.