Илинден, Револуционерни песни, 1903-1953

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Илинден, Револуционерни песни, 1903-1953
Илинден, револуционерни песни, Јосиф Чешмеџиев, 1953.jpg
Прва страница од оригиналното издание
АвторЈосиф Чешмеџиев
ЗемјаБугарија
Јазикмакедонски, бугарски
ЖанрЗбирка песни
Издавач„Наука и изкуство“, Софија
Издадена
1953 г.

„Илинден, Револуционерни песни, 1903-1953“антологија песни составена од македонскиот композитор Јосиф Чешмеџиев. По Втората светска војна, Чешмеџиев развил богата просветна и културна дејност во Бугарија каде што продолжил и со запишување и објавување на македонски народни песни, со што во 1953 г. тој ја објавил и оваа збирка. Кон насловот е запишано дека песните се запишани и хармонизирани од Јосиф Чешмеџиев, а се објавуваат по повод 50-годишнината од Илинденското востание.[1][2]

Содржина[уреди | уреди извор]

Збирката содржи вкупно 36 песни. Во кусиот предговор е потпишан Георги Деспотов, член на „Сојузот на македонските културно-просветни друштва во Бугарија“, во кој тој истакнува:[1][2]

„На 2 август таа година се навршуваат 50 години од славното Илинденско востание, кога македонскиот народ се дигна на вооружена борба против неговиот поробувач, најавувајќи го своето право на слобода и рамноправност. Илинденската епопеја - врховниот дострел на македонскиот народ, силно е одразен во песните.“

Факсимил од ракописот на Чешмеџиев на химната „Илинден“.

На ова место се укажува дека песните во збирката „не се многу на број“, но дека „сите за прв пат излегуваат на бел свет.“ Откако се истакнува дека песните не се поправани и коригирани „за да се зачува нивната голема историска вредност“, авторот на овој предговор, во однос на начинот на предавање на песните, истакнува дека „за да добијат широка популарност, тие се претставени во лесна и достапна обработка, соодветна на нивната внатрешна динамика, на емоционалната непрегнатост и метро-ритмичката раздвиженост.“ Исто така, во овој предговор се истакнува дека се поместени неколку песни пеани лично од големиот апостол на македонската слобода — Гоце Делчев. Во збирката тоа посебно се нагласува кон песните „Кукни кукавице“, „Сирма војвода“ и други. Деспотов за зборникот пишува дека „ја одразува револуционерната борба на македонскиот народ и е драгоцен продонес во развојот на неговата култура.“[1][2]

Збирката започнува со химната „Илинден“, на која најверојатно автор е самиот Чешмеџиев. Истата химна се среќава и на крајот на драмата „Илинден“ од Никола Киров Мајски, без мелодискиот запис. Збирката содржи песни за Гоце Делчев, Сирма војвода, Јордан Пиперката, Христо Узунов, Ѓорѓи Сугарев, Васил Чакаларов, Апостол војвода, Иван Алабакот, Дончо Штипјанчето и други јунаци од македонската ослободителна борба, и дополнителни песни за везењето на знамето, за борбите во Смилево, на Мечкин Камен, на Ножот и други. Збирката важи за антологија на македонската револуционерна борба, коишто песни се посебно одбрани од Чешмеџиев, бидејќи биле масовно исполнувани од македонскиот народ.[1][2]


Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 „Јосиф Чешмеџиев, Македонски народни песни“, проф. др. Марко Китевски, Камелеон, 2009 г., Скопје
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 „Јосиф Чешмеџиев, Македонски народни песни“, проф. др. Марко Китевски, Гирланда, 2017 г., Скопје