Камбрија

Координати: 54°30′N 3°15′W / 54.500° СГШ; 3.250° ЗГД / 54.500; -3.250
Од Википедија — слободната енциклопедија
Камбрија
Церемонијална грофовија
Езерото Дервентвотер во Лејк Дистрикт, кула на тврдината во Карлајл и брегот во Сент Бис
Местоположба на Камбрија во рамките на Англија
Местоположба на Камбрија во рамките на Англија
ДржаваОбединето Кралство
Составна државаАнглија
РегионСеверозападна Англија
Основана1 април 1974
Часовен појасСредно време по Гринич (UTC±00:00)
 • Лете (ЛСВ)Британско летно време (UTC+01:00)
Најголем градКарлајл

Камбрија (англиски: Cumbria) ― церемонијална грофовија во Северозападна Англија. На север се граничи со шкотските управни области Дамфрис и Галовеј и Шкотски Граници, на исток со Нортамберленд и грофовијата Дарем, на југоисток со Северен Јоркшир, на југ со Ланкашир и на запад излегува на Ирско Море. Најголем град во Камбрија е Карлајл.

Грофовијата е претежно рурална, со површина од 6769 км2 и со население од 500.012 жители; според ова Камбрија е трета по површина церемонијална грофовија во Англија. По Карлајл (74.281), најголеми градови се Бароу-ин-Фернес (56.745), Кендал (29.593) и Вајтхејвен (23.986). За потребите на локалната самоуправа, грофовијата е поделена на две области: Вестморленд и Фурнес и Камберленд.[1] Камбрија е создадена во 1974 година од историските окрузи Камберленд и Вестморленд, областа Фурнес во Ланкашир и мал дел од Јоркшир.

Камбрија е позната по природната убавина и има многу заштитени области; Во Камбрија се наоѓа националниот парк Лејк Дистрикт и подрачјето со исклучителна природна убавина (AONB) Солвеј Кост и делови од националниот парк Јоркшир Дејлс, Арнсајд и Силвердејл и Северните Пенини. Сите тие ги штитат планините, езерата и крајбрежјето на грофовијата, вклучувајќи го и Скафел Пајк, која со 978 метри е највисока планина во Англија и Виндермир најголемо езеро по волумен во Англија.

Грофовијата има неколку неолитски споменици, како што е Мајбург Хенџ. Грофовијата се наоѓала на границата со Римска Британија, а Адријановиот ѕид минува низ северниот дел од грофовијата. Во раниот среден век, делови од регионот им припаѓале на Регед, Нортамбрија и Стратклајд, а била и под владение на Викинзите. Потоа била граница меѓу Англија и Шкотска која не била решена до Сојузот на круните во 1603 година. За време на Индустриската револуција, на јагленовото поле во Камберленд се развило рударството, а Бароу-ин-Фернес станал центар за бродоградба. Сепак, Камбрија не била многу индустријализирана, а Лејк Дистрикт станал ценет поради живописната природа, најмногу од езерските поети.

Име[уреди | уреди извор]

Имињата Камбрија и Камберленд значат „земја на Камбријците“ и се изведени од терминот кој го користеле жителите на областа за да се идентификуваат себеси. Во периодот од ок. 400 – ок. 1100, се смета дека секоја група луѓе кои живееле во Британија и кои се идентификувале како „Британци“ себеси се нарекувале со име слично на кам-ри („Cum-ri“) што значи „земјаци“ (а исто така опстоило и велшкото име за Велс, Кимру).[2] Првиот запис за Камберленд е во Англосаксонската хроника од 945 година.[3] Овој запис се однесува на кралството на Англосаксонците познато како Камберленд (често познато и како Стратклајд), кое во 10 век се смета дека се протегало од Лох Ломонд до Лидс.[4] Прв крал кој недвосмислено е опишан како крал на Камбријците е Овејн Ап Дифнвал, кој владеел од ок. 915 – ок. 937.[5]

Галерија[уреди | уреди извор]

Познати луѓе[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Names for two controversial Cumbria councils revealed“. BBC News. 5 November 2021. Архивирано од изворникот на 24 November 2021. Посетено на 24 November 2021.
  2. Tim (30 July 2011). „Terminology topics 5: Cumbria“. Senchus (англиски). Посетено на 5 January 2022.
  3. „Cumberland :: Survey of English Place-Names“. epns.nottingham.ac.uk. Посетено на 5 January 2022.
  4. Molyneaux, George (2015). The Formation of the English Kingdom in the Tenth Century (First. изд.). Oxford, United Kingdom: Oxford University Press. ISBN 978-0-19-871791-1. OCLC 898531165.
  5. Phythian-Adams, Charles (1996). Land of the Cumbrians : a study in British provincial origins, A.D. 400-1120. Aldershot, England: Scolar Press. ISBN 1-85928-327-6. OCLC 35012254.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]