Израилци
בני ישראל | |
---|---|
![]() | |
Јазици | |
староеврејски |
Израилци (хебрејски: בְּנֵי יִשְׂרָאֵל = „деца на Израил“) — историска група семитски народи на древниот Близок Исток што населувале дел од Ханан за време на железното време. Првото познато спомнување на народ наречен Израил се појавува на Мернептаховата стела од Стариот Египет, датирана околу 1200 г. пр. н. е. Археолошките докази претполагаат дека Израилците произлегле од хананското население развивајќи своја религија, најпрво обожавајќи еден главен бог (монолатрија), а подоцна целосно прифаќајќи го еднобоштвото, сосредоточено на Јехова. Тие зборувале ран вид на еврејски, кој бил варијација на хананскиот јазик, сега наречен староеврејски (или библиски еврејски/хебрејски).
Според Танахот, Израилците биле потомци на Јаков, кој подоцна го добил името Израил. За време на тешка суша, Јаков и неговите дванаесет синови се преселиле во Египет, каде што станале Дванаесетте Израилеви племиња. Подоцна, тие биле ослободени од египетското ропство и, под водство на Мојсеј, отпатувале во Ханан. На крајот ја освоиле земјата под водство на Исус Навин.
Повеќето современи научници веруваат дека Тората не е историски точен извештај за потеклото на Израилците, туку е дел од нивната национална традиција. Меѓутоа, многумина се согласуваат дека приказната има „историско јадро“.[1]
По племенскиот период, се појавиле две израилски царства: Израил и Јудеја. Танахот ги опишува како наследници на претходното Обединето Кралство Израил, иако се расправа за неговото историско постоење.[2] Царството Израил, со главен град во Самарија, било освоено од Новоасирското Царство околу 720 г. пр. н. е., додека Јудејското Царство, со главен град Ерусалим, било уништено од Нововавилонското Царство во 586 г. пр. н. е. Некои од населението на Јудеја биле протерани во Вавилон, но подоцна се вратиле откако Кир Велики го освоил регионот и им дозволил на Евреите да се вратат во својата татковина.
Евреите и Самарјаните се потомци на Древните Израилци. Евреите го следат своето потекло главно од племето на Јуда, Венијамин и делумно Левиј, бидејќи десетте северни племиња се сметаат за „изгубени“ по асирското прогонство. Самарјаните тврдат дека потекнуваат од племињата на Ефрем и Манасија (двата сина на Јосиф), како и од племето на Левиј. Низ историјата, други групи исто така тврделе дека имаат израилско потекло.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Dever, William G. (2001-05-10). What Did the Biblical Writers Know and When Did They Know It?: What Archeology Can Tell Us About the Reality of Ancient Israel (англиски). Wm. B. Eerdmans Publishing. ISBN 978-0-8028-2126-3.
- ↑ Thomas, Zachary (2016-05-01). „Debating the United Monarchy: Let's See How Far We've Come“. Biblical Theology Bulletin (англиски). 46 (2): 59–69. doi:10.1177/0146107916639208. ISSN 0146-1079.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|