Институт за јавно здравје на Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Институтот за јавно здравје[1] е институција на Република Македонија која има фунција за заштита и превентива на населението од болести. Институтот е важна мултидисциплинарна, научна и наставна установа, која дејствува во областа на превентивната медицина во Македонија со тендеција да прерасне во референтна и меѓународно стручно призната институција. До 2009 година институцијата го носеше името Републички завод за здравствена заштита. Со здравствените реформи и развојот на научната дејност институцијата се ребрендира во Институт за јавно здравје, во чиј состав работат акредитирани лаборатории за испитување на вода, храна, лекови, предмети за општа употреба, кои воедно се и референтни за Македонија и за поширокиот регион.

Историја[уреди | уреди извор]

Институционализацијата на превентивната дејност на просторот на Македонија почнала во дваесеттите години на минатиот век. Хигиенскиот завод, чија функција била заштита и унапредување на здравјето на луѓето е формиран под покровителство на д-р Андреја Штампар и со учество на Рокфелеровата фондација во Скопје, 1924 г. Оваа медицинска установа од превентивен карактер дејствувала во услови кога главно обележје на националната патологија во тој период биле заразните болести.

Темелите, пак, на современата организација и достигнувањата во превентивната здравствена заштита во Македонија и на Институтот за јавно здравје на Република Македонија како врвна специјализирана институција во таа област, биле поставени непосредно пред Втората светска војна.

Дејност[уреди | уреди извор]

Основната дејност на Институтот за јавно здравје на Република Македонија е грижата за здравствена превенција на населението преку следење, истражување и проучување на здравсвената состојба, причините за појава и ширење на заразните и незаразните болести од социјално-медицинско значење, влијанието на еколошките фактори и преземање мерки заради заштита и унапредување на здравјето на луѓето.

Дејноста на ИЈЗ дефинирана во Законот за здравствена заштита и другите законски акти се извршува преку собирање, обработка и анализа на податоци, организација и планирање на здравствената заштита, проучување и следење на хигиенските и други услови за заштита на воздухот, прехранбените производи, предметите за општа употреба, водата за пиење, отпадните води и цврстите отпадни материи, учество во превентивен санитарен надзор над градежни и други објекти, следење и спроведување на мерки за активна заштита на населението од заразни и други болести, проучување на исхраната и предлагање мерки за отстранување на последиците од несоодветна исхрана, водење здравствена статистика, утврдување и спроведување на единствена стручно-методолшка доктрина, предлагање и учество во единствени здравствени програми, вршење на референтни лабораториски анализи, координација на Центрите за здравствена заштита во Македонија, утврдување и спроведување на мерки при елементарни непогоди, несреќи, вонредни состојби, учество во образовната дејност и создавање и спроведување стручно-медицински доктрини во својата област.

Контрола на лекови, лековити супстанци и помошни лековити средства, средства за хигиена и козметички препарати

ИЈЗ е референтен центар за утврдување и контрола на штетни биолошки и хемиски агенси.

Институтот за јавно здравје на Република Македонија ги координира задачите кои произлегуваат од законската регулатива во соработка со Регионалните центри за здравствена заштита, Министерството за здравство, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерство за труд и социјална политика, Министерстсво за внатрешни работи, институтите и други здравствени институции од јавното и приватното здравство, локалната самоуправа, невладините организации, стопанственици, производители, трговски друштва, и други субјекти кои по различни основи се врзани со дејноста што ја извршува оваа институција.

Соработката со Институтот за јавно здравје е во интерес на населението на Македонија, затоа што превентивната здравствена заштита е постулат за здрав и долг живот.

Дејности по сектори[уреди | уреди извор]

  • Сектор за контрола и следење на заразни болести
  • Сектор за здравствена екологија
  • Сектор за промоција, анализа и следење на незаразни болести
  • Сектор за испитување и контрола на лекови
  • Сектор за логистика и правно-финансиски работи
  • Центар за референтни лаборатории
  • Центар за статистичка обработка на здравствените податоци

Структура[уреди | уреди извор]

Институтот за јавно здравје има 135 редовно вработени и 40 привремено вработени од разни профили: доктори по медицина, хемиски, машински инженери, фармацевти, јадрени физичари, професори, доценти, асистенти итн. Сите тие придонесуваат во петте Сектори и два Центри за референтни лаборатории и за статистичка обработка на здравствени податоци, публицистика и едукација.

Услуги[уреди | уреди извор]

  • Лабораторија
  • Санитарни прегледи
  • Мориторинг на исхрана
  • Курс по хигиена

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Податоците се користени од официјалното мрежно место на Институтот за јавно здравје на Република Македонија

Надворешни врски[уреди | уреди извор]