Историја на административната поделба на Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Историјата на административните поделби на Македонија е мошне сложена. Она што се нарекувало Македонија имало различна големина и било различно политички организирано. Од различни причини, границите и имињата на политичките поделби биле менувани, некогаш следејќи ја топографијата на теренот, некогаш за да се ослабнат претходните административни и државни структури, некогаш да се остварат идеолошките и филозофските идеали за управување, но најчество од причини на воено управување со територијата. Не постојат многу исцрпни и веродостојни историски записи за административните поделби на Македонија во дамнешните времиња, такашто подолу опишаните административни едници се приближно опишани. По осамостојувањето на Македонија од Југославија, се прават низа на промени во границите на административните единици (општини) со цел да се задржи унитарниот карактер на државата наспрема тенденцијата на одредени политички центри за нејзина административна дезинтеграција на региони кои би го имале етничкиот предзнак.

Античка Македонија[уреди | уреди извор]

Кралство Македонија[уреди | уреди извор]


Природните граници на Античка Македонија биле најчесто по високите планински венци и поголемите речни долини. На југ планината Олимп, Камбурските планини и реката Пенеј. На југозапад планината Пинд, на запад планините од шарпланинскиот масив а на север планината Јакупица, реката Пчиња, Осоговските планини до планината Рила и на исток до источните падини на Пирин Планина и реката Места.

Античките автори разликувале Горна и Долна Македонија.

Долна Македонија ги опфаќала јужните претежно рамничарски предели со престолнина во Ајга а подоцна во Пела, со следниве области:Пиерија, Ботиаја, Алмопија, Амфакситида, Мигдонија, Антемунт, Ботика, Крусида, Бисалтија, Крестонија, Пиерида, Еднида, а во политичка смисла и Еордаја [1].

Горна Македонија ги опфаќала претежно планинските предели: [: Тимфаја, Параваја, Дасаретида, Орестида, Линкестида, Пелагонија, Дериоп, Пајонија, Парорбелија, Синтика и Одомантика [2].

Кралот Филип II направил реформа со цел да ги приспособи институциите на царството во согласност со големата експанзија за време на неговото владеење, кога македонската држава се простирала на запад до Јонското Море на исток до Црното Море, на север границата во главно останала непроменета, на југ до грчките области Етолија и Фокида. Биле формирани четири региони, од кои секој со свое собрание. Оваа поделба не следела некоја историска поделба, туку едноставно се работело за административна поделба на царството.[3]

Македонска империја[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главни статии: „Античка Македонија“, „Дијадоси“, „Селевкиди“, „Антигониди“, и „Птолемеи.
Поделба на Македонија околу 290 гпне

Александар Македонски проширувајќи ги границите на Кралството Македонија гo покорил персиското царство а границите ги проширил далеку на исток до реката Инд на југ северниот дел на Африка, со што ја создал Македонската империја. На новосвоените територии на исток, Александар ја обновил сатрапската администрација и титулата сатрап карактеристична за Персиската империја и нејзините претходнички.

По смртта на Александар, империјата некое време била одржувана, но со дијадошките војни започнала нејзината дезинтеграцијата која завршила некаде во почетокот на 3. век пред нашата ера со поделба на неколку држави владеани од посебни македонски династии:

Римска Македонија[уреди | уреди извор]

Македонија, како провинција во рамките на Римското царство, околу 120 г.

После македонско-римските војни, водени од 215 до 168 година пред нашата ера водени со Римската Република, Македонија била поделена на четири мериди/региони:

Подоцна Македонија станала провинција во рамките на Римското царство, составена од Епир вет, Тесалија и делови од Илирија и Тракија. При првата поделба во III и IV век, провинцијата била поделена на: Македонија Прима на југ со седиште во Тесалоника и Македонија Салутарис на север со седиште во Стоби. При втората поделба, во средината на V. век, биле формирани Македонија Прима со седиште во Тесалоника и Македонија Секунда со седиште во Стоби.

Македонија Прима и Македонија Салутарис биле вклучени во рамките на Македонската диецеза, една од трите диецези во рамките на Илирикумската префектура создадена во 318 година, кога Илирикумската префектура била поделена на Источен и Западен Илирикум во 379 година, Македонските провинции станале дел од Источен Илирикум.

Македонија, по распадот на Римското царство и негова поделба на Западно и Источно царство во 395 година, станала дел од Византија.

Византиска Македонија[уреди | уреди извор]

Македонија, поделба на Византија на теми, 1045 година.

Во времето на византиската власт во Македонија постоеле воено-административни области наречени теми: Солун, Стримон, Нов Стримон, Драгувитија и Верија. Византија ги менува етногеографските имиња на областите и ги заменува со соседни за нив именувајќи го населението според името на темата, со тенденција населението да го асимилира во Ромеи (Византијци).

Во почетокот на 11 век Византија териториите на најголемиот дел од Македонија, цела Србија, Војводина до Срем, делови од Албанија и Црна Гора ги сместува во новофомирана Тема Бугарија, додека етногеографската територија на Бугарија ја сместува во Тема Паристрион, уште наречена Мизија или Загоре. Географската област Тракија византијците ја инкорпорираат во Тема Македонија, а пак областа околу Цариград во Тема Тракија.

Темата Бугарија се состоела од комитати: Брегалнички, Деволски, Kутмичевица и др.

Јужниот дел на Македонија, бил поместен во Темата Солун.

Во времето на Самуила Македонија била поделена на повеќе помали или поголеми воено-административни области: Струмичка, Мегленска, Воденска, Kолидрон, Сервија и др. Мошне значајни промени во статусот на македонските територии се случиле во втората половина од 10. в., кога синовите на комитот Никола, комитопулите Давид, Мојсеј, Aрон и Самуил, како поранешни претставници на бугарскиот воено-административен апарат, формирале посебна и наполно независна државна формација, што е позната како Самуилово Царство (прва претстолнина Преспа, потоа Охрид). Jадрото на новата држава во голем дел се совпаѓало со териториите од поранешниот Деволски комитат. Kон пространите матични македонски територии, без Солун, Самуил (976-1014), со освојувања, кон својата држава ги вклучил следниве територии: Tесалија, Епир, Aлбанија, Дукља, Далмација, Босна, Рашка и поголем дел од денешната Бугарија. Tериторијата на Македонија и пошироко веројатно била поделена на повеќе помали или поголеми воено-административни области, а секоја од нив за свој центар имала некој поголем и добро утврден град. На чело на секоја област се наоѓал управник (најчесто во византиските извори именуван како архонт), под чија непосредна власт се наоѓале и околните тврдини.

По 1018 г., кога било уништено Самуиловото Царство, Македонија била одново вклучена во византискиот тематски воено-административен систем. Од крајот на IX до XIII в., познати се следниве теми: Солунска, Струмичка, Берска, Kостурска, Мегленска, Пелагониска, Охридска, Вардарска, Скопска и др. Во периодот кога во Византија владеела династијата на Палеолозите, најраспространета административна единица е катепанатот.

Од втората пол. на XIII в. познати се следниве катепанати: Kаламарија, Ермилија, Jерис, Kасандрија, Aпрос, Стримон, Рендина, Стефанијана, Завалтија, Пополија, Зихна, Сер, Лангада, Вардар, Христопол, Валавиште и веројатно Меглен, Мелник, Верија, Сланица, Aнаклусирон и Пелагонија.

Kако дел од централизираната Душанова држава, Македонија била разделена на повеќе области, а од нив некои биле именувани како жупи. По смртта на Душан биле формирани неколку независни феудални области со висок суверенитет.

Османлиска империја[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главни статии: „Румелиски ејалет“ и „Битолски вилает.
Македонија, поделба на Отоманската империја на вилаети (XIII-IX век).

Административната поделба на Османлиската империја била устроена според принципите на воено администрирање. Административната поделба на империјата не ги опфаќала териториите на вазалните држави. Вилаетот (на турски vilâyet) била најголема административна територијална единица. На чело на вилаетот стоел валија. Вилаетите со текот на времето ги менувале своте граници. На почетокот имало два големи вилаети: Румелискиот и Анадолискиот. Подоцна за времето на Сулејман I (1529 - 1566) имало 6 вилаети. Најголем број на вилаети имало 1600 година - 53. Подоцна бројот на вилаетите се намалува, за да од 1867 година се сведе на 28 вилаети, кога и е извршена поделба помеѓу воената и цивилната управа, при што валијата ги задржува раководните функции во граѓанскиот сектор. Основна административна единица била Санџакот, како составен дел на Вилаетот. На чело на Санџакот бил турски бег. Секој Санџак се делел на кази (окрузи) и нахии (општини).

Во текот на XV и XVI век речиси целата територија на Македонија припаѓала во таканаречениот Румелиски ејалет/беглербеглук, чиј административен центар бил во Софија. Солунскиот, Охридскиот, Скопскиот, Одринскиот и Ќустендилскиот санџак биле санџаци во рамките на Румелискиот вилает во чии граници се простирала територијата на Македонија.

Со административната реформа во Османлиската Империја од 1834 г. територијата на Македонија влегла во рамките на три ејалети: Румелиски, Скопски и Солунски ејалет.

Румелискиот ејалет во најголем дел од времето (1838, 1846, 1859/60) се состоел од: Битолскиот, Kостурскиот, Охридскиот и Скадарскиот санџак.

Во Скопскиот ејалет (1846; 1853) влегувале: Скопскиот, Приштинскиот и Призренскиот санџак.

Солунскиот ејалет (1846; 1853) бил составен од: Солунскиот, Серскиот, Драмскиот и Tирхала санџакот.

Во согласност со Законот за административна поделба на Османската Империја (1864), во 1867 г. бил формиран Солунскиот вилает со седиште во Солун, во чиј состав влегувале санџаците: Битолски, Скопски, Солунски, Серски и Драмски.

Во 1873 г. со одвојување на еден дел од територијата на Солунскиот вилает бил формиран Битолскиот вилает со центар во Битола. Во неговиот состав влегувале: Битолскиот, Призренскиот, Скадарскиот, Скопскиот и Дебарскиот санџак. Tретиот вилает што ја опфаќал територија на Македонија бил Kосовскиот вилает, формиран во 1877 г. со одземање територии од Битолскиот вилает, со центар во Приштина, а од 1888 г. во Скопје. Во него влегувале санџаците: Скопје, Приштина, Нови Пазар, Tашлиџа (Плевле) и Пеќ.

Ќустендилскиот санџак е еден од најголемите санџаци во Румелискиот вилает, во себе вклучувал 14 кази: Ќустендилска, Радомирска, Дупничка, Петричка, Мелничка, Дојранска, Тиквешка, Велешка, Струмичка, Радовишка, Штипска, Кратовска, Врањанска и Кривопаланечка.

Во Охридскиот санџак, влегол поголем дел од Западна Македонија.

Скопскиот санџак бил формиран исклучително од македонска територија.

Солунскиот санџак ги опфатил териториите на Јужна Македонија. Лерин се споменува како посебен санџак.

Во таканаречениот Паша-санџак влегувале нахиите Тетово, Кичево, Велес, Прилеп, Битола, Ениџе-Вардар, Воден, Бер, Серфиџе, Хрупиште, Костур, Биглиште, Драма, Серез, Зихна, Неврокоп, Демир Хисар и Сидерокапса.

Вардарска Македонија[уреди | уреди извор]

Делови од територијата на Македонија во времето на Кралството Југославија.
Документ од тетовскиот округ со наредба до околиските начанлици. Документот е од 22 јануари 1916 година, кога Тетовскиот округ се наоѓа под Царство Бугарија.

Вардарскиот дел од територијата на Македонија бил под власта на Србија, Бугарија и Kралството на СХС/Jугославија (1912–1915; 1915–1918; 1919–април 1941).

Од 1912 до 1915 г. Вардарскиот дел на Македонија бил окупиран од Србија. Aдминистративно-територијално бил поделен на 7 окрузи, окрузите биле поделени на околии и општини.

Од есента на 1915 до есента 1918 г. Вардарскиот дел на Македонија бил окупиран од Бугарија, прогласен за единствена воено-административна управна област под име „Македонска воено инспекциска област“ (МВИО), која била поделена на 9 окрузи, од кои 7 биле целосно на македонска територија.

Од 1918 до април 1941 г. Вардарскиот дел на Македонија бил во составот на Kралството на СХС / Jугославија. Во почетокот бил поделен на 7 округа, околии и општини. Со Уставот од 28 јули 1921 овој дел на Македонија бил поделен на 3 области: Битолска, Брегалничка и Скопска, а областите на 31 околии и општини. Со Законот за „името и поделбата на Kралството на управни подрачја“ од 3 октомври 1929 г. Вардарскиот дел на Македонија е во составот на Вардарска бановина и бил поделен на 29 околии и општини.[4]

Пиринска Македонија[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Пиринска Македонија.

Пирискиот дел на Македонија под власта на Бугарија (1912 -) станал округ на Царството Бугарија, именуван како Струмички округ, со административен центар во Струмица. Округот административно бил поделен на околии со околиски центри во: Горна Џумаја (Благоевград), Мехомија (Разлог), Петрич, Неврокоп (Гоце Делчев) и Мелник. После Версајската мировна конференција, Струмица со дел од нејзината дотогашна околија и била одземена на Бугарија и доделена на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Струмичкиот округ бил преименуван во Петрички округ, од 1920 до 1934 година, со центар во градот Петрич. Петричкиот округ бил укинат од 1934 - 1943 година а Горноџумајската, Петричката и Светиврачката околија биле присоединети на Софиската област, а Неврокопската и Разлошката околија на Пловдивската област. По Втората светска војна на неколку наврати биле правени административно-територијални промени. Пиринскиот дел на Македонијаја претставувал Горноџумајски округ (1950 - 198 година), за потоа да биде укинат и присоединет на Софиската област.[5][6]

Егејска Македонија[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Егејска Македонија.

По Втората балканска војна (по 1913) и по силата на Букурешкиот мировен договор (10 јули 1913) грчката држава анектирала 34.000 km2 или 51% од македонската територија. Tериторијата на Егејска Македонија била поделена на три генерални дирекции: Централна Македонија со центар во Солун (со окрузите Солунски, Халкидички, Kукушки, Воденски и Берски), Источна Македонија со центар во Kавала (со окрузите Серски, Драмски, Kавалски) и Западна Македонија со центар во Kожани (со окрузите Kожански, Kостурски и Лерински).

На чело на провинцијата бил наименуван гувернер со функција министер за Северна Грција.[7]

Прва светска војна[уреди | уреди извор]

Втора светска војна[уреди | уреди извор]

Бројност на жители во Македонија по региони. (11.01.1945)

Македонија, за време на Втората Светска Војна, била окупирана од страна на фашистичките сили и поделена на окупациони зони.

Бугарија, која претходно ја контролирала Пиринска Македонија, го окупирала и поголемиот дел од Вардарска Македонија како и источниот дел од Егејска Македонија. Бугарија ја поделила окупираната територија на две административни области: Скопска и Битолска. Во овие области започнале да важат граѓанските и административните закони на царството Бугарија. Во власта влегло и локално население што било лојално на новиот режим. Бугарскиот јазик бил прогласен за единствен официјален јазик, на населението од окупираните територии му се наметнало бугарско државјанство и се одзело правото на секој поединец да се изјаснува како Македонец, биле менувани имињата и презимињата со цел да добијат бугарска форма. Наставата во училиштата била на бугарски јазик, со бугарски наставници. Бугарската православна црква воспоставила црковна управа поставувајќи свои свештеници.

Италија го окупирала поголемиот дел од Западна Македонија (Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар и Струга), преспанските села и Костурско во западниот дел на Егејска Македонија. Во рамките на Италијанските окупациони зони, квинслишка Албанија контролирала делови од Македонија. Била воспоставена албанско-италијанска власт, била формирана окружна управа (префектура) со центар во Дебар каде се наоѓала и командата на италијанската дивизија „Фиренца“. Функционирале Албанските судови, жандармеријата (карабињерите) под италијанска команда, и полицијата (квестурата) под албанска команда. Подоцна со капитулацијата на Италија 1943 година, оваа окупациона зона ја презеле германските нацисти, а власта и понатаму била во рацете на албанските колаборационисти. Албанскиот јазик бил прогласен за официјален, целокупната администрација се водела на албански јазик, наставата во училиштата се одвивала на албански јазик. Биле преименувани градовите и селата во Западна Македонија, како и имињата и презимињата на македонското население. Преостанатиот дел од Егејска Македонија го окупирале германските окупациони сили.

Република Македонија[уреди | уреди извор]

Карта на општините во Република Македонија
Решение за поделба на Македонија по области, односно на: Скопска, Битолска и Штипска област. Шеста седница на Президиумот на АСНОМ (21.10.1944)

Непосредно пред завршувањето на Втората светска војна, на првата седница на Президиумот на АСНОМ, одржана на 6 август 1944 година за првпат во слободна Македонија била спроведена административно-територијална поделба. Тогаш Македонија била подеелна на четири области: Скопска, Битолска, Штипска и Кучевско-дебарска. По неполни три месеци, направена е првата промена: укината е Кичевско-дебарската област, а градовите Скопје, Тетово, Велес, Куманово, Битола, Прилеп, Охрид, Штип и Струмица, се подигнати во ранг на околии. Тогаш кон територијата на Македонија се приклучени и Прешевската и Качаничката околија.[8]

На 30 август 1945 година, Президиумот на Народното собрание на Македонија го донесе Законот за територијална поделба на федерална Македонија на окрузи. Според овој Закон, федерална Македонија била поделена на 4 округа и град Скопје како посебна единица, и тоа: Град Скопје, со седиште во Скопје, Скопски округ со седиште во Скопје, Велешки округ со седиште во Велес, Битолски округ со седиште во Битола и Штипски округ со седиште во Штип. Во Скопскиот округ влегувале следниве околии: Кривопаланечка околија, Кумановска околија, Козјачка околија, Маџарска околија, Ѓорчепетровска околија, Драчевска околија, Теаречка околија, Тетовска околија, Гостиварска околија и Дебарска околија. Во Скопски округ - град, покрај градот Скопје, влегувале и селата: Горно Водно, Долно Водно, Горно Нерези, Долно Нерези, Визбегово, Бутел, Тафталиџе, Кисела Вода и Керамидница.[9]

Народното собрание на Народна Република Македонија, на седницата одржана на 3 јануари 1947 година, го донела Законот за територијална поделба на НР Македонија, според кој територијата на НР Македонија административно била поделена на подрачја на градови и подрачја на административни околии. Административните околии ги опфаќале подрачјата на реонските народни одбори, а градот Скопје бил поделен на четири реони. На седницата одржана на 15 февруари 1947 година, Президиумот на Народното собрание на НР Македонија, донело решение со кое првиот и вториот реон на град Скопје се соединуваат и образуваат еден реон, кој се викал Први реон, а третиот и четвртиот реон се соединуваат во еден реон, кој бил наречен Втори реон. Секој реон имал Народен одбор.

Во 1949 година, со Законот за поделба на територијата на Народна Република Македонија, биле образувани три области: Скопска, Битолска и Штипска. Со Законот за административно-територијална поделба на НР Македонија, Македонија била поделена на 27 околуу и 446 месни народни одбори.[10]

На 10 април 1952 година, со Законот за поделба на Народна Република Македонија на околии, легуваградови, градски општини и општини, НР Македонија била поделена на 18 околии, еден градски народен одбор, 27 градски општини и 205 општини. Главниот град на НР Македонија, Скопје, и натаму се третирал како посебна административно-територијална единица, во која покрај потесното градско подрачје, влегувале и селата: Горно Маџари и Трубарево.

Во 1955 година, со Законот за подрачјата на околиите и општините, во Народна Република Македонија имало 7 околии и 86 општини. Во јули 1957 година, дошло до укинување на некои општини, со што нивниот број се намалил на 73.[11] Во февруари 1962 година бројот на општините бил намален на 61, а во јануари 1965 година, територијата на Македонија била поделена на 32 општини. Во 1966 година биле укинати околиите.

Следната промена настапува во декември 1968 година, кога е донесен Законот за образување на оштина на град Скопје. Со овој закон, општините Идадија, Кале и Кисела Вода се споиле во една општина под називот Општина на град Скопје. Во март 1976 година, повторно доаѓа до промена, со што на подрачјето на град Скопје се формирале пет општини: Гази Баба, Карпош, Кисела Вода, Центар и Чаир.

Во септември 1996 година, со Законот за територијална поделба на Република Македонија и определувањето на подрачјата на единиците на локалната самоуправа, биле воведени 123 општини. Градот Скопје фигурира како посебна единица на локалната самоуправа, и има седум општини: Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар, Чаир и Шуто Оризари.

Со Законот за територијална организација на локалната самоуправа во Република Македонија од 16 август 2004 година, биле востановени 84 општини. Според предлог-измените за територијална поделба во 2013 г. општината Вранештица се припоила кон Општина Кичево, заедно со општините Зајас, Другово и Осломеј[12] со воспоставување на новата локална власт по изборите на 24 март 2013 г.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Бранко Панов, Македонска средновековна држава, Скопје, 1999
  • Административно-територијални поделби во Македонија 1944-2004, ИНИ, Скопје 2007, избор и редакција: проф. д-р Ѓорѓи Чакарјаневски, проф. д-р Тодор Чепреганов, Стојан Аврамовски
  • Гордана Сиљановска-Давкова, Владимир Митков, Локална самоуправа, Скопје, 2000

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Историја ан Аргеадите, Наде Проева, Скопје, 2004
  2. Историја ан Аргеадите, Наде Проева, Скопје, 2004
  3. Наде Проева, Историја на Аргеадите, Скопје, 2004
  4. Надежда Цветковска, Локалната управа во Вардарскиот дел на Македонија меѓу двете светски војни (1919–1941), „Историја“, бр. 1-4, Скопје, 1988/1989.
  5. Десанка Тодоровиќ, Окупацијата на Струмица 1919 година, „Гласник“, X/1, Скопје, 1966
  6. Бугарска енциклопедија, БАН, Софија, 1978
  7. Историја на Македонскиот народ, IV, Скопје, 2000.
  8. Административно-територијални поделби на Македонија 1944-2004, ИНИ, Скопје, 2007, стр. 39.
  9. Административно-територијални поделби на Македонија 1944-2004, ИНИ, Скопје, 2007, стр. 40.
  10. Административно-територијални поделби на Македонија 1944-2004, ИНИ, Скопје, 2007, стр. 41.
  11. Административно-територијални поделби на Македонија 1944-2004, ИНИ, Скопје, 2007, стр. 42.
  12. ДУИ бара помош од иселениците“, Нова Македонија (посет. 20 ноември 2012 г). (на македонски)