Интелигентна денс музика

Од Википедија — слободната енциклопедија
Интелигентна денс музика
Стилско потекло: Експериментална музика, Амбиент, Техно, Хаус, Индустријал, Хип-хоп, Драм енд бејс, Авангард
Културно потекло: Почетокот на 1990-тите, Обединето Кралство, Јапонија и Хонгконг
Својствени инструменти: Синтисајзер, вокал, ритам машина, секвенцер, семплер, електронска клавијатура, компјутер
Популарен: Значителен интерес во Обединетото Кралство во 90-тите години со музичари како Афекс Твин, Д’Орб и Отекр кои се здобиле со светски успех. Оттогаш тие се култ.
Амбиент Хаус - Глич
Претопени жанрови
Брејкор - Микрохаус - Фолктроника

Интелигентна денс музика (општопозната како Ај-Ди-Ем (IDM)) е вид на електронска музика која се појавува во раните 1990-ти години. Првобитно жанрот беше под влијание на иновации од андерграунд денс музиката во Обединетото Кралcтво, како Детроид Техно и разни форми на брејкбит. Од стилска гледна точка Ај-Ди-Ем не се придржува строго до специфични музички форми на електронска музика, но попрво се стреми кон поединечно експериментирање. Во 1990 година низата на пост-техно стилови во подем беа разновидно опишани како: арт техно, амбиент техно, интелигентно техно, и електроника. Во денешно време музичката индустрија во САД го користи терминот како сепопфатен поим за да се опише електронската денс музика и нејзините многубројни поджанрови.

Се смета дека поимот Ај-Ди-Ем потекнува од САД од 1993 година, со формирање на Ај-Ди-Ем Листата, електронска список на мејлови, првобитно создадена за дискусија околу музиката на голем број значајни англиски артисти, особено оние кои се појавуваат на компилацијата издадена од Ворп Рекордс во 1992 година именувана Artificial Intelligence. Употребата на терминот "интелигентна денс музика" ја критикуваа електронски музичари како Афекс Твин бидејќи делува претенциозно кон другите жанрови. Мајк Парадинас ја дефинираше како карактеристична за САД.

Историја[уреди | уреди извор]

Во текот на доцните 1980-ти години, голем број на електронски музичари етаблирани во Обединетото Кралство се инспираат од андерграунд денс музиката во периодот и почнуваат да ги истражуваат експерименталните форми на електронска денс музика. Во раните 1990-ти години, музиката од тој тип се афирмираше со изданија за различни издавачки куќи меѓу кои: Ворп Рекордс (1989), Блек Дог Продакшнс (1989), Ар & Ес Рекордс (1989), издавачката куќа на Карл Крег - Планет И, Рајзинг Хај Рекордс (1991), Рефлекс Рекордс на Ричард Д. Џејмс (1991), Аплајд Ритмик Технолоџи на Кирк Деџорџо (1991), Ево Лут Музик (1991), Џенерал Продакшн Рекордингс Архивирано на 18 април 2015 г. (1989), Сома Куолити Рекордингс (1991), Писфрог рекордс (1991), и Метаморфик Рекордингс (1992).

Жанрот амбиент хаус е спој на хаус (особено асид хаус) и амбиент музика, кој во периодот се продуцира во Обединетото Кралство од бендови како Д’Орб. Големо влијание врз жанрот амбиент хаус извршија Јелоу Маџик Оркестра од Јапонија, познати и како пионерите на амбиенталното техно. Во текот на 90-тите години поимот "амбиент хаус" стана синоним на интелигентната денс музика, но по извесно време беше заменет со неколку други термини. По иницијатива на амбиент хаус, наскоро произлезе жанрот амбиент техно, под кој твореа Афекс Твин и Јапонскиот музичар Тетсу Иноуе. Жанрот амбиент техно се одликува со интензивни техно и електронски влијанија, вклучувајќи ја широката употреба на Роланд TR-808 и TR-909 ритам машини. По извесно време поимот "интелигентно техно" го замени "амбиент техно", по што следуваше успехот на серијата изданија од Ворп рекордс наречена Artificial Intelligence.

До 1992, Ворп Рекордс го користеа описот електронско слушање на музика, за да го промовират музичкиот производ на музичарите под нивна закрила, но за брзо време истото беше заменето со интелигентно техно. Истиот период (1992-93) се употребуваа други имиња како : армчер техно, амбиент техно и електроника, но сето тоа беше обид да се окарактеризира новиот бран на електронска денс музика, чии слушатели претпочитаат да останат дома и да уживаат во музиката. Косопственикот на Ворп, Стив Бекет изјави дека електронската музика, издадена за Ворп, во тој период има за целна група, публика која не посетува клубови, бидејќи слуша музика дома. Во 1993 се појавија голем број на нови издавачки куќи кои продуцираа изданија под влијание на интелигентно техно, меѓу кои Њу Електроника, Мил Плато, 100% Пјур, и Ферокс Рекордс.

Artificial Intelligence[уреди | уреди извор]

Во 1992, Ворп го издадоа првиот албум од серијата Artificial Intelligence, наречен Artificial Intelligence. Во поднасловот беше наведено "музика за електронско слушање од Ворп", a изданието беше колекција од композиции на музичари како: Отекр, B12, Блек дог, Афекс Твин и Орб под различни псевдоними. Со текот на времето, овие музичари, заедно со многу други ќе бидат главна тема на разговор во Списокот на Интелигентна Денс Музика, електронска список на мејлови составена во август 1993.

Ај-Ди-Ем Листата[уреди | уреди извор]

Во ноември 1991, терминот "интелигентно техно" се појави на Usenet во врска со The Snow EP на Коил. Во друга прилика терминот се појави на Usenet во април 1993, а се однесуваше на албумот Bytes од Блек Дог. Терминот не наиде на поширока јавна употреба на Интернет до август 1993, кога Алан Пери го најави формирањето на нова список на мејлови за дискусија за "интелигентната" денс музика, насловена: Списокот на Интелигентна Денс Музика или скратено Ај-Ди-Ем Листа .

Првата порака испратена на 1 август 1993 беше насловена "Дали и глупавите луѓе можат да уживаат во Ај-Ди-Ем"? Изјавата од администраторот на опслужувачот на листата, Брајан Белендорф, откри дека првобитната намера на Пери било да создаде листа за дискусија околу музиката на издавачката куќа Рефлекс, но решиле заедно да ја прошират темата, со цел да опфатат слична музика или пристап како музиката издадена за Рефлекс. Изборот на поимот "интелигентна" се должи на појавата на изданието Artificial Intelligence и затоа што алудира на нешто што е повеќе од само денс музика, а истовремено е секогаш отворен за интерпретација.

Музичарите кои се појавуваат во првите разговори на списокот се Отекр, Атом Харт, Ел-Еф-Оу и музичари кои издаваат за Рефлекс Рекордс како Афекс Твин, Му-зик, Лук Виберт, како и Орб, Ричард Х. Кирк и Фјучр Саунд Оф Лондон и изведувачи од типот на Систем 7, Вилијам Орбит, Сејбрс оф Парадајс, Бордс оф Канада, Орбитал, Пластикмен и Бјорк.

Од почетокот на 2011 година списокот на мејлови е сè уште активна.

Artificial intelligence Vol.2[уреди | уреди извор]

Втората Artificial intelligence компилација на Ворп е издадена во 1994 година. Албумот содржи делови од разговорите на списокот на мејлови, претставени во типографски цртежи на Дизајнерс Републик. Текстот на обвивката од албумот на Дејвид Туп го потврди мноштвото на музички и културни влијанија на жанрот, кои укажуваат дека никој не треба да се смета за побитен од кој било друг.

Електронската музика издадена во тоа време за Ворп Рекордс од музичари како Афекс Твин, алијас Ричард Д. Џејмс, Отекр, Ел-Еф-Оу, B12, Сифил и Блек Дог, како и онаа на издавачките куќи Рефлекс и Скам станува поуларна помеѓу обожавателите на електронската музика. Музичарите кои се помалку познати издаваат за Лајкмајнд и издавачките куќи на Кирк Деџорџо - А.Р.Т. и Оп-Арт, вклучувајќи го и самиот Деџорџо под разни псевдоними (Ес Уан, Фјучр/Паст и Езотерик). Меѓу другото Стив Пиктон (Стејсес) и Нурмад Јусат (Нурон) наидуваат на поширока публика заедно со значајни музичари како Бјорк и Фјучр Саунд Оф Лондон.

Ај-Ди-Ем во светот[уреди | уреди извор]

Во средината на 90-тите години, Северно Американската публика го прифаќа Ај-Ди-Ем, така што голем број на издавачки куќи се формираат, од кои: Дроп Бит, Изофлакс, Сакшн, Скематик и Ситракс. Во Мајами, Флорида издавачките куќи Скематик, Еј-Ај Рекордс, Мерк Рекордс, Нофи Рекордс и Д’ Бета Будега Коалишн издаваат музика од : Фонесија, Дино Фелипе, Машиндрам и Проем Архивирано на 31 октомври 2010 г.. Друга сцена во подем Чикаго/Милвоки (Висконсин), со издавачките куќи: Адикт, Чоклет Индустрис, Хефти и Зод кои поддржуваат музичари како Дормаус, Трс-80, и Емоушнал Џоистик. Издавачката куќа Тајгербит 6 од Сан Франциско ја издава музиката на Ај-Ди-Ем изведувачите: Цекс, Кид 606 и Кевин Блечдом. Современи Ај-Ди-Ем музичари се: Тим Дојоби, Квим, Химуро Јошитеру, Кетел Архивирано на 5 септември 2013 г., Окр, Марумари, Бен Џордан, Проем, Лакластер, Аровен,Улрих Шнаус, Висп и Зогот.[1]

Критика на терминот[уреди | уреди извор]

Британските електронски и техно музичари меѓу кои Афекс Твин, Сајлоб и Мајк Парадинас го критикуваа терминот Ај-Ди-Ем. Парадинас изјави дека терминот Ај-Ди-Ем се употребува само во Америка.

Олмјузик Гајд го опиша поимот Ај-Ди-Ем како:

Надуен термин кој има тенденција да направи разлика помеѓу електронската музика од 90-тите и подоцна, која е еднакво пријатна за подиум колку и за во дневна соба. Со текот на времето Ај-Ди-Ем се здоби со доста негативен публицитет помеѓу публиката, вклучувајќи ја и легијата на музички продуценти и обожаватели чие отфрлање од заедницата го предизвика прашањето дали тие всушност создаваат глупава музика.

Афекс Твин коментираше за етикетата "интелигентна денс музика" на интервју во септември 1997:

Сметам дека е навистина смешно што постојат такви термини. Во основа тоа е како да кажуваш "ова е интелигентно, а се останато е глупаво". Навистина е дрско кон музиката на другите. (се смее) Тие нешта ме засмејуваат. Јас не користам имиња. Едноставно кажувам дали нешто ми се допаѓа или не.

Името на жанрот кој е доминантен во издавачката куќа на Афекс Твин, Рефлекс Рекордс е брејнденс (braindance), на што Дејв Сегал од Стилус Магазин реагираше со прашањето: дали е тоа "саркастична забелешка на Ај-Ди-Ем-овата подбивна етикета интелигентна денс музика?"

Кид 606 изјави,

Го мразам името Ај-Ди-Ем и неговите елитни шампиони. Ја прави музиката да звучи многу повеќе отколку што навистина е. Тоа е етикета измислена од Пи-Ар компании кои бараат популарни слогани. Ја сакам музиката, но не ми се допаѓа кога луѓето и лепат етикети.[2]

Крис Џефс или Сајлоб додаде, „Исто така, секој кој го употребува терминот Ај-Ди-Ем во мојата музика заслужува да биде застрелан.“

Тадеус Херман од Сити Сентр Офисес објави:

Во денешно време не ми се допаѓа како звучи терминот. Секојпат кога некој го спомнува или го користи за да ја опише својата музика, веднаш станувам скептичен и очекувам досадни и просечни песни.[1]

Матмос (Перфект Саунд Форевер) изјави:

Јас сум дел од веб-списокот наречена Ај-Ди-Ем и повремено учествувам во разговорите, бидејќи ми се допаѓаат музичарите кои се впуштаат во таа Ај-Ди-Ем категорија (да не споменам дека и ние (Матмос) сме понекогаш именувани под истата категорија) и затоа што од време на време може да се наиде на интересни издавачки куќи на таа листа...Матмос се Ај-Ди-Ем единствено ако тоа значи "може да се споменат на Ај-Ди-Ем листата"- меѓутоа не го одобрувам поимот "интелигентна денс музика" затоа што е смешен. Радер Интерестинг Рекордс имаа интересен слоган кои на некој начин кажува се: "Запомнете: Само глупавите луѓе ја нарекуваат "интелигентна."

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „igloo magazine: Is IDM Dead?“. Архивирано од изворникот на 2010-09-20. Посетено на 2013-01-09.
  2. „Kid606 Ultrahang festival“. Архивирано од изворникот на 2007-09-30. Посетено на 2013-01-09.

Библиографија[уреди | уреди извор]

  • Reynolds, S., Energy Flash: a Journey Through Rave Music and Dance Culture, Pan Macmillan, 1998 [also published in abridged form as Generation Ecstasy: Into the World of Techno and Rave Culture, Routledge, New York 1999] (ISBN 978-0-330-35056-3).

Користена литература[уреди | уреди извор]