Индустриска револуција

Од Википедија — слободната енциклопедија
Парната машина на Џејмс Ват

Индустриската револуција претставува периодот од крајот на XVIII до почетокот на XIX век, кога се случиле големи промени во земјоделството, производството и транспортот, што имало голем ефект врз социоекономските и културни услови во Британија. Промените последователно се прошириле во Европа, Северна Америка, а потоа низ целиот свет. Почетокот на Индустриската револуција означил голем пресврт во човечкото општество; речиси сите аспекти од секојдневниот живот биле променети на некој начин.

Предвечерието на Индустриската револуција[уреди | уреди извор]

По големите географски откритија во текот на XVI век, Шпанија и Португалија станале најсилни држави во светот. Тие владееле со огромни колонии, од каде што добивале многу злато и други скапоцености. Имале силна флота и војска, и според тоа биле многу моќни, но сепак, од втората половина на XVI век односот на силите се променил. Тогаш во Холандија започнала Буржоаската револуција (1565 г.), првата буржоаска револуција во светот од кога Холандија се формирала како независна република. Пред Холандската буржоаската револуција, Холандија и Белгија се наоѓале под власта на феудално-апсолутистичка Шпанија. Холандија набрзо станала трговски соперник на Шпанија и Португалија. Светското поморско првенство полека преминувало во нејзини раце. Таа ги зграбила најбогатите колонии и водела широка трговија. Во XVII век повторно се менувал односот на поморските сили во светот. Тогаш, на историска сцена како нови поморски сили се појавиле Англија и Франција. Со буржоаската револуција во Англија била отстранета неограничената власт на кралот, власта на крупните феудални земјопоседници и црквата. Во време на буржоаската револуција (1640-1660 г.) дошло до војна помеѓу Англија и Холандија, од која Англија излегла како победник. Потоа дошло до војна помеѓу Англија и Франција (1756-1763 г.) во која Англија повторно била победник, а Франција морала да и ги отстапи најважните колонии, Индија и Канада. На северноамериканскиот брег од страната на Атлантскиот Океан Англија имала формирано 13 колонии. Во 1704 г. Англичаните успеале да го освојат Гибралтар, а во 1707 г. Шкотска се обединила со Англија. Сето тоа придонело за преобразба на Англија во најголема колонијална и индустриска сила во светот.

Причини, почеток и тек на Револуцијата[уреди | уреди извор]

Во втората половина на XVIII век во Англија биле создадени услови за премин кон крупно капиталистичко производство, бидејќи ограничените можности на мануфактурното производство не можеле да ги задоволат потребите на пазарите во градовите и во англиските колонии. Мануфактурното производство создало услови за изнаоѓање нови технички изуми - машини, што биле способни да извршуваат производствени операции и да го зголемат производството. За примена на новите технички изуми во производството најмногу биле заинтересирани капиталистите, бидејќи со тоа се создавале услови за поголемо производство и поголема печалба. Во почетокот на XVIII век во Англија производството на метали многу опаднало, бидејќи топењето руди се вршело во високи печки со помош на дрвен јаглен. Како резултат на тоа, англиските шуми биле сосема исечени. Но, во 1753 г. англискиот научник Абрахам Дерби открил дека камениот јаглен може да се коксира и да се употребува во високи печки, со што Англија ги надминала сите други земји во производството на железо, бакар, калај и други метали за изработка на разните алатки (машини). Со новиот начин на топење руди, во Англија започнала индустриската револуција. Првата машина се појавила во текстилното производство. Во 1765 г. Џејмс Харгривс ја конструирал машината за предење „Џени“ која извлекувала 16 конци одеднаш. Овој изум заменувал 16 работници кои дотогаш работеле на своите родани (чекрци). Овој напредок во предењето предизвикал интерес кај капиталистите за пронаоѓање на машина за ткаење. Во 1785 г. бил создаден механички разбој кој заменувал 60 работници. Со вакви изуми во текстилното производство биле поставени темелите на новото производство, фабричко - индустриско. Првите машини се движеле со помош на водена енергија и затоа голем број на фабрики биле градени покрај реките. Во 1784 г. Џејмс Ват ја пронашол парната машина и со тоа биле создадени услови за градење фабрики на сите места, независно од положбата. Споредено со мануфактурното производство, машинското производство било побрзо, поглемо, поквалитетно и поевтино. Примената на машините во производството претставува индустриска револуција.

Зголеменото производство на производите предизвикало потреба од брзо пренесување до пазарите, и затоа дошло пронаоѓање на првиот пароброд, во 1807 г., од страна на Роберт Фултон, и првата парна локомотива во 1814 г. од страна на Џорџ Стивенсон. Првата железничка линија во светот била изградена во 1825 г. во Англија.

Значителен подем бил постигнат и во развитокот на земјоделството. Била унапредена земјоделската техника и започнале да се применуваат нови методи за обработка на земјата. Преминот од ситно земјоделско стопанство кон крупно, со примена на нови агротехнички мерки се нарекува земјоделска револуција. Како резултат на тоа дошло до брзо пропаѓање на селаните, кои биле приморани да одат во градовите како наемни работници, или да се преселат во други земји, воглавно во САД.

Развиток на буржоазијата и појава на индустриски пролетаријат[уреди | уреди извор]

Водачот на Лудистите, гравура од 1812 г.

Индустриската револуција предизвикала длабоки промени не само во производството, туку и во општествените односи. Брзиот стопански развој довел до подем на граѓанството - буржоазијата, која ја сочинувале сопственици на фабрики, рудници, банки, и трговци, кои почнале да играат голема улога во економскиот и политичкиот живот на државата. Тие не биле задоволни од својата положба во рамките на феудалното општество и барале поголеми права и слободи. Со тоа буржоазијата дала голем придонес за постанок и развој на целото општество. Во услови на слободна конкуренција на пазарот доаѓа до пропаѓање на голем број ситни занаетчии и нивно претворање во наемни работници - пролетери. Големиот прилив на работници од селата во градовите го обезвредниле нивниот труд. Тогаш било нормално да се работи и по 15 часа дневно.

Алчноста на капиталистите станувала сè поголема, а со тоа и спротивностите меѓу наемните работници и капиталистите сè повеќе се заострувале. Индустрискиот пролетеријат живеел единствено од продавање на својата работна сила на капиталистите. Влошената положба ги натерала работниците да поведат борба против машините со цел да се осветат на алчните капиталисти. Работниците биле несвесни, и наивно верувале дека машините се виновни за нивната сиромаштија и се причина што тие немаат работа. Ова движење на работниците - уништувачи на машини, е познато под името Лудизам - според легендарниот водач Нед Луд од Нотингем. Капиталистите за да ги заштитат своите машини, преку парламентот донеле закон со кој се предвидувала смртна казна за оној кој ќе уништел машина. Со тек на време и самите работници увиделе дека причина за нивната сиромаштија не биле машините туку капиталистите и капиталистичкиот општествен систем.

Научни и технички достигнувања во XIX век[уреди | уреди извор]

Со буржоаските револуции во XIX век, буржоазијата дошла на власт во повеќе европски земји, и нејзината главна цел била да го усоврши производството за поголемо и побрзо збогатување и зацврстување на капиталистичкиот систем. За таа цел требало да се ангажира голем број работници, средства за производство, да се изнајдат начини за поефикасно искористување на природните богатства и да се стимулираат научни истражувачки иницијативи. Сето тоа придонело да се дојде до мошне значајни научни откритија во областа на природните науки, кои овозможиле човекот да стекне огромно знаење за природата во која живеел и за нејзино поефикасно искористување. Големи научни достигнувања биле направени во областа на математиката и физиката (Лангарж, Коши, Поасон, Гаус, Лобачевски, Карноа, Клајперон, Кант, Лаплас и др.), во областа на хемијата и биологијата (Лавоазје, Берто Монжу, Пјер и Марија Кири, Менделеев, Ламарк, Кивие, Дарвин, Луј Пастер, Рентген и др.). На полето на електротехниката биле пронајдени голем број изуми. Прв човек на електрицитетот бил научникот Мајкл Фарадеј (1791-1867 г.), кој во 1833 г. го докажал законот за електролиза. Електротехниката се развивала со голем интензитет во втората половина на XIX век. Во 1866 г. Сименс го објаснил претворањето на механичка енергија во електрична. Во 1879 г. Томас Алва Едисон ја конструирал првата електрична светилка, а Никола Тесла ја открил повеќефазната струја со висок напон и можноста за нејзино пренесување на големо растојание. Со овие откритија започнала Втората индустриска револуција во светот. Во 1876 г. американскиот физичар Александар Грејам Бел го конструирал првиот телефон. Во 1885 г. во Германија бил конструиран првиот мотор на бензин од дизел, а на почетокот на XX век Хенри Форд започнал со сериско производство на автомобили. Кон крајот на XIX век браќата Лимиер го пронашле кинематографот, а италијанскиот пронаоѓач Маркони ја испратил првата радио порака.

Користена литература[уреди | уреди извор]

  • "Историја" од професор Јорданка Патковиќ.