Како да го дресирате вашиот змеј (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Лого на „Како да го дресирате вашиот змеј“

Како да истренираш змеј (англиски: How to Train Your Dragon) е анимиран филм од 2010 година, во режија на Дин Деблоа и Крис Сандерс. Гласовите на ликовите во филмот ги позајмуваат: Џеј Баричел, Џерард Батлер, Крег Фергусон и Америка Ферера. Филмот, кој бил номиниран за две награди „Оскар“, е заснован врз истоимената книга на Кресида Кауел.

Содржина[уреди | уреди извор]

На суровиот остров Берк живеат храбрите и борбени Викинзи, меѓу кои и тинејџерот Хикап, кој е единствениот кој не ја споделува викиншката суровост и желбата за војување. Жителите на островот постојано се напаѓани од змејови. Татко му на Хикап е главатар на селото и тој е разочаран од неспособноста на својот син. Децата на островот тренираат да убиваат змејови. Еднаш, за време на одбраната од змејовите, Хикап го погодува најопасниот змеј „Ноќен бес“, но никој не му верува во тоа. Затоа, тој оди во шумата во потрага по змејот и го наоѓа ранет и неспособен за летање. Хикап сака да се покаже пред својот татко и пред другите Викинзи, но сепак, нему му е жал да го убие змејот. Напротив, тој се спријателува со него и набрзо му прави вештачка опашка, така што змејот може повторно да лета.

Негувајќи го змејот, Хикап почнува да се однесува чудно, поради што неговата другарка Астрид го следи до шумата и открива дека тој има змејски пријател. Таа е преплашена, но Хикап ѝ покажува дека змејот е добар, наспроти предрасудите на Викинзите, кои ги сметаат змејовите за лути непријатели. Подоцна, за време на тренирањето за борба против змејовите, Хикап знае како да ги скроти нив и тоа побудува општо воодушевување во селото, така што тој испаѓа голем јунак. Кога се враќа татко му, тој дознава за јунаштвото на Хикап и од него бара да го убие својот прв змеј. За време на борбата против змејовите, Хикап паѓа во опасност, но тогаш доаѓа неговиот змејски пријател, кој го спасува. Сепак, Викинзите, уплашени од неговата појава, се нафрлаат на него и го заробуваат.

Хикап му кажува на татко му дека змејовите се добри и дека тие го напаѓаат селото, бидејќи се принудени да му носат храна на господарот на сите змејови. Тогаш, татко му собира војници и се упатува кон гнездото на змејовите, со намера да ги уништи, а патот до таму му го покажува пријателот на Хикап. Кога пристигаат кај змејското гнездо, Викинзите не претпоставуваат колку голема опасност ги очекува. Кога ќе ги нападне огромниот змеј, сите бегаат, а во паниката, змејот-пријател на Хикап потонува во морето. Таткото на Хикап го спасува, а потоа, Хикап и неговиот пријател успеваат да го уништат огромниот змеј. Меѓутоа, во борбата, Хикап останува без една нога. Оттогаш, жителите на островот живеат во слога со змејовите.[1] [2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Необичен почеток на едно прекрасно пријателство“, Антена, број 857, 28.11.2014, стр. 3.
  2. Антена, број 861, 26.12.2014, стр. 19.