Истражител (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Истражител (српски: Иследник) - роман на српскиот писател Драган Великиќ од 2015 година, добитник на НИН-овата награда за роман на годината.

Содржина[уреди | уреди извор]

  • Прв дел: Авторот се сеќава на својата мајка, Виолета, поранешна учителка, педантна и вредна жена, постојано загрижена за судбината на светот, која го поминала целиот живот во грч, а децата ги држела цврсто под контрола. Таа многу сакала да патува и имала обичај да ги запишува имињата на хотелите во кои престојувала. По Втората светска војна, таа за првпат ја посетила Истра, а во 1958 година се доселила со семејството во Пула. Нејзиниот сопруг бил морнар и ретко бил присутен дома, така што Виолета го имала главниот збор во семејството. Во 1991 година, откако избувнала војната во СФРЈ, семејството се преселило во Белград. По некое време, нејзиниот сопруг починал, а таа заболела од деменција и завршила во дом за старци. Виолета починала во 2000 година, кога нејзиниот син престојувал во Будимпешта. Речиси две децении подоцна, синот ги посетува местата во кои го поминал детството или за кои слушал во детските денови. Најпрвин, тој заминува во Солун, во обид да го осети духот на времето пред Првата светска војна, кога таму живеела сосетката Лизета. Потоа, во 2012 година ја посетува Пула, обидувајќи се да го реконструира своето и минатото на мајка му.[1]
  • Втор дел: По објавувањето на романот во едно локално списание, авторот влегува во судир со сестра му, која е револтирана поради објавувањето на деталите од семејниот живот. Четири месеци по првата посета на Пула, тој повторно се враќа во градот. Исполнувајќи го ветувањето дадено на мајка му, тој почнува да пишува роман за нејзината пријателка Лизета: Таа е родена во Солун, каде татко ѝ бил сопственик на хотел кој изгорел во големиот пожар при крајот на Првата светска војна. Откако ги загубила родителите, Лизета најпрвин живеела во интернат во Виена, а потоа кај роднините во Трст. Во 1923 година се вратила во Солун, кој бил целосно изменет во споредба со времето од нејзиното детство, така што повторно се вратила во Трст, цврсто решена да започне нов живот.[2]
  • Трет дел: Романот завршува со писмо во кое авторот посмртно ѝ пишува на мајка си, искажувајќи потполно разбирање за нејзините животни погледи.[3]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Во 2015 година, романот освоил неколку српски книжевни награди, и тоа: „Кочиќевото перо“, „Виталовата награда“ и НИН-овата награда за роман на годината.[4] Романот „Истражител“ претставува еден вид емотивна црна кутија во која авторот раскажува повеќеслојни приказни и како детектив навлегува во секојдневието на времето кое повеќе не постои. Тој е истовремено автопоетичка исповед, но и повест за земјата и луѓето кои повеќе ги нема. Романот ги содржи сите елементи кои го прават второт препознатлив: совршеното чувство за деталите, јазичната прецизност и брилијантниот стил. Во својот осврт кон делото, Небојша Миленковиќ истакнува дека книгата се издвојува по тоа што во неа преволадува сосема личен тон при што авторот се прикажува без маска и се открива себеси, а според Срѓан Тешиќ, „Истражителот“ храбро зборува за она за кое би молчеле.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Dragan Velikić, Islednik, peto izdanje. Beograd: Laguna, 2016, стр. 9-171.
  2. Dragan Velikić, Islednik, peto izdanje. Beograd: Laguna, 2016, стр. 173-258.
  3. Dragan Velikić, Islednik, peto izdanje. Beograd: Laguna, 2016, стр. 259-263.
  4. 4,0 4,1 Dragan Velikić, Islednik, peto izdanje. Beograd: Laguna, 2016.