Калистрат Зографски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Калистрат Зографски
Роден Крстан
1830 (?)
Струга
Починал 1914
Света Гора Атонска
Татко Стојан Санџак
Мајка Депа (Деспина) Санџак
Роднини Јоаким Санџак (брат)

Калистрат Зографски, родено име Крстан Санџак (Струга, ок. 1830 (?) - Света Гора, 1914) — бележит игуман и архимандрит на општежителниот манастир Свети Георгиј - Зограф на Света Гора Атонска. Енциклопедиски образован и задлабочен подвижник, теолог, музиколог и филолог. До замонашувањето работел како професор по грчки јазик и црковно пеење. Во манастирот Зограф ги создал: музичкото училиште и преведувачкото, калиграфско - препишувачко училиште. Како блескотен теоретичар на византиската невматска музичка традиција, композитор и пцалт од една страна, и одличен познавател на старогрчкиот, старословенскиот, новогрчкиот и романскиот јазик од друга страна, создавал несмртни музички дела и преводи. Со нив ги богател културните и цивилизациските силоси на православната икумена и на православниот македонски народ. Автор е на базична музичка литература Восточно црковно пеење во четири тома, отпечатена на Света Гора Атонска во 1905 година. Автор е на повеќе оригинални композиции. Најпознати се: Отца и Сина... и Достојно јест, во повеќе гласови. Како уредник на зографската издавачка дејност и како брилијантен познавател на повеќе класични и живи јазици Калистрат Зографски, прв, ги преведува и ги печати службите на св. Климент Охридски, св. Наум Охридски и св. Седмочисленици, од старогрчки на црковнословенски јазик запишани во Мосхополскиот кодекс. Уживал репутација на уникатен зографски пцалт. Се упокоил во зографската монашка киновија во 1914 (годината на неговото блаженоупокојување е запишана на черепот што до неодамна се чуваше во костурницата на Зографскиот манастир). Поради неговиот смирен, зеркателен и аскетски живот се смета за еден од најомилените духовници на Атонскиот манастир Зограф. Неговиот придонес кон музичките и филолошките науки е живо реактуализиран во современите научни кругови.[1]

Живот[уреди | уреди извор]

Семејо потекло[уреди | уреди извор]

Во шеесеттите години од минатиот век, стружанецот Јово Миле, поттикнат од својот постар брат, професор на катедрата по географија на Философскиот факултет во Скопје, сериозно се заинтересирал да го истражи потеклото на струшките семејства. Од таа причина ги посетил сите можни архиви во Македонија, од Историскиот архив до архивот што се чувал во тогашниот Секретеријатот за внатрешна работи. Јово Миле ја посетил и куќата на семејството Санџакоски во Струга, со намера да им ги соопшти резултатите од неговото истражување за нив. Тој дошол до заклучок дека, сите релевантни историски информации укажуваат на фактот дека, семејството Санџак дошло во Струга од Драч во Албанија. Некои стари струшки семејства и денес го чуваат знаењето за нивното потекло од албанските географски предели, и точно ги знаат имињата на градовите или селата од коишто потекнуваат. Сето тоа се случувало некаде во XVIII и XIX век. Историската литература врзана за македонските и албанските географски простори во епохата кога Струга се населува од семејства мигрирани од Албанија во Струга, говори за фактот дека, тоа историско раздобје коинцидира со егзилот на православните христијански семејства од словенско, грчко и влашко потекло. Причина за масовната преселба на православните христијани од Албанија во Македонија бил безочно манифестираниот прозелитизам на исламската религија.[2] Во насилното фаворизирање на исламот, особено предводеле епирскиот династ Али-паша Јанински (18 век) и Скадарските паши од родот на Бушталиите (18 век).[3][4] Не сакајќи да го примат исламот, ги напуштале своите родни огништа и се населувале претежно во Струга и во Охрид, но и во други градови во Македонија. Зошто токму во Струга и Охрид? Не е тешко да се заклучи, дека Охрид како седиште на Охридската архиепископија и по нејзиното неканонско укинување (1767 г.) не престанал да ја зрачи својата несмртна духовност. Ферманот на турскиот Султан, не можел да му ја одземе славата на моќен духовен културен и цивилизациски центар. Неговото влијание се чувствувало вдолж и попреку целиот православен Балкан. Токму затоа христијаните кои гравитирале кон Охрид, градот го доживувале како непробоен бедем на православната вера. Во него и околу него наоѓале заштита за својот православен идентитет. Познато е дека, јурисдикцијата на Охридската архиепископија, на запад се протегала до Драч.[5] На овој начин, најдобро се апсолвира причината поради која, албанските христијани, кои сакале докрај да и останат лојални на Светата Православна Црква, ги напуштале своите вековни огништа и ја населувале охридско - струшката регија. Таму наоѓале заштита и покров за својата распната љубов и за верноста кон Богочовекот Христос и Неговата Света Црква.

Диптих од Соборниот храм Св. Георгиј Победоносец - Струга, 1894 година

Согласно усното предание пазено во семејството Санџакоски до денес, семејната историска пасха од Драч во Струга се случила апроксимативно на залезот од 18-от век или во мугрите на 19-от век. Кажувањето на старите струшки Турци, за значењето на турскиот збор „санџак“, целосно се совпаѓа со толкувањето на истиот во познатиот Лексикон на Милан Вујаклија: „Sancak - тур., знаме; област која султаните им ја давале на управување на своите војводи; управување со помала област“.[6] Судејќи според значењето на семејното презиме, може да се извлече заклучок дека, членовите на семејството биле угледни и привилегирани граѓани на Драч кои, повеќе од кариерата и привилегиите што им ги нудела тогашната османлиска власт, го сакале Христа Господа и Неговата света Црква. Тоа значело да се одбие да се прими исламот и да се партиципира во власта, непријателски настроена кон православната вера. За да го сочуваат голиот биолошки живот, а потем и етничкиот (словенски) и религиозниот (православен) идентитет, членовите на семејството Санџак го напуштаат Драч.

Родослов на сем. Санџакоски

Првиот човек на семејството Санџак, кој се доселил од Драч во Струга бил Стојан Санџак. Семејната анамнеза соочува со фактот дека Стојан дошол во Струга како тотален сиромав. Го понел само голиот живот како дар на Живиот Троичен Бог. Огромниот имот со кој располагал во Драч засекогаш го оставил таму. Досегашново кажување за историјата на семејството Санџакоски, може да се потврди, и со имињата на упокоените и живите членови на семејството, запишани во диптихот на имиња, до ден денешен чуван во Проскомидијата на струшкиот Соборен храм „Свети Георгиј Победоносец“. По се изгледа, имињата се калиграфски испишани од раката на Високопреподобниот Архимандрит Калистрат Зографски, најугледниот член на семејството Санџакоски, и најдобриот познавател на семејното стебло. Она што е поважно од убавината на писмото се имињата на членовите на семејството Санџакоски кои до ден денешен се спомнуваат од струшкото свештенство, поради одлуката што во 1894 година ја донела Црковната општина во Струга: „вечно да се спомнуваат имињата на членовите на семејството на Архимандритот Калистрат Зографски“.

„Настојашчите имена од поп Калистрат С. Санџаков, шче се спомнуват вјечно според обшчинското решение, заради црковните вешчи. 1894 година“ - Диптих на имиња од Соборниот храм „Свети Георгиј Победоносец“ во Струга

Предмонашки живот[уреди | уреди извор]

Калистрат Зографски е роден во Струга, во бракот помеѓу Стојан Санџак (првиот човек од семејството Санџакоски што се доселил од Драч во Струга) и Депа (Деспина). Годината на раѓање не е позната. Судејќи според годините на неговата старост, монашкото братство на Зографскиот манастир претпоставува дека годината на неговото раѓање може да биде одредена некаде околу 1830 година.[7] Уште од утробата на мајка си, хранет и доен со млекото натопено од Крвта и Телото на Богочовекот Христос - воплотениот Логос Божји, бил учен и воспитуван да ја возљуби невенливата убавина на Светата Црква Христова. Го понел името на Светиот Чесен и Животворен Крст Господен - Крстан.[8]

Исклучително обдарен и по дух, и по ум, тој успеал да ги заврши сите високи школи, тогаш постоечки на балканските простори. Игуманот на Зографскиот манастир отец Ефтимиј, за Архимандритот Калистрат, кажал дека уживал глас на необично многу учен човек.[7] И тука не располагаме со конкретни документи низ кои училишта поминал, но точно се знае дека работел како професор по грчки јазик и црковно пеење. Постојат документи дека неговата професорска дејност се обавувала вдолж и попреку Македонија. Работел во Струга, Охрид, Лазарополе, во Струмица и во многу други градови ширум Македонија.

Сепак неговата љубов кон Црквата Божја, кон православните науки и уметности, неговиот исихастриоцентризам, го одвел на Света Гора Атонска, во цутот на неговата младост.

Монашки живот[уреди | уреди извор]

Имајќи порив и вокација да прими монашки потстриг, Крстан, заедно со неколку други млади стружани, ја донел одлуката да ја остави Струга и да замине на Света Гора Атонска. И тоа се случило. Заедно со уште четворица стружани, младенци од неговата генерација, заминале на Света Гора и влегле во составот на зографското монашко братство. Не се знае точната година на нивното заминување, но судејќи според податоците во два документа од ова историско раздобје, Ракописната псалтика од Лазарополе, од 1862 година во која Калистрат е потпишан како Крстан Санџаковиќ, како и Записот од летописната книга на манастирот Св. Наум во Охрид, може да се претпостави дека тоа се случило помеѓу 1862 и 1865 година.[2]

„Ќе раскажеме еден настан. Еден полнолетен младич од паланката Струга (ако не се лажам) отприлика околу 1865 година, приближно кон празникот Велигден заедно со некои слични младичи, истомисленици, благочестиви и желни на Бога да се посветат, одлучиле да заминат за Света Гора и таму да се замонашат. И тајно без знаење на нивните родители и родбини, поминале одовде и за Атос заминаа. Самотниот живот на искушеник го минал во Царскиот манастир, кој Свети Зограф се викаше. Се разбира, бидејќи се залагал и со труд се истакнувал, унапреден бил во свештенички чин. Понатаму удостоен бил и со титулата архимандрит и добил име Калистрат. Значи тој истиот, по долги години, откако го напуштил неговиот крај, посакал повторно да ја види својата татковина, мајката и најблискиот род, а потоа на своето покајание да се врати. Пристигнал во Струга. Но не мала желба имал и нашиот манастир (Св. Наум) да го посети, и така пристигна во придружба на некој јеромонах по име Теодор, а со него мајка му и уште некои други свои сограѓани, на ден 28 јули 1890, со чун директно од Струга. Стигнаа негде околу пладне и беа дочекани и нагостени како што доликува... Во сабота приквечер приложија покровци за свети сасуди (дискос и путир) и некои други вредни подароци, кои многу значат и еден пар стари нараквици (што свештенослужителите, на обете раце ги затегнуваат ракавите). При заминувањето, на 30-ти истиот месец, оставија паричен дар – еден дваесеттофранк. Нив ги пратеше и старешината (прота) од Струга г. Јаким Н. Деребан“.[9][10]

Таму тој се ставил под раководство на учениот и бележит исихаст и подвижник Натанаил од Сирија.[7] На Света Гора Атонска, Калистрат, од него одлично познаваното црковно пеење, го развил до совршенство. Младиот јероѓакон Калистрат Зографски се развил во крупен музиколог, композитор и пцалт. Поради неговиот исклучителен пеjачки израз стекнал репутација на уникатен зографски пцалт, додека поради неговиот смирен, зеркателен и аскетски живот - станал еден од омилените духовници на неговото време. Отецот Стефан Санџакоски раскажува дека, за време на една своја посета на Рилскиот манастир, чул дека еден од најталентираните ученици монахот Козма, толку силно го возљубил својот учител Калистрат, поради сите прекрасни одлики што ја краселе неговата личност, поради што, при секое спомнување на името на својот славен учител, своето кажување за него го проследувал низ солзи.[7] Меѓу денешните жители на Зографскиот манастир сè уште се живи спомените за Архимандритот Калистрат. Музикологот Димитри Кумбароски, раскажува дека, за време на неговиот студиски престој во Софија, Бугарија, се сретнал со жители на манастирот Зограф кои, со љубов му раскажале две анегдоти во врска со нивниот сакан игуман:

„Поради неговиот пеачки талент, светогорците го нарекувале „славеј на Богородичниот перивој“, па така соборните чествувања на големите празници биле незамисливи без дедо Калистрат на клиросот. На едно сеноќно бдение во Протатонот се собрале највештите светогорски пцалти. Еден од нив, бил обземен од погрешна ревност, поради што му завидувал на Калистрат за небоземното славење на Бог Троица во Единица. Затоа решил да го збуни така што му задал висока интонација. Но дедо Калистрат незаприметно го отпеал напевот уште помелозвучно од претходно. На тој начин, завидливиот и ѕлонамерен пцалт бил посрамен“.

и уште,

„Архимандритот Калистрат се прочул не само поради неговиот моќен глас, но и поради неговата светост. Поради тоа еден од собраќата посакал да му наштети така што, во една прилика, му подметнал лоша храна. Но, архимандритот смирено ја прекрстил храната и ништо не му се случиле“.

Во манастирот Зограф ги создал: музичкото училиште и преведувачкото, калиграфско-препишувачко училиште. Својата грижа кон родниот крај, Калистрат ја покажувал не само преку молитвите што ги принесувал пред Престолот Божји во манастирот Зограф, туку и со тоа што во повеќе наврати, ги помагал стружани материјално. За неговото доброчинителство сведочи и написот од 6 мај 1891 година, во Летописната книга на Соборниот храм „Св. Георгиј Попедоносец“ во Струга:

„Архимандритот јеромонах Калистрат атонозографски, родом од Струга, подари два Свети потири и два Дискоси за сите принадлежности од чисто сребро, едно рало одежди свештенически за през Великите пости и Покровци шест рала за Светите тајни; една Плаштеница, един Крст за на Света трапеза, един за Водосвјат, едно многуцено Евангелие позлатено, едно помалко Евенгелие сребрено, една завеса, два шандана од дрво за на Света трапеза и друга от туч, един Службеник и два помалки, един Велики требник, един Триод, един Цветен триод, една Икона на светите просветители светаго Кирила и Методија, една Служба на светаго Климента, един Службеник на светаго чудотворца Наума Охридскаго, и една Служба на светаго Иоана Владимира преведени од грцки на славјански език од негово Всепреподобие и три чаршафи за Света трапеза и многу други црковни украшенија, многаја лета…“

Арх. Калистрат Зографски со тогашната инелигенција

Неговата благороднoст и беспоштедност во доброчинителството е посведочена и во Предговорот на Зборникот Псалтикиска литургија од бугарскиот музиколог Манасиј поп Тодоров. Заблагодарувајќи им се на сите оние коишто материјално го помагаат издавањето на неговата книга, Манасиј со посебна восхитеност говори за писмото на браќата од Светото Зографско семејство, со коешто тие „...ја поддржуваат благородната иницијатива ... за остварување на тоа свето дело...“ и се одзиваат на неговата молба, испраќајќи му пет турски лири. „А тоа го прават, (истовремено) кога и самите браќа издаваат псалтикиски книги! Навистина, каква висока благородна, вистинска христијанска постапка!“, - воодушевено воскликнува Манасиј поп Тодоров во предговорот кон својата книга Псалтикиска литургија (издадена во Софија, 1905 година).[11]

Познат е уште и фактот дека му било понудено да ја возглави тесалиската епархија, но поради неговата монашка скромност, тој ја одбил понудата.[2]

Охридскиот егзархиски митрополит Григориј го посетил Калистрат во последните години од неговиот живот. Владиката го затекнал архимандритот Калистрат како ги држи нозете во леген студена вода, целосно потонат во исихија.

Калистрат Зографски го завршил својот овоземен живот во 1914 година, како игуман на Зографската монашка обител, предавајќи го духот свој во рацете Божји.

Творештво[уреди | уреди извор]

Музичко наследство[уреди | уреди извор]

Ракописна граѓа[уреди | уреди извор]

Првиот пишан документ за музичкото творештво на Калистрат Зографски датира од 1862 година, а тоа е неговиот ракопис Псалтика, што во 1982 година, македонскиот медиевист Михајло Георгиевски го откри во црквата Св. Георгиј, во мијачкото село Лазарополе:

„Сија Псалтика описана с рука от Крстана Санџаковиќ от Струга, на 1862 година, во август на 12“.

Ракописот на Крстан Санџакоски со монашко име Калистрат Зографски содржи 162 страници, 20 х 14,5 см испишани со нотни знаци невми со црковнословенски текст под нив. Ракописот завршува на страна 160 со творба од Петар Ефески. Овој значан прв ракопис на Калистрат Зографски (препис на Цветособранието на Никола Трендафилов) се чува во споматата црква во Лазарополе, додека Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје располага со копија од истиот.[12]

Бугарскиот научник Иван Попвасилев на едно место забележува дека, за време на неговото патување на Света Гора, во библиотеката на Зографскиот манастир видел подврзана тетратка од 49 листа, со ракописно нотирани црковни песни. Се испоставило дека тетратката содржи авторски и преведени песни чиј мелограф и преведувач е Калистрат Зографски (причесен за Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст Господен; по два причастни на Рождество Христово, Богојавление, Педесетница; херувика; кекрагариј; трисветa песна; пофална песна во чест на Св. 26 Зографски преподобномаченици и др).

Македонскиот музиколог Димитри Кумбароски забележува дека за време на неговата посета на Света Гора добил од отецот Атанасиј Зографски, библиотекар на Зографскиот манастир, факсимили од неколку ракописи меѓу кои: Достойно есть на плагален втори (шести глас) од непознат автор, преведено од Архимандрит Калистрат Зографски; Отца и Сына (евхаристиски канон) на плагален втори (шести глас) од Архимандрит Калистрат Зографски, Око серца моегѡ на втор плагален (шести глас) од Николај Смирнски, преведено од Архимандрит Калистрат Зографски и Слово благо на плагален четврти (осми) од Теодор Фокејски, преведено од Калистрат Зографски.  

Ракопис од библиотеката на сем. Санџакоски

Во приватната библиотека на отецот Стефан Санџакоски се чуваат два ракописа: Достойно есть на плагален втори (шести глас) од непознат автор, преведено од Архимандрит Калистрат Зографски и Достойно есть на први глас од Нектариј Продромит, преведено од Калистрат Зографски.

Во библиотеката на светогорскиот манастир Хиландар, исто така се чуваат ракописни книги на Архимандритот Калистрат Зографски. Микрофилмови на истите се чуваат во архивската граѓа на библиотеката на Државниот универзитетот во Охајо, во Колумбус, САД. Станува збор за ракописите: 785/IV сиг. 743, кој претставува доцно византиски аниксандарион и вклучува аниксандарии на Хурмузиј (2а-22а) и Достойно есть на шести, седми и осми глас, преведени од јеромонах Калистрат Зографски; 786 сиг. 805 од 1889 година кој претставува фрагмент од Последование. На листот 60а постои инскрипт дека ракописот е завршен на 23 Јули 1889 година. На последната страница датумот е повторен со потпис на извесен Старец Софрониј. Постои уште една белешка и криптограм со иницијали Р С М З К. Ракописот содржи: деветта песна од канонот на Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст, херувика на осумтте гласа од Теодор Фокејски, други од него на страна 40а и 24б, Достойно есть на различни гласови од Нектариј Протопсалт, друго енхармонско на страна 29а, друго на седмогласен аџем на страна 30а од Хурмузиј, ирмос за Рождество, за Богојавление, за Велигден. На 54б страна Ангел вопијаше од Дионисиј Светогорец и преведено на „наш јазик“ од јероѓакон Калистрат Зографски. на Успение на Мајката Божја и повторно виздвижение на Чесниот Крст; 694 сиг. 607 кој претставува Антологија што содржи аниксандарии од Хармузиј, полиелеј од Даниил Протопсалт, Слово благо од Теодор Фокејски, Велики славословија „древни“ од Герман и други химни. На страниците 50б и 53б стои инскрипт дека текстовите се новопреведени од грчки, од јеромонахот Калистрат Зографски.

Протопцалтот Теофан Санџакоски, потомок на Архимандритот Калистрат и магистрант на Аристотеловиот универзитет во Солун, откри во манастирот Симонопетра, на Света Гора Атонска ракопис на Архимандритот Калистрат. Ракописот ΙΜΣΠ 1911 претставува печатена книга (четвртиот том на Зборникот од 1905, печатен на Света Гора Атонска), кон кого се придодадени непагинирани страници со нотни знаци невми, калиграфски испишани од Калистрат.

Печатени псалтики[уреди | уреди извор]

Факсимил од Зборникот печатен во 1905 во Солун

Како резултат на неговите долгогодишни залагања на планот на црковната музика, во 1905 година излегува од печат базичната музичка литература „Восточно црковно пеење“. Ова дело се појавува во две верзии: една во три книги 1. Воскресник, 2. Вечерна и 3. Утрена, издадени во Солун во 1905 година, во печатницата на К. Г. Самарџиев, и втората во четири тома: 1. Воскресник, 2. Аниксандарии, 3. Вечерна и Утрена и 4.Литургија, издадена на Света Гора, истата 1905 година. И двете верзии имаат идентични графички решенија на насловните страници на кои различни се само имињата на издавачите. Во однос на музичкиот материјал ова издание е повеќе еклектично, а помалку нуди нови содржини во однос на останатите, дотогаш печатени псалтики изданија на словенски јазик. Во него се поместени 4 авторски композиции и 14 преводи на Калистрат Зографски:[13]

Авторски дела:

# Наслов Глас Издание Стр.
1 Отца и Сына (евхаристиски канон) Прв плагален (петти) Восточно църковно пѣние – Литургіѧ, Св. Гора, 1905 стр. 91
2 Отца и Сына (евхаристиски канон) Варис (седми) Восточно църковно пѣние – Литургиѧ, Св. Гора, 1905 стр. 99
3 Достойно есть Први Восточно църковно пѣние – Литургиѧ, Св. Гора, 1905 стр. 114
4 Достойно есть Четврти легетос Восточно църковно пѣние – Литургиѧ, Св. Гора, 1905 стр. 123

Преводи од грчки:

# Наслов Глас Издание Стр.
1 О тебѣ радуетсѧ ѿ Петра Ефескаго Седми Восточно църковно пѣние – Литургиѧ, Св. Гора, 1905 Стр. 123
2 Достойно есть ѿ Нектарїа Продромита Први Восточно църковно пѣние – Литургиѧ, Св. Гора, 1905 Стр. 115
3 Достойно есть – непознат Глас втори Восточно църковно пѣние – Литургиѧ, Св. Гора, 1905 Стр. 118
4 Достойно есть ѿ Антѡніа Смирненскагѡ Четврти легетос Восточно църковно пѣние – Литургиѧ, Св. Гора, 1905 Стр. 122
5 Достойно есть ѿ Георгїа Сарандаеклисїѡта Втор плагален

(шести)

Восточно църковно пѣние – Литургиѧ, Св. Гора, 1905 Стр. 129
6 Достойно есть - Влашко Седми трофонос Восточно църковно пѣние – Литургиѧ, Св. Гора, 1905 Стр. 130
7 Достойно есть ѿ Димитрїа Вулгараки Градоборскагѡ Четврти плагален Восточно църковно пѣние – Литургиѧ, Св. Гора, 1905 Стр. 134
8 Аггелъ вопїѧше ѿ Діонысїа Светогорца Прв Восточно църковно пѣние – Литургиѧ, Св. Гора, 1905 Стр. 149
9 Блаженъ мужъ ѿ Мелетїѧ Сїсанїйскагѡ Прв Восточно църковно пѣние – Вечернѧ, Св. Гора, 1905 Стр. 5
10 Блаженъ мужъ ѿ Маѳеа Ефесскагѡ Ватопедскагѡ Варис Восточно църковно пѣние – Вечернѧ, Св. Гора, 1905 Стр. 31
11 На рекахъ вавѷлонскихъ Трети Восточно църковно пѣние – Ѹтренѧ, Св. Гора, 1905 Стр. 16
12 Славословїе ѿ Мелетїѧ Сїсанїйскагѡ Втори Восточно църковно пѣние – Ѹтренѧ, Св. Гора, 1905 Стр. 88
13 Славословїе ѿ Анастасїѧ Раѱанїѡта Осмогласно Восточно църковно пѣние – Ѹтренѧ, Св. Гора, 1905 Стр. 115
14. Свише пророцы ѿ Иоанна Кукузелѧ Седми Восточно църковно пѣние – Ѹтренѧ, Св. Гора, 1905 Стр. 277

За музичкиот јазик на Калистрат[уреди | уреди извор]

За музичкиот јазик на Калистрат Зографски пишувале професорот Сотир Голабовски во трудот „Од музичкото минато на Струга”, професорот Јане Коџабашија во трудот „Калистрат Зографски – време, живот и дело” и музикологот Димитри Кумбароски во „Анализа на напевот „Достойно есть” на прв глас, од Архимандритот Калистрат Зографски“.

Во цитираниот труд, Голабовски забележува дека, „во македонската музичка литература среќаваме поголем број оригинални духовни музички творби од македонски автори, но дека творбите на Калистрат Зографски се издвојуваат од ова творештво. Тие се уникати во својата категорија” – вели Голабовски, „бидејќи во нив се чувствува во голема мера еден природен духовен одраз на животот на самиот Калистрат, духовната арома од подрачјето од каде што потекнува, а и тенденцијата да се излезе од рамките на својата средина”. Тој уште додава дека Калистрат останал верен на традициите на хрисантовата теорија, но дека „во своето дело внесува елементи кои тогаш биле актуелни и за средноевропската музика”. На крај, Голабовски заклучува дека карактерот на неговата музика од една страна е одраз на секојдневниот живот на луѓето, и е напоена од фолклорот на неговиот роден крај, а од друга страна, Калистрат Зографски гради фантастичен однос спрема христијанските правила. Во продолжение, тој го анализира напевот „Отца и Сына” на прв плагален (петти глас).[14]

Коџабашија пак, во својот труд забележува дека, „Калистрат Зографски дошол до интересни согледувања за византиската музичка симиографија и правопис” – и дека „за жал теоретското образложение на овие свои истражувања, по се изгледа, не ги објавил, туку само практично ги применил во зборникот „Восточно църковно пѣние”. Во продолжение Коџабашија ја развива тезата дека, семиографските грешки среќавани кај Калистрат всушност не се грешки, и дека зад тоа стои „идејата за рационализација” на музичките знаци. Она во што и Коџабашија, и Голабовски се согласни е тоа дека, иако музичките творби на Калистрат Зографски „се создавани во духот на источното црковно пеење, во овие композиции се чувствува и влијанието на западната музика“.[15]

Музикологот Димитри Кумбароски го дели мислењето на професорите Голабовски и Коџабашија за одредени надворешни феномени, но инсистира да се биде прецизен во дефинирањето на истите. Употребувајќи посебна методологија, Кумбароски доаѓа до заклучокот дека, музичкиот јазик во делата на Калистрат е нетрадиционален во контекст на музичкиот израз на поствизантиските мелурзи, но тој е на линија со тогашните тенденции, и е близок со музичкиот јазик на неговите современици: Нектариј Продромит, Антониј Смирнски, Георги Сарандаеклисиот, Дионисиј Светогорец, Мелетиј Сисанијски, Анастасиј Рапсаниот. Во таа смисла може да се нарече авангарден. Сепак - смета Кумбароски - овие надворешни влијанија немаат никаква врска со национални елементи, фолклор и сл., туку се облици на еден жив културолошки универзализам, својствен за Православната Црква. Способноста на Црквата да го преобрази и спаси се она што е добро. Според тоа, творештвото на Калистрат не ќе може да се детерминира од идејата за некаков национален стил. Тоа е плод на опитот во Црквата, и ѝ припаѓа на Црквата. Од тие причини може да се нарече и безвремно.[16]

Преведувачка дејност[уреди | уреди извор]

Портрет на игуманот Калистрат Зографски, кој се чува во гостинската одаја на манастирот Зограф на Света Гора

Првата служба на Свети Климент ја напишал светиот архиепископ охридски Теофилакт. Тој напишал едно кратко и едно опширно житие на светителот. Познато е дека постои печатено издание на службата на Свети Климент на грчки јазик од 1742 година, печатено во Мосхополе, а на трошок на манастирот Свети Наум Охридски Чудотворец. Службата е посветена на „блаженејшиот архиепископ на Прва Јустинијана и Охрид г.г. Јоасаф“, а поправена е од јеромаонахот г. Григориј. Оваа служба е меѓу повеќето служби кои во 1741 и 1742 година се издаваат во Мосхополе, а се посветени на светителите кои се слават во Охридската архиепископија. Во тие две години издадени се службите на: Светите Петнаесет Тивериополски маченици, на Свети Еразмо Охридски, на Свети Наум Охридски, Светите Седмочисленици и на Св. мч. Никодим Белградски и службата на Свети Јован Владимир.

Како уредник на зографската издавачка дејност и како брилијантен познавател на повеќе класични и живи јазици Калистрат Зографски, прв се зафаќа да ги преведе и ги печати службите на св. Климент Охридски, св. Наум Охридски и св. Седмочисленици, Св. Јован Владимир од старогрчки на црковнословенски јазик, содржани во т.н Мосхополскиот кодекс.

Во предговорот кон Службата на Св. Климент Охридски, Архимандритот Калистрат Зографски забележува дека со огромниот труд, доследност и монашко трпение успеал да ја надмине сопствената слабост, па иако бил свесен со какви потешкотии ќе се сретне немајќи соодветен грчко-словенски речник, тој со Божја помош, ги понашил службите и со тоа принесол лепта на народниот жртвеник и ја оставил грижата на Светиот Синод на Бугарската Црква за печатењето на книгата и распространувањето на истата. Преводот на Службата на Свети Климент Охридски, во 1901 година го отпечатил Светиот Синод на Бугарската Црква од фондот на оставнината на покојниот Митрополит Мелетиј, а за негово спасение и спасение на неговите родители.

Подолу се наоѓа дел од овие преводи на службите, во електронска форма:

Современи согледувања[уреди | уреди извор]

Првиот македонски музиколог кој се зафати со научно истражување на музичката дејност на Архимандрит Калистрат Зографски беше професорот Сотир Голабовски, од Факултетот за музичка уметност во Скопје. Инспириран од ликот и делото на Архимандритот Калистрат Зографски, заедно со некои видни стружани, во 1975 година ја иницира научната музичка манифестација Струшка музичка есен, во рамките на која функционира и музиколошката секција за истражување на македонската црковна музика што подоцна го понесе името на академик отец Владимир А. Мошин. Во предговорот кон книгата „Македонско црковно пеење - Осмогласник“, Голабовски за себе пишува: „уште како дете се воодушевував од убавото, смирено и таинствено пеење во струшката црква Св. Ѓорѓија. За време на војната кога светот беше опфатен од омразата, стереотипите, плачот на мајките и децата, и безумието, она спротивното – љубовта, сигурноста, радоста и целосната хармонија на умот со емоциите – можев да го најдам во ова подрачје на македонската духовна култура“.[17] Во својот исклучителен труд, „Од музичкото минато на Струга”, тој не соочува со фактот дека македонската музикологија заостанува во однос на современите текови, особено во областа на црковното пеење. Додека нашите колеги од странство, вели Голабовски, се впуштаат во „позадлабочено навлегување во музичката теорија, акустика, хармонија, контрапункт, музички форми, инструменти и инструментација, естетика, социологија и психологија на музиката, ние сè уште се наоѓаме во фаза на собирање на елементарни податоци за нашето музичко минато. Голабовски со доблест замолува да не му биде замерено што не нуди некои „разработени и темелно аргументирани музиколошки анализи“ и инсистира нашата културна јавност да го насочи своето внимание кон Струга и кон една традиција на пеење, чија историја е малку позната и третирана, но со сигурност славна. Голабовски ги прави првите толкувања на музичките текстови на Калистрат и ги афирмира во странство.

Во 1981 година, светски познатиот камерен хор „Словенски октет“ прави аудио записи на две композиции од Калистрат, транскрибирани од Сотир Голабовски.

Во 1982 година и македонскиот медиевист Михајло Георгиевски се вклучува во потрагата по музичкото наследство на Калистрат и ја открива ракописната псалтика од Лазарополе.

Битна фигура која активно се вклучува во афирмирањето на калистратовото творештво е и професорот Драгослав Ортаков. Тој можеби е најзаслужен што имињата на Димитар Златанов – Градоборски, Архимандритот Калистрат Зографски и други денес се запишани во престижниот Харвардски музички речник.[18]

На крајот од 90-тите протопцалтот Георгиј Секуловски го отпечатил првиот во независна Македонија Краток зборник по црковно пеење во кој беа вклучени и дела на Калистрат Зографски.

Во 2005 година, византискиот хор на црковната заедница при манастирот Рождество на Пресвета Богородица од Калишта, го понел името „Архимандрит Калистрат Зографски“.

Во 2005 година, Центарот за византолошки студии на професорот Јане Коџабашија по повод јубилејот 100 години од печатењето за Зборникот, го преиздал истиот.

Во 2008 година, Фондацијата Трифун Костовски го откупила портретот на Архимандритот Калистрат Зографски, 80 x 100 см насликан од академскиот сликар Данчо Кал'чев и ѝ го подарил на Македонската академија на науките и уметностите, и истиот денес стои во зградата на МАНУ, во редот со портретите на нејзините претседатели.

Во 2012 година, Македонскиот византиски хор „Хармосини“ премиерно извел дела на Калистрат Зографски во Академската капела во Петроград, Русија

Во 2014 година, по повод јубилејот 100 години од упокојувањето на Калистрат Зографски, византискиот хор Калистрат Зографски во соработка со манифестацијата Струшка музичка есен и Сојузот на композиторите на Македонија, организирал јубилејна изложба во Центарот за култура во Струга. https://issuu.com/dimitrikumbaroski/docs/katalog

Во 2016 година, во палатата на Грчкиот парламент се одржала изложба насловена „Атон. Света Гора“. Истата била организирана од Собранието на Р. Грција, Интерпарламентарната асамблеа за дијалог меѓу православните, и Света Гора. На изложбата се обратиле Претседателот на Парламентот на Грција, Претседателот на Интерпарламентарната асамблеа за дијалог меѓу православните, претставници на Атон. Меѓу изложените портрети на духовници од минатиот век бил изложен и портретот на Архимандритот Калистрат Зографски, и тоа во редот на најпознатите светогорски светила од нашево времиња - старците Пајсиј и Порфириј.

Во 2016 година, Православната охридска архиепископија, по повод јубилејот 1100 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски ја преиздал Службата на Свети Климент Охридски, преведена од Архимандритот Калистрат Зографски.

Во 2019 година, профункцинирал неформалниот Истражувачки центар за византиска музикологија „Архимандрит Калистрат Зографски“. https://byzstruga.wordpress.com/

Галерија[уреди | уреди извор]

Дискографија[уреди | уреди извор]

  • Slovenski Oktet ‎– Dostojno Jest, Glas 4 - Makedonska Pravoslavna Crkva, Bogoslovski Fakultet »Sveti Kliment Ohridski« Skopje ‎– POR-024, Vinyl, LP, Album, 1981 https://www.discogs.com/composition/b0c2102f-d8b0-4caa-917a-3b9efeb042c1-Dostojno-Jest-Glas-4
  • Slovenski Oktet ‎– Otca I Sina, Glas 7 - Makedonska Pravoslavna Crkva, Bogoslovski Fakultet »Sveti Kliment Ohridski« Skopje ‎– POR-024, Vinyl, LP, Album, 1981
  • The Angeloglassniyat Chamber Ensemble - DOSTOINO EST in the 4th mode - Балкантон, Bulgaria - Vinyl, LP, Album
  • Протопсалт Георгиј Секуловски - Тебѣ поем гл. 5 - Света Литургија - ППЕ, Скопје, CD, Album
  • Хор Калистрат Зографски - Евхаристиски канон гл. 5 - Литургиско славење од Калишта – двоен компакт диск со записи од византиката и локалната музичка традиција, Хор „Калистрат Зографски“, CD, Album, Скопје, 2006
  • Јане Коџабашија - Калистрат Зографски - Da ispravitsja molitva moja, Glas 1 - https://byzantinemusicmacedonia.org/music
  • Јане Коџабашија - Калистрат Зографски - Dostojno est, Glas 5 - https://byzantinemusicmacedonia.org/music
  • Јане Коџабашија - Калистрат Зографски - Gospodi Vozvah Tebe, Glas 2 -https://byzantinemusicmacedonia.org/music
  • Јане Коџабашија - Калистрат Зографски - Gospodi Vozvah Tebe, Glas 3 - https://byzantinemusicmacedonia.org/music
  • Јане Коџабашија - Калистрат Зографски - Slava, I ninje, Glas 1 - https://byzantinemusicmacedonia.org/music
  • Македонски византиски хор „Хармосини“ - Отца и Сына (евхаристиски канон) глас петти - CD, Album, Скопје, 2014

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Санџакоски, Стефан (2003). Историјата како иконостас. Скопје: Икона. стр. стр. 143-144. ISBN 9989-2132-7-5.
  2. 2,0 2,1 2,2 Кумбароски, Димитри (2015). Како стружани го пеат Бога. Струга: Ирис Принт. стр. стр. 85-86. ISBN 608-207-144-2 Проверете ја вредноста |isbn=: checksum (help).
  3. Hammer von, J. (1979). Istorija turskog /osmanskog/ carstva. Zagreb.
  4. Матковски, А. (1983). Отпорот во Македонија. Скопје.
  5. Снегаров, Иван (1932). История на Охридската архиепископия. София: Печатница П. Глушковъ.
  6. Вијаклија, М. (1980). Лексикон страних речи и израза. Београд.
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 Бужаровски, Димитрије (2003) - Македонско културно наследство, Отец Стефан Санџакоски за Архимандритот Калистрат Зографски - ИРАМ, ФМУ, Скопје (видео)
  8. Санџакоски, Стефан (2000) - За животот и делото на Калистрат Зографски - документарен филм на МРТ, https://www.youtube.com/watch?v=bDfUhAJwzSQ, дата на пристап: 20.06.2019
  9. Кумбароски, Димитри (2015). Како стружани го пеат Бога. Струга: Ирис принт. стр. стр. 58-59. ISBN 608-207-144-2 Проверете ја вредноста |isbn=: checksum (help).
  10. Летописот на манастирот Св. Наум се чува во Архивот на град Охрид и сè уште не е интегрално објавен. Делови од летописот со свои коментари објави Н. Целакоски, Летописот на манастирот Св. Наум, Наум Охридски, Охрид, 1985
  11. Коџабашија, Јане (2013). Источно црковно пеење. Скопје: Центар за византолошки студии. стр. стр. 12.
  12. Николовски, Михајло (2013). Македонски црковни пцалти. Скопје: Македонска реч. стр. стр. 85-88. ISBN 978-608-225-084-7.
  13. Кумбароски, Димитри (2015). Како стружани го пеат Бога. Струга: Ирис принт. стр. стр. 61-62. ISBN 608-207-144-2 Проверете ја вредноста |isbn=: checksum (help).
  14. Голабовски, С. (1977) Од музичкото минато на Струга, Македонска музика, Скопје: СМЕ, стр. 43
  15. Коџабашија, Ј. (2005) Калистрат Зографски – време, живот, дело – Источно црковно пеење (партитура), Центар за византолошки студии, Скопје, стр. 17
  16. Д. Кумбароски (2015) – Анализа на напевот „Достойно есть” на прв глас, од Архимандритот Калистрат Зографски, Зборник на трудови на музичката научна манифестација Струшка музичка есен, СОКОМ, Скопје
  17. С. Голабовски, Осмогласник (Македонско црковно пеење), Култура, Скопје, 1993, стр. 5
  18. Apel, Willi (2003-11-28). The Harvard Dictionary of Music (англиски). Harvard University Press. ISBN 9780674011632.