Инвазија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Инвазијатавоена офанзива во која вооружени сили од еден геополитички субјект агресивно и насилно навлегуваат на територија која му припаѓа на друг таков субјект, обично со цел: освојување; ослободување или повторно воспоставување контрола или власт врз територијата; принудна поделба на земјата; менување на власта или добивање отстапки од таа влада; или одредена комбинација од претходно наведеното. Инвазијата може да биде причина за војна, да биде дел од поголема стратегија за завршување на војна или сама по себе може да претставува цела војна.

За планирање и изведување на инвазија обично е потребен значителен стратешки напор. Целите на инвазијата обично се големи и долгорочни и потребна е голема војска за задржување на освоената територија. По правило, тактички инфилтрации од помал обем не се сметаат за инвазија и најчесто се квалификувани како престрелки, рации или извидување во борба. По дефиниција, инвазија е напад извршен од надворешна војска. Затоа, востанија, граѓански војни, државни удари и други акти на насилство не се сметаат за инвазии.

Одбранбен систем[уреди | уреди извор]

Одбранбен ѕид, Кинескиот ѕид.

Државите кои имаат непријателско настроени соседи обично воведуваат одбранбени мерки за да ја спречат инвазијата. Покрај користењето на географски пречки како: реките, мочуришта или нерамен терен, низ историјата вакви мерки биле изградба и на утврдувања. Во мерки на заштита кои може да помогнат во спречување на инвазивните сили да продрат во земјата е и поставување на долга и добро бранета пречка; познати примери се Кинескиот ѕид, Адријановиот ѕид и Даневирке. Како пречки, исто така, може да се постават ровови, а во поново време и мински полиња, камери и сензори чувствителни на движење.[1] Но, за ваквите пречки понекогаш може да е потребна голема воена сила за обезбедување на одбраната, како и за одржување на опремата и позициите, што може на земјата да ѝ наметне голем економски товар.

Поглед од замокот Довер.

Исто така, во близина на границата на повеќе места може да се изградат утврдувања (како замоци или тврдини). Ваквите структури се дизајнирани за доволно долго да ја одложат инвазијата при што државата која се брани да може да мобилизира доволно голема војска за одбрана или понекогаш и контраинвазија; пример е Мажиновата линија. Тврдините можат да бидат поставени на начин на кој гарнизоните можат да ги пресечат линиите за снабдување на напаѓачите. Тврдините поставени на тој начин, напаѓачот не може да ги заобиколи и затоа мора да започне нивна опсада.[2]

Методи[уреди | уреди извор]

Германска војска маршира низ Варшава во 1939 година за време на германската инвазија на Полска

Има различни методи со кои може да се изврши инвазија, а секој метод има свои добри и слаби страни. Инвазијата може да се изведе по копно, море или воздух, или нивна комбинација.

Копнена инвазија[уреди | уреди извор]

Копнена инвазија е директен продор на вооружени сили во одредена област преку користење на постојни копнени врски, обично преминување на граница или на друг начин дефинирани зони, како демилитаризирана зона, огромни одбранбени утврдувања и структури. Иако оваа тактика често завршува со брза победа, движењата на војниците се релативно бавни и тие се подложни на пречки од конфигурацијата на теренот и временските услови.

Во современото војување, инвазијата по копно често следи по (или понекогаш за време на) нападите на целта со други средства. Воздушните напади и крстосувачките ракети лансирани од бродови на море се вообичаен метод за „омекнување“ на целта. Во некои случаи, другите средства за напад ја елиминираат потребата од копнен напад; по атомското бомбардирање на Хирошима и Нагасаки во 1945 година не била потребна инвазија на сојузниците.

Инвазија од море[уреди | уреди извор]

Инвазија од море предвидува употреба на водна површина која ќе го олесни продорот на вооружените сили во областа. Овој метод обично се користи заедно со друг метод на инвазија, а особено пред појавата на воздухоплови, при што немало друг начин за влез на односната територија. Како предност на овој метод обично се наведува можноста да се изврши ненадеен напад од море или доколку поморската одбрана на државата што се брани е слаба и некадарна да одбие таков напад. Сепак, количината на специјализирана опрема, како амфибиски возила и тешкотијата за воспоставување одбрана (најчесто со многу жртви), а за возврат релативно малите придобивки, често се користат како аргументи против овој метод на инвазија.

Инвазија од воздух[уреди | уреди извор]

Илјадници падобранци приземјуваат за време на операцијата Маркет Гарден во септември 1944 година.

Воздушната инвазија е изум од 20 век и на современото војување. Воздушна инвазија е праќање воени единици на територијата со авион. Авионот или слетува, со што им дозволува на воените единици да се симнат и да ја нападнат својата цел, или војниците го напуштаат леталото додека е тоа во воздух, преку користење на падобрани или слични уреди за да се приземјат на територијата која е цел на напад. Воздушните напади честопати биле користени како увертира за копнена или морска инвазија, при што се заземаат стратешки важни позиции длабоко зад непријателските линии (како мостови и крстосници), но никогаш не успеала инвазија заснована само од воздух. Веднаш се јавуваат проблеми се снабдување и засилување. Воздухопловните сили не може да бидат соодветно обезбедени без да се стретна со копнените сили. Предности на овој метод обично се наведуваат: можноста да се цели кон одредени области кои не се лесно достапни по копно или море, можност за изненадување на непријателот и покрај огромните одбранбени структури и, многу често, помала војска поради елементот на изненадување. Слабости на овој метод се капацитетот за таква инвазија (многу авиони би биле потребни за да се пренесат доволен број војници) и потребата од високо ниво на интелигенција за успешна инвазија.[се бара извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Defense Update (2006). „Accelerating the Kill Chain: Closing the Sensor-to-shooter Cycle“. Архивирано од изворникот на February 6, 2006. Посетено на February 11, 2006.
  2. Kaufmann, J.E.; Kaufmann, H.W. (2005). Fortress France: The Maginot Line and French Defenses in World War II. Prager Security International. ISBN 0-275-98345-5.