Калидаса

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Калидаса
Kalidas.jpg
Споменик на Калидаса
ЗанимањеПоет
Период4-5 век
ЖанрСанскритска драма, Класична литература
ПредметЕпска поезија, Пурана
Значајни делаШакунтала, Викраморвашија, Малавикагнивитра, Малавика и Агнимитра

Калидасаиндиски поет и драматург и еден од најпознатите писатели на санскрит.[1] Живеел најверојатно околу 400 година за време на Гупта царството.[1] Го сметале за еден од деветте драгоцености на дворот на кралот Викрамадитје. Неговите дела биле главно инспирирани од хинду митологијата и филозофијата.

Освен неговите дела, сѐ друго од неговиот живот со сигурност не може да се потврди.[2] Не се знае точно каде и кога живеел.[3] Според легендата, поетот бил познат по својата убавина, поради што во него се вљубила принцеза со која тој подоцна и се оженил. Но, според истата легенда, Калидаса не бил особено образован, па принцезата се срамела од неговата неукост и грубост. Бидејќи бил посветен верник на божицата Кали (неговото име во буквален превод значи слуга на Кали), тој ја повикал божицата во помош тогаш кога сакал да изврши самоубиство поради потсмевот на сопругата. Божицата му помогнала така што го наградила со особен ум. Тогаш, тој станал еден од деветте драгоцености на дворот. Според легендата тој бил на крај убиен од куртизана во Шри Ланка, за време на владеењето на Кумарадаса.

Неговите најпознати дела се: „Малавикагнивитра“, „Шакунтала“, „Викраморвашија“, „Малавика и Агнимитра“ и други.

Младост[уреди | уреди извор]

Научниците шпекулирале околу местото на живеење на Калидаса; дали живеел блиску до Хималаите, во близина на Уџајин, или во Калинга. Овие шпекулации се базираат главно на неговите детални описи на Хималаите во делото Кумарасамбхава; во приказот на неговата љубов кон градот Уџајин во делото Мегхадут; и во високо воспеваните описи на кралот Хемангат од Калинга, во шесттото поглавие на Рагхувамши.

Санскритскиот научник Лакшми Дхар Кал (1891-1953 год.) и Кашмири Пандит, ја напишале книгата „Родно место на Калидаса“ (1926 год.), во која тие се обиделе да, на основа на неговите записи, го одредат местото на неговото раѓање. Заклучиле дека Калидаса бил роден во Кашмир, и од таму се преселил на југ, барајќи покровителство од локалните владетели за сопствениот напредок. Калидасините записи кои послужиле како доказ за неговото место на раѓање биле неговите описи:[4][5]

  • Опис на флората и фауната, која единствено може да се најде на Кашмир, а не во градот Уџајин или во Калинга: растението шафран, дрвото деодар, мошусниот елен и друго.
  • Опис на типичниот географски релјеф на Кашмир: ледничките езера и шумските ливади.
  • Спомнување на помали места, кои, според Дхар Кал, може да се идентификуваат само со места во Кашмир. Тие мали и малку познати места можат да ѝ бидат познати само на личност која таму живеела.
  • Записи за кашмирски легенди, како што е легендата за демонот Никумба (спомнуван во Кашмирскиот текст Ниламата Пурана), и спомнување (во записот Шакунтала) на легендата за создавање на Кашмир од езеро. Оваа легенда кажува дека племенскиот водач Ананта го испуштил езерото за да го убие демонот, и го именувал езерото (кое сега е копно) како Кашмир по името на својот татко Кашиапи.
  • Според Дхар Кал, Шакунтала е алегориска драматизација на Пратијабхинската филозофија (гранка на кашмирскиот шивајизам). Дхар Кал наведува дека таа гранка не била позната надвор од Кашмир во периодот кога живеел Калидаса.

Според народното предание, Калидаса изворно бил необразована личност. Се оженил за принцеза која го поттикнувала да проучува поезија за да подоцна стане голем поет. Друга легенда кажува дека тој го посетил Кумарадаса, кралот на Шри Ланка, каде поради некакво предавство бил убиен.[6]

Период[уреди | уреди извор]

Калидаса, 375 година

Неколку древни и средновековни книги наведуваат дека Калидаса бил дворски поет на легендарниот крал Викрамадитја, кој владеел од престолнината Уџајин околу 1 век п.н.е. За него дел од историчарите тврдат дека тој не бил историска личност. Постојат неколку кралеви кои владееле од Уџајин, а кои го превзеле името Викрамадитја, од кои најпознати биле Чандрагупта II (владеел 380-415 год.) и Јасодхарман (владеел во 6 век).

Најприфатена е теоријата дека Калидаса работел за време на владеењето на Чандрагупта II и, според тоа, живеел во периодот 4-5 век. Неколку западни научници, како Вилијам Џонс и А.Б. Кит, како и многу од индиските научници, на пример, Васудев Вишна Мираши и Рам Гупта, се сложуваат дека Калидаса живеел и творел во овој период.[7] Според оваа теорија, Калидаса творел и за време на Кумарагупта I (владеел од 414-455 год.) и за време на Скандагупта (владеел од 455-467 год.).[8][9]

Најраните палеографски докази за Калидаса биле најдени во санскритскиот натпис од околу 473 година, кој бил најден во Храмот на сонцето во градот Мандсаур. Името на Калидаса заедно со името на поетот Бхарави биле врежани во камен кој бил датиран од 634 година, во древното наоѓалиште Ајхоле (денес Карантака).[10]

Теорија за постоење на повеќе Калидаси[уреди | уреди извор]

Некои научници, како М. Сринивасачаријарар и Т.С. Нарајана Састри, сметаат дека сите трудови кои му биле припишувани на Калидаса не се дело на една личност. Според Сринивасачаријарар, писателите од 8 и 9 век, укажале на постоење на три познати книжевници кои се нарекувале Калидаса. Тоа биле: Девендра (авторот на Кави-калпа-лата), Рајашекар и Апхинанда. Састри, пак, како Калидаса ги наведувал следните автори:

  1. Матригупта (автор на Сету-Банда и трите претстави, Abhijñānaśākuntalam, Mālavikāgnimitram, Vikramōrvaśīyam).
  2. Медхарудра (автор на Kumārasambhava, Meghadūta и Raghuvaṃśa).
  3. Котијит (автор на Ṛtusaṃhāra, Shyamala-Dandakam и Srngaratilaka).

Освен овие, Састри спомнува уште шест книжевни фигури под името Калидаса: Паримала Калидаса или Падмагупта (автор на Navasahasanka Charita); Калидаса или Јамакакавиј (автор на Nalodaya); Нава Калидаса (автор на Champu Bhagavata); Калидаса Акбари (автор на неколку загатки); Калидаса VIII (автор на Lambodara Prahasana) и Абхинава Калидаса или Матхава (автор на Sankshepa-Sankara-Vijayam).

Според К. Кришнамурти, зборовите Калидаса и Викрамадитја биле користени како заеднички имиња за било кој дворски поет и/или дворски покровител.[11]

Творештво[уреди | уреди извор]

Драмски дела[уреди | уреди извор]

Калидаса напишал три драмски дела од кои Абијнанасакунталам (За Шакунтала препознаена по токен) се смета за ремек дело. Тоа било прво санскритско дело кое било преведено на англиски, а после и на многу други јазици.[12]

Шакунтала застанува и се свртува за да го погледне кралот Душјанти, Ража Рави Варма (1848-1906 год).

Другите се:

  • Малавикагниматрам (Она што се однесува на Малавика и Агнимитра) е дело во кое се раскажува за кралот Агнимитра кој се вљубил во сликата на прогонетата слугинка Малавика. Кога кралицата дознала за страста на нејзиниот сопруг, таа се разбеснела и ја фрлила Малавика во затвор. Но судбината тоа не го дозволила, па Малавика, која била всушност вистинска принцеза, била ослободена и нејзината врска со кралот била озаконета.
  • Абинанасакунталан (Сеќавања за Шакунтала) е дело во кое се раскажува за кралот Душјанти, кој за време на лов ја сретнал Шакунтала – посвоената ќерка на мудрецот и со неа се оженил. Несреќа се случила тогаш кога тој бил повикан назад во дворот. Шакунтала која била бремена, несакајќи го навредила гостинот мудрец кој на неа фрлил клетва кралот да ја заборави сѐ додека не го види прстенот кој ѝ го оставил за подарок. Таа, иако во напредната бременост, тргнала во дворот на својот сопруг, но по пат го загубила прстенот, па кога стигнала никој не ја препознал, па морала да си отиде од дворот. Прстенот го нашол некој рибар кој го препознал кралскиот печат и го вратил на кралот. Душјанти, на кого му се вратило сеќавањето, тргнал да ја бара својата сопруга. Гете бил фасциниран од ова дело на Калидаса, кое станало познато во Европа откако било преведено од англиски на германски.
  • Викраморвасијам (Она што се однесува на Викран и Урваши) е дело во кое се раскажува за смрттниот крал Пуруравасе и небеската нимфа Урваши кои се вљубиле еден во друг. Но, бидејќи таа била бесмртна морала да се врати на небото, каде се случила несреќа поради која таа била вратена назад на земјата, но овој пат како смртна жена со клетва дека ќе умре (и така ќе се врати на небото) оној момент кога нејзиниот сакан ќе го види детето кое таа ќе му го роди. Во драмата следат низа од несреќни случки, после кои клетвата ќе биде тргната, а на љубовниците ќе им биде дозволено да останат заедно на земјата.

Поеми[уреди | уреди извор]

Епови[уреди | уреди извор]

Калидаса бил автор на две епски поеми: Рагувамса (Династијата Рагу) и Кумарасамбава (Раѓањето на Кумара или Субраманја).

  • Рагумваса е епска драма за кралевите од Рагу династијата.
  • Кумарасамбава е еп кој го опишува раѓањето и младоста на божицата Парвати и нејзиниот брак со богот Шива.

Мали песни[уреди | уреди извор]

Калидаса напишал две Кандакавјасе (мали поеми):

  • Описната поема Ртусамара опишува шест индиски годишни времиња (лето, монсуни, есен, студено време, зима и пролет) раскажувајќи за искуствата на двајца љубовници во секое од годишните времиња.
  • Елегичната поема Мега Дуга (Гласник на облаците), во која се раскажува за Јакши кој се обидува на својата сакана да и прати порака преку облаците. Калидаса со оваа поема креирал сопствен жарн на поезија, ставајќи ја поемата во „мандакранта“ метрика која била позната по својата лирска милозвучност. Ова дело е едно од најпопуларните поеми на Калидаса.

Преводи[уреди | уреди извор]

Монтгомери Скајлер Помладиот објавил библиографско издание и превод на драмата за Шакунтала во „Библиографија на Санскритски драми“.[13] Сер Вилијам Џоунс, во 1791 година, објавил англиски превод на Шакунтала, а Ртусамара како оригинален текст ја објавил во 1792 година.

Подоцнежни култури[уреди | уреди извор]

Бројни се коментари за творештвото на Калидаса од различни научници. Меѓу најпознатите се коментарите на Колачала Малината Сури од 15 век (период на владеењето на вијајанагурскиот крал Деве Раје II), а најраните записи се од 10 век од кашмирскиот научник Валабхадев.[14] Голем број на санскритски поети Банабата, Јаједева и Рајасекара го воспевале Калидаса поради неговото творештво како еден од најголемите санскритски поети на сите времиња. Во бројните коментари на неговото творештво, сепак, се забележуваат знаци на промена на Калидасината поезија во однос на оригиналната, што се толкува со влијанијата на усното предание и бројните рачни копирања низ вековите.

Во Европа, едно од првите преведени дела на индиската книжевност било Абијнанасакунгален на Калидаса. Тоа било прво преведено на англиски, па на германски, и било фасцинантно прифатено меѓу познатите поети и книжевници во тоа време, како Хредер и Гете.[15]

Творештвото на Калидаса бил инспирација во уметничките кругови на Европа и во тек на доцниот 19 и раниот 20 век.

Кудијатамската уметничка Натја Шастри Мани Мадава Чакјар (1899-1990 год.) направила кореографија и ги прикажувала популарните драмски дела на Калидаса.

Снимани се повеќе филмови кои се филмска обработка на повеќе дела на Калидаса. Од 1955 година, познат е филмот Махакави Калидаса, од 1983 година филмот Кавиратна Калидаса[16], а и двата се базирани на животот на индискиот поет. Во 1961 година бил снимен филмот Стри од В. Шантаран кој го преработил делото за Шакунтала. Во 1966 година бил снимен тамилскиот филм Махакави Клидас од режисерот Р. Р. Чандран, во кој улогата на поетот ја играл познатиот глумец Надигар Тилаган Савиј Ганесан, добитник на орденот Шевалие. Филмот Махакави Калидасу (Телугу 1960 год.) исто така бил базиран на животот и делото на Калидаса, со Акинен Нагесфара Роам во главната улога.

Од драмските претстави позната е Сурендра Верме на Атаван Сарга, изведувана 1976 година, која го прикажува животот на Калидаса како дворски поет Чандрагупта.

Астиј Кашчилд Вагартијам е драмско дело од пет чина кое го напишал Кришна Кумар (1984 год.) со тема од една од легендите за животот на Калидаса. Во оваа драма Калидаса е прикажан како личност со ментално ограничување од привремен карактер, кој неговата сопруга го протерува барајќи од него да се здобие со ученост и слава ако сака нивната врска да продолжи. Неговото враќање таа го условила со тоа што морал да одговори на прашањето: „Дали постои нешто посебно во изразот?“ на начин на кој неа ќе ја задоволи. По извесно време тој се стекнал со ученост и песничка слава. Калидаса тогаш ѝ одговорил така што ги почнал Кумарсамбава, Рагумвамса, и Мегадута со почетните зборови: Asti („постои“), Kashchit („нешто“) и Vāgarthah („искажан збор и негово значение“).

Во делото Калидас о рабиндронат, од Бишнупада Батачарје, била направена компаративна студија за Калидаса и поетот Рабиндранат Тагоре.

Влијанија[уреди | уреди извор]

Калидаса имал големо влијание во целокупната индиска литература. Тој влијаел на познатиот поет Рабиндранат Тагоре, посебно на описите на монсуните во неговите поеми. Калидаса со своите драми влијаел на европската култура од крајот на 19 и почетокот на 20 век.[17]   

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Kalidasa | Indian author“. Encyclopedia Britannica. конс. 2019-04-22. 
  2. Kalidasa (2001-07-19) (на en). The Recognition of Sakuntala: A Play In Seven Acts. OUP Oxford. ISBN 9780191606090. https://books.google.mk/books?id=6miC3HNB90oC&printsec=frontcover&source=gbs_ge_summary_r&redir_esc=y#v=onepage&q&f=false. 
  3. Pollock, Sheldon; Pollock, Arvind Raghunathan Professor of South Asian Studies Sheldon (2003-05-19) (на en). Literary Cultures in History: Reconstructions from South Asia. University of California Press. ISBN 9780520228214. https://books.google.mk/books?id=ak9csfpY2WoC&pg=PA79&redir_esc=y&hl=mk#v=onepage&q&f=false. 
  4. Bamzai, P. N. K. (1994) (на en). Culture and Political History of Kashmir. M.D. Publications Pvt. Ltd.. ISBN 9788185880310. https://books.google.mk/books?id=1eMfzTBcXcYC&pg=PR261&redir_esc=y#v=onepage&q&f=false. 
  5. Kaw, M. K. (2004) (на en). Kashmir and It's People: Studies in the Evolution of Kashmiri Society. APH Publishing. стр. 388. ISBN 9788176485371. https://books.google.mk/books?id=QpjKpK7ywPIC&pg=PR388&redir_esc=y#v=onepage&q&f=false. 
  6. „Wayback Machine“. web.archive.org. 2013-07-28. конс. 2019-04-22. 
  7. Mirashi; Mirashi, Vasudev Vishnu; V.V; Navlekar; N.R (на en). Kalidasa: Date, Life And Works. Popular Prakashan. ISBN 9788171544684. https://books.google.ca/books?id=sueiThBrP4gC&pg=PA1#v=onepage&q&f=false. 
  8. Kālidāsa; Devadhar, Chintaman Ramchandra (1981) (на en). Works of Kālidāsa: Dramas. Motilal Banarsidass Publ.. ISBN 9788120800236. https://books.google.ca/books?id=N8fBQ5vH34gC&pg=PR7#v=onepage&q&f=false. 
  9. Shastri, Gaurinath Bhattacharyya; Śāstrī, Gaurīnātha (1987) (на en). A Concise History of Classical Sanskrit Literature. Motilal Banarsidass Publ.. стр. 77-78. ISBN 9788120800274. https://books.google.mk/books?id=QYxpvZLg4hAC&redir_esc=y. 
  10. Śāstrī, Gaurīnātha (1987). A Concise History of Classical Sanskrit Literature. Motilal Banarsidass Publ. стр. 80. ISBN 978-81-208-0027-4.. 
  11. Krishnamoorthy, K. (1994) (на en). Eng Kalindi Charan Panigrahi. Sahitya Akademi. ISBN 9788172016883. https://books.google.mk/books?id=tFThcivb1-oC&pg=PR9&redir_esc=y#v=onepage&q&f=false. 
  12. „Kalidas“. www.cs.colostate.edu. конс. 2019-04-22. 
  13. Schuyler, Montgomery; Tawney, C. H.; Kālidāsa (1902 г). Bibliography of Kālidāsa's Mālavikāgnimitra and Vikramorvaçī. „Journal of the American Oriental Society“ том  23: 93–101. doi:10.2307/592384. ISSN 0003-0279. https://www.jstor.org/stable/592384. 
  14. Vallabhadeva; Goodall, Dominic (2003) (на en). The Raghupañcikā of Vallabhadeva: Being the Earliest Commentary on the Raghuvaṃśa of Kālidāsa : Critical Edition with Intrduction and Notes. E. Forsten. ISBN 9789069801384. https://books.google.mk/books/about/The_Raghupa%C3%B1cik%C4%81_of_Vallabhadeva.html?id=VGUaAQAAIAAJ&redir_esc=y. 
  15. Winternitz, Maurice; Winternitz, Moriz (1985) (на en). History of Indian Literature. Motilal Banarsidass Publ.. ISBN 9788120800564. https://books.google.mk/books?id=ql0BmInD1c4C&pg=PA238&redir_esc=y#v=onepage&q&f=false. 
  16. Kavirathna Kaalidaasa, конс. 2019-04-22 
  17. „Translations of Shakuntala and Other Works - Online Library of Liberty“. oll.libertyfund.org. конс. 2019-04-22. 

Литература[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]