Извори на средства на банките

Од Википедија — слободната енциклопедија

Извори на средства на банките се изворите од кои банките ги финансираат своите активности. Банките се институции кои претежно се финансираат од туѓи, позајмени извори на средства.

Видови извори на средства[уреди | уреди извор]

  1. Депозитни изворидепозитите имаат огромно значење во работењето на банките, бидејќи тие претставуваат основен извор на парични средства од кои банките одобруваат кредити. Депозитното работење има непосредно влијание врз профитабилноста на банката и врз можностите за растеж. Банката мора да биде подготвена да одговори на конкурентските притисоци така што ќе нуди нови депозитни производи под конкурентни услови.[1] Депозитите се јавуваат во неколку видови:
    1. Трансакциски депозити претставуваат денарски и девизни сметки што луѓето, претпријатијата и другите организации ги отвораат кај банките со цел да вршат разни плаќања, поврзани со нивните секојдневни трансакции (купување производи, набавка на материјали, плаќање сметки итн.). Парите на овие сметки немаат никаков договорен рок на орочување т.е. можат да се повлечат во секое време и затоа се познати и како депозити по видување. И покрај тоа што немаат рок на достасување, трансакциските депозити се одликуваат со голема стабилност, т.е. овие парични средства најчесто остануваат во банката долг временски период. Овие депозити не се каматноеластични, т.е. слабо реагираат на промените на пазарните каматни стапки. Фактот дека претставуваат стабилни депозити, заедно со ниските каматни трошоци, ги прави да бидат многу привлечни за банките. Трансакциските депозити даваат можност за дозволено пречекорување, односно сопственикот на сметката може да повлекува пари или да врши плаќања, дури и кога сметката е празна.[2] На овие средства, банките вообичаено не плаќаат камата, или пак ако плаќаат, таа е минимална. Бидејќи овие депозити треба во секој момент да бидат расположливи на сопствениците, банките, треба да бидат многу внимателни колкав дел од овие депозити ќе пласираат во кредити и на кој рок, како не би ја загрозиле својата ликвидност, односно како не би дошла во ситуација да не може да ги исполни барањата на депонентите за подигање на овие депозити од банките.[3]
    2. Орочени депозити тоа се средства на сметките на комитентите кај банките, со утврдени рокови кога можат да се подигнат. На овие депозити банката плаќа повисока камата, и тие претставуваат стабилен извор на средства, на кои банката може да смета при формулирањето на својата кредитна политика.
    3. Штедни депозити ги претставуваат слободните парични средства на населението и правните лица. Овие парични средства вообичаено се чуваат за финансирање на идната потрошувачка или пак како резерва за покривање на непредвидливите расходи.[4] Во монетарната теорија овие депозити се нарекуваат уште и квази пари, заради фактот што не можат автоматски да се користат за извршување на плаќања. Според критериумите за дефинирање на паричната маса, тие не влегуваат во најтесната дефиниција на пари - М1 -, затоа што не го исполнуваат главниот услов, непосредно да се врши плаќање со нив. Според критериумот на орочување на овие депозити, разликуваме неорочени и орочени депозити. Според критериумот на валутата во која се штеди, се разликуваат штедни депозити во домашна валута и штедни депозити во странска валута.[5]
    4. Специјални депозити тоа се всушност депозити, во банките, кои небанкарските субјекти ги имаат ставено како резултат на административни, законски, владини мерки или мерки на централните банки, со кои Владата односно централната банка ја спроведува економската, односно, монетарната политика. Овие депозити не влегуваат во депозитната база за одобрување на кредити, иако на нив банките плаќаат камата.
  2. Недепозитни извори - во услови кога има поголема побарувачка за кредити од онаа што банките според својот кредитен потенцијал се во можност да ја задоволат, банките најчесто се свртуваат кон централната банка и позајмуваат од неа средства кои потоа ги пласираат во вид на кредити, потоа, позајмуваат од други банки во земјата или странство, кои имаат слободни, непласирани средства, или пак се јавуваат на пазарот на капитал со емисија на хартии од вредност. Горе споменатите можности за дополнително зголемување на кредитниот потенцијал преку недепозитни извори на средства, по правило, се поскапи во споредба со депозитните извори на средства. Овие извори не се достапни на сите банки, посебно, доаѓањето до додатни извори на средства по пат на емисија на хартии од вредност, можат да си го приуштат само поголеми и реномирани банки. Овој вид на извори на средства за банките посебно доаѓа до израз, кога е зголемена побарувачката за кредити, а банките не можат нагло да ги зголемат депозитните извори на средства, бидејќи нивното зголемување зависи од многу макроекономски и микроекономски фактори и тие се покажуваат многу поригидни во можност за брз пораст. На пазарот на капитал, посебно преку емисија на хартии од вредност, можноста за поголемите банки е многу поголема во споредба со помалите. Може да се каже за помалите банки можоста да дојдат до недепозитни извори на средства преку емисија на хартии од вредност практично е тешко остварлива.[6]
  3. Капитал – при основањето, банката мора да поседува одреден капитал за да може да го почне работењето, бидејќи новата банка сè уште нема прибрано депозити од јавноста. На почетокот од работењето банката мора да обезбеди соодветни материјални услови (згради, опрема, инвентар, канцелариски материјали итн), како и да ги покрие трошоците за платите на вработените, за греење, за осветлување, за реклама итн. Оттука, капиталот што го вложиле акционерите на банката служи за финансирање на инвестициите и тековните трошоци во почетниот период од работењето. Подоцна, капиталот го губи значењето како извор на финансирање, бидејќи банката претежно се финансира од туѓи извори на средства (депозити и позајмување на финансиските пазари). Впрочем, тоа претставува крупна разлика во однос на нефинансиските претпријатија, каде што учеството на капиталот во вкупните извори на средства вообичаено се движи меѓу 40% и 60%. Меѓутоа, дури и тогаш, капиталот има посредно значење во тоа што влијае врз способноста на банката да прибере дополнителни депозити и да позајмува на финансиските пазари. Имено, поголемиот капитал ја зголемува сигурноста на штедачите и на другите доверители, а тоа го олеснува пристапот на банката до туѓите извори на средства.[7]

Извори на финансирање на банките во 2012 година:

Вид на извори на финансирање Износ (милиони денари) Учество во структура
Депозитни извори 246.605 70,4%
-Од кои од матични лица 34 0,0%
Недепозитни извори 16.996 4,9%
-Од кои од матични лица 7.529 2,2%
Обврски по кредити, должнички хартии од вредност, субординирани обрвски и хибридни капитални инструменти 42.411 12,1%
-Од кои од матични лица 9.114 2,6%
Капитал и резерви 39.799 11,4%
Останати извори на финансирање 4.312 1,2%
-Од кои од матични лица 68 0,0%
Вкупно извори на финансирање 350.122 100,0%

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), стр.234.
  2. Управување со банките (второ издание) Проф. Д-р Горан Петревски стр.235
  3. Банкарство и банкарско работење (прво издание) Проф. Д-р Љупчо Трпески стр.338
  4. Управување со банките (второ издание) Проф. Д-р Горан Петревски стр.236
  5. Банкарство и банкарско работење (прво издание) Проф. Д-р Љупчо Трпески стр.339
  6. Банкарство и банкарско работење (прво издание) Проф. Д-р Љупчо Трпески стр.340
  7. Управување со банките (второ издание) Проф. Д-р Горан Петревски стр.268