Импетиго

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Импетиго
Impetigo2011.jpg
Импетиго на лицето
Класификација и надворешни извори
Специјалностдерматологија
МКБ-10L01
МКБ-9684
DiseasesDB6753
MedlinePlus000860
eMedicinederm/195 emerg/283 med/1163 ped/1172
MeSHD007169

Импетигото е многу заразна бактериска болест предизвикана од бактериска инфекција на кожата која може да се јави на секој ден од телото, иако најчесто се јавува на откриените делови на кожата. Кај децата најчесто се јавува на лицето, особено околу носот и устата, а понекогаш и на рацете и нозете. Инфицираните места се со различна големина, од големина на мала паричка до големина на петденарка, а во почетокот е покриена со ситни меури кои пукаат и откриваат влажна црвена кожа. По неколку дена инфицираното место се покрива со зрнести златножолти красти кои од рабовите се шират натаму. Во потешките случаи инфекцијата ги зафаќа внатрешните слоеви на кожата и се создава ектима, улцерозен облик на импетиго. Станува збор на мали гнојни чиреви со краста која е многу потемна и подебела отколку кај обичното импетиго. Ектимата може да биде придружена со многу силен јадеж, а чешањето е најбрз начин за ширење на инфекцијата. Ако не се лекуваат, чиревите можат да предизвикаат трајни оштетувања и менување на бојата на кожата. Најтешката можна компликација од импетигото е гломерулонефритисот, многу сериозна бубрежна болест која се јавува кај еден процент од сите случаи, а најчесто кај децата. Со помош на терапија со антибиотици и со соодветен начин на исхрана повеќето заболени оздравуваат без трајни последици.

Симптоми[уреди | уреди извор]

  • Делови од кожата се прекриени со меурчиња кои пукаат и се преобразуваат во црвено, влажно место од кое тече или капе течност.
  • За само неколку дена се создаваат златножолти или темножолти красти, како зрнца од кафеав шеќер, а инфекцијата се шири по работ на зафатениот дел на кожата.

Причинители[уреди | уреди извор]

Импетигото е инфекција предизвикана од стрептококи или стафилококи. Овие бактерии ги има насекаде: во валкани бањи, расипана храна, па дури и во телото. Ако некое дете кое има отворена рана или свежа гребаница се искапе во загадена када може да заболи од импетиго. Употребата на сапун и крпа со која претходно се послужил заболен од импетиго, исто така, ја пренесува заразата. Другите тегоби со кожата, како што се вошки, габична или стрептококна инфекција, гнојни чиреви или различни облици на дерматитис можат да ја забрзаат појавата на импетиго. Оваа исклучително заразна болест најчесто се шири со телесен допир или со допир со заразена облека, постелнина, крпи или други употребливи предмети. Детските активности подразбираат постојан и чест телесен допир на децата што ги прави тие да се најчести жртви, но и носители на заразата. Големото потење, неисхранетоста и личната хигиена можат значително да ја отежнат состојбата на болниот.

Лекување[уреди | уреди извор]

Клучот на лекувањето и заштитата од импетиго е правилната лична хигиена и чистата околина. Ако се појави зараза, навремената реакција ја ублажнува тежината на болеста и го спречува нејзиното ширење.

Конвенционално лекување[уреди | уреди извор]

Ако еден член од семејството заболи од импетиго, другите членови мора да се придржуваат кон строг хигиенски режим. Редовното миење со вода и сапун може да го излекува лесниот облик на заразата. Ако раничките не исчезнат во рок од 48 часа, заболениот треба да се обрати на лекар. За да се прекине синџирот на заразата, лекарот може да препорача антибактериски бањи за заболениот, но и за другите членови на семејството. Маста мупироцин која се набавува со рецепт е многу делотворна во лекувањето на класичните случаи на импетиго. Мастите кои се набавуваат без рецепт не се доволно силни за отстранување на стрептококните и страфилококните инфекции, а со нивна неправилна примена инфекцијата може да се прошири и на други делови од телото. Ако со мупироцин не се постигне саканото дејство во рок од 48 часа, лекарот може да препише орален антибиотик како пеницилин или еритромицин. Инјекциите со пеницилин го спречуваат развојот на потешки облици на инфекцијата, го скратуваат времето на лекување и ја намалуваат можноста за повторно јавување на болеста.

Алтернативни начини на лекување[уреди | уреди извор]

Со оглед на тоа што станува збор за површинска бактериска инфекција во лекувањето на импетигото може да се применат различни облици на лекување, а пред се лекување со билни масти. Заболениот треба да внимава да не ја надразни кожата со употреба да непроверени и непознати препарати. Во секој случај, ако нема подобрување во рок од 12 до 24 часа, треба да се обрати на лекар.

Лекување со лековити билки[уреди | уреди извор]

Хидрастисот често се препорачува за лекување на стафилококните инфекции. Треба да се помеша 1 лажичка прав од хидрастис со толку вода или со белка од јајце колку што е потребно да се направи смеса и да се нанесе на раничките. Раничките би требало да исчезнат во рок од два до три дена. Хидрастисот може да остави дамки на кожата со што ќе личи дека состојбата привремено се влошила. Уште една билка што се препорачува е смирната. Трипати на ден се нанесува непосредно на раните 5 до 10 капки од тинктурата. Маслото од мелалеука е полезно поради своите силни антибактериски својства. Неговото непосредно нанесување на раничките на импетигото го ублажува јадежот и го забрзува процесот на лекување.

Исхрана и диета[уреди | уреди извор]

Со оглед на тоа што витаминот А има решавачко значење за растењето и одржувањето на здравјето на кожата, заболените од импетиго би требало да јадат поголеми количества зеленолист зеленчук и жолтоцрвен зеленчук или секојдневно да внесуваат 50 000 МЕ бета-каротин. Се верува дека цинкот го јакне имунолошкиот систем на организмот, па се препорачува дневно да се внесуваат по 45 мг цинк. Заболениот не треба да внесува изразено преголеми количества од овие материи подолго од неколку недели без лекарска контрола, а ова предупредување е особено важно за децата.

Лекување дома[уреди | уреди извор]

  • во случај на појава на неколку импетиго-рани, со нивното редовно миење со топла вода и сапун, со пиење на лековите и со изложеност на раните на воздух ќе се ублажи чешањето и ќе се исчисти кожата. Ако инфекцијата е потешка, инфицираното место треба да се мие со антибактериски сапун и да се лекува соодветно;
  • заболениот од импетиго мора при секое капење да употребува чиста крпа. Крпите и облеката од заболениот мора да се перат одделно од другите алишта.

Користена литература[уреди | уреди извор]

  • Издавачка куќа: Mладинска куќа-Скопје
  • За издавачот: Златко Макаровски
  • Уредник: Лавинија Шувака