Исчезнатата Албертина

Од Википедија — слободната енциклопедија
Во потрага по изгубеното време Том VII

„Исчезнатата Албертина“ (француски: Albertine disparue) — роман на францускиот писател Марсел Пруст, дел од циклусот „Во потрага по изгубеното време“.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот, пишуван во прво лице еднина, ја опишува психичката состојба на еден млад, богат човек по ненадејното заминување на девојката со која живее, Албертина. Едно утро, таа заминала оставајќи кратко писмо. Нејзиниот богат љубовник, кој штотуку добил согласност од мајка му да се ожени со Албертина, паѓа во депресија и одлучува дека мора веднаш да направи нешто за таа да му се врати. За таа цел, тој го ангажира пријателот Сен-Лу, кој треба да отпатува кај тетката на Албертина и да ѝ понуди голем износ пари, со молба да ја убеди Албертина да се врати. Во меѓувреме, додека ја чека Албертина, богатиот љубовник прибира кај себе една малолетна девојка, поради што подоцна е повикан на разговор во полицијата. Обидот на Сен-Лу пропаѓа, а Албертина испраќа писмо до љубовникот, со порака дека веднаш би се вратила назад, само ако тој ја повика. Сепак, неговите чувства се измешани: од една страна, тој гори од желба повторно да биде со неа, но истовремено, чувствува дека полека се навикнува без неа. За да ја сочува својата гордост, тој одлучува да ѝ напише писмо во кое ја известува дека не сака да живеат повеќе заедно, со цел со своето одбивање да ја натера таа самата да покаже волја да се врати кај него. Албертина му враќа писмо во кое се согласува да го послуша, но тој не може да издржи да не мисли на неа, особено знаејќи ја нејзината порочност, т.е. нејзините лезбејски врски. Откако се враќа во Париз, Сен-Лу му раскажува за својата посета на тетката на Албертина, наведувајќи ги причините за неуспехот. Еден ден, љубовникот добива писмо од тетката на Албертина, во кое таа му соопштува за ненадејната смрт на Албертина, која паднала од коњ. Тој е длабоко трогнат и нема волја за живот.

Во втората глава на романот се опишува престојот на главниот јунак во Венеција, заедно со неговата мајка. Таму, тој се воодушевува од секоја улица, канал, црква или мост. Кога мајка му донесува одлука да се вратат дома, тој ѝ се спротивставува, останувајќи во хотелот, но веднаш му се губи дотогашната привлечност на градот и тој во последен миг се качува во возот. Таму го чита писмото во кое поранешната негова девојка, Жилберта, го известува дека ќе се омажи за Сен-Лу.[1]

За романот[уреди | уреди извор]

„Исчезнатата Албертина“ е последното дело на кое работел Пруст во рамките на неговиот циклус „Во потрага по изгубеното време“ и претставува продолжение на претходниот роман „Затвореничка“, а може да се смета и како четврти дел на романот „Содома“. Првобитно, романот бил објавен во 1925 година, но во последен миг бил преработен од страна на Пруст, така што преработената верзија на „Исчезнатата Албертина“ е многу пократка од изданието од 1925 година, како и од подоцнежните изданија кои го носат насловот „Бегалка“.[2] Инаку, една година пред смртта, Пруст најавил дека книгата која ќе заврши со смртта на Албертина „ќе биде кратка, а нејзиното дејство драматично“. Сепак, во ноември 1922 година, Пруст заболел од воспаление на белите дробови, така што смртта го спречила да ја доврши редакцијата на романот. Претходно, во јуни 1922 година, Пруст му напишал на неговиот издавач, Гастон Галимар дека се откажал од планираниот наслов за четвртиот дел на „Содома“ - „Бегалка“, зашто веќе се појавил преводот на една книга на Тагоре со таков наслов. Оттука, според зборовите на Пруст, „...нема да има Бегалка, зашто тоа би предизвикало недоразбирање“. Што се однесува до изборот на насловот, интересно е тоа што во делото „Во сенката на девојките во цветот“ има еден поднаслов „Се појавува Албертина“,[3] така што „Исчезнатата Албертина“ може да се смета за негов контраст. На 25 јуни 1922 година, во едно писмо до Галимар, на прашањето кога ќе го испрати продолжението на „Содома“, Пруст одговрил: „Јас навистина го имам в раце ракописот или, подобро речено, целосниот препис на таа книга, како и на следната, како што се сеќавате дека заради тоа изнајмив една дактилографка. Меѓутоа, работата на поправањето на тој препис, на којшто постојано нешто додавам и менувам, едвај започна.“ Во истото писмо, Пруст го искажал планот книгата да ја нарече „Бегалка“, изјавувајќи дека е подготвен на книгата да додаде дека е продолжение на „Содома и Гомора“. Веројатно, Пруст дефинитивно го избрал насловот „Исчезнатата Албертина“ кон крајот на септември 1922 година, кога дефинитивно се откажал од насловот „Бегалка“.[4]

Овој роман има интересна историја, зашто дури во поново време е откриена последната верзија која ја одобрил Пруст. Во 1954 година, Андре Фере (заедно со Пјер Кларак, првиот издавач на „Во потрага по изгубеното време“) на продолжението на „Затвореничка“ му го дал насловот „Бегалка“, наведувајќи дека тоа издание се темели врз оригиналниот ракопис на Пруст, но некои страници недостасувале, така што тие биле земени од првото издание на романот (во два тома) од 1925 година, со наслов „Исчезнатата Албертина“. Исто така, тој забележал дека копијата на романот, напишана со машина за пишување, била изгубена. Токму таа копија била пронајдена во јуни 1986 година во архивата на Сизи Мант-Пруст (Suzy Mante-Proust), внука од брат на Марсел Пруст, а околностите на тој настан се опишани во десеттата книга на делото „Неподвижно време“ на Клод Моријак (Claude Mauriac). Таа копија сведочи дека самиот Пруст го отфрлил насловот „Бегалка“ и се определил за насловот „Исчезнатата Албертина“, како и дека во 1922 година Пруст направил важно дополнување на романот, во прв ред, исфрлјќи голем дел од претходната верзија на книгата. Притоа, Пруст до последен миг работел на текстот на „Исчезнатата Албертина“, зашто дури на копијата напишана на машина тој додавал разни поправки и коментари на маргините. Оваа копија опфаќа осум (од осмата до петнаесеттата) од вкупно 20 папки во кои Пруст го препишал крајот на „Во потрага по изгубеното време“. Постоењето на оваа препишана копија првпат било споменато на 19 декември 1922 година во една статија, објавена во списанието „Време“ (Temps), а потоа и во една белешка во „Новата француска ревија“ од 1 јануари 1923 година. Меѓутоа, неговиот брат, Робер Пруст (Robert Proust) кој, заедно со Жак Ривјер (Jacques Riviére), ја презел задачата да го објави книжевното наследство на Пруст, не се придржувал кон упатствата на Марсел Пруст.[2][5][6]

На 1 јануари 1923 година, списанието „Нова француска ревија“, во специјалниот број во спомен на Марсел Пруст го најавил објавувањето на осум папки од ракописот на Пруст, насловени како „Затвореничка“ и „Исчезнатата Албертина“. На тој начин, во 1925 година излегло првото издание на „Исчезнатата Албертина“, засновано врз верзијата која не била поправена од страна на Пруст. Во тоа издание не било вметната капиталното дополнување на смртта на Албертина, направено дополнително од страна на Пруст. До денес не е познато, дали самиот Пруст, согледувајќи дека нема да ја заврши конечната верзија, се согласил да се објави романот без суштинските поправки кои ги направил дополнително? Селест Албаре (Céleste Albaret), која му помагала на Пруст во последните осум години од неговиот живот, сведочела дека, непосредно пред смртта, тој го примил издавачот Жак Ривјер за да му даде упатства во врска со објавувањето на „Исчезнатата Албертина“. Притоа, во средината на вториот примерок на верзијата отчукана на машина за пишување, Ривјер ја ставил забелешката: „Прегледал Марсел“. Во секој случај, овој препис на „Исчезнатата Албертина“ исчезнал, иако веќе во јануари 1924 година тој отчукан ракопис го прегледале Робер Пруст и Жак Ривјер, кои го подготвувале првото издание на „Исчезнатата Албертина“. Исто така, на првата страница на вториот примерок на отчуканата копија, Робер Пруст напишал „Исчезнатата Албертина. I Глава“, а подоцна го додал насловот „Тага и заборав“. Сепак, наспроти тоа, во првото, пообемно издание на романот воопшто не биле вклучени поправките направени од Пруст, така што крајот на скратената верзија на „Исчезнатата Албертина“ (која ја преработил самиот Пруст непосредно пред смртта) во првото издание на романот од 1925 година е означен како крај третата глава, а потоа следува четвртата глава на која Робер Пруст ѝ го дал насловот „Новиот лик на Робер де Сен-Лу“. Останувајќи верен на целосниот ракопис на Пруст (вклучувајќи ги и пречкртаните делови), во 1931 година, иако од него било побарано тоа, Робер Пруст не се согласил да приреди критичко издание на романот „Исчезнатата Албертина“.[7][8][9]

Од 1962 година, вториот примерок на отчуканата копија се наоѓа во Народната библиотека во Париз, заедно со сите ракописи на Пруст. Притоа, оригиналниот препис на романот, напишан на машина за пишување, се состои до три дела, и тоа: прва целина од 122 листа, чиј текст се темели врз дванаесеттата папка од оригиналнито ракопис на Пруст, од кои 11 листа се поправки, дополнувања и упатства напишани од страна на Пруст; втора целина од 37 листа, која претставува репродукција на статијата „Во Венеција“, објавена во бројот 4 на списанието „Страници за уметноста“ (Feuillets d' Art) од 15 декември 1919 година. Во овој текст се вметнати 12 страници напишани со рака; трета целина од 44 листа чиј текст е утврден врз основа на 15. папка, кои Пруст подоцна ги пречкртал. Инаку, преписот на романот започнува со листот нумериран како бр. 527, а на којшто Пруст своерачно запишал: „Овде започнува „Исчезнатата Албертина“, продолжение на претходниот роман „Затвореничка“.[10] Од белешките напишани од Пруст, се гледа дека и тој се двоумел во однос на судбината на овој роман. Така, на 648. страница на отчуканиот текст, тој напишал: „Крај на Исчезнатата Албертина, или ако на господинот Галимар повеќе му се допаѓа подолга книга, Крај на првиот дел на Исчезнатата Албертина“. Сепак, тој самиот ги пречкртал тие редови и, веројатно под дејство на заморот и болеста, подоцна напишал: „Дефинитивно, не. Заробеничка ќе претставува една целина и Албертина...“. Според тоа, Пруст помислувал „Исчезнатата Албертина“ да ја припои кон „Затвореничка“, а кон крајот на јули 1922 година ја разгледувал можноста за истовремено објавување на „Затвореничка“ и на нејзиното продолжение. Неговите дефинитивни упатства за структурата на „Исчезнатата Албертина“ се наоѓаат на страниците 648, 898 и 934 од отчуканиот препис. Така, на страницата 898, Пруст напишал: „Од 648 до 898 ништо, сè исфрлив, Значи, од 648 скокаме на II глава на Исчезнатата Албертина. Без премин скокаме на II глава 898“. Исто така, во писмото до Анри Диверноа од ноември 1922 година, Пруст го опишал обемното кратење на првобитната верзија на романот, со зборовите: „Штом почна да ми се влошува здравјето, јас наложив да се исфрлат сите отчукани папки, не броејќи ги“.[11] На 25 октомври 1922 година, Пруст му ги дал на Жак Ривјер последните инструкции во однос на објавувањето на кусиот исечок од романот „Затвореничка“ (под наслов: „Моите будења“) во ноемврискиот број на „Нова француска ревија“. Повикувајќи се на тоа писмо, Џорџ Пејнтер (George Painter) тврди дека Пруст ја завршил „Затвореничка“ на 24 октомври 1922 година, а потоа, сè до смртта, работел на ревизијата на „Исчезнатата Албертина“. Иако ова тврдење не е докажано, во секој случај, прифатено е мислењето дека последните поправки на „Исчезнатата Албертина“ се направени во последните недели од неговиот живот.[9]

Инаку, врз основа на кореспонденцијата на Робер Пруст може да се согледа дека подготовките за првото издание на „Исчезнатата Албертина“ започнале кон крајот на јануари 1924 година, кога Жак Ривјер го замолил Робер Пруст да посочи некој дел од романот кој би бил погоден за објавување во списанието „Критериум“. Подоцна, на 3 јуни 1924 година, Ривјер му напишал писмо на Робер Пруст, замолувајќи го да побрза со редакцијата на романот, а на 12 ноември, Робер Пруст го известил Ривјер дека му го доставува крајот на ракописот на романот. На 3 февруари 1925 година, секретарот на Ривјер му напишал писмо на Робер Пруст со молба да внесе одредени поправки во романот. Меѓутоа, набргу, на 14 февруари умрел Ривјер, така што во април истата година Робер Пруст ја продолжил редакцијата на романот заедно со Жан Полан. Притоа, на 12 мај 1925 година, Полан му напишал писмо на Робер Пруст, известувајќи го дека планира да објави два исечока од романот во јунскиот и јулскиот број на списанието „Нова француска ревија“, додека во писмото од 14 декември го известил за планираната статија за „Исчезнатата Албертина“ (која била објавена во „Нова француска ревија“ на 1 февруари 1926 година, со наслов „Новината што ја носи Исчезнатата Албертина“.[12]

Неколку години подоцна, на 10 март 1931 година, по повод подготовката на собраните дела на Марсел Пруст, издавачот Ремон Галимар му напишал писмо на Робер Пруст, барајќи го оригиналниот ракопис на „Исчезнатата Албертина“ со цел да се направат дополнителни исправки во романот. Робер Пруст се изјаснил по тоа барање дури на 3 јули истата година, одговарајќи дека одлучил да не се прават никакви измени во првото издание на „Исчезнатата Албертина“, со исклучок на отстранувањето на одредени технички грешки.[13]

Изданија на романот[уреди | уреди извор]

Пред објавувањето на романот, во неколку наврати биле објавени кратки делови од него. На пример, на 15 септември 1924 година, еден мал дел, со наслов „Исчезнатата Албертина, исечок“ излегол во списанието „Филозофии“ (Philosophies).[14] Исто така, во септември и октомври 1922 година, во своите писма до издавачите Гастон Галимар и Жак Ривјер, Пруст им понудил да објават „некои делови од Бегалка, не чекајќи го објавувањето на Затвореничка“, посветени на смртта на Албертина, притоа наведувајќи дека се работи за нешто „најдобро што воопшто го сработил“. Така, по иницијатива на Ривјер, во јули 1924 година, списанието „Критериум“ (The Criterion) го објавил исечокот од романот, со наслов „Смртта на АЛбертина“ (The Death of Albertine). Во јуни 1925 година, „Смртта на Албертина“ била објавена и во „Нова француска ревија“.[15] Претходно, втората глава на „Исчезнатата Албертина“ била објавена како статија во четвртиот број на списанието „Страници за уметноста“ (Feuillets d'Art) на 11 декември 1919 година, со насловот „Во Венеција“.[16] Еден фрагмент од втората глава на романот бил објавен и во списанието „Женевска ревија“ (Revue de Genève) во јули 1925 година.[17]

Изданија на француски јазик[уреди | уреди извор]

Во целосна форма, романот бил првобитно објавен на француски јазик во 1925 година, во два тома, од страна на издавачката куќа „Галимар“, со наслов „Исчезнатата Албертина“ (Albertine disparue, Librairie Gallimard, Éditions de la Nouvelle Revue Française, Paris, 1925), а истата верзија била објавена и во 1932 година, во рамките на собраните дела на Пруст. Во 1954 година, романот бил објавен со насловот „Бегалка“, како трет том на „Во потрага по изгубеното време“ (La Fugitive, dans À la recherche du temps perdu, Gallimard, „Bibliothèque de la Pléiade“, Paris, 1954). Во 1967 повторно било објавено изданието со насловот „Исчезнатата Албертина“ (Albertine disparue, Le Livre de Poche, Paris, 1967), кое потоа било повторено и во 1972 година, додека во 1986 година се појавило изданието со двата наслова (La Fugitive (Albertine disparue), Flammarion, Paris, 1986).[18]

Преводи на други јазици[уреди | уреди извор]

Романот „Исчезнатата Албертина е преведен и на повеќе други јазици, како:[19]

  • Marsel Prust, Nestala Albertina. Novi Sad, Beograd: Matica srpska, Nolit, Narodna Knjiga, 1983.
  • Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004.
  2. 2,0 2,1 N.M. „Predgovor“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 7-8.
  3. N.M. „Predgovor“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 11-12.
  4. „Napomene“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 105-108.
  5. „Uvodna napomena“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 13.
  6. „Napomene“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 105-106.
  7. N.M. „Predgovor“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 8-9.
  8. „Napomene“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 106-109.
  9. 9,0 9,1 „Napomene“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 138.
  10. „Napomene“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 106-107.
  11. „Napomene“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 119-122.
  12. „Dodatak“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 142-150.
  13. „Dodatak“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 151-153.
  14. „Napomene“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 112.
  15. „Napomene“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 117-118.
  16. „Napomene“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 126.
  17. „Napomene“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 131.
  18. „Aneks“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 155.
  19. Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 103.