Иларион Мегленски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Свети Иларион Мегленски
Роден(а) 12 век, Охрид, Македонија Македонија
Починал(а) 21 октомври 1164, Мегленско
Слава

Свети Иларион Мегленски (Охрид, 12 век - Мегленско, 21 октомври 1164) — македонски светител.[1] Познат е по својата борба со богомилите, павлиќаните и манихејците. Православната црква го слави на 27 јануари. Нему му е посветен Манастирот „Св. Иларион Мегленски“ кај мегленското село Баово.

Житие[уреди | уреди извор]

Родителите на Иларион биле видни и благочестиви луѓе. Тие уште како мал го дале да ги учи свештените книги. Кога наполнил осумнаест години, Иларион ги оставил родителите и заминал во манастир. По многу години поминати таму, игуменот пред својата смрт нему му го предал старешинството на манастирот. Според житието Пресвета Богородица му се јавила на архиепископот Евстатиј во Охрид и му рекла: „Не одложувај архиепископе, туку постави го светилото на свеќник. Велам – земи го Иларион, настојателот на манастирот и постави го за пастир на мегленци. Зашто ќе одврати многумина од соблазната и ќе ги насочи кон светлината на благоразумноста.” Во 1134 година охридскиот архиепископ Евстатиј го поставил Иларион за епископ на мегленската епархија, во средна Македонија, со која управувал наредните 30 години, до својата смрт.

Борба со ересот[уреди | уреди извор]

Во Меглен во XII век живееле многу следбеници на богомилското, павликијанското и манихејското учење, кои од црквата се осудени како ереси. По смртта на македонскиот цар Самуил, Меглен во 1015 година го зазел византискиот цар Василиј II и таму населил многу Сиријци, Ерменци и Печенези. Иларион по стапувањето на чело на мегленската епархија веднаш започнал отворена борба со кривоверците, како што е опишано во житието на свети Иларион од трновскиот патријарх Евтимиј (1375-1417)[2].

Кога Иларион дошол во соборната црква во Меглен, веднаш ги целивал иконите кои богомилите и други иконоборци не ги почитувале. Потоа, во својата беседа го повикал населението да ја држи православната вера; да ги извршуваат Господовите заповеди; да го следат само она што им е заповедано на православните и да бегаат од секоја ерес. Да веруваат во неразделната Света Троица (некои христијани верувале дека Бог и Христос суштински се различни), во Христовото воплотување и во Животворниот Крст (кого некои христијани го сметале за омразено орудие со кое Исус бил убиен). Да ги почитуваат светите мошти на Светителите (што некои го сметале за суеверие). Да ги држат сите преданија на Црквата (богомилите многу црковни преданија ги сметале за отстапување од изворното христијанство), а да ги колнат сите кривоверци (кои многу жители на Меглен ги почитувале): Ариј и Евномиј, Савелиј и Македониј, Аполинариј и Ориген и нивните списи, Теодор Мопсуестиски и Несториј – неговиот ученик, Диоскор и Севир и Евстатиј и сличните со нив, и уште Маниј и Павле Самосатски.

Еден ден богомилите со Иларион поведеле расправа за верата. Тие го прашале: „Ние сметаме дека добриот Бог е творец на небото, а злиот (бог) – творец на земјата. Зошто вие се противите на тоа?” Иларион им одговорил: „Во Светото Писмо пишува: Господова е земјата и сѐ што е на неа.” Богомилите рекле дека Стариот завет е од ѓаволот. На тоа Иларион одговорил: „Кога Стариот завет би бил од ѓаволот, зарем Христос би рекол дека прва и најголема заповед е: „Чуј Израилу, Господ е единствениот твој Бог.”

Богомилите тогаш негодувале заради крстот кого го сметале за омразена направа за мачење со која Исус е убиен, а кого православните го почитуваа. Иларион им одговорил дека пред распнувањето на Христа, крстот бил орудие на смртта и како таков – проколнат, а по распнувањето – тој е осветен со Христовата крв и Неговиот знак стана осветување на сите верни.

По многу различни аргументи, на кои Иларион одговарал со цитати од Светото писмо, тој најпосле ја завршил расправата со повик собраните да се крстат: „Согледајте ја темнината во која се наоѓате, оставете ја суетата и лагата, познајте ја Вистината и осветлете се со нејзината светлина. Пристапете затоа во Соборната Црква и примете крштение од Светиот Дух за отпуштање на гревовите.” Многу присутни веднаш биле крстени и откако се откажале од својата претходна вера, пристапиле во Соборната Црква.

Кога го виделе покрстувањето на својот народ, нивните старешини почнале да го навредуваат Иларион и го нарекувале лажливец и измамник. Иларион го нарекол нивното учење зло, безбожно, хулно и безумно. Кривоверците разгневени зграбиле камења в раце и немилосрдно го каменувале Иларион додека тој не паднал на земја, па мислејќи дека е мртов – го оставиле. Кога Иларион се освестил, станал и отишол во својата ќелија, зашто местото на кое го каменувале било далеку од градот. Кога дознале за ова недело, собор православни луѓе еднодушно одлучиле да ги нападнат кривоверците и до крај да ги истребат. Но, Иларион им го забранил тоа, говорејќи: „Не, деца мои, не – туку паметете ги Господовите зборови кажани на Петар: „Врати го својот меч во корицата, зашто секој што меч зема, од меч и ќе загине.” А кога закрепнал од добиените рани, Иларион продолжил да држи беседи и да ги крштева кривоверците, воведувајќи ги во Соборната Црква.

Друг пат повторно некои дошле кај Иларион, говорејќи дека и тие православно мислат и дека ги држат сите црковни преданија. На нив Иларион им одговорил: „Соборната Вселенска Црква сѐ добро примила од очевидците на Божјиот Син – светите Апостоли и сѐ што ѝ е предадено таа неколебливо го држи до денес. Тоа и вие Ермените сте го држеле до Четвртиот вселенски собор во Халкидон. Од тогаш сте се одделиле од Соборната Црква.” Тогаш некои од собраните христјани му напомнале на Иларион дека православната Црква многу Христови преданија изменила и дека многу обичаи не се како некогаш. Иларион на тоа им одговорил: „Затоа што Христос многу нешта поинаку ги предал, а Апостолите и наследниците направиле тие работи да се вршат поинаку, бидејќи верата се ширеше и тие ги распространуваа Христовите тајни. Така, на пример, кога Христос требало да се крсти – не се свртел на запад, ниту со зборови се одрекувал од сатаната, ниту го изговорил Символот на верата, ниту имало потреба од молитвата при крштевањето, ниту се крстил во крстилница, ниту со миро бил помазан, ниту веднаш по крштението се причестил со Господовото тело и Неговата крв, а ние сега сето тоа го правиме. Или пак, Христос не ја предал причеста по црквите, туку во заедничка соба на општа трпеза, а не бил ни облечен во свештенички одежди, ниту ги изговарал молитвите на нашето свештенодејство, а ние и служби вршиме во црквите и стоиме облечени во архијерејска одежда, зашто сакаме чинот на службата да го направиме поубав и пречесен.”

Византискиот цар Мануил I Комнин го почитувал епископ Иларион, му испраќал различни дарови и друго што му беше потребно. Иларион придонел меѓу кривоверците да настанат спорови и препирки секој ден, зашто едни ги фалеа неговите зборови, а други ја бранеа својата вера. И сѐ повеќе павликијани и богомили ја прифаќаа Православната вера. Гледајќи како се одвиваат работите, царот Мануил беше многу задоволен и му напиша писмо на Иларион; целата богомилска ерес до крај да ја очисти од христијанското стадо, сите што ќе се покорат на догматите да бидат примени, а оние што не ќе се покорат – да се прогонат некаде далеку. И многу луѓе, кога го слушнаа тоа, од страв пристапија во Православната црква. А Иларион на местото каде што порано се собирале кривоверците со своите монаси изградил црква во име на славните Апостоли. И многу следбеници на богомилското учење приброил кон православното стадо, а оние кои останале непокорни на разни начини биле истерани и прогонети.

Смрт[уреди | уреди извор]

Пред својата смрт Иларион ги повикал сите монаси и ги поучил да престојуваат во покорност и љубов, цврсто држејќи го предаденото правило. За старешина го поставил Петар, кој му бил ученик на Иларион многу години и во секоја работа долго му служел. Иларион се упокоил на 21 октомври 1164 година. Со текот на времето воената моќ на Византиското Царство ослабнувала, а границите на Бугарското Царство се ширеле. Цар Калојан освоил многу области од византиската територија: Тракија и Македонија, Тривалија и Далмација, Неада, Елада и Етолија, а го зазел и градот Меглен. Таму тој го нашол гробот со моштите на Св. Иларион и слушал колку многу чуда и знаменија Бог вршел преку нив. Потоа царот, побуден од благочестива ревност, посакал моштите на светецот да бидат пренесени во престолнината Трново и ги зел со себе. Штом разбрал за пристигнувањето на таа безценета ризница, Трновскиот патријарх излегол заедно со епископите и со целиот црковен клир да ги пречека со свеќи и благомирисно кадило, а заедно со него излегле и велможите и сите жители на градот. Откако со љубов се поклониле на моштите на Христовиот архијереј, ги положиле во една од црквите на градот. Тоа се случило на 21 октомври 1206 година.

По извесно време цар станал и Иван Асен II, кој уште повеќе ги раширил границите на Бугарското Царство. Во спомен на својата победа во денот на светите 40 Маченици тој изградил во Трново голема црква во нивно име и ги положил во неа честните мошти на Христовиот светител Иларион. Во таа црква тие се наоѓале до времето на турското ропство. При турската наезда од крајот на XIV век, христијаните од престолнината ги сокриле во некакво подземје, каде тие долго престојувале. Наскоро потоа, грчки свштеници ги пронашле светите мошти и тајно ги пренеле во Цариград. Сега не е познато каде се моштите на свети Иларион.

Тропар[уреди | уреди извор]

Тропар Илариону, еп. Меглинскому
Чудо јавивсја извештенија,
дељи возсијал еси добродетелеј Божиих,
монашествујуштих лики упасл еси,
архијерејскаја седалишта изчистил еси,
еретическаго же нападанија не усумневсја,
церкви Христови воздвигл еси,
преподобие Иларионе,
умер, јако спја,
тело же твое цело и нетленно собљудено бист,
и подает цељби бољаштим от различњих недуг,
и демони прогонјает,
сего ради молим тја:
моли спастисја душам нашим.

Наводи[уреди | уреди извор]

  • Christian dualist heresies in the Byzantine world, c. 650-c. 1450: selected sources. Manchester medieval sources series, Janet Hamilton, Bernard Hamilton, Yuri Stoyanov, Manchester University Press ND, 1998, ISBN 071904765X, ISBN 9780719047657, 327 p
  1. Михајло Георгиевски, Македонски светци, Скопје, 1997
  2. Obolensky, The Bogomilss, p.164, note I